Артур Милер
Артур Милер (англиски: Arthur Miller) - американски драмски писател и есеист.
Животопис
уредиАртур Милер е роден во Њујорк, во 1915 година, во сиромашно граѓанско семејство. Студирал на Универзитетот на Мичиген, а за време на студиите морал да работи за да се издржува. Во 1955 година станал претседател на меѓународната организација ПЕН.[1]
Творештво
уредиСвојата прва драма „Уште расте тревата“, Милер ја напишал уште во студентските денови, а во 1938 година, таа била наградена од театарот Гвилд. Кариерата на драмски писател ја започнал пишувајќи радио-драми, по што следело делото „Човекот кој ја имал целата среќа“ од 1944 година, кое не доживеало никаков успех. Истата година, тој го напишал делото „Состојбата е нормална“ во кое е прикажана храброста на американскиот војник.[1] Најпознати драмски дела на Милер се:[2]
- Сите мои синови (1947)
- Смртта на трговскиот патник (1949)
- Вештерката од Салем (1953)
- Поглед од мостот (1955)
- Неприличници (1961)
- По падот (1964)
- Инцидент во Виши (1965)
Исто така, тој е автор и на романот „Фокус“ посветен на расистичкото прашање,[1] како и на бројни есеи: „Трагедијата и обичниот човек“ (1949), „Непријател на народот“ (1950), „За социјалната драма“ (1955), итн.[2]
Артур Милер припаѓа на кругот на прогресивните американски писатели. Тој бил докажан приврзаник на мирот, на слободата, на демократијата и рамноправноста меѓу луѓето и голем противник на милитаризмот и фашизмот, на агресијата, на атомското вооружување и на ограничувањето на човековите слободи.[3]
Погледите на Милер за театарот
уредиВо бројни прилики (есеи, книги, предговори кон сопствените дела, новински статии итн.), Милер пишувал за естетиката на театарот. Така, во една новинска статија, Милер напишал дека повоениот американски театар жално се повторува, т.е. од сезона во сезона се ннижат дела во кои „некоја млада личност, обично девојка, обично чувствителна, бесчувствителноста на родителите, обично таткото, ја наведува или во самоуништувачки бунт или во немоќ“. Неговите погледи кон театарот најдобро се искажани во есејот „Трагедијата и обичниот човек“ од 1949 година, во кој ја отфрла тезата дека во денешното време не може да се напише трагедија. Според него, трагедијата се раѓа како последица на „апсолутната човекова принуденост да ја утврди својата вистинска вредност“. Притоа, точно е дека повеќето современи луѓе не се активни, но сè уште постојат луѓе кои не се помируваат со силите што сакаат да ги стуткаат во конформизам и „делуваат против поредокот на нештата што ги понижуваат“. А, тој ужасен страв од можноста да ни биде одземено местото под сонцето, според Милер, е најприсутен во „обичниот“ човек. Во борбата против тие мрачни сили, јунакот трпи порази, но тоа не е попусто, зашто тој во својата околина разобличува некоја неправда или зло и на луѓето околу него им ги отвора очите и им го покажува патот. „Во тоа е моралноста на трагедијата“, заклучува Милер.[4]
И во подоцнежните есеи Милер останува верен на своите првобитни погледи, и иако се откажува од инсистирањето на трагедијата, неговата концепција на драмата останува етичка. Така, во есејот „За социјалната драма“ од 1955 година, тој вели: „Повеќе не можам со преголема сериозност да ја набљудувам драмата на поединечната психологија, која ја пишуваат поради самата себе, без оглед колку длабоко досегнува таа и колку многу е полна со точни (психолошки) забелешки.“ Во продолжение, тој пишува: „Времето се движи; неопходно е да се изгради еден свет, да се создаде една цивилизација којашто ќе биде свртена кон онаа единствена цел што демократскиот дух единствено може да ја прифати. Тоа е свет во кој човекот ќе може да живее како природно политичка, природно ангажирана, природно посебна личност, свет во кој повторно ќе може да се извојува вистинската трагичка победа.“ Без ваквата насока, чиј плод ќе биде т.н. „целосна драма“ (Whole Drama), драмата ќе се претвори во сопствената спротивност, во „антисоцијална и, во крајна линија, антидрамска драма.“[5]
Според Милер, во современата драма се води борба „за посебните личности да се пишува како за посебни личности“ и „она што се кажува да се крене на одредено поетско, т.е. на одредено општествено, ниво.“ Според Милер, писателот мора да се одликува со „урамнотежено поимање на животот“ и мора „најпрецизно да ја согледува причинско-последичната поврзаност на појавите“.[5]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Нада Момировска, „Поговор“, во: Артур Милер, Сите мои синови. Скопје: Наша книга, 1983, стр. 85.
- ↑ 2,0 2,1 Tihomir Vučković, „Artur Miler“, во: Artur Miler, Smrt trgovačkog putnika. Beograd: Rad, 1969, стр. 87-89.
- ↑ Нада Момировска, „Поговор“, во: Артур Милер, Сите мои синови. Скопје: Наша книга, 1983, стр. 86.
- ↑ Tihomir Vučković, „Artur Miler“, во: Artur Miler, Smrt trgovačkog putnika. Beograd: Rad, 1969, стр. 87-88.
- ↑ 5,0 5,1 Tihomir Vučković, „Artur Miler“, во: Artur Miler, Smrt trgovačkog putnika. Beograd: Rad, 1969, стр. 88.