Патрик Модијано

француски писател и нобеловец

Патрик Модијано (француски: Patrick Modiano, роден на 30 јули 1945 година во Булоњ-Бијанкур) — француски писател, автор на триесетина романи наградени со бројни престижни награди меѓу кои Големата награда за роман на Француската академија и наградата „Гонкур“. Неговото романескно дело, фокусирано на внатрешноста, повторувањето и нијансата, се доближува на форма на автофикција во потрагата по изгубената младост. Најчесто, неговото творештво е концентрирано на Париз и на Втората светска војна и во него го опишува животот на обичните луѓе кои се соочуваат со трагедијата на приказната, делувајќи неопределено и мрачно. Во 2014 година, Модијано станал добитник на Нобеловата награда за литература за, како што стои во соопштението на Шведкста академија, „уметноста на меморијата со која ги евоцира најнедофатливите човечки судбини и го открива светот на Окупацијата“.

Патрик Модијано
Patrick Modiano
Патрик Модијано за време на конференцијата за печат на Шведската академија во Стокхолм, на 6 декември 2014 година.
Роден/а30 јули 1945(1945-07-30)
Булоњ-Бијанкур, Франција
ЖанрРоман
Биографија
Значајни делаПлоштадот на ѕвездата
Сопруг/аДоминик Зерфус

Животопис

уреди

Жан Патрик Модијано е роден во Булоњ-Бијанкур, предградие на Париз, на 30 јули 1945 година. Неговиот татко, Албер Модијано (1912-1977, роден во Париз) — со еврејско потекло, по таткова линија потекнувал од сефардиско семејство од Солун. Неговата мајка, Луиза Колпијн, била белгиска (фламанска) глумица, позната како Луиза Колпен. Родителите на Модијано се сретнале во окупираниот Париз за време на Втората светска војна и ја почнале нивната врска полутајно. Неговиот татко одбил да ја носи ѕвездата и не отишол кога ги собирале париските Евреи за депортација во нацистичките концентрациони логори. Тој ја поминал војната работејќи на црниот пазар и дружејќи се со Гестапо, стациониран на улицата Лористон. Детството на Модијано поминало во единствена атмосфера. Најпрвин, него го одгледале баба му и дедо му по мајка, кои го научиле фламански (неговиот прв јазик). Татковото отсуство и честите турнеи на мајка му го зближиле со брат му Риди, кој починал од болест на десетгодишна возраст (делата на Патрик Модијано од 1967 до 1982 година му се посветени нему).[1] Потсетувајќи се на ова трагично раздобје, во своето познато „Педигре“ (2005) пишува: „Не можев да напишам автобиографија, затоа ја нареков „педигре“: книгата е помалку за она што правев јас, отколку што другите, главно моите родители, ми правеа мене.“ Модијано основно училиште учел во училиштето Монсел во Жуи-ан-Жозас, во колеџот Сен Жозеф во Тон, Горна Савоја, и потоа во гимназијата „Анри IV“ во Париз. Додека бил во „Анри IV“, часови по геометрија му држел Рејмон Кено, кој ѝ бил пријател на мајка му. Матура положил во Анси, но не продолжил со натамошно образование.

Модијано се оженил со Доминик Зерфус во 1970 година. Во 2003 година, во едно интервју за магазинот „Ел“, таа рекла: „Спомените за денот на нашата свадба ми се катастрофални. Врнеше. Вистински кошмар. Сведоци ни беа Кено, кој му беше ментор на Патрик од адолесценцијата, и Малро, пријател на татко ми. Почнаа да расправаат за Дибифе, и беше како да се гледа тениски натпревар! Забавно би било да имавме фотографии, но единствениот кој имаше фотоапарат го заборави филмот. Имаме само една фотографија, сликана одзади и под чадор!“ Во бракот со неа, Модијано имал две ќерки, Зина (1974) и Мари (1978).

