Борка Јованов Велески – Горанов ( 1912 во Прилеп14 септември 1942 на Мукос, Прилепско) — македонски комунист, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОБ. Бил прогласен за народен херој на 20 декември 1951 година.[1][2]

Борка Велески
Роден 1912
Прилеп
Починал 14 септември 1942
Мукос

Помеѓу двете светски војни уреди

Велески е роден во сиромашно семејство. Бил одличен ученик во основното училиште. Многу млад чита забранета политичка литература, поради тоа е исклучен од 7-ми клас на Прилепската гимназија. Се запишува на Воената школа во Нови Сад, но и неа не ја завршува па се враќа во Прилеп, каде се вработува во Монополот за тутун. Истовремено работи на одгледување тутун и е еден од организаторите на Здружението на производителите на тутун во Прилеп.

Во април 1938 година Велески е еден од предводниците на штрајкот на сезонските работници во монополот.[3] Штрајкувале повеќе од 1.500 штрајкувачи, барајќи подобрување на материјалната положба. Штрајкот имал делумен успех, но по месец дена на Велески му е затворена вратата за ново вработување. Обвинет е дека во говорите пред штрајкувачите внесувал „политичка содржина“. Затоа е уапсен, но наскоро и пуштен.

Последните две години пред Втората светска војна стекнува голем углед помеѓу граѓаните на Прилеп. Станува секретар на Здружението на произведувачи на тутун, преку кое произведувачите се борат за подобри откупни цени на тутунот. Велески бил повереник за откуп.

НОВ уреди

 
Биста на Борка Велески - Левата во Могилата на непобедените

Пред Априлската војна, често е повикуван на воена вежба. Од 1940 година веќе е член на Комунистичката партија на Југославија.[4] Командата во која служел го открива и намерава да го предаде на Воениот суд.

По окупацијата, стапил во првата партизанска чета на Селечка Планина на 12 септември 1941 година. Бидејќи бил пешадиски командант, тој е војнички најподготвен партизан во четата. Обучува млади борци кои на 11 октомври го нападнаа Прилеп.

Во текот на 1941 па до септември 1942 година Велески учествува во многу акции на партизаните. Како командант на прилепскиот одред „Димитар Влахов“, во мај 1942 станува познат како Горанов.

Во непријателската офанзива од 14 септември 1942 година, првата чета на одредот „Димитар Влахов“, со која бил и Горанов, е опколена на планината Мукос. Јуначки се борат, пробивајќи се од обрачот. Во таа борба многу партизани гинат.[5] Започнала жестока борба во која дошло до израз познавањето на воената тактика и ладнокрвноста на Борка, под чија команда бил пробиен обрачот и овозможено повлекување на повеќе партизани. Бранејќи ја отстапницата додека партизаните се пробиваат, Горанов најпрво бил ранет. Иако исцрпен тој сам се нафрлил на фашистите, им грабнал еден пушкомитралез и така ја продолжил борбата сè до часот додека последната негова сила, поради изливот на крвта, не се исцрпила и животот не му згаснал.[2] Убиен е заедно со шест свои соборци од страна на бугарската војска и полиција во месноста Сечење, на планината Мукос.[5] По нивната смрт, телата на загинатите се однесени во Прилеп и јавно покажувани за полицијата да предизвика страв кај населението. Но телото на Горанов е скриено во Командантството.

Наводи уреди

  1. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 81
  2. 2,0 2,1 Б. Најдоски, м-р Јован (1984). Институт за тутун - Прилеп - 60 годишен јубилеј. Прилеп: Институт за тутун - Прилеп. стр. 15.
  3. Димитар Димески, „Штрајкот на тутунските работници во Прилепскиот монопол во 1938 година“, Годишен зборник на Филозофскиот факултет, 41-42 (1988-89), 5–29 стр.
  4. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 256 стр.
  5. 5,0 5,1 д-р Стојан Киселиновски и др. (2000). Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. стр. 99. ISBN 9989-624-46-1. Недостасува |author1= (help)