Михаил Шолохов
Михаил Александрович Шолохов (Кружилино, Русија, 24 мај 1905 - Вешенска, СССР, 21 февруари 1984) — руски и советски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 1965 година.
Михаил Шолохов | |
---|---|
Роден/а | 24 мај 1905 Вешенскаја, ru:Донецкий округ (область Войска Донского), Регија на донската војска, Руска Империја |
Починат/а | 21 февруари 1984 Вешенскаја, Ростовска Област, Русија , Советски Сојуз | (возр. 78)
Занимање | романописец |
Националност | Совет |
Значајни награди | Нобелова награда за литература 1965 |
Потпис |
Животопис
уредиМихаил Шолохов е роден на 24 мај 1905 година, во населбата Кружилино, крај малото место Вешенска, во тогашната Облст на војската донска (подоцна, Каменска област) во близина на реката Дон. Мајка му била Украинка, вдовица на донски козак. Учел во Каргинското училиште, но не го завршил, а потоа се запишал во подготвителниот клас на Московската гимназија на Шелапутина. Таму учел две-три години, по што продолжил во Богучарската гимназија. Во текот на неколку месеци во 1918 година, учел и во Вешенска. Сепак, тој не го оформил своето образование и успеал да заврши само четири класа гимназија. Мошне млад, Шолохов учествувал во Руската граѓанска војна, борејќи се против Белогардејците по течението на Дон, во текот на 1920-1921 година. По Октомвриската револуција, Шолохов работел како попишувач, учител, службеник во селската управа итн. Истовремено, тој бил ангажиран како доброволец во одредот за собирање храна. По напуштањето на должноста инспектор за снабдување на Каргинска, во 1922 година, Шолохов заминал во Москва, со намера да се запише на Работничкиот факултет. Меѓутоа, неговата желба не се остварила и морал да работи како работник на истовар и поправка на калдрма, како сметководител итн. Во 1924 година ја напуштил Москва и се населил во родното место каде живеел до смртта.[1][2]
Творештво
уредиНепосредно по Октомвриската револуција, Шолохов започнал аматерски да се занимава со книжевна дејност во малото место Каргинска, каде ги напишал првите свои текстови и настапувал во пиесите што биле прикажувани за месното население. Првиот текст (фељтонот „Испитание“), Шолохов го објавил на 18-годишна возраст, есента 1923 година, во весникот „Младинска вистина“ (Јуношеска правда), а фељтонот бил потпишан како М. Шолох. Во декември 1924 година, тој ги објавил својот прв расказ, „Родинка“, а потоа и расказот „Бенка“, отпечатен во весникот „Млад ленинец“ (Молодой ленинец). Наскоро, во истиот весник била објавена повеста „Пат - врвица (Пут - дороженька), по што следувале и други раскази, објавени во разни комсомолски весници и списанија.[2][3]
На почетокот на своето творештво, Шолохов наидувал на отпор при печатењето на своите раскази, што се должело на повеќе фактори: употребата на народниот говор, обилноста на локални изрази, пренатрупаната метафорика, но и на отстапувањето од тогашните литературни и естетски шаблони. Поради тоа, често расказите на Шолохов биле предмет на остра критика, а често, уредниците во весниците и списанијата грубо интервенирале, менувајќи ги неговите текстови. На пример, во расказот „Ждребе“, уредниците го преправиле крајот и, наместо Козакот, загинало ждребето. Во расказот „Алјошиното срце“, дел од средината бил преместен на почетокот, а првите глави биле целосно исфрлени.[4]
Збирките „Донски раскази“ и „Лазурна степа“ го покажале големиот талент на Шолохов, кој особено бил препознаен од истакнатиот руски писател А. С. Серафимович, кој го напишал предговорот на првото издание на „Донските раскази“ (Донские рассказы), објавени на почетокот на 1926 година. Веднаш потоа, кон крајот на истата година излегла неговата втора збирка „Лазурна степа“ (Лазоревая степь). Сите раскази во овие две збирки биле напишани во периодот од 1923 до 1926 година. Подоцна, во својата автобиографија, објавена во 1932 година, Шолохов се изразил критички кон своите рани раскази, пишувајќи дека „од повеќето тие раскази, кога би било можно, јас сега со задоволство би се „одмеѓил“. Има многу во нив наивно и детски-беспомошно“.[5]
