Ново Село (штипска населба)

приградска населба на Штип
(Пренасочено од Ново Село (Штипско))
Ова е статија за населбата до градот Штип. Да не се меша со истоименото село во јужниот дел на Општина Штип.

Ново Село — населба во градот Штип и многу познато некогашно село.

Ново Село

Поглед на Ново Село од Исарот

Ново Село во рамките на Македонија
Ново Село
Местоположба на Ново Село во Македонија
Ново Село на карта

Карта

Координати 41°44′6″N 22°10′55″E / 41.73500° СГШ; 22.18194° ИГД / 41.73500; 22.18194
Општина Штип
Население 3636 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 30002
Надм. вис. 300 м
Ново Село на општинската карта

Атарот на Ново Село во рамките на општината
Ново Село на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Куќите од десната страна на Отиња.
 
Маалото Кежовица од левата страна на Брегалница.

Ново Село се наоѓа во општото урбано штипско подрачје и претставува конурбирано предградие на Штип. Приодот до Ново Село е по течението на реката Отиња, која во самото село се влева во Брегалница. Селото е сместено на двете страни од Брегалница при што поголемиот дел е на левата страна. Веднаш, на североисток, над Ново Село се наоѓа ридот на којшто е изградена штипската тврдина, Исарот.[2] Самиот рид го дели Ново Село од Штип. Селото е сместено во клисура.

Сообраќајна поврзаност

уреди
 
Улицата „Васил Главинов“ (од левата) и „Димитар Влахов“ од десната страна на Отиња.
 
Кежовичкиот мост.

Ново Село се состои од пет улици: „Димитар Влахов“, „Васил Главинов“, „Крсте Мисирков“, „Никола Карев“ и „Кежовица“ и од два моста за возила и еден пешачки мост (преку Отиња). Најглавната улица во Ново Село е ул. „Димитар Влахов“ која целосно минува низ местото и е долга околу 1,350 км. Крајната источна точка и е на меѓата со Штип, на десната страна на Отиња и минува околу 370 м сè додека не дојде до мост кој преоѓа на левата страна на реката. Бидејќи околу 90 метри после мостот, Отиња се влева во Брегалница, улицата „Димитар Влахов, сега минува кон запад и напоредно со левиот брег на Брегалница. После излезот од Ново Село, улицата „Димитар Влахов“ односно самиот пат го почнува да го носи името „Рибник“ и води кон југозапад односно кон штипските гробишта и најблиското село Софилари. Најисточна улица од левиот брег на Отиња е „Васил Главинов“ која оди кон запад кон и во Штип напоредно со Отиња. Во средишниот дел на Ново Село минува улицата „Крсте Мисирков“ и е долга околу 315 метри. Угорната улица „Никола Карев“ минува во јужниот дел и се спојува со улицата „Васил Главинов“ на источниот раб на Ново Село. Улицата „Кежовица“ е во маалото Кежовица односно на десниот брег на Брегалница и почнува од мостот кој ги спојува со улиците „Димитар Влахов“ и „Крсте Мисирков“.

Историја

уреди

Ново Село е една од најстарите населби во Штип. Иако нема прецизни податоци за нејзиното создавање, се претпоставува дека Ново Село постоело како посебна населба уште пред XIII век, а за тоа сведочат бројните цркви од тој период, меѓу кои е и црквата „Св. Спас“, која е најстарата црква во околината на Штип. Во текот на XIII и XIV век, Ново Село било вакаф на султанот Бајазит, а потоа, во времето на султанот Мурат, Ново Село било прогласено за војничка и чуварска населба, со што добило посебни права и привилегии. Според пописот од 1519 година, во Ново Село живееле 21 христијански семејства. Во пописните дефтери од 1570 година, во Ново Село биле регистрирани 30 христијански семејства, и 5 неженети, христијани.

Бидејќи се попишувале само главите на семејствата, се споменуваат следниве имиња: Пејо Поп, Стојко Нове, Нове Ѓуро, Стојко Донко, Марко Сиромах, Никола Станко, Михаил Стојко, Јован поп, Мицко Крагуј, Стојко Дејан, Димитри Данчо, Младен Изломиран, Бејто Сиромах, Павле Петко, Пејо Светко, Петко Никола, Илија Васил, Велчо Говедар, Ѓорѓ(е) Јове, Павле Дојчин, Миле Петро, Јован Војо, Никола Војо, Велчо Пројко, Бејто Домазет, Никола Папуџија, Стојко Продан, неженет, Стојко Дојчин, неженет, Јован Велчо, неженет, Миле Дојчин, неженет, Томчо Папуџија, неженет.[3]

 
Ново Село во 1926 година.

Во XIX век, Ново Село имало важна улога во будењето на националната свест и борбата против османлиската власт, особено со доаѓањето на Дамјан Груев и Гоце Делчев, кои во Новоселското училиште работеле како учители.[4]

На почетокот на XX век Ново Село било населено исклучиво со македонско христијанско население кое било под удар на бугарската пропаганда. Сите негови жители потпаднале под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во селото живееле 3.616 Македонци (сите под егзархијата) и работеле две бугарски училишта — едно основно и едно прогимназијално со 412 ученици.[5][6]


Демографија

уреди

Според пописот во 2002 година, населбата Ново Село има над 3.636 жители, сите Македонци.[2]

Општествени установи

уреди
 
Зградата на ректоратот/Новоселското училиште.

Во Ново Село се наоѓа ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“. Ректоратот е сместен во зградата на поранешното Новоселско училиште.[2]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“
 
Црквата „Св. Троица“
 
Црквата „Св. Спас“.
Цркви[7]
Археолошки наоѓалишта[10]
Споменици на културата
 
Црквата „Св. Јован Крстител“.
 
Андоновата куќа пред да биде претворена во музеј.

Освен црквите „Успение на Пресвета Богородица“, „Св. Троица“, „Св. Спас“, „Св. Јован Крстител“, кои важат за споменици на културата, постојат и постојат други 14 градби/места кои се заведени како културно наследство на Македонија. Воедно, и самото населено место како градителска целина е заведено како културно наследство односно споменик на културата.[11][12]

Споменици на културата во Ново Село се:

Друго
  • Галерија на икони, отворена во 1972 г. и сместена на катот во црквата „Успение на пресв. Богородица“


Личности

уреди
 
Куќата на Михајло Апостолски во Ново Село.


Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Александар Матески, „Ново Село“, Економија и бизнис, година 19, број 232, октомври 2017, стр. 106.
  3. Турски документи за историјата на македонскиот народ, опширен пописен дефтер за Ќустендилскиот санџак од  1570 година, том V, книга V, Архив на Македонија, Матица Македонска, стр.75
  4. ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 42-43.
  5. Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  6. Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, рр. 134-135.
  7. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  8. Освет на камен темелник за изградба на црква посветена на Покровот на Пресвета Богородица во Ново Село – Штип. Архивирано од изворникот на 2020-09-25. Посетено на 2014-05-29.
  9. Камен-темелник на нова црква во штипско Ново Село[мртва врска]
  10. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
  11. „Национален регистар на објекти кои се заштитно културно наследство“. Министерство за култура. 2012. Архивирано од изворникот 2021-08-09. Посетено на 31 март 2022.
  12. „Ново Село - Заштитено културно наследство во Ново Село:“. zkn.mk. Архивирано од изворникот 2022-01-27. Посетено на 31 март 2022.
  13. Љ.Ш., „Утре во Ново Село ќе биде отворен музеј со восочни фигури на револуционери“, Дневник, година XVIII, број 5646, петок, 19 декември 2014, стр. 21.

Надворешни врски

уреди