Мирче Ацев
Мирче Ацев (Ореовец, 20 октомври 1915[1] – Скопје 4 јануари 1943) — македонски комунист, антифашист, учесник во НОВ. Бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година,[2] како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов - Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски - Карпош и Кузман Јосифовски - Питу).
Мирче Ацев | |
---|---|
Роден(а) | 20 октомври 1915 Ореовец (Прилепско) |
Починал(а) | 4 јануари 1943 Скопје, Окупирана Македонија, Царство Бугарија |
Занимање | студент по право, народен херој 29 јули 1945 |
Организација | НОБ, КПЈ (1939) |
Мирче Ацев е израснат во револуционерно семејство и неговите предци во неколку генерации дале борци за националното ослободување на македонскиот народ.[3] Името го добил по стрико му Мирче Ацев, војвода од времето на османлиското владеење во Македонија. Неговата сестра Вера Ацева исто така учествувала во НОВ и била прогласена за народен херој.[4]
Животопис
уредиПо завршувањето на основното четирикласно училиште во Ореовец, заминал да учи гимназија во Прилеп. Принуден бил да го прекине школувањето во Прилеп поради тогашната политика на режимот на Петар Живковиќ за затворање на полните гимназии, каде што ги имало, освен во Скопје, Битола и Штип. Мирче заминал во Битола и во учебната 1933/1934 година се запишал во петти клас во Битолската гимназија. Матурата ја завршил во летото 1937 година.
Потоа се запишал на Правниот факултет во Белград. Уште во почетокот на студиите се вклучил во Организацијата на напредните студенти. Преку оваа организација, раководена од КПЈ, напредните студенти ги зеле во свои раце разните стручни здруженија, одбори и студентската менза. Полицијата двапати го апсела заради неговото учество во демонстрациите. Се спријателел со Кузман Јосифовски - Питу, а од тие денови датира и неговото другарување со Страшо Пинџур.
Активност
уредиТој бил активен и во друштвото на македонските студенти, „Вардар“. Член на Комунистичката партија на Југославија станал во 1938 година. Задолжен бил и за организација и раководење на студентската колонија во Охрид. Во летото 1939 година во градот ја формирал првата партиска организација и првиот местен комитет на КПЈ. Раководител на колонијата во Охрид бил и во наредната 1940 година. Во почетокот на 1940 година бил испратен на илегална работа во Скопје и до 6 април 1941 престојувал таму. Овде ја организирал партиската техника на Покраинскиот комитет и заедно со Страшо Пинџур го подготвувал печатењето на партискиот орган, весникот „Искра“. На 2 август 1940 година на митинг организиран во Охрид, тој одржал говор со што успеал митингот да го претвори во демонстрации против експлоатацијата на народот, воедно објавувајќи и јавен повик за организиран борба за слобода. Истиот ден бил уапсен, додека студентската колонија протерана од Охрид.[3]
Уште во самиот почеток на бугарската окупација се вклучил во народноослободителното движење. Неколку дена по нападот на фашистичка Германија, тој и Страшо заминале за Кавадарци, а потоа Мирче преминал во Прилеп. По кратко време повторно се вратил на работа во Покраинскиот комитет во Скопје. Како партиски инструктор на Покраинскиот комитет ги обиколил партиските организации во повеќе градови на Македонија. Од крајот на 1941 година до пролетта 1942, престојувал во Битола. Иако во длабока илегалност, работел со организациите во Ресен и Охрид. Во средби со напредни дејци и во писма, Мирче ја критикувал неактивноста на Покраинскиот комитет, што имало влијание врз промената на неговиот состав во пролетта 1942 година. Во јуни истата година тој станал привремен секретар на Покраинскиот комитет. Заедно со Кузман Јосифовски - Питу се залагал за примена на курсот за вооружена борба и пристапил кон формирањето на неколку нови партизански одреди во Македонија.
Во писмото испратено од него до Љупчо Арсов, кој тогаш бил интерниран во Бугарија, пишувано на 30 ноември 1942 година, опишувајќи му ја тешката положба на населението, бидејќи покрај физичкиот терор, вршен е и психолошки терор од групите кои слугувале на бугарските сили, предводени од Димитар Чкатров, Димитар Ѓузелов и Ванчо Михајловистичката компанија, нагласува дека населението јасно ја увидело сликата кој е окупатор, а кое е ослободително движење. Најинтересен е фактот што ракописното писмо зачувано од Мирче Ацев е пишувано со ракописна македонска азбука, каква ја користиме и ден денес. Со, ова писмо се побиваат и големобугарските манипулации за непостоење на македонска азбука и писмо, пред 1945. Писмото се чува во архивот на ИНИ, арх. бр.176.[5]
Апсењето, мачењето и смртта
уредиЗаедно со Страшо Пинџур во септември 1942 година излегол на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско. Сосема случајно бил уапсен на 19 декември 1942 во Велес, заедно со Страшо Пинџур. Од Велес бил пренесен во злогласниот Скопски полициски затвор. Директни сведоштва за мачењето и убиството на Мирче Ацев, дава началникот на бугарската државна безбедност Љубомир Јорданов.