Сепак, Серафимович мошне пофално го опишал стилот на Шолохов, со следниве зборови: „Како степско цвеќе, како живи се издигаат расказите на другарот Шолохов. Едностојно, блескаво, и чувствуваш дека раскажуваното како пред очи да стои. Сликовит јазик, оној јазик полн со боја, со којшто зборува козаштвото. Стегнато и таа стегнатост е полна со живот, напрегнатост и вистинитост... По сè се гледа дека другарот Шолохов се развива во опитен писател.“[6]
Есента 1925 година, Шолохов почнал да го пишува големиот роман „Тихиот Дон“ (Тихий Дон), а откако напишал три-четири табаци, се откажал од намерата, сметајќи дека не е дораснат за таа задача, но по една година, повторно се навратил на романот. На него работел во следните 15 години при што првиот и вториот том ги објавил во 1928 година, третиот во 1932 година, а последниот том излегол во 1940 година.[7] Подоцна, во својата автобиографија, Шолохов изразил незадоволство од некои работи застапени во овој роман, пишувајќи дека „многу нешто од напишаното би можело да се направи поумешно, посилно, позвучно“.[6] Во 1932 година, Шолохов го објавил првиот том од следниот голем роман, „Разорана ледина“ (Поднятая целина) кој го завршил дури по 30 години. Во него, Шолохов ја прикажува колективизацијата во СССР. За време на Втората светска војна, Полохов пишувал статии во кои го разобличувал фашизмот, а во тоа време објавил и неколку глави од романот „Тие се бореа за татковината“. Кон крајот на 1956 го објавил познатиот расказ, „Судбината на човекот“.[7]
Најпознати дела на Шолохов се:[8]
- Донски раскази (1926)
- Лазурна степа (1926)
- Тихиот Дон I-IV (1928-1939)
- Разорана ледина I-II (1932-1960)
- Тие се бореа за татковината (1943)
- Судбината на човекот (1956)
Делата на Шолохов се преведени и на македонски јазик. Така, во 1965 година, издавачката куќа Култура ја објавила збирката „Донски раскази“ во превод на Цветко Мартиновски.[9] Во првите години по ослободувањето на Македонија бил објавен првиот том на романот „Разорана долина“, а вториот дел се појавил во 1962 година со наслов „Разорана целина“.[10] Во 1970 година, издавачката куќа Македонска книга го објавила расказот „Судбината на човекот“.[11]
Наводи
уреди- ↑ Цветко Мартиновски, „Епопеја - блескав одраз на револуцијата“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 218.
- ↑ 2,0 2,1 „Белешка за авторот“, во: Михаил Шолохов, Судбината на човекот. Македонска книга, Скопје, 1970, стр. 46.
- ↑ Цветко Мартиновски, „Епопеја - блескав одраз на револуцијата“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 219.
- ↑ Цветко Мартиновски, „Епопеја - блескав одраз на револуцијата“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 219 и 222.
- ↑ Цветко Мартиновски, „Епопеја - блескав одраз на револуцијата“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 219-220.
- ↑ 6,0 6,1 Цветко Мартиновски, „Епопеја - блескав одраз на револуцијата“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 220.
- ↑ 7,0 7,1 „Белешка за авторот“, во: Михаил Шолохов, Судбината на човекот. Македонска книга, Скопје, 1970, стр. 46-47.
- ↑ Цветко Мартиновски, „Епопеја - блескав одраз на револуцијата“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 217.
- ↑ Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965.
- ↑ „Белешка за авторот“, во: Михаил Шолохов, Судбината на човекот. Македонска книга, Скопје, 1970, стр. 47.
- ↑ Михаил Шолохов, Судбината на човекот. Македонска книга, Скопје, 1970.
Надворешни врски
уреди- „Судбината на човекот“ Архивирано на 29 март 2019 г. (аудио-книга на македонски)