Творештво

уреди

Првиот роман на Модијано, „Плоштадот на ѕвездата“, се појавил во 1968 година и го означил почетокот на неговото исклучително богато творештво. Со текот на времето, тој го свртел вниманието на француската книжевна критика, истакнувајќи се како еден од најзначајните и омилените француски писатели од 1970-тите наваму. Така, во последната глава („Три современи романописци“) од Бордасовата книга „Книжевноста во Франција од 1968“, неговото творештво зазема многу истакнато место, а исто така и Ј. П. Уваров во неговата книга „Современиот француски роман (60-80 години)“ го нарекува Модијано „еден од најталентираните претставници на младата генерација“. Покрај тоа, неговите книги, кои ги објавува издавачката куќа „Галимар“, имаат широка публика, а тој често бил присутен во француските весници и на телевизијата. Најпосле, голем дел од неговите дела се добитници на разни книжевни награди: од Фенеоновата награда и наградата „Роже Нимје“ за првиот роман, преку „Дијамантско перо“, наградата на Француската академија, наградата на книжарите и издавачите, до наградата „Гонкур“ за роман на годината (за „Улицата на мрачните бутици“). Покрај тоа, Модијано е автор на сценариото на познатиот филм на Луј Мал, „Лисјен Лакомб“.[2]

Во првите негови романи („Плоштадот на ѕвездата“, „Ноќна стража“ и „Кружните булевари“), Модијано е во постојана потрега по својот идентитет како Французин со еврејско потекло, заедно со барањето одговор на прашањето: Како се станува писател? Овие прашања се поставени во специфичниот историски амбиент, времето на окупацијата, но тие едвај се распознаваат во халуцинантниот вител на приказната, подвлечени со хуморот и иронијата. Низ овие три романи, Модијано се ослободува од товарот на моралната деградација за време на фашизмот, на сопствените извори и идентитетот, како и созревањето како писател со нужното кршење на утврдените системи на вековната култура. Во вие три романи, Модијано се служи со обемен историски материјал, земен од историските книги, од архивите и од весниците и списанијата од времето на окупацијата. При крајот на оваа своевидна трилогија, Модијано иронично изјавува: „Одлучив да бидам најголемиот еврејски француски писател по Монтењ, Марсел Пруст и Луј-Фердинан Селин.“ Оттогаш, секој негов следне роман е уште една сложена маетафора за суштината на нашето постоење, иако веќе во романот „Тажната вила“ од 1975 година неговата потрага видливо е завиткана во замор, а нашето постоење се растопува во сеќавањата. Оваа упорна потрага по идентитетот продолжува и во неговите два следни романа, „Семејна книшка“ (1977) и „Улица на мрачните бутици“ (1978). Интересна одлика на делата на Модијано е тоа што низ нив се провлекуваат некои исти слики, а ова вертикално повторување покажува дека станува збор за некоја многу важна или посебно мила метафора на авторот, која постепено прераснува во симбол. На пример, таков е случајот со високата трева или со влезот или ходникот во кој останува „ехото на чекорите на оние кои навикнале тука да минуваат“.[3]

Следејќи ја книжевната постапка на Модијано, лесно може да се препознае местото каде се среќаваат двата чинители на приказната: сегашноста и минатото. Имено, од некој банален настан, анонимна појава или безначаен звук во сегашноста настапува низа од настани, слики и елементи од кои се открива минатото. Всушност, овде лесно се прпеознава прустовската постапка на психолошката анализа на асоцијациите по пат на т.н. афективно паметење. Меѓутоа, усвојувајќи ја прустовската поетика, Модијано оди чекор понатаму, зашто тој не е во потрага по изгубеното време, туку самата потрага за него е само средишна постапка која ја користи во неговата општа книжевна замисла. Тука станува збор за сосема неочекувано поврзување со книжевната традиција, и тоа не само со Пруст, туку и со поновите генерации. Неговата потрага нема за цел да пронајде, туку само да го искаже макотрпното собирање на трошните елементи на нашата егзистенција. На прашањето на егзистенцијата, Модијано го дава својот конечен одговор со помош на макрометафората на неговото целокупно дело, а најважното својство на таа макрометафора е што таа постојано се шири, зашто секое негово ново дело само ја засилува и така таа се претвора во симбол. Основната поставка од која поаѓа уметничката замисла на Модијано е егзистенцијализмот, меѓутоа неговата намера е сосема поинаква: поимот на постоењето целосно да се доведе во прашање, да се покаже колку е несигурен дури и тој последен темел. Во таа смисла, неговата основна книжевна постапка — упорната потрага која нема за цел наоѓање — се одликува со апсурдност. Така, во својот седми роман, „Една младост“ (1981), Модијано пишува дека „егзистенцијата е како бран... кој се крши.“[4]

