Селма Отилија Ловиса Лагерлеф (20 ноември 1858, Морбака, област Вермланд - 16 март 1940, Морбака, Шведска) — истакната шведска писателка, добитничка на Нобеловата награда за литература во 1914 година за високиот идеализам и духовната возвишеност што го карактеризира нејзиното творештво.

Селма Лагерлеф
Selma Lagerlöf
Селма Лагерлеф, 1909
Роден/аСелма Отилија Ловиса Лагерлеф
20 ноември 1858(1858-11-20)
Вермланд, Шведска
Починат/а16 март 1940(1940-03-16) (возр. 81)
Морбака, Вермланд, Шведска
ЗанимањеПисател
НационалностШведско
Значајни наградиНобелова награда за литература
1909

Живот и творештво

уреди
 
Ана Олсон, Карлштад: Фотографија на идната писателка Селма Отилија Ловиса Лагерлеф, направена во 1881 година

На тригодишна возраст, Селма се разболела од детска парализа и останала куца. Детството ѝ минало главно во читање книги. Поради болеста не можела да посетува училиште и се школувала во домашни услови. Ја завршила Кралската женска академија (1882) во Стокхолм, а истата година, умрел татко ѝ, а поради големите долгови, семејството морало да го продаде имотот во Морабака. Лагерлеф се вработила како учителка во женското училиште во Ландскруна.[1]

Лагерлеф почнала да го пишува романот во два тома „Сагата за Јоста Берлинг“ и со неговите први глави учествувала и победила на литературниот конкурс распишан од списанието „Инду“, а тоа ја поттикнало да му се посвети на пишувањето.[1] За да го доврши романот, таа привремено го напуштила училиштето и во тоа време била издржувана од својата пријателка, бароницата Софи Алдеспаре. Во 1891 година, романот излегол од печат и го добил признанието на истакнатиот дански критичар Георг Брандес. Романот на Лагерлеф ја поддржува романтичарската традиција со нагласен интерес за скандинавскиот фолклор. По 1891 година, Лагерлеф повторно работела како учителка. Во 1894 година, таа го објавила својот втор роман, „Невидливи врски“. Малку подоцна ја напуштила учителската кариера и целосно се посветила на писателската дејност, со тоа што добила финансиска помош од Шведската академија и стипендија од кралот Оскар. Во следните години, таа патувала во Италија, потсетувајќи ја Сицилија, а своите впечатоци ги изнесува во романот „Чудата на Антихристот“ (1898). Во 1899 и 1900 година ги посетила Палестина и Египет, а по враќањето го објавила двотомниот роман „Ерусалим: во Далрана“ (1901) и „Ерусалим: во Божји гроб“ (1902)- психолошки расказ за историјата на едно шведско семејство што емигрирало во Палестина. Лагерлеф била исклучително популарна во својата татковина; нејзините романи биле примени добро кај публиката и со средства добиени од нив, во 1904 година, таа успеала да го откупи семејниот имот.

Лагерлеф е авторка на познатиот роман за деца „Прекрасното патување на Нилс Холгерсон“ (1906). Таа се зацврстила меѓу водечките писатели во шведската литература во 1920-тите години како блескава белетристка. Активно се занимавала и со општествена дејност, особено во областа на женското движење, и била делегат на Маѓународниот конгрес на жените во САД (1924). За време на Втората светска војна застанала отворено на антихитлеровските позиции; во 1940 успеала да издејствува шведска виза за поетесата Нели Закс за да ја спаси од нацистичкиот концентрационен логор.[2]

Лагерлеф спаѓа меѓу најпознатите шведски писатели, а нејзините дела се преведени на повеќе од 30 јазици. Во 1904 година, таа го добила златниот медал на Шведската академија на науките и уметностите, три години подоцна станала почесен доктор на науки на Универзитетот во Упсала, а во 1909 година станала првата жена членка на Шведската академија. Круна на нејзината писателска кариера е добивањето на Нобеловата награда за книжевност во 1914 година.[3]

Библиографија

уреди

Лагерлеф е авторка на следниве дела:[4]

  • „Сагата за Јоста Берлинг“ (1891)
  • „Невидливи врски“ (1894)
  • „Легендата за еден господски имот“
  • „Чудата на Антихристот“ (1898)
  • „Ерусалим: во Далрана“ (1901)
  • „Ерусалим: во Божји гроб“ (1902)
  • „Парите на господинот Арнс“
  • „Легендите за Христос“
  • „Домот Лелјекруна“
  • „Кралот на Португалија“
  • „Ана Сверд“
  • „Дом и град“
  • „Лудото дете“
  • „Прекрасното патување на Нилс Холгерсон низ Шевдска“ (1906)

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Белешка за авторот и делото“, во: Селма Лагерлеф, Прекрасното патување на Нилс Холгерсон. Скопје: Феникс, 2014, стр. 203.
  2. Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2009.
  3. „Белешка за авторот и делото“, во: Селма Лагерлеф, Прекрасното патување на Нилс Холгерсон. Скопје: Феникс, 2014, стр. 203-204.
  4. Селма Лагерлеф, Прекрасното патување на Нилс Холгерсон. Скопје: Феникс, 2014, стр. 203.