Вилијам Голдинг (Сент Колам Мајнор, Корнвол, 19 септември 1911 - 19 јуни 1993) англиски писател. Во 1983 година ја добил Нобеловата награда за литература. Негови познати дела се „Спирала“, „Пирамида“, „Видлива темнина“, „Господарот на мувите“, „Пристапни обреди“ и други[1],[2].

сер Вилијам Голдинг
Голдинг во 1983 г.
Роден/аВилијам Џералд Голдинг
19 септември 1911(1911-09-19)
Корнвол, Англија, Обединето Кралство
Починат/а19 јуни 1993(1993-06-19) (возр. 81)
Корнвол, Англија, Обединето Кралство
ЗанимањеРомансниер, драматург и поет
НационалностАнгличанец
ЖанрНадреалистички роман, авантуристички роман, морепловство, научна фантазија, есеј, историска новела, драмски текстови, поезија
Значајни делаГосподар на мувите
Значајни наградиБукерова награда
1980
Нобелова награда за литература
1983
ПотписПодатотека:William Golding signature.jpg

Животопис

уреди

Вилијам Голдинг е роден во Сент Колам Мајнор, во близината на Њукај, Корнвол, на 19 септември 1911 година. Студирал англиска книжевност и археологија на Оксфордскиот универзитет, каде дипломирал во 1935 година. Учествувал во Втората светска војна како офицер во Кралската морнарица. Така, во 1940 година бил учесник во операцијата на потопувањето на германскиот брод „Бизмарк“, а за време на инвазијата на Франција во 1944 година бил командир на еден воен брод. По завршувањето на војната се обидувал да стане артист, но откако не успеал, се вработил како професор во средното училиште во Солзбери. Во една негова тогашна изјава, тој рекол: „Предавам за да го издржувам семејството... и единствена желба ми е да го напуштам професорското место.“ Во 1962 година се преселил во селото Бродхалк, во куќата Ебл Тач, каде живеел повлечен и спокоен живот. Во едно интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“, Габриел Гарсија Маркес го опишал Голдинг на следниов начин: „Денес, тоа е човек со побелена брада и коса, кој живее со жената Ен и двете деца и... води многу активен живот. Неговата друга склоност е музиката, не само да ја слуша, туку и да ја свири на некои од следниве инструменти: виолина, виола, клавир или обоа. Неговата трета страст е едрењето, нешто... што е нормално за човек кој се восхитува на еден друг писател, поетот на морето, Херман Мелвил. Четврта љубов му е египтологијата. Неодамна откри и петта — јавање. Има купено коњ и секое попладне, кога е убаво времето, го гледаат како галопира по полињата, така вешто, како да го правел тоа целиот живот.“ Голдинг станувал изутрина во пет часот за да пишува, а останатото време го распоредувал на другите активности.[3]

Творештво

уреди

Книжевниот опус на Голдинг го сочинуваат една збирка поезија, една драма, две збирки раскази, една збирка есеи и повеќе романи. На книжевната сцена стапил уште во студентските денови, кога ја објавил поетската збирка „Песни“ (Poems, 1934) која останала незабележана. Дваесет години подоцна го објавил својот прв роман „Господарот на мувите“ (Lord of the flies, 1954), кога дошол до израз неговиот гениј. Една година подоцна излегол и романот „Наследници“ (The Inheritors) во кој инспирацијата ја црпи од идејата за прогресивноста и еволуцијата на науката. Притоа, од „Кратката историја на светот“ на Х. Џ. Велс го презел епитафот во кој неандерталецот е опишан како дивјак и инфериорен во споредба со хомо сапиенсот. Меѓутоа, во романот на Голдинг, хуманоста и невиноста исчезнуваат заедно со неандерталецот кој е победен од човекот. За ова дело, Голдинг изјавил дека го напишал зашто сметал дека дарвинизмот на Велс е премногу реакционерен, истакнувајќи дека не верува во бајките за еволуцијата, туку дека повеќе ја сака археологијата и да мечтае за невиноста на предадамското суштество. Книгата добила блескави оцени од критиката, била прогласена за роман на годината и била споредена со „земјотрес во скаменетите шуми на англискиот роман“. Во 1956 година го објавил третиот роман „Пинчер Мартин“ (Pincher Martin) кој во САД бил објавен со насловот „Двете смрти на Кристофер Мартин“ (The two deaths of Christopher Martin). Дејствието на овој роман се одвива во време од неколку секунди додека трае давењето на Мартин во средината на Атлантскиот Океан. Во 1959 година се појавил четвртиот роман на Голдинг, „Слободно паѓање“ (Free Fall) во кој се опишува кошмарот на еден уметник кој се наоѓа во нацистички концентрационен логор обидувајќи се да ја одреди точката на своето паѓање. Во 1964 година излегол романот „Кула“ (The Spire) кој претставува студија за мегаломанското лудило на ѓаконот Џослин, кој сака да изгради џиновска кула на својата црква. Во овој и во следниот роман на Голдинг, „Пирамида“ (The Pyramid), се жртвувани некои од митските претензии на авторот така што тие сведочат за промена во правецот на неговото творештво. Во 1971 година се појавила збирката раскази „Божеството-Шкорпион“, а во 1980 година романот „Ритуалите на преминот“ кој ја добил највисоката британска книжевна награда „Букер“. Потоа, во 1982 година, Голдинг ги објавил збирката раскази „Подвижна цел“ и збирката статии и есеи „Жешки порти“ (Hor Gates). Исто така, Голдинг е автор и на драмата „Месингената пеперуга“ (The Brass Butterfly) од 1958 година, напишана според сатиричната новела „Необичен пратеник“ (The Envoy Extraordinary).[4]