Појавата на творештвото на Модијано се темели врз сложената книжевна традиција на 20 век. Меѓутоа, во неговите романи приказната е толку површинска и лесна, што метафората речиси не се гледа. Во прв ред, тематиката на неговите дела нема тежина, а покрај тоа, и и другите книжевни постапки на Модијано го прават херметично метафоричното значење на текстот. Под лесната приказна постепено изронува болен песимизам низ кој Модијано ги набљудува разнородните човекови односи со благ поглед и со разбирање за сите, а тие нежни односи се уште подрагоцени поради тоа што се безнадежно искинати. Токму со тој благ поглед врз апсурдот на нашата кратковечна егзистенција, Модијано се разликува од длабокиот песимизам на Селин. Недовршениот потез на Модијано остава слободен простор, а ликовите ги прави попоетски. Постојано поставувајќи го прашањето за нашиот идентитет, низ наслагите на забавното четиво и недовршените потези, говори за непостојаност на една цела епоха. Тоа упорно прашање наместо одговор повторно води кон прашање и така постепено го гради апсурдот кој ја влече нашата егзистенција кон дното. При тоа, авторот целосно ја зибегнува патетиката, дури и посредно, а на овој мрачен поглед и на трагичната перспектива мала светлина им даваат добрината и благоста во погледот на авторот, како и леснотијата на приказната и нејзината мека недворшеност.[5]

Библиографија

уреди
  • (1968) Плоштадот на ѕвездата (La Place de l'étoile) – награда „Роже-Нимје“ и награда „Фенеон“
  • (1969) Ноќната стража (La Ronde de nuit)
  • (1972) Обиколните булевари (Les Boulevards de ceinture) – гран-при за роман на Француската академија
  • (1975) Тажната вила (Villa triste)
  • (1977) Семејна книшка (Livret de famille)
  • (1978) Улица на мрачните бутици (Rue des Boutiques obscures) – награда „Гонкур“
  • (1981) Младост (Une jeunesse)
  • (1981) Мемори Лејн (Memory Lane) (цртеж Пјер Ле-Тан)
  • (1982) Толку храбри момци (De si braves garçons)
  • (1983) Руса кукла (Poupée blonde) (цртеж Пјер Ле-Тан)
  • (1984) Изгубениот кварт (Quartier Perdu)
  • (1986) Августовски ноќи (Dimanches d'août)
  • (1988) Катерина Сертитид (Catherine Certitude) (цртеж Семпе)
  • (1988) Намалување на казната (Remise de peine)
  • (1989) Предворие на детството (Vestiaire de l'enfance)
  • (1990) Свадбено патување (Voyage de noces)
  • (1991) Цвеќиња на урнатина (Fleurs de ruine)
  • (1992) Минува циркус (Un cirque passe)
  • (1993) Пролетно куче (Chien de printemps)
  • (1995) Од најголемата длабочина на заборавот (Du plus loin de l'oubli)
  • (1997) Дора Брудер (Dora Bruder)
  • (1999) Непознати жени (Des inconnues)
  • (2001) Малата Бижу (La Petite Bijou)
  • (2003) Ноќна несреќа (Accident nocturne)
  • (2004) Педигре (Un pedigree)
  • (2007) Во кафулето на изгубената младост (Dans le café de la jeunesse perdue)
  • (2010) Хоризонтот (L'Horizon)
  • (2012) Ноќната трева (L'Herbe de nuit)
  • (2014) За да не се изгубиш во квартот (Pour que tu ne te perdes pas dans le quartier)

Наводи

уреди
  1. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 23.
  2. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 7-9.
  3. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 10-15.
  4. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 15-21.
  5. Izabela Konstantinović, „Patrik Modiano“, во: Patrik Modijano, Izgubljeni kraj. Beograd: Nolit, 1989, стр. 31-33.