Герхарт Хауптман
Герхарт Јохан Роберт Хауптман (германски: Gerhart Johann Robert Hauptmann; 15 ноември 1862 во Оберзалцбрун - 6 јуни 1946 во Агнетендорф) — германски романописец и драмски писател, добитник на Нобелова награда за литература во 1912 година за придонесот во развојот на германската драма и театар.
Герхарт Хауптман | |
---|---|
Роден/а | 15 ноември 1862 Оберзалцбрун, Шлеска, Прусија |
Починат/а | 6 јуни 1946 Агнетендорф, Народна Република Полска | (возр. 83)
Занимање | драматург |
Националност | Германец |
Книжевно движење | натурализам |
Значајни дела | Ткајачи, Стаорци |
Значајни награди | Нобелова награда за литература (1912) Награда Гете (1932) |
Потпис |
Животопис
уредиХауптман е роден во Шлеска, а потекнувал од семејство на хотелиери. Неговиот постар брат Карл бил филозоф и природонаучник, а се занимавал и со книжевност.[1] Герхарт бил лош ученик и на 15-годишна возраст го напуштил училиштето, a една година подоцна работел на фармата на вујко си. Од 1880 до 1885 година учел vajarstvo во Бреслау, Рим и Берлин, како и историја и филозофија на Универзитетот во Јена. Во 1885 година се оженил и живеел во Еркнер, преградие на Берлин.[2]
За време на Првата светска војна, Хауптман бил еден од најгласните застапници на германските воени цели, но по пропаста на царството тој јавно ја поддржал новата република. По доаѓањето на национал-социјалистите на власт, тој најпрвин се определил за нив, но подоцна се повлекол во молк и разочараност. Во 1946 година, за време на прогонувањето на Германците од Шлеска (којашто ѝ припаднала на Полска), подготвувајќи се да го напушти својот имот, Хауптман починал на возраст од 84 години.[3]
Творештво
уредиХауптман е најзначајниот претставник на натурализмот во Германија. Тој започнал да пишува на дваесетгодишна возраст, а во книжевноста се појавил со своите две драми: „Пред изгрејсонце“ (1889) и „Ткајачи“ (1892) со кои предизвикал скандал во Германија при што „Ткајачи“ била предмет на судска тужба, драмите повремено му биле забранети, а царот Вилхелм II бил огорчен на Хауптман. Творештвото на Хауптман е плодно и опфаќа повеќе од 30 драмски и над 20 епски дела, неколку романи, како и раскази и новели. Веќе пред Првата светска војна, тој бил најпознатиот и најголемиот германски писател, добитник на бројни награди, меѓу кои и Нобеловата награда (1912). Сепак, тој е најпознат по своите драми: „Пред изгрејсонце“ (1889), „Ткајачи“ (1892), комедијата „Даброво крзно“ (1893), историската драма „Флоријан Гаер“, „Свеченоста на мирот“, „Колегата Крамптон“, „Ханелиното вознесување“ (1894), „Потонатата камбана“ (1897), „Кочијашот Хеншел“ итн. Неговите драми постигнале голем успех и биле играни на бројни сцени во Германија и во повеќе други земји, вршејќи големо влијание врз тогашната публика, така зголемувајќи го неговиот книжевен углед. Од неговите епови се издвојуваат „Прометидите“, „Атридите“, „Ана“, „Синиот цвет“ итн., но тие је достигнале популарноста на драмските дела. Прозното дело на Хауптман го сочинуваат романите „Глупакот Емануел Квинт“ (1910), „Островот на Gолемата мајка“ (1912), „Атлантис“, „Ванда“ и „Книга на страстите“; неколку раскази и новели („Чуварот на пругата Тил“, „Еретикот од Соана“; дневникот од патувањето низ Грција, „Грчка пролет“; како и неколку фрагменти и биографски белешки.[3]
Почетните дела на Хауптман, особено неговите драми, го носат печатот на натурализмот, но во текот на повеќедецениското творештво тој поминал низ речиси сите стилски движења карактеристични за негвото време, иако никогаш целосно не се одвоил од натурализмот. Со текот на времето, неговата почетна социјална критичност постепено се претворила во христијанско-паганска занесеност. Во своите дела, Хауптман застапувал бројни, често противречни, филозофски гледишта: На пример, „Ткајачи“ е типична социјална драма, додека „Ханелиното вознесување“ е еден вид мистично-фантазерска игра во која како лик се појавува и Исус Христос. Во тој поглед, некои критичари сметаат дека Хауптман е „екстатичен романтичар кому единствено му недостасувала врската со духовниот свет на романтиката“, „граѓански романтичар кој самиот себеси се присилил на натурализам“ и дека „неговиот натурализам од самиот почеток го ритмизирала поезијата“. Навистина, во расказите, а особено романите, на Хауптман нема тешки натуралистички детаљи, туку во нив се застапени сосема поинакви емоции и идеи.[4]
Наводи
уреди- ↑ B. P., „Gerhart Hauptman“, во: Gerhart Hauptman, Čuvar pruge Til – Jeretik iz Soane. Beograd: Rad, 1960, стр. 128.
- ↑ „Превод на книжевни дела на автори добитници на Нобелова награда“. Битола: НИД „Микена“, 2009.
- ↑ 3,0 3,1 B. P., „Gerhart Hauptman“, во: Gerhart Hauptman, Čuvar pruge Til – Jeretik iz Soane. Beograd: Rad, 1960, стр. 128-129.
- ↑ B. P., „Gerhart Hauptman“, во: Gerhart Hauptman, Čuvar pruge Til – Jeretik iz Soane. Beograd: Rad, 1960, стр. 129-131.
Надворешни врски
уреди- Герхарт Хауптман на Ризницата ?
- Биографија за Хауптман на страницата за Нобеловите награди
- Дела од Gerhart Hauptmann на проектот „Гутенберг“
- Authors' Calendar Архивирано на 4 октомври 2007 г.