Централната тема која Голдинг ја разработува во своите романи е падот и горчливите плодови на изгубената невиност. Него не го интересира човекот како социјално битие, ниту односот на еден кон друг човек, туку односот на човекот кон себеси и кон присуството на злото како неразделна компонента на човековата свест и волја. Светот на Голдинг е силно и впечатливо остварен низ симболична и сугестивна проза со цврсто средиште од кое зрачи алузија, парадокс и иронија. Силовитоста на неговата проза, иако „најцрна меѓу најцрните“, лежи во фактот што таа се спротивставува на секаква категоризација и е подложна на најразлични толкувања, но и ден-денес е актуелна и звучи тревожно.[5]

Со своите имагинарни поетски квалитети, со својата способност да достигне хармонија од највисок степен во описот, дејствието и симболиката, со своите филозофски теми и стилскиот рефинман, Голдинг се вбројува во најзначајните британски романописци. Англискиот критичар Џон Девенпорт вели дека Голдинг е најоригиналниот англиски романописец по Втората светска војна , кој „не само што нè заслепува, туку и нè вознемирува“. Во 1983 година ја добил Нобеловата награда „за неговите романи кои со јасноста на реалистичката раскажувачка уметност и со различноста на универзалноста на мигот ја расветлува судбината на човештвото во современиот свет...“. Во едно интервју од 1983 година, дадено по повод добивањето на Нобеловата награда, на прашањето за неговото место во англиската книжевност, Голдинг рекол: „Никаде. Јас немам место. Ѝ припаѓам на традицијата што не е романописна. Моите обрасци повеќе се наоѓаат во поетскиот театар отколку кај Џорџ Елиот, Џејн Остин, Филдинг и други, или дури и кај Дефо. Јас не се чувствувам директно поврзан со нивната традиција. Повеќе сум сроден со Шекспир, Малро, Бекет... Јас пишувам театарски дела со многу долги описи на сцените.“[6]

Наводи

уреди
  1. „William Golding“. Архивирано од изворникот на 2021-01-25. Посетено на 2021-02-02.
  2. William Golding Biographical
  3. Вера Чаповска, „Кон животот и делото на Вилијам Голдинг“, во: Вилијам Голдинг, Господарот на мувите. Скопје: Наша книга, 1984, стр. 210-211.
  4. Вера Чаповска, „Кон животот и делото на Вилијам Голдинг“, во: Вилијам Голдинг, Господарот на мувите. Скопје: Наша книга, 1984, стр. 211-214.
  5. Вера Чаповска, „Кон животот и делото на Вилијам Голдинг“, во: Вилијам Голдинг, Господарот на мувите. Скопје: Наша книга, 1984, стр. 212 и 218.
  6. Вера Чаповска, „Кон животот и делото на Вилијам Голдинг“, во: Вилијам Голдинг, Господарот на мувите. Скопје: Наша книга, 1984, стр. 209-218.