Прилеп

град и седиште на Општина Прилеп
(Пренасочено од Прилепски)

Прилепград во Македонија, сместен во северниот дел на Пелагониската Котлина, во југозападниот дел на Република Македонија. До него се стигнува преку магистралниот пат А 3. Има 63.308 жители (2021 г.) и се наоѓа на 128 километри југозападно од главниот град Скопје.

Прилеп
град
Поглед кон Прилеп од Марковите Кули
Меморијален музеј “11-ти Октомври 1941“
Могилата на непобедените
Манастирот „Св. Архангел Михаил“
Знаме на ПрилепГрб на Прилеп
Прекар(и): Градот под Маркови Кули
Прилеп is located in Македонија
Прилеп
Прилеп
Координати: 41°20′40.00″N 21°33′20.00″E / 41.3444444° СГШ; 21.5555556° ИГД / 41.3444444; 21.5555556
ДржаваРепублика Македонија
РегионПелагониски Регион
ОпштинаОпштина Прилеп
Првпат споменат во1014
Управа
 • ГрадоначалникБорче Јовчески (ВМРО-ДПМНЕ)
Надм. вис.&01010101010101010101010101010129999999620−650 м
Население (2021)
 • Вкупно63,308
ДемонимПрилепчани (мн.)
Час. појасUTC+1
 • Лето (ЛСВ)UTC+2 (UTC)
Повик. бр.+389 048
Рег. таб.PP
ПатронСвети Никола
Мреж. местоwww.prilep.gov.mk

Прилеп е познат како „градот под Марковите Кули“ поради неговата близина до кулите што ги изградил легендарниот херој Крали Марко (во Прилеп нарекуван Крале Марко).

Градот е одликуван со орден на народен херој на Југославија на 7 мај 1975 и е еден од осумте одликувани града во СФР Југославија со овој орден. Покрај тоа носители на овој орден се уште 14 лица кои потекнуваат од Прилеп и Прилепско.

Прилеп е седиште на истоимената Општина Прилеп.

Потекло на името

 
Прилеп, Марковите Кули и планината Бабуна

До почетокот на XI век за Прилеп нема податоци од пишани извори. Првиот запис за градот бил забележан два пати во Кратката историја (грчки: Σύνοψις Ἱστοριῶν) на Јован Скилица, и тоа во последните денови од животот на цар Самоил, октомври 1014 г. и непосредно пред неговата смрт, како тврдина Πρίλαπον.[1] Името е споменувано и во византиските пишани извори од XI век, во записот на византискиот цар Василиј II за правата на Охридската архиепископија. Прилеп е споменуван и во словенските извори од XIV век: ...                            ...                                           ... Иако првиот запис е од 1014, со сигурност може да се каже дека името на градот постоело и претходно.[1]

Постојат повеќе претпоставки за потеклото на името на градот Прилеп. Хрватскиот лингвист Петар Скок ја споменува лексемата lijep, која имала две значења: 1. Тоа што се примило (прилепило) за нешто; 2. Блато, најчесто кал помешана со плева што се лепи. Во овој контекст Скок го споменува и градот Прилеп, т.е. прасл. глагол *lěpiti којшто потекнува од индоевропскиот корен *leyp со значење 'се придржува'.[1] Според едно предание на Марко Цепенков, луѓето кои почнале да се доселуваат, своите куќи ги граделе прилепени до калето на Марко, па поради прилепените куќи и градот го добил името Прилеп. Во истото предание се споменува дека градот бил прилебно место (место каде што се произведувал леб).[2]

Според некои истражувачи името има старословенско потекло со значење блатно, мочурливо место, место покрај блато.[3] Меѓутоа, ова толкување има свои пропусти. Првобитната словенска населба се наоѓала на доста високо место, под тврдината Маркови Кули, на надморска височина од околу 700 м. Во такви услови мали се шансите за постоење блато на толку високо место. Во случај да постоело блато, треба да го земеме предвид фактот дека Пелагонија не била единствено место каде што некогаш постоела вода. Во тој случај најверојатно би се очекувало и останати места коишто се наоѓале покрај блато, во своето име да ја содржат лексемата леп.[1] Според Блаже Конески името Прилеп е образувано од личните имиња Прилепа и Прилепка, кои се зачувани во руската антропонимија.[3]

Историја

Праисторија и антички период

 
Според Појтингеровата табла патот од Стоби за Хераклеја поминувал преку Евристон и Керамија (заокружена на картата)

Градот Прилеп и воопшто населби на подрачјето на поширокиот прилепски регион, датираат уште од антиката, како што е археолошкото наоѓалиште Стибера, кај селото Чепигово. Во близина на градот, на Марковите Кули се откриени траги од предисториска населба.

