Григориј Акиндин

македонски теолог

Григориј Акиндин — македонски филозоф, теолог и писател роден на почетокот на XIV век во Прилеп. Родното име не му е познато, а Григориј е неговото монашко име. Акиндин пак е прекарот му, што значи „непогрешлив“. Осуден е како еретик посмртно на Цариградскиот собор во 1351 година.

Григориј Акиндин
Роден околу 1300
Прилеп
Починал 1349
Занимање филозоф, теолог, писател

Биографиjа

уреди

Прво се школувал во Битола. Високо образование стекнал во Солун кај најистакнатите византиски филозофи, реторичари и книжевници. Својата филозофска и богословска надградба ја стекнал кај тогашните авторитети Тома Магистер, Григориј Палама, Бернард Варлаам и други, кои биле главните протагонисти на актуелните идејни тенденции за тоа време - схоластичниот рационализам и митскиот експресионизам (чии протагонисти биле исихастите). Граматичкото искуство пак го стекнал во Бероја. Во почетокот се обидувал да ги сообрази искуствата од исихастите и рационалистите, подеднакво слушајќи ги предавањата на исихастот Григориј Палама и на рационалистот Бернард Варлаам. Од првиот се запознал со суштината на платонизмот, елинските митови и теософската мистика, а од вториот му станала поблиска схоластиката на Дунс Скот, Вилијам Окамски и Рамон Љуљ. Првичното негово колебање било надвладано со определбата да се поддржува рационалистичкото учење на Варлаам. По поразот на Варлаам на Соборот од 10 јуни 1341 година Акиндин бил директно вклучен во спорот против исихастите, поттикнат од византискиот патријарх Јован XII Калека, да пишува против догматските и фолозофски ставови на Палама. Сериозноста на полемиката го мотивирала Палама да напише посебен памфлет од 621 стих против Акиндин, каде што го нарекува „овчар“, што за тоа време било грдо навредување на Словените од страна на Византијците.

Исихастичко-рационалистичкиот спор предводен од Григориј Палама и од Григориј Акиндин добил широка богословско-филозофска, но и општествена димензија - провоцирајќи и политичка конфронтација внатре во Византија. На страна на исихастите се определил Јован Кантакузин, а на страната на рационалистите застанале царицата Ана Савојска и патријархот Калека. Тогаш учењето на Акиндин стекнало поширока поддршка и добило официјален статус. На Соборот во 1345 година, повторно било потврдено за поисправно рационалистичкото учење на Акиндин. Но, поттикнати од моќта на Кантакузин, општествено-политичките состојби се свртеле. Тоа било причина царицата Ана да застане на страна на исихастие, па на новиот свикан Собор во 1347 година учењето на Акиндин да биде прогласено за штетно за православната богословска догматика. Веќе на следниот Собор во 1351 година Акиндин се поистоветил како истомисленик со Бернард Варлаам и бил анатемисан. Сепак, конечниот идеолошки пораз на следбениците на рационализмот на Варлаам и Акиндин се заклучил на Соборот во 1368 година, на кој протагонистот на исихазмот Григориј Палама (солунски митрополит) бил канонизиран за светител. Меѓу осудените и прогонети следбеници на учењето на Акиндин се среќаваат монах Теодорит, Пиропул, Фодул, Прохор Кидон, а меѓу нив секако имало и македонски богослови, книжевници и обични монаси.

Филозофија

уреди

Григориј Акиндин бил исклучителен теолог, филозоф и книжевник во чиишто јавни настапи и книжевни дела се претставувал како длабок мислител и полемичар со рационално чувство. Поставувајќи се на страната на рационалистичките идеи, тој не ги поддржувал формите на веќе откриените филозофски и културолошки погледи во западната цивилизација - како што бил обвинет од неговите противници, исихастичките мистичати. Напротив, тој правел обид да ги дефинира новите хуманистички и ренесансни пројави и истите да ги акомодира во православно-догматска теорија и суштина. Општествено-политичката криза во центарот на Византиското Царство била причина полигонот за судирот меѓу идеите и развојните тенденции да се дислоцира на македонски терен. Во Света Гора и во Солун престојувале најистакнатите претставници на обете идеи од она време. Во педизвиканите идејни конфронтаии се вклучувале и словенските монаси од светогорските манастири. Голем интерес пројавувале и словенските ученици во Солун, кои ги следеле предавањата на идејни протагонисти од двете спротивни идејни страни. И токму македонскиот „Словен“ од Прилеп Григориј Акиндин се издигнал и до рангот носител на идејна страна во веќе споменатата конфронтација.

Книжевна дејност

уреди

Речиси сите дела на Акиндин се однесувале на спорот меѓу исихастите и рационалистите. Неговите дела, поради своите идеи биле масовно забранувани и уништувани како еретички творечки пројави. Затоа и не е целосно согледан корпусот на неговите филозофски и книжевни дела.

Главно негово дело е „Шесте приговори против ереста на Палама“. Евидентирани се уште неколку состави, од кои попознати се: пет „Книги против Варлаам“, две „Паламини испоеди на верата“, многубројни писма, „509 јампски стихови за заблудите на Палама“, „Говор испратен до патријархот Јован Калека во почетокот на спорот“ и други. Нему му се припишува и авторството на делото „За суштината и енергијата“, чијшто број книги е меѓу 6 и 8.

Во 1616 година се издале само првите две книги од страна на Јакоб Грецер, а истото издание го препечатил опатот Ж.П. Мињ во 1865 година. Своевиден епиграфски прилог кон овој текст дал и Ј.Филоски, кој во 1972 година пронашол примерок од ова дело во венецијанската библиотека Марциана што содржело шест книги.

Извори

уреди
  • В. Стојчевска-Антиќ, „Акиндин во јужнословенската ракописна традиција“, Прилози, IV, 1, МАНУ, 1979, 35–59;
  • В. Георгиева, „Византиска филозофија“, Скопје, 2001.
  • Илија Велев, Византиско-македонски книжевни врски, Скопје, 2005.

Надворешни врски

уреди