Брегалница

река во Македонија

Брегалница — втората по должина река во Република Македонија. Извира во шумскиот дел на Малешевските Планини, во близина на Спиково и поминува низ или покрај градовите Пехчево, Берово, Делчево, Македонска Каменица, Виница, Кочани и Штип, и потоа се влева во реката Вардар пред да го продолжи патот кон Егејското Море. Од неодамна се покренуваат прaшањата за загаденоста на реката, заради фактот што голем дел од фабриките сместени во градовите кај што поминува Брегалница, ја користат за испуштање на индустриските отпадни води. На ова подрачје била водена Битката на Брегалница.

Брегалница
Брегалница кај село Тодоровци (Езеро Калиманци)
Карта
Местоположба
Физички особености
Извор 
 • местомесност Дебел Рид, Спиково (Малешевски Планини)
 • координати41°43′37.5″N 22°59′15.2″E / 41.727083° СГШ; 22.987556° ИГД / 41.727083; 22.987556
 • надм. вис.1.245 м
Устие 
 • место
Вардар кај Виничани
 • координати
41°36′20″N 21°55′13″E / 41.60556° СГШ; 21.92028° ИГД / 41.60556; 21.92028
 • надм. вис.
139 м
Должина225 км
Големина на сливот742,5 км2
Проток 
 • просечен28 м3
Особености на сливот
ТечениеВардарЕгејско Море
Речен сливВардар

Слив на Брегалница

уреди

Сливот на Брегалница според Проектот за управување со речниот слив на Брегалница[1], опфаќа територија од 4.307 км2, што е околу 21% од сливот на реката Вардар и 17% од целокупната територија на државата.[2] На источната страна, сливот граничи со Бугарија, областа на река Струмица на југ, реката Пчиња на север и реката Вардар на запад. Просечната надморска височина на Брегалничкиот слив изнесува 772 м. Брегалничката област ја опфаќа територијата на целиот Источен Плански Регион. Тој ги вклучува општините Берово, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Виница, Пробиштип, Чешиново-Облешево и Штип. Освен тоа во Брегалничкиот слив се опфатени и целосните територии на општините Лозово и Свети Николе (Вардарски Регион) и Конче (Југоисточен Регион). Голем дел од територијата на Oпштина Кратово (25%) исто така припаѓа на Брегалничкиот Слив. Иако границите на Брегалничката област, во најголем дел се поклопуваат со границите на општините, мали делови од општините Радовиш, Неготино, Градско, Велес, Куманово и Крива Паланка исто така влегуваат во неа.

Геологија

уреди

Геолошки, источниот дел од Република Македонија, вклучително и сливот на Брегалница припаѓа на Родопскиот систем (Српско-Македонски масив) кој се состои од кристализирани шкрилци и гранити. Образувањето на овие планини се случило во палеозоикот, со раседи образувани подоцна во терцијарот. Денес, сливот се одлијува со разновидна релјефна структура, која содржи рамнини, долини, и ридски и планински подрачја.

Клима

уреди

Климата во Брегалничкиот слив е релативно сува, и припаѓа на изменетоконтинентална клима. Летата се долги и суви, со температури до +41 °C, а зимите топли и влажни. Ретко, температура во зима може да се симне до -22 °C. Просечната годишна температура во рамнините изнесува 12.9 °C, а во повисоките делови како Малешевијата околу 8.7 °C. Просечните годишни врнежи во регионот варираат од 506 мм во Кочанско поле до 672 мм во Малешевијата. Најмногу врнежи има во април и мај, а најмалку во летните месеци јули и август. Снег паѓа од декември до март.