Во раната антика тука израснала населбата Керамија (Ceramie), обновена во доцната антика, која до крајот на антиката останала селска населба и не прераснала во град и епископија.[4]

Средновековна историја

Денешната местоположба на градот Прилеп потекнува од раниот среден век, кога Прилеп бил многу важен трговски и воено-стратегиски град. Токму во градот Прилеп, по катастрофалниот пораз на самoиловата војска во Беласичката битка, 1014 година, кога ги видел своите ослепени војници, царот Самоил починал од срцев удар.[5] По смртта на Самоил градот потпаднал под византиска власт. Во 1041 година византискиот цар Михаил IV Пафлагонецот го задушил востанието на Петар Делјан, а локалниот војвода Мануил Ивац се обидел да ја запре византиската војска кај прилепскиот Плетвар со дрвена палисада, но без успех. Добромир Хрс и неговиот дедо, Мануил Камица, го зазеле Прилеп, но во 1202 Алексиј III повторно ја освоил тврдината.[6]

 
Фрески од црквата „Св. Никола“

Низ XIII век Прилеп преминува постојано во рацете на новите господари — двапати на деспотите од Епир, двапати на Бугарија, еднаш на царот од Никеја.[4] Најпрво, бугарскиот цар Калојан ја искористил искористил ситуацијата што настанала во Византија со доаѓањето на крстоносците пред Цариград и во 1203 година ja освоил Северна и голем дел од Западна Македонија, меѓу кои и градот Прилеп.[7] По смртта на Калојан во 1207, како негов господар се јавува властелинот Стрез, кој владеел до неговата смрт во 1214 година. Потоа, Прилеп како и некои други градови во Западна Македонија биле освоени од деспотот на Епир, Теодор Комнен (1214-1224). По битката кај Клокотница во 1230 година, помеѓу бугарската и епирската војска, Прилеп потпаѓа под власта на бугарскиот цар Иван Асен II. По смртта на Иван Асен, на бугарскиот престол доаѓа неговиот малолетен син, Калиман I Асен, па Прилеп повторно бил завземен од епирскиот деспот Михаил Ангел II, сe до 1254 година, кога градот преминал под никејска власт т.е. под возобновената Византиска империја.

 
Средновековен Прилеп, седиште на државата на Крали Марко

Се смета дека Прилеп потпаднал под српска власт после српско-византиската војна во 1296-1297 година, што може да се заклучи по тоа што кралот Стефан Милутин го помагал манастирот Трескавец.[8] Кога Прилеп повторно потпаднал под византиска власт не е точно познато. Според Стојан Новаковиќ, тоа се случило во 1298 кога Стефан Милутин се помирил со Византијците и се оженил со византиската принцеза Симонида.[8] Во 1334 година Прилеп заедно со цела Македонија стануваат дел од Српското Кралство, на чело со Стефан Душан. Значајни извори во тој поглед претставуваат трите Душанови повелби - грамоти дадени на манастирот Трескавец. Од нив се дознава дека Прилеп во тоа време бил големо и важно градско средиште и дека цар Душан тука имал свој дворец.

Во 1371 година Прилеп станал престолнина на средновековниот македонски феудален владетел, Волкашин, кој го создал Прилепското Кралство, со седиште во Прилеп. По неговата смрт во Маричката битка (1371), го наследил неговиот син, Крале Марко, (во народните преданија и приказни, познат по своите натприродни сили и моќи), кој и по доаѓањето на Турците сè до неговата смрт во 1395 година владеел со Прилеп и поширокиот регион на западна и југозападна Македонија.

Османлиски период

 
Улица во Прилеп кон крајот на XIX и почетокот на XX век

По погубувањето на Крали Марко во битката кај Ровине, Романија во 1395 година, Турците го презеле градот. Оттогаш се удомиле и со свои закони и укази управувале не само со населението од Прилеп и Прилепско, туку и со цела Македонија. Ваквиот однос на турската власт кон месното население од Прилепско (кон кое ни малку не била наклонета), може да се види и од еден документ издаден во декември 1565 година. Во овој документ се забележува пристрасноста на прилепскиот суд околу решавањето на спорот помеѓу селаните и некојси војвода од хасовите на везирот Мустафа-паша. Ваквиот став на судот предизвикал и бунт кај населението, со што ќе се случи и првиот поголем бунт на македонскиот народ против турската власт, кога незадоволните Мариовци, ќе направат голем протест, проследен со нереди пред судот во Прилеп.

Со доаѓањето на Турците, Прилеп од високоразвиен трговски град, се преориентира кон селското производство особено на тутун. Во првата половина на 16 век, Прилел имал 321 куќа, од кои 300 им припаѓале на христијаните, а останатите биле муслимански. Според описите на градот од страна на турскиот патописец Евлија Челебија, кој го посетил Прилеп во 1670 година, населбата била составена од девет маала со илјада куќи изградени со тврд материјал, додека градската чаршија била составена од 200 дуќани.[9]

 
Жени од Прилеп во почетокот на XX век

Во XVIII и XIX век во градот се одржувал голем панаѓур, кој бил еден од најголемите во Румелија и траел 25 дена.[10] На панаѓурот доаѓале трговци од целиот Балкански Полуостров, а најмногу се тргувало: жито, тутун, килими, стока и др. Во XIX век градот имал 2.800 куќи, 1.100 дуќани, 26 анови, 10 џамии и 5 медреси. Во истиот период, во Прилеп учителствувал големиот македонски преродбеник и собирач на народно творештво Димитар Миладинов, заедно со својот помошник Рајко Жинзифов и токму во овој период во контакт со Миладинов, Марко Цепенков (роден прилепчанец) ќе ја прифати идејата на преродбеникот за собирање на македонското народно творештво. Други преродбеници кои учителствувале во Прилеп се: Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Јосиф Ковачев и др. Во овој период градот бил поделен на христијански и турски дел. Постоеле 17 христијански маала и 10 турски.[11] Реформите во војската и администрацијата што почнале да ги спроведуваат турските султани од почетокот на XIX век наишле на отпор, особено кај феудалците во Албанија и Босна. Во 1830 година пашата Мустафа Решид Бушатлија од Скадар навлегол во Македонија со цел да ја освои Битола. Меѓутоа, во неколку битки кај Прилеп и планината Бабуна, во април и мај 1831 година бил поразен и се повлекол во Скадар. Во средината на XIX век во Прилеп доаѓа до брз развој на занаетчиството и трговијата. Во овој период во Прилеп биле развиени: казанџискиот, ковачкиот, абаџискиот и ќурчискиот занает, а нешто подоцна почнал да се развива и терзискиот занает. Во овој период Прилеп има три пазарни дена: понеделник, четврток и сабота. Во централниот дел на градот се наоѓала црквата „Св. Благовештение“ или „Стара црква“, како што ја нарекувало населението. Подигната е во 1383 година, најверојатно со помош на еснафите, богатите трговци и граѓани на Прилеп. Нејзини мајстори-градители, ѕидари биле Коста Лауцо и Ристе Тасламиче. Името Коста Лауцо е поврзано и со изградбата на градскиот часовник, саат-кулата во 1858 година.[12]

Според структурата на ВМОРО, Прилеп за време на илинденскиот период бил дел од Прилепската околија на Битолскиот револуционерен округ. Илинденското востание ќе има силен одглас во Прилепско, а со борбите раководеле познатите прилепски војводи Петар Ацев и Крсто Гермов-Шаќир војвода. На Илинден востаниците во Прилепско ги исекле телеграфските кабли меѓу Прилеп и Велес како и меѓу Прилеп и Битола, а биле разрушени и некои дрвени мостови по патиштата кон Градско, Кичево, Крушево и Велес.

Голем број прилепчани активно се вклучиле во Младотурската револуција. Во септември 1910 година властите уапсиле над 70 граѓани за време на акцијата за разоружување на младотурците.

Балканските и светските војни

Панорама на Прилеп за време на Првата светска војна

За време на Првата (1912-1913) и Втората балканска војна (1913) во Прилеп и неговата околина се воделе жестоки борби. Таква е Битката кај Прилеп помеѓу војските на Кралството Србија и Отоманското Царство, во која отоманската војска била поразена. Крајот на војните се означил со Букурешкиот договор, со кој Македонија била поделена, а Прилеп крајно разурнат и разорен, како дел од Вардарска Македонија ќе влезе во рамките на Кралството Србија.

 
Панорамски поглед на Прилеп во 1930 година

Ширењето на идеите на октомвриската револуција во Русија, довело да се формира Социјалистичка работничка партија (комунисти) во Белград во 1919 година чијашто прва месна организација во Прилеп била формирана истата година, од приврзаници на социјалистичките идеи.

 
Поранешниот бугарски полициски „участок“, со чиј напад од страна на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ на 11 октомври 1941 година започнала Народноослободителната борба против фашистичкиот окупатор.

Во април 1941 г. Прилеп потпаднал под фашистичка окупација. На 8 април таа година во градот влегла германската фашистичка војска, а на 26 април влегла и бугарската војска.[13] Уште од првите денови на окупацијата се појавил отпор, за конечно на 11.10.1941 година со нападот на бугарската полициска станица од страна на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ да започне антифашистичкото народно востание против окупаторската власт.[14][15]. Во текот на војната, населението од градот и околните села активно се вклучило во борбите. Во борбите се вклучиле и Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ) и Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ). Градот бил ослободен на 9 септември 1944, а конечното ослободување е на 3 ноември истата година. Последните битки за ослободување на градот се водени кај местото Песјо Бртце.[16] Во текот на НОВ од Прилеп и прилепско од 8000 учесници, активни борци со оружје в рака биле 2700. Од нив 650 се загинати, 15 прогласени за народни херои (10 загинати во НОВ) и 154 носители на „Партизанска споменица 1941“.[13] Поради големиот број на борци и жртви кои Прилеп ги дал во Втората светска војна, градот по војната го добил епитетот „град херој“. По војната градот почнал да се развива и напредува во сите сфери.

Географија

 
Карпата Слонот на Маркови Кули

Градот Прилеп се наоѓа во североисточниот дел на најголемата македонска котлина, Пелагонија, односно во Прилепското Поле, како најголема населба и негов центар. Опкружен е со планините Бабуна и Дрен Планина. Од градовите со кои одржува најдобра сообраќајна комуникација, оддалечен е 33 км од Крушево, 43 км од Битола, 37 км од Македонски Брод, 38 км од Демир Хисар, 64 км од Кичево, 48 км од Кавадарци, 79 км од Велес и 128 км од Скопје.

Клима

Градот Прилеп и околината се наоѓаат на надморска висина од 550-700 метри, а Прилепското Поле го ограничуваат високи планини (1500м) коишто условуваат умерено-континентална клима. Средната годишна минимална температура според мерниот пункт во Прилеп изнесува 6,1°С додека пак апсолутната максимална температура изнесува до 39,4°С. Овие температури се повисоки од апсолутните максимални температури во Струга, Ресен, Охрид и Битола. Малото количество на врнежи во текот на годината (500-600 мм) е услов за појава на послаби извори на вода.[17] Прилеп и околината во текот на годината имаат најчести ветрови од североисточен правец. Североисточниот ветар дува со максимална брзина 22,5 m/s. Југоисточниот ветар дува со просечна брзина од 3,8 m/s.[18] Градот има повеќе од 250 сончеви денови во годината.[19]

Клима на {{{Место}}}
Показател Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек
Просечна максимална (°C) 4,4 7 11,3 16 21,4 26,2 28,4 28,5 24,4 18 10,8 5,7
Просечна температура (°C) 0 2,2 6 10,5 15,5 19,7 21,8 21,5 17,4 11,8 6 1,6
Просечна минимална (°C) −3,7 −1,7 1,3 5,2 9,6 12,9 14,8 14,6 11,2 6,8 2 −1,7
Врнежливи денови (≥ 2,0 мм) 4,4 3,2 4,7 6,2 6,5 5,9 3,2 3,3 4,7 6,7 5,6 7,4
Извор: УХМР[20]; weatherreports.com[21]

Сообраќај

 
Железничката станица во Прилеп

Прилеп со патишта е поврзан со останатите делови од Македонија. Поважни патни правци се Прилеп-Битола, Прилеп-Охрид (преку Битола и Ресен), Прилеп - Кичево и патниот правец Прилеп-Велес-Скопје.

Прилеп е поврзан и со железница со Битола на југ и Велес и Скопје на север, а од железничката станица во Прилеп во 2010 година отпатувале 149.000 патници.[22]

Во градот функционира и јавен автобуски градски превоз. До околните населени места има организирано редовен автобуски или железнички сообраќај.

Население

Во турскиот пописен дефтер од 1467/68 година, Прилеп бил центар на Прилепскиот Вилает и имал вкупно 438 семејства, од кои 300 христијански семејства, 21 муслиманско семејство, 89 неженети христијани и 28 вдовици христијани. Во градот постоеле маала: Хаџи Убејд, Прилепскиот Кетхуда, Калчар, Хроло, Чипо Манко, Франкопол, Штенар, Арменко, Филип, Грнчар, Дропар, Рајко Согло, Поп-Мелахио, Касапите, Хавлан, Кирклино, Дранина, Ценгеран, Хајатан, Мелко и Пустин Дозан.[23]

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија. Етнографија и статистика) од 1900 година, во Прилеп живееле 24.520 жители, од кои 16.900 Македонци, 6.200 Турци, 480 Власи и 960 Роми.[24]

За време на Балканските војни, бројот на населението опаѓа, па така во 1914 година изнесува 22.237 жители.

Потоа започнува процес на миграција на турското население и Првата светска војна, а поради тоа населението во градот повторно се намалува и во 1921 година изнесува 18.508 жители.

По овие периоди започнува постојан природен прираст на населението. Тоа се јавува најмногу поради доселувањето на извесен број колонисти од Југославија. Во периодот од 1948 до 1971 бројот на жителите во градот се зголемил повеќе од двапати. Тоа се должи на миграцијата село-град, како и на големиот природен прираст. Денес природниот прираст е во стагнација.

Прилеп е четврт по големина град во Македонија, а според последниот попис од 2002 година, кога Али Чаир, Багеска Ограда, Бончејца, Вишне, Ѓогдере, Ѓоре Спиркоски - Леништанец, Жабино Маало, Карабдалица, Козле, Марино, Ново Корзо, Поткасарни, Поткупи, Рид, Сарика, Старо Корзо, Сточен Пазар, Табана, Типски, Точила, Тризла, Центар, Чачорица и Шарена Чешма се споени, во градот се регистрирани 66.246 жители.[25]

Со новата територијална поделба поранешното село Варош преку пат на конурбација е споено со градот Прилеп и денес претставува негова приградска населба. Заедно со сите жители во населба Варош, во градот Прилеп вкупно живеат 69.704 жители. (64.756 или 92,9 % Македонци.)

Етнички групи

Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 66.246 жители (61.320 или 92,56 % Македонци) и спаѓал во групата на големи градови.[26] Заедно со приградската населба Варош (3.458 ж.), која во статистиките се води како одделно населено место, градот Прилеп имало 69.704 жители. Според последниот попис во 2021 година, Прилеп брои 63.308 жители, вклучувајќи ја и приградската населба Варош, која преку пат на конурбација е споена со градот.

Етнички гледано, населението според пописот од 2002 година е составено од:[25]

Етнички групи[25]
Македонци
  
92,56 %
Роми
  
6,60 %
други
  
0,34 %
Срби
  
0,23 %
Турци
  
0,19 %
Албанци
  
0,03 %
Бошњаци
  
0,03 %
Власи
  
0,02 %
Народ Вкупно Удел (%)
Македонци 61.320 92,56
Албанци 21 0,03
Турци 123 0,19
Роми 4.372 6,60
Власи 16 0,02
Срби 151 0,23
Бошњаци 17 0,03
други 226 0,34
Јазик

Во градот се зборуваат следниве јазици[25]:

Јазици[25]
македонски
  
97,62 %
ромски
  
1,62 %
други
  
0,28 %
српски
  
0,25 %
турски
  
0,18 %
албански
  
0,03 %
влашки
  
0,02 %
бошњачки
  
0,01 %
Јазик Вкупно Удел (%)
македонски 64.669 97,62
албански 19 0,03
турски 117 0,18
ромски 1.072 1,62
влашки 10 0,02
српски 163 0,25
бошњачки 8 0,01
други 188 0,28
Вероисповед

Во Прилеп се застапени следните религиски групи[25]:

Религија[25]
Православие
  
91,56 %
Ислам
  
6,55 %
други
  
1,79 %
Католицизам
  
0,10 %
Протестантство
  
0,01 %
Вероисповед Вкупно Удел (%)
Православни 60.655 91,56
Муслимани 4.338 6,55
Католици 63 0,10
Протестанти 6 0,01
други 1.186 1,79

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Прилеп:

Население во минатото
ГодинаНас.±%
192118.508—    
193122.821+23.3%
194824.816+8.7%
195329.776+20.0%
196137.459+25.8%
197148.202+28.7%
ГодинаНас.±%
198160.464+25.4%
199166.817+10.5%
199464.897−2.9%
200266.246+2.1%
202163.308−4.4%
Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. Лица без под. Вкупно
1948[27] 23.268 9 1.207 1.799 14 284 208 26.789
1953 24.772 28 2.408 1.903 9 317 339 29.776
1961 33.608 38 884 377 2.552 37.459
1971 43.924 28 2.464 201 471 1.114 48.202
1981 55.342 31 566 2.463 8 391 1.663 60.464
1991 61.245 29 254 4.384 7 305 593 66.817
1994 60.786 24 172 3.566 7 172 170 64.897
2002 61.320 21 123 4.372 16 151 17 226 66.246
2021 54.028 106 82 3.966 30 107 14 283 4.692 63.308

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Населби и маала во Прилеп

 
Прилепско Езеро
  • Али Чаир
  • Багеска Ограда
  • Бончејца
  • Варош
  • Вишне
  • Ѓогдере
  • Ѓоре Спиркоски - Леништанец
  • Жабино Маало
  • Карабдалица
  • Козле
  • Марино
  • Ново Корзо
  • Поткасарни
  • Поткупи
  • Рид
  • Сарика
  • Старо Корзо
     
    Плоштадот во Прилеп
  • Сточен Пазар
  • Табана
  • Типски
  • Точила
  • Тризла
  • Центар
  • Чачорица
  • Шарена Чешма

Стопанство

Прилеп е центар на производство на висококвалитетен тутун и цигари, металопреработувачка, електронска, дрвна, текстилна, прехранбена и мермерна индустрија (рудникот „Сивец“).

 
Нива со тутун во близина на Прилеп

Тутунот е еден од прилепските традиционални култури што успева во македонската клима. Многу од големите светски производители на цигари го користат прилепскиот тутун откако ќе се обработи во нивните локални фабрики. Кога во Прилеп бил основан Институтот за тутун за создавање на нови видови тутун, тоа било прв пример за примена на генетиката во земјоделството на Балканот. Повеќето жители на Прилеп опстојуваат со производство на тутун, кој потоа се откупува од Тутунски комбинат АД Прилеп во Прилеп. Во 2017 година во Прилепско Поле (општините: Прилеп, Долнени и Кривогаштани) биле произведени 9867 тони тутун,[28] што претставува 43% од вкупното количество тутун произведено во Македонија.

Покрај тутунопроизводството во Прилеп, од големите индустриски претпријатија работат и Прилепска пиварница, мермерниот комбинат, индустријата за висока технологија „Микросам“ која е позната во светот по големиот број произведени роботи и разни технолошки изуми, повеќе фабрики за мебел, градежни материјали и воена опрема.

Во градот функционираат и јавните претпријатија: ЈКП Комуналец, ЈКП Водовод и канализација, ЈКП Пазари и ЈП за просторни и урбанистички планови.

 
Панорама на Прилеп
Претпријатие Дејност Вработени
Тутунски комбинат Прилеп тутунска 1200
Мермерен комбинат рударство 585
Витаминка прехранбена 560
Еурокомпозит Архивирано на 23 април 2014 г. Наменска 383
Комфи Ангел Архивирано на 11 јануари 2012 г. Текстилна 300
Металец Архивирано на 30 мај 2013 г. Метална 253
Прилепска пиварница Архивирано на 21 јули 2013 г. Производство на пијалаци 250
11 октомври Архивирано на 9 јануари 2012 г. Печатарска 170
Жито Прилеп Архивирано на 4 октомври 2018 г. Прехранбена 150
Микросам Композитни материјали 80

Образование

 
Фотографија од 1893 година, од битолскиот фотограф Анастас Лозанчев. Претставува група ученици од Француското училиште во Прилеп
 
Могила на непобедените
 
Куќата на Бектешовци изградена во 1923 г. и прогласена за споменик на културата.

Образованието во Прилеп се одвива во повеќе училишта. Основни училишта се: ОУ „Блаже Конески“, ОУ „Гоце Делчев“, ОУ „Добре Јованоски“, ОУ „Кире Гаврилоски Јане“, ОУ „Климент Охридски“, ОУ „Кочо Рацин“ и ОУ „Рампо Левката“. Во составот на основните училишта функционираат и повеќе подрачни училишта во градот и околните села.

Средните училишта се: Гимназијата „Мирче Ацев“, а од стручните: СОЕПТУ „Кузман Јосифовски Питу“, СОУ „Ѓорче Петров“, СОУ „Ристе Ристески - Ричко“ и СУ „Орде Чопела“, на кои постојат голем број на стручни насоки.

Од високото образование постои Економскиот факултет, како и дисперзирани студии за информатика и компјутерска техника и земјоделство,[29] производство и преработка на тутун,[30] рударство, геологија и инженерство на природни ресурси. Исто така, во Прилеп функционираат и постдипломски студии при Институтот за композитни материјали и роботика.[31]

Култура

  • Институт за старословенска култура - ИСК генерално се занимава со етногенезета на старите Словени, преку истражувањата на археолозите, историчарите на уметност, етнолозите, лингвистичарите и други помошни историски науки. Формиран е како Центар за истражување на старословенската култура при Музејот на град Прилеп, а во 1980 година се осамостојува како институција од научен карактер. Негов основач е тогашниот директор на Музејот на град Прилеп - проф. д-р. Бошко Бабиќ, а подоцна и негов директор од 1980 година.
  • Центар за современа ликовна уметност (ЦСЛУ) - Уметничка колонија, којашто секоја година (во летниот период во месеците јули и свгуст) се одржува во центарот на градот Прилеп, за време на Прилепското културно лето. Основана е во 1957 година, од страна на историчарот на уметност и археолог - проф. д-р. Бошко Бабиќ (директор на ЦСЛУ до 1981 година, а потоа и нејзин доживотен почесен претседател), по негова иницијатива и исто така по иницијатива на неговиот пријател и долгогодишен соработник на ЦСЛУ - академскиот сликар Ристо Лозановски. Уметничката колонија е една од најстарите во Југоисточна Европа, а е најстара на Балканот. Секоја година, се одржуваат, редовни четири работилници: „Интернационалната сликарска колонија (започната 1957 г.), „Интернационален вајарски симпозиум „Мермер" (1963 г.), „Интернационално студио за пластика во дрво (1971) и Интернационално ателје за скулптура во метал (1984). Периодично се одржуваат и други работилници, како: „Уметничка Фотографија, Керамика, Витраж, Мозаик, Графика, а од 2005 година и „Студиото за пластика во пластика, основано по инцијатива на директорот на ЦСЛУ Диме Јанески (на функција од 1981 година до денес) и академскиот вајар Предраг Јаневски.
  • Македонски театарски Фестивал „Војдан Чернодрински" - кој се одржува во чест на првиот модерен македонски автор на драми, Војдан Чернодрински, кој е роден во село Селци, Струшко во 1875 г. Основан е во 1965 година, од страна на познати македонски глумци, кои ја дале целата нивна поддршка, како што се: Нада Гешоска, Димче Гешоски, режисерот Мирко Стефаноски и други. Овој театарски Фестивал е најголемиот и најзначајниот за македонската театарска дејност, како и пошироко на Балканот, чии признанија се од голема важност во животот на глумците. Се одржува секоја година, во првата недела од јуни.
  • Манастирот во Зрзе и манастирот „Св. Архангел Михаил“, кои имаат фрески од XII и XIV век, се значајни знаменитости на културата во Прилеп.
  • Исто така е важен манастирот „Трескавец“, кој се наоѓа на падините под врвот Златоврв каде се снимени дел од сцените на филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.

Уметност и архитектура

 
Црквата „Св. Благовештение“
 
Црквата „Св. Кирил и Методиј“

Постојат неколку антички знаменитости во Прилеп, вклучувајќи една кај Маркови Кули, црквата „Св. Никола“ од XIII век, црквата „Св. Успение Богородично“ („Трескавец“), црквата „Св. Преображение“ и „Могилата на непобедените“, споменик во чест на жртвите од фашизмот кој се наоѓа во централниот парк на Прилеп. Познато е дека постои голема римска некропола каде се најдени голем број на ѕидини. Римски урнатини се наоѓаат и блиску до Варошкиот Манастир, изграден на стрмните падини на ридот, каде подоцна е населена средновековна заедница. Голем број на раноримски гробници, некои со скулптурни релјефи на починатите или од „тракискиот јавач“ и други споменици од официјална природа, се наоѓаат во двориштето на црквата под јужната падина на Варош. Некои од најголемите споменици биле изградени во ѕидовите на црквата.

Најважниот антички споменик е стариот град Стибера ситуиран на ридот Бедем близу Чепигово, во централниот дел на Пелагонија.

Манастирот Трескавец, е изграден во XII век во планините на 10км северно од Прилеп, под Златоврв, на работ на мала висорамнина на околу 1100 метри надморска висина. Други инскрипции во Трескавец вклучуваат неколку римски творби од I век посветени на Аполон. Старата тврдина била користена од Римјаните, а подоцна Византијците. Во средновековието, Крале Марко ја обновил цитаделата, правејќи ја важна воена тврдина. Дури и Цар Самуил дошол таму по поразот на Беласица во 1014 година.

Од Прилеп потекнуваат ликовните уметници: Ѓорѓи Ачески, Јордан Грабулоски, Рубенс Корубин, Боро Митриќески, Борко Лазески, Ангеле Иваноски, Ристо Калчевски.

Цркви
Археолошки наоѓалишта

Редовни настани

  • Пиво фест“ - фестивал на пивото со голема посетеност и разни домашни и странски естрадни гости.
  • Интернационални сликарски и вајарски работилници во организација на ЦСЛУ-Прилеп, основано уште од далечната 1957 година.

Личности од Прилеп и околината

(1926 - 2003), Тодорка Кондова-Зафировска, македонска театарска, филмска и телевизиска глумица и режисер;
Поврзано целосна Список на личности од Прилеп, Категорија:Родени во Прилепско, Категорија:Починати во Прилепско

Збратимени градови

Градот Прилеп е збратимен со градовите[38]:

Прилеп како мотив во уметноста

Галерија

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Нешкоска, Емилија (2018). „Кон етимологијата на името на градот Прилеп“. Balcanoslavica. 47 (2): 157–160.
  2. К. Цепенков, Марко (1989). Македонски народни приказни. Македонска книга. стр. 106. ISBN 8636900425.
  3. 3,0 3,1 „Прилеп во средниот век“. Завод и Музеј - Прилеп. Архивирано од изворникот на 2016-03-13. Посетено на 2015-03-21.
  4. 4,0 4,1 Иван Микулчиќ, „Средновековни градови и тврдини во Македонија“, Скопје, 1996, стр. 249-250.
  5. Skylitzes, John; Wortley, John (2010). John Skylitzes: A Synopsis of Byzantine History, 811–1057: Translation and Notes (англиски). Cambridge University Press. стр. 331. ISBN 9781139489157.
  6. A. Kazhdan, ‘Prilapos’, The Oxford Dictionary of Byzantium vol. III, 1718
  7. Аџиевски, Коста (1982). „Македонија во првите години по формирањето на Латинското царство (1204–1207)“. Годишен зборник на Филозофскиот факултет. 34: 25–38.
  8. 8,0 8,1 Дедијер, Јевто (1913). Нова Србија: (са 40 слика у тексту и картом нове Србије) (српски). Штамп. "Доситије Обрадовић". стр. 206.
  9. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр.62
  10. „Кратка историја на Прилеп“. НУ Завод и музеј - Прилеп. Архивирано од изворникот на 2020-06-16. Посетено на 2012-05-31.
  11. Хаџи Васиљевиќ, Јован (1902). Прилеп и његова околина (српски). Чупићеве задужбине Л., Београд. стр. 32, 33.
  12. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр.63-64
  13. 13,0 13,1 „Прилеп низ историјата“. www.prilepinfo.mk.[мртва врска]
  14. „Антифашистичката војна во Македонија“. А1 телевизија.
  15. „Историја на АРМ“. Министерство за одбрана на РМ. Архивирано од изворникот на 2011-09-02. Посетено на 2010-02-18.
  16. „Останаа спомените за Песјо Бртце“. Вечер.[мртва врска]
  17. „Клима туризам“. Општина Прилеп. Архивирано од изворникот на 2012-08-10. Посетено на 2012-07-15.
  18. „Клима земјоделство“. Општина Прилеп. Архивирано од изворникот на 2012-08-05. Посетено на 2012-07-15.
  19. „Во Прилеп ќе се гради прва сончева централа“. Утрински Весник.[мртва врска]
  20. „Просечни вредности за климата во Прилеп“. УХМР. Архивирано од изворникот на 2009-12-30. Посетено на 6 ноември 2010.
  21. „Просеци за времето за Прилеп“ (англиски). weatherreports.com. Посетено на 6 ноември 2010.
  22. Транспорт и други услуги, 2010 (PDF). Државен завод за статистика на Република Македонија. 2011. стр. 17. ISBN 9786082270463.
  23. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.42
  24. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр.244.
  25. 25,0 25,1 25,2 25,3 25,4 25,5 25,6 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 14 јули 2016.
  26. Стојмилов, Александар; Апостоловска - Тошевска, Билјана (2016). Социоекономска географија на Република Македонија (PDF) (II доп.. изд.). Скопје: Природно-математички факултет. стр. 91. ISBN 9989-668-50-7.
  27. http://pop-stat.mashke.org/yugoslavia-ethnic1948.htm
  28. Полјоделство, овоштарство и лозарство, 2017 (PDF). Државен завод за статистика на Република Македонија. 2018. ISBN 9786082272948.
  29. „Додипломски студии“. УКЛО. Архивирано од изворникот на 2010-08-05. Посетено на 2010-04-13.
  30. „Производство и преработка на тутун (Дисперзирана настава во Прилеп)“. Факултет за земјоделски науки и храна, Скопје.
  31. „Постдипломски студии“ (англиски). Институт за композитни материјали и роботика - Прилеп.
  32. „ЦРКВА „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ" – ПАРАКЛИС“. Архивирано од изворникот на 2014-03-08. Посетено на 2012-04-25.
  33. „Донирани средства за изградба на црквата Св. Петка во Прилеп“. Курир. 20 јануари 2012. Архивирано од изворникот на 2012-03-14. Посетено на 2012-04-25.
  34. 34,0 34,1 34,2 „Осветени темели на уште на една црква во Прилеп“. Дневник. 24 април 2012. Посетено на 2012-04-25.[мртва врска]
  35. Сонуваниот храм се издигна кај Кула. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2014-10-27.
  36. Двајца браќа од прилепско секој ден 11 години граделе црква, денеска беше осветена
  37. „Градоначалникот Ристески ги закрои лозите во месноста Склештен мост“. Општина Прилеп. 10 февруари 2016. Архивирано од изворникот на 2017-06-09. Посетено на 2017-02-26.
  38. http://www.prilep.gov.mk/index.php?option=com_content&task=view&id=261
  39. Прилеп се збратими со украински Чернигов
  40. Блаже Конески, Црн овен. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 16.

Надворешни врски