Кнут Хамсун (4 август 1859 - 19 февруари 1952) — еден од најзначајните норвешки писатели од првата половина на минатиот век. Како голем поддржувач на нацизмот, често бил прогонуван како предавник. Тоа му донесе изолација во интелектуалните кругови, но неговото дело остана да живее.

Кнут Хамсун
Роден 4 август 1859
Лом, Норвешка
Починал 19 февруари 1952
Норхолм
Photogravure made after the portrait of Hamsun by Edvard Munch in the collection of the National Gallery of Art, Washington DC..
Едвард Мунк, цртеж -портрет на Кнут Хамсун , 1896 година, Национална галерија на уметноста, Вашингтон, Колекција Розенвалд, 1951.10.360

Животопис

уреди

Кнут Хамсун е роден на 4 август 1859 година во Лом, централна Норвешка, како четврто дете на Педер и Тора Педерсен. Кога имал три години семејството се преселило во гратчето Хамареј, 100 милји северно од Северниот Поларник. Таму татко му работел на фарма, во сопственост на неговиот шура Ханс Олсен - раководител на селската библиотека и на поштата. Вујко му на Кнут се парализирал и тврдел дека семејството Хамсун му должело пари. На Кнут му забраниле да си игра со другите деца и почнал да работи за Олсен, разнесувајќи сметки од поштата и цепејќи дрва за да ги плати долговите. Подоцна, Хамсун во своите дела го претставил ликот на вујко си како „црвенобрадестиот гласник на смртта“. Во тој период Хамсун читал многу за да се ослободи од осаменоста. Повремено одел во патувачко училиште и немал друго формално образование.

Во 1873 година, Кнут Хамсун побегнал во Лом, каде што работел како чирак во продавница. Следната година се вратил во Хамареј каде работел секакви работи, а подоцна учел во Вестеролен. Во 1878 година се преселил во Кристијанија (денешен Осло), каде што живеел во сиромаштија, а некое време работел на изградба на автопат. Одвреме-навреме престојувал во САД, каде што работел како служител во трамвај во Чикаго и како работник во фарма во Северна Дакота, а во Минеаполис држел часови. Притоа, норвешките имигранти го сметале за ексцентричен, а министерот и писател Кристоферт Јансон му дозволил да ја користи неговата голема библиотека.

Хамсун се оженил со Бергјот Гопфертин, а во 1902 година им се родила ќерката Викторија, крстена според неговиот истоимен роман. Во почетокот на XX век, Хамсун живеел во Финска каде се поврзал со значајните личности од културата, како: Алберт Еделфелт, Аксели Гален-Калела, Александер Слоте и други. Активниот општествен живот на Хамсун и пијанките со финските уметници ѝ пречеле на неговата жена. Од Финска тој отпатувал во Русија и на Блискиот Исток, а потоа се преселил во Копенхаген. По разводот во 1906 година, Хамсун се преженил во 1909 година со глумицата Мари Андерсен, со која имал четири деца. Таа била помлада од него 23 години, а нивниот бурен живот го опишала во две книги. Според неа, нивните кревети не биле „вистински одвоени кревети“ поставени еден покрај друг, но Хамсун сакал посебна соба затоа што му требало приватност, не само за да ги пишува книгите туку и за да чита и да пуши луле. Мари никогаш не спиела сама, затоа што децата ѝ правеле друштво кога биле мали.

Во 1911 година, Хамсун се преселил на фарма во Нурланд, а од 1917 година поседувал имот во Нархолм, јужна Норвешка, каде што живеел до крајот на животот. Таму, Хамсун живеел како фармер и писател, уметник-херој, а старомодната тешка работа му станала чин на индивидуализам. Помеѓу двете светски војни, Хамсун практично станал испосник, а подоцна доживеал душевен слом, на кој му следел психоаналитички третман. Индивидуализмот и антипатијата кон современата западна култура го воделе Кнут Хамсун кон поддршка на Германците, за време на нивната окупација на Норвешка во Втората светска војна. „Сите ние сме Германи“, му рекол Хамсун на својот помошник на имотот. Тој ги симпатизирал Германците затоа што во Првата светска војна јавното мислење во Норвешка ги фаворизирало Британија и Франција. Хамсун никогаш не се приклучил на Норвешката нацистичка партија, но напишал низа профашистички написи и ја поддржувал норвешката квислиншка влада, а поради тоа неговите разочарани читатели му ги враќале книгите.[1] Кога ги запознал Адолф Хитлер и Јозеф Гебелс, во знак на почит, му го дал на Гебелс својот медал од Нобеловата награда.

По војната, Хамсун бил во притвор, а неговата жена била затворена и осудена тешка работа во траење од три години. Во 1945 година, Хамсун бил префрлен во психијатриската клиника во Осло, а оттаму бил пренесен во старечки дом во Ландвик. Кога слушнал за смртта на Хитлер, напишал: „Тој беше воин за човештвото и светец на евангелието на правдата за сите нации“. Иако доживеал непријатности поради своите политички ставови, Хамсун никогаш не се откажал од нив и во автобиографијата „На зараснатите патеки“ не покажал никакво каење.[2] Хамсун умрел на 19 февруари 1952 година, во Норхолм.

Творештво

уреди

Хамсун оставил богат книжевен опус, составен од раскази, романи, драми и поезија од кој најмалку се ценат неговите драмски и поетски дела.[2] Својата книжевна кариера ја започнал следејќи ја европската традиција што водела од романтизмот до модерната.[1] Првото прозно дело, „Енигма“, Хамсун го објавил на возраст од 18 години, потпишувајќи го со името Кнут Педерсен Хамсунд, зашто по грешка, во печатницата, на презимето му била додадена буквата „д“. Неговото второ дело е „Бергер“, а потоа, со поддршка од богатиот трговец Ерасмус Зал, го напишал романот „Фрида“. На негово разочарување, книгата била одбиена од издавачот Фредерик Хегел од Копенхаген, а кога побарал помош од писателот Бјорнстјерн Бјорнсон, тој го посоветувал да започне глумечка кариера. По преселбата во Кристијанија (денешното Осло), Хамсун ја продолжил книжевната кариера, но без особен успех. Подоцна, од неговиот престој во САД произлегло делото „Интелектуалниот живот во современа Америка“, сатиричен опис на Америка и на нејзиниот духовен живот.

Хамсун стекнал поширока слава во 1890 година со романот „Глад“ - приказна за млад писател од Кристијанија, кој живее како бездомник, постојано измачуван од гладот. „Раскажувачот бега по улиците на градот - оној чуден град од кој никој не исчезнува сè додека тоа не му остави белег. Неговите високоостроумни написи, повремено објавувани од весници, стануваат неразбирливи, дури и за него. Нема ништо сентименално во неговото постење, туку е повеќе во прашање неговиот нихилистички избор. Тој продава написи во локалниот весник и се среќава со млада жена, која е преплашена од него. Неспособен да ги држи под контрола своите тешко заработени оброци, раскажувачот најпосле наоѓа работа на руски брод што патува за Европа. Тој пости, ама не на начин како што би постел христијанин. Тој не го негира земскиот живот во очекувањето на рајскиот, тој едноставно одбива да го живее животот што му е даден. Младиот писател може да се гледа и како претходник на познатиот лик на Чарли Чаплин“, напишал Пол Остер во предговорот на „Глад“. Романот набргу станал сензација и го етаблирал Хамсун како угледен писател. Охрабрен од успехот, тој ги критикувал неговите идоли, како Хенрик Ибзен и Лав Толстој.

Во 1892 година го објавил делото „Мистерии“ во кое ги претставил своите размислувања за демократијата и воодушевувањето од Ничеовиот натчовек. Притоа, главниот лик се појавува како два различни лика. Ова дело, некои историчари на книжевноста го нарекуваат петтото евангелие на модернизмот, споредувајќи го со „Така зборуваше Заратустра“. Необичноста на ова дело произлегува оттаму што тешко може да се дефинира, зашто во него се вкрстуваат лирските и епските елементи, но сите се сложуваат дека во него преволадува ирационалното. Оваа фаза од неговото творештво ја сочинува и трилогијата составена од романите „Пан“ (1894), „Викторија“ и „Глад“.[3] „Викторија“ (1898), единствената ведра книга на Хамсун, претставува љубовна приказна напишана на почетокот од неговиот брак со Бергјот Гопфертин.

Во 1906 година, Хамсун почнал да работи на книгата „Под августовската ѕвезда“, а во 1917 година се појавил романот „Плодовите на земјата“, кој му ја обезбедил Нобелова награда за литература во 1920 година. Во Хамсуновата идила, човечкиот свет и природата се обединети со силна мистична врска. „Дивината беше населена и непрепознатлива, благословот дојде, животот се изроди од долг сон, човечките суштества живеат таму, децата си играат околу куќата. И шумата израсна, голема и убава, кон сините височини“ - пишува тој во „Плодовите на земјата“. Во периодот меѓу двете светски војни, по душевниот слом на кој му следел психоаналитички третман, Хамсун ја напишал трилогијата „Август“, составена од: „Пешаци“, „Август“ и „Патот продолжува“, а неговото дело било крунисано со романот „Кругот се затвора“ (1936).

По неговата смрт, творештвото на Хамсун било рехабилитирано, а интересот за неговите дела бил обновен. Денес, тој се смета за најголемиот скандинавски писател,[4] кој извршил огромно влијание врз книжевноста на XX век, а како свој пример го споменуваат многу познати писатели: Милош Црњански, Џон Фанте, Франц Кафка (кој го наведувал Хамсун како неговиот омилен писател)[5] и Буковски, кој го наведува Хамсун како еден од омилените негови писатели[6] при што во романот „Жени“ вели дека Кнут Хамсун е најдобриот писател на светот.[7] исто така, еден кус расказ во збирката „Имитатор на гласови“ на Томас Бернхард носи наслов „Хамсун“.[8]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Белешка о писцу“, во: Кнут Хамсун, Пан. Београд: Политика и Народа књига, 2004, стр. 171.
  2. 2,0 2,1 „Белешка о писцу“, во: Кнут Хамсун, Пан. Београд: Политика и Народа књига, 2004, стр. 173.
  3. „Белешка о писцу“, во: Кнут Хамсун, Пан. Београд: Политика и Народа књига, 2004, стр. 171-172.
  4. Кнут Хамсун, Глад. Београд: ЛОМ, 2016.
  5. Knut Hamsun, Plodovi zemlje. Beograd: LOM, 2013.
  6. Charlson, David (July 6, 2006). Charles Bukowski: Autobiographer, Gender Critic, Iconoclast. Trafford Publishing. стр. 30. ISBN 1-4120-5966-6.
  7. Čarls Bukovski, Bludni sin. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 162-164.
  8. Томас Бернхард, Имитатор на гласови. Скопје: Темплум, 2008, стр. 9-10.