Херман Хесе

Германско-швајцарски писател и добитник на Нобелова награда (1877-1962)

Херман Хесе (германски: Herman Hesse) (2 јули 1877 - 9 август 1962) — германски писател, поет и сликар, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1946 година.

Херман Хесе во 1927

Животопис уреди

Хермена Хесе е роден на 2 јули 1877 година во Калв (Calw), во покраината Виртемберг. Татко му бил балтичко-германски мисионер, а мајка му, по професија филолог, била ќерка на виртембершкиот индолог. Неговото семејство се занимавало со издавање религиозна литература. Неговите родители долго време престојувале во Индија, а кога Херман наполнил три години, тие се преселиле во Базел, каде татко му работел како предавач во мисионерскиот институт до 1886 година, по што повторно се преселиле во Германија. По желба на родителите, во 1890 година, Херман Хесе се запишал во латинското подготвително училиште во Гетинген, а следната година ја посетувал и протестантската богословија во Маулброн, но откако направил некои нереди, бил избркан од училиштето. Потоа, тој работел кај својот татко, а некое време бил и чирак во часовничарски дуќан.

Во 1895 година се преселил во Тибинген каде работел како книжар, а во 1899 година се преселил во Базел каде, исто така, бил книжар. Во 1911 година, Хесе ја посетил Индија. Првата светска војна предизвикала кај него голем душевен немир и тој јавно ја осудил „крвавата бесмислица“. По завршувањето на војната ја напуштил Германија и се преселил во Швајцарија, каде во 1921 година добил државјанство. Како пацифист, тој се спротивставил на подемот на нацизмот во Германија, а потоа западнал во психичка криза, како последица на неколку лоши околности: Втората светска војна, лошото здравје на синот, психичката болест на сопругата и смртта на татко му. Во 1919 година, Хесе се преселил во Монтањола, во близината на Лозана, каде починал на 9 август 1962 година.[1][2][3]

Творештво уреди

Работејќи како книжар во универзитетскиот град Тибинген, Хесе го продолжил своето образование во доменот на книжевноста и пристапил во кружокот „Мала котерија“. Во 1899 година ги објавил своите први дела, збирките со поезија во прозаРомантични песни“ и „Еден часот по полноќ“. По преселбата во Базел, во 1901 година го објавил романот „Писанија и поеми оставени од Херман Лаушер“ кој не му донел популарност, но успехот дошол со вториот романПетер Каменцинд“ од 1904 година. Во 1906 година го објавил романот „Бескрајно тркало“ во кој зборува за конфликтот на уметничката индивидуалност со ограничувањата на буржоаското општество. Во тој период пришувал и есеи во списанијата, а до 1912 година бил еден од издавачите на списанието „Мерц“. Во 1910 година го објавил романот „Гертруда“, во 1913 година збирката „Од Индија“, а во 1914 година и романот „Расхалда“. По запаѓањето во психичка криза и сеансите на психоанализа, Хесе го напишал романот „Демијан“ (1919) (Demian), објавен под псевдонимот Емил Синклер. Со него Хесе постигнал огромен успех во Германија. Целосната преобразба на Хесе од романтично-сентиментален автор во длабок мислител и критичар, опседнат со психоанализата и индиската философија, настапила во делото „Поглед во хаос“ од 1921 година, а во 1922 година се појавил романот „Сидарта“ (Siddhartha), како одраз на неговата опседнатост со источните религии. Во романот „Степскиот волк“ (Der Steppenwolf) од 1927 година била обработена темата на двојноста на личноста, а романот „Нарцис и Златоуст“ (1930) се занимава со антитезата меѓу духот и животот, меѓу аскетизмот и виталноста во средновековна Германија. Во 1931 година, Хесе го напишал своето најпознато дело, романот „Игра со стаклените бисери“ (Das Glassperlenspiel), кое било објавено во 1943 година.

Освен романи, Хесе пишувал и есеи („Франческо Асишки“, „Благодарност на Гете“), а во 1957 година биле објавена седум тома од неговата лирска поезија. И покрај тоа што бил многу ценет од Томас Ман, Андре Жид, Томас Елиот и други познати писатели, сепак, неговата популарност била органичена претежно на германската публика. Дури откако неговите дела започнале да се преведуваат на други јазици, Хесе се наметнал како еден од водечките писатели во светот.[1] Во 1946 година, Хесе ја добил Нобеловата награда за книжевност.

Денес, неговите дела уживаат голема популарност. Неговите романи, раскази и политички и културно-критички есеи се отпечатени во над 80 милиони примероци ширум светот, со што тој го стекнал статусот на најчитаниот европски писател во Америка и во Јапонија во 20. век.[3][4]

Осврт кон делата на Хесе уреди

По природа хуманист, чувствителен и ранлив, Хесе излезот го бара во психоанализата и во индиската философија, кои претставуваат камен-темелник на целокупното негово творештво. Истовремено, во неговото творештво е присутна романтичарска црта, која може да се разграничи во две насоки: прво, нежна, сентиментална романтика исполнета со копнеж кон минатото и детството и второ, романтиката на внатрешните кризи, озобено изразена во неговите подоцнежни дела.[2] Во делото „Херман Лаушер“ (1901) силно избувнува нагонот за хармонија во поединечниот живот и копнежот кон вистината. Во „Бертолд“ е присутна идејата дека животот мора да се живее комплетно, т.е. човекот не може да го усреќи само образованието, туку истовремено тој мора да биде и вагабонд. Всушност, оваа растргнатост меѓу позитивното и негативното го наведува Хесе, на романтичарски начин, да ги изрази своите симпатии кон бездомниците. Во „Нарцис и Златоуст“, митот за мајката добива космополитски аспект: мајката е самиот живот во сите негови видови. Во ова дело, оптествените обврски се прикажани во ликот на таткото, а во ликот на мајката се идентификувани убавината на животот, среќата и плодноста на сеопштата мајка-природа. Во „Демијан“, за првпат во творештвото на Хесе се навестува психоаналитичката постапка во која единствениот вентил за ослободување од напластените нагони се сонот. Во „Сидарта“ ја открива смислата и вистината на постоењето: монистичкото единство на светот кој се наоѓа во процес на вечна преобразба, постојана промена во која ништо не згаснува, туку сè добива нов квалитет.[5]

Извори уреди

  • Ralph Freedman, Hermann Hesse: Pilgrim of Crisis: A Biography, Pantheon Books, NY, 1978.
  • Alois Prinz, Und jedem Anfang wohnt ein Zauber inne. Die Lebensgeschichte des Hermann Hesse, Suhrkamp Verlag, Frankfurt am Main, 2006. ISBN 9783518457429.
  • Zeller Bernhard, Hermann Hesse, Rowohlt Taschenbuch Verlag, Reinbek bei Hamburg, 2005. ISBN 3499506769.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Био-библиографска белешка за авторот“, во: Херман Хесе, Сидарта. Битола: Микена, 2010, стр. 123-124.
  2. 2,0 2,1 Маргарита Балод-Тодоровска, „Кон делата на Херман Хесе“, во: Херман Хесе, Степскиот волк. Скопје: Мисла, 1989, стр. 195.
  3. 3,0 3,1 „Beleška o piscu“, во: Herman Hese, Demijan. Beograd: Bigz, 1983, стр. 159.
  4. „Beleška o piscu“, во: Herman Hese, Banjski gost. Beograd: Narodna knjiga - Alfa, 2001, стр. 117.
  5. Маргарита Балод-Тодоровска, „Кон делата на Херман Хесе“, во: Херман Хесе, Степскиот волк. Скопје: Мисла, 1989, стр. 196.