"Тој одби да даде какви и да било податоци за својата дејност, па поради тоа го тепавме за да изнудиме од него признание. На неколку наврати беше жестоко тепан по табаните. Нозете му беа ужасно отечени... Се чудев како може да поднесува толкаво тепање без збор да каже. Тој беше затвореник кој беше најмногу мачен, а се покажа најцврст. Едвај одеше и ми рече дека повеќе ништо не чувствува во нозете, бидејќи му беа претепани. За сето време додека беше тепан не викаше, не испушташе ниту еден збор. Околу 6 часот приквечер јас, Христо Стоилов и Васил Цанков седевме во кабинетот на Цанков. Токму во тоа време дојде агентот Крум Панков и му се обрати на Цанков со следниве зборови:
"Господине началник, Мирче Ацев е во многу тешка положба, умира." Тогаш Цанков рече: "Добро, појди таму".
Бидејќи Крум Панков излезе, Цанков ми рече: "Кажи му на Симеонов (директор на Обласната полиција) дека сам се убил. Тоа и го сторивме".[1]
Писмо од неговите соборци
уредиОткако се расчуло за маченичката смрт на Мирче Ацев и Страшо Пинџур, нивните соброци издале леток по повод нивното убиство, во кој детално и јасно ги изразуваат нивните стремежи борба за слобода. Ги опишуваат и нивните херојски семејства, како семејства кои се бореле за слобода на Македонија и зачувување на идеалите и патот поставен на Илинденците.[5] Мал дел од писмото го опишува теророт и грозоморната слика на нивните тела:
На колку хиљади чесни Македонци им се дигна косата кога го видоа Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо от коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и бракја мачени и утепани, но до ceгa вакви дзверски и нечовечно мачене немајат видено. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крджалии како што мачат Хитлеровите и бугарски фашисти. Додека Пинджурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, оти поучени от Мирчевиот случај, виде како за резилок стануват во очите на народот.[5]
По долго физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, по петдневно ѕверско мачење,[3][6] обајцата биле убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година (а, потоа биле фрлени низ прозорец, за да се исценира самоубиство).
Неговото безживотно тело било украдено од скопската болница и префрлено во домот на Ацеви во Прилеп за да се погреба на 13 јануари 1943 година. Едно сведоштво дава неговата тетка, кај која завршило неговото тело (бидејќи и неговите родители биле интернирани од полицијата):
Полицајците му забодувале шајки под ноктите на прстите, тие му останале полупресечени. Ноктите од прстите на рацете воопшто му ги немаше. Распарчен е на делови, со откинати меса, искршени коски и косата му била кубана, па останала една сламка. Вилицата и главата му се искршени. Неговите нозе беа соголени до коски од кожата која е вадена во мачењето. Прстите на нозете му беа искасапени. Сиот беше здробен.[7]
Бугарската полиција во Прилеп добила строга наредба телото на Ацев да биде запленето „по секоја цена“ при влезот во Прилеп и да не се закопа. Но, тоа е тајно внесено во градот. Погребот започнува во тајно дефинирано време, а поворката тргнува без проблем. Партизаните успеваат да ја излажат полицијата која води целодневна хајка за наоѓање на телото. Кога веќе погребната колона е на гробиштата, полицијата дознава и тргнува да го заплени телото. По пат се среќава со поворката и полицајците дознаваат дека закопот е веќе извршен, но сепак одат на гробиштата да се уверат во ова самите. Бугарската полиција го чува гробот за никој да не смее да му се приближи во следните денови, а бугарските власити размислуваат и телото да биде откопано, но потоа се откажуваат од ваквите намери.[8]
Во чест на Мирче Ацев, првиот баталјон на Народноослободителната војска на Македонија, формиран на 18 јули 1943 година, го доби неговото име. Во негова чест и во чест на Пинџур се испеани песните „Ајде ќе те прашам, бре Донке“.[9] и „Вардаре горд, подзапри“.
Во негова чест, неколку училишта го носат неговото име: едно основно училиште во Скопје и основното училиште во селото Лажани, Општина Долнени, а порано и основното училиште во селото Лисичани, Општина Пласница. Културно-уметничкото друштво за народни песни, игри и ора од Скопје исто така го носи неговото име.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Беа, загинаа, останаа - спомен книга на загинатите борци во НОВ и жртвите на фашизмот - Скопје. стр. 9
- ↑ „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 49
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 52–53. ISBN 9989-624-46-1. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ Народни хероји Југославије. Младост, Београд 1975.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 Леток од Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија по повод убиството на Мирче Ацев и Страшо Пинџур во Извори за ослободителната војна и револуција во Македонија 1941-1945, Том I Книга втора. Скопје: Институт за национална историја. Декември, 1968. стр. 17–20, 68–70. На
|first=
му недостасува|last=
(help); Проверете ги датумските вредности во:|year=
(help) - ↑ „Македонско сонце: „Мирче Ацев, народен херој - 60 години од смртта - Пред олтарот на слободата"“. Архивирано од изворникот на 2008-12-01. Посетено на 2006-02-21.
- ↑ Народни херои од Македонија. Скопје: Наша Книга. 1973. стр. 55.
- ↑ Народни херои од Македонија. Скопје: Наша книга. 1973. стр. 49.
- ↑ Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 134.
Надворешни врски
уреди- Koce Solunski, “Mirče Acev: životni put i revolucionarno delo”, Gornji Milanovac, 1979. (српски) [Коце Солунски, „Мирче Ацев: живот - дело - време“, „Нова Македонија“, Скопје, 1968.]
- Биографија на Мирче Ацев[мртва врска] (англиски)
- „Ајде ќе те прашам Донке“ (Песна за Мирче Ацев и Страшо Пинџур)