Кирил Алексов Гаврилоски - Јане (Прилеп, 22 февруари 1918 - Прилеп, 9 мај 1944) — македонски комунист, учесник во НОВ и народен херој. За народен херој на Југославија бил прогласен на 11 октомври 1951.[1]

Кирил Гаврилоски - Јане
Роден на 22 февруари 1918
Роден во Прилеп, Кралство СХС
Починал на 9 мај 1944
Починал во Окупирана Македонија
Професија трговски помошник

Член на КПЈ од 1941

Биста на Кире Гаврилоски, Парк на Револуцијата во Прилеп

Животопис

уреди

Рани години

уреди

Гаврилоски е роден во Прилеп на 22 февруари 1918 година како трето дете во семејтвото на Сава и Алекса Гаврилоски, кои, покрај Кире, ги имаа и постарите деца, Весела и Борка, и подоцна родените, Љубица, Ружа и Загорка. По завршувањето на четвртата година во Гимназијата во Прилеп, станал трговски помошник и во тој период се вклучил во работничкото движење во Прилеп. Произведувал јаболка во овоштарникот што го наследил од татко му, а ги продавал дури и во Загреб. Тој празните сандаци кога ги враќал за Прилеп, редовно ги полнел со брошури и книги со револуционерна содржина. Таму се поврзал со прогресивна младина, претежно македонски студенти. Учествувал во повеќе демонстрации и штрајкови во Прилеп. Во март 1939 година заминал да служи воен рок од 2 години во Скопје, кој поради почетокот на Втората светска војна не го дослужил.

Вклучување во НОБ

уреди

По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија, Гаврилоски како член на КПЈ од таа година активно работел во подготовките на НОВ. На 13 јули 1941 година бил меѓу првите прилепчани кои биле уапсени од страна на бугарската окупациона полиција. Таму бил притворен две недели. Кога на 11 октомври 1941 година започнало вооруженото востание против окупаторот, во Прилеп следниот ден имало апсења од страна на полицијата. Гаврилоски бил уапсен и брутално мачен. Еден месец по излегувањето од затвор, поради атентатот на Коце Ќурчија, Гаврилоски повторно бил уапсен, но овој пат одлежал во Битола.

По пуштањето од затвор, од Месниот комитет добил препорака да дејствува на село. Тогаш го добил прекарот Јане и дејствувал во Поречието. Одвреме навреме одел во Прилеп да реферира, да добива директиви и да испраќа извештаи. Откако во поречките села била воспоставена добра организација, Гаврилоски бил испратен во селата југозападно од Прилеп, во пелагониските села до крушевско и битолско. Одржувал врски со одредот „Димитар Влахов“ и учествувал во борби околу селата Дреновци, Горно Село и Дабница. Од 16 септември 1942 година преминува комплетно во илегала и дејствува во партизанските одреди.

Есента 1943 година бил избран и за член на Вториот областен комитет на КПМ во Битола. За време на првото ослободување на Кичево, во септември 1943 година, станал секретар на Срескиот комитет во Кичево.

Смрт

уреди
 
Споменик на местото на загинување на Кире Гаврилоски и Круме Волнароски

Ноќта на 8 кон 9 мај 1944 година во Прилеп остварил средба со Круме Волнароски и со други делегати од иницијативниот одбор на АСНОМ, со цел избор на претставници од Прилеп и околината за собранието. По вечерниот состанок, утрото делегатите започнале да заминуваат кон своите дотогашни локации, а Гаврилоски и Волнароски останале во куќата каде што бил состанокот.[2] На заминување, еден од овие делегати (Генади Лешко) е запрен од Вера Ѕвездова, која почнала да се распрашува за престојот на Лешко во градот. Иако Лешко негирал било каква поврзаност, Ѕвездова упорно му тврдела дека тој таму прави нешто. Потоа му кажала „да останете уште малку“ и му дала сигнал на едно дете, кое веднаш се стрчало во сокакот. Така Генади Лешко решава да оди кон дуќанот на една од партизанските врски. Таму ја известува врската за настанот со Ѕвездова и предупредува дека можеби ќе дојде до провала, со цел борците да бидат итно предупредени! Ова предупредување стигнува до нив кон 13 часот и Волнароски и Гаврилоски одлучуваат да се префрлат уште денски во друг стан.[3] Префрлањето никогаш не го реализирале.

 
Куќа во Прилеп, во која беа убиени и запалени Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски, од страна на бугарскиот фашистички окупатор

Куќа во Прилеп, во која беа убиени и запалени Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски, од страна на бугарскиот фашистички окупатор

Околу 15 часот бугарската полиција го опколува маалото каде се наоѓа куќата каде се криеле партизаните. Во куќата е и Цветанка Наскова која пробала да ги скрие и да им помогне. Групата со помош на Наскова се обидела да изведе трик дека избегале, но овој не поминал успешно кај полицајците кои знаеле дека тие се на таванот. Престрелката на почетокот била слаба со цел борците да бидат фатени живи од полицијата, а тие добиле и понуди дека ќе им бидат дадени слободен премин во Бугарија и награда од милион левови ако се предадат и кажат сè што знаат. Гаврилоски и Волнароски решиле да се борат до крај. Куќата била запалена но борците продолжиле храбро да стрелаат од неа и покрај пламенот. Паралелно тие пееле и извикувале разни антифашистички пароли, во кои особено се истакнал Волнароски. Тој, откако сфатил дека во пожарот ќе се сруши кровот, истрчал низ вратата сакајќи да го пробие обрачот, но бил покосен пред самиот праг на куќата. Гаврилоски најверојатно се самоубил пред да биде проголтан од огнените јазици во пламената куќа.[3] Последниот куршум го чувал за себе.[4]

Ѕвездова била блиска до СКОЈ и партизанското движење, но била рано омажена и веќе разведена на 22 годишна возраст. Според архивите, еден бугарски агент и станува љубовник на Ѕвездова, која сама признала дека преку едно дете пратила порака за локацијата на партизаните. Вера потоа отишла кај љубовникот на сестра си и му го признала предавството со цел да им даде насока да побегнат. За да се заташка нејзината улога во провалата, таа била затворена сè до месец јуни, но народот сепак бил сомничав за нејзините активности. Така е однесена во Битола, каде повторно имала афери со бугарски воени лица. При крајот на војната таа пробува да пребега за Бугарија преку Прилеп, но е фатена и заробена од партизаните при ослободувањето на градот во септември 1944 година. Ислушана е од страна на истражен судија и е разгледуван нејзиниот случај. На 13.02.1945 година од страна на Воениот суд во Битолската воена област е осудена на смрт. Вишиот воен суд - Совет при ГШ на НОВМ ја потврдува оваа пресуда. Пресудата е извршена пролетта 1945 година.[3]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973.
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 329 стр.
  3. 3,0 3,1 3,2 Димески, Димитар (1983). ПОДВИГОТ НА КИРЕ ГАВРИЛОВСКИ-ЈАНЕ И KPУME ВОЛНАРОСКИ-КОЛЕ, 1944 ГОДИНА (PDF). Скопје: Годишен зборник на Филозофскиот факултет - Скопје. стр. 33–63. line feed character во |title= во положба 42 (help)
  4. Милан Ристески, „Народен херој Кире Гавриловски - Јане“,1968.

Надворешни врски

уреди