Ѓорче Петров
Ѓорче Петров, целосно име Георги Петров Николов (2 април 1865, с. Варош, Прилепско - 28 јуни