Флора и фауна

уреди

Специфичните климатски услови, како и геолошката разновидност во регионот, создаваат услови за хетерогена природна вегетација и разграничување според надморската височина. Во регионот се среќаваат повеќе растителни заедници. Изобилството на шуми во регионот се поврзува со постоењето на 25 различни видови дрвја, со многу други подвидови. Шумите имаат важна улога за задржувањето на водата и намалување на ерозијата, како и во одржувањето на биоразновидноста. Вкупната површина со шуми во подрачјето на сливот е 1157 км2, или околу 27 % од територијата на регионот. Регионот се одликува со голема разновидност на животински видови, и тоа водоземци, влекачи, инсекти, птици и цицачи. Птиците и цицачите образуваат бројни здружувања, но и голем број поединечни животни може да се сретнат од најниските до највисоките места. Фауната е особено богата во шумските предели.

Ресурси

уреди

Регионот е богат со минерални суровини, вклучувајќи ги важните рудници на олово-цинк во Злетово, Добрево и Македонска Каменица. Во Осоговскиот масив се пронајдени минерали на железо и титан. На територијата на Делчево има откриени наслаги на злато како и алувијално злато во примероци од реката Брегалница. Кај Радовиш се наоѓа големиот рудник на бакарБучим“.

Демографија

уреди

Во споредба со густината на население во државата од 82,7 жители на км2, регионот е релативно слабо населен со околу 50,6 жители на км2. Просечната старост е 40 години, што е повисоко од националниот просек. Нивото на образование е како и во целата држава. Стапката на невработеност е пониска отколу на национално ниво и изесува 18,5%. Просечната нето плата за 2012 е најниска во државата и изнесува 14 957 денари/ месечно, што претставува околу 71,6% од националниот просек. Во последните 20 години, недостигот на работни места за виско-обрзовани луѓе, особено во руралните населби, резултира со мигрирање на населението кон поголемите градови или во странство. Главни стопански гранки во регионот се рударството и индустријата, пропратени со услужните дејности, трговија и земјоделство.

Особености и водотек на Брегалница

уреди
 
Карта на Љутачка, Ж'тачка и почетокот на Брегалница. Од југ кон север тече Ж'тачка Река (доле). Од североисток кон северозапад тече Љутачка Река (десно). Двете реки се спојуваат и ја образуваат Брегалница која во тој момент тече накај северозапад.

Вкупната должина на реката Брегалница изнесува 225 км, а површината на сливот е околу 742,5 км2. Реката Брегалница има 6 сесезонски притоки од левата страна (Ратевска, Осојница, Зрновска, Козјачка, Отиња и Лакавица) и 6 притоки од десната страна (Желевица, Каменичка Река, Оризарска Река, Кочанска Река, Злетовица и Светиниколска Река). На реката има изградено 5 големи акумулации: Калиманци, Гратче, Злетовско Езеро/Кнежево, Мантово и Мавровица.

 
Брегалница по несподредното спојување на Љутачка и Ж'тачка Река.

Изворот на реката се наоѓа во шумскиот дел на Малешевските Планини, близу до границата со Бугарија, источно од градот Пехчево, на надморска височина од околу 1690 м. Поточно тоа се наоѓа во атарот на селото Спиково каде југо-југоисточно од него, се спојуваат Љутачка и Ж'тачка (Крива) Река во месноста Дебел Рид. Таму Брегалница е позната и како Велевечка Река.[3][4]

Реката Брегалница се влева во Вардар на 137 м надморска височина, близу до селото Градско.

Галерија на водотекот

Загадување

уреди

Главните извори на загадување на сливот на реката Брегалница потекнуваат од испуштањето на отпадните води, и од индустриите и од домаќинствата. Некои од индустриите имаат пред-третман на отпадните води. Сепак најголемиот дел од урбаните отпадни води се влеваат непрочистени. Иако во целиот речен слив постојат 7 пречистителни станици за отпадни води, само една од нив е во функција. Најголемиот дел од урбаните отпадни води се одлеваат во мали водотеци, со мал проток и според тоа со низок капацитет на само-прочистување. Постојат неколку средноголеми индустриски претпријатија како: свињарски и живинарски фарми, производство на храна, производство и преработка на метали, произвоство и преработка на текстил, градежништво и дрвна индустрија, производство на керамика и производство на хемикалии. Од индустриските активности производителите на метал, како и кожарската и текстилната индустрија се најголемите извори на загадување. Рибниците претставуваат релативно мали точкести извори на загадување.
Освен тоа, треба да се спомне дека постојат неколку рудници кои ги испуштаат отпадните води директно во речниот тек. Овие отпадни води содржат тешки метали. Притисоците поврзани со дифузното загадување се важни за речниот слив заради големиот број на земјоделските површини и фарми за одгледување животни кои ги има во сливот. Изметот од живинарските и свињарските фарми се разнесува директно по земјиштето. Друг голем извор кој се однесува на дифузното загадување потекнува од постоечките рудници во областа. Иако некои од нив ги испуштаат отпадните води директно во речното корито, металите кои ги има во јаловиштата и почвата можат да се најдат во површинските води.
Конечно, исфрлањето на цврстиот отпад и отпадот од земјоделските активности на речниот брег, е уште еден притисок, кој значајно придонесува за органското загадување на водите.

Проект за управување со речниот слив на Брегалница

уреди

Законот за води во Република Македонија

уреди

Во 2004 година, Македонија поднесе апликација за членство во ЕУ. За да се подготви за членство во ЕУ Македонија мора да спроведе законодавство кое ќе соодвествува со она во ЕУ. Голем чекор во тој поглед е направен во 2008 со донесувањето на новиот Закон за води, кој налага пристап за Управување со речните сливови, според Европската рамковна директива за води. За да почне со спроведувањето на новиот Закон за води во Р Македонија, во поглед на пристапот за УРС, во 2012 година е започната соработка меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со Швајцарскиот секретаријат за економски прашања (СЕКО).

Актери

уреди

МЖСПП, МЗШВС и СЕКО го избраа Сливот на Брегалница како пилот регион за примена на пристапот УВР. Проектот почна во јули 2012 и е кофинансиран од СЕКО, МЖСПП, МЗШВС, и општините од регионот на Брегалница. Проектот се спроведува од страна на тим на домашни и странски експерти, со поддршка од Управен одбор, Совет на сливот, и група за планирање, тела формирани од страна на проектот. Освен тоа се организираат и неколку рунди на суб-регионални работилници, секогаш распределени во трите суб-региони (Горна, Средна и Долна Брегалница).

Цели

уреди

Главна цел на проектот е одржлив развој на водните ресуси во сливот на Брегалница, промовирајќи економски развој во регионот, и стимулирање на индустријата, земјоделството и туризмот. Спроведувањето на Македонскиот закон за води преку проектот треба да придонесе до подобрување на снабдувањето и услугите во секторот води во сливот на Брегалница.
Проектот се состои од две главни компоненти:

  • План за управување со речниот слив на Брегалница, кој опфаќа анализа на постоечките и расположливите ресурси во иднина, како и побарувачката во Брегалничкиот регион, идентификација на можните проблеми како и мерки за нивно надминување. Освен то со Планот треба да се дефинира и стави во функција неопходната админстративна структура.
  • Мали Инфраструктурни Проекти (МИП)- кои опфаќаат формирање на фонд за финансирање на мали инфраструктурни проекти, како и поддршка на општините од тимот на проектот во планирањето, тендерирањето, договарањето и спроведувањето на МИП.

Галерија

уреди
Брегалница кај Равна Река
Брегалница кај Дебел Рид

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Проект за управување со речниот слив на Брегалница“. Архивирано од изворникот на 2014-05-17. Посетено на 2021-08-31.
  2. Проект за управување со сливот на Брегалница (2014-04-01). „План за управување со сливот на Брегалница“. ПУСБ. Архивирано од изворникот на 2014-05-17. Посетено на 2014-09-25.
  3. „Пехчевски Водопади“. berovoadventure.com. Архивирано од изворникот 2023-06-29. Посетено на 29 јуни 2023.
  4. „Петте Пехчевски Водопади станаа туристичка атракција“. Нова Македонија. 6 јуни 2023. Архивирано од изворникот 2023-06-29. Посетено на 29 јуни 2023.

Надворешни врски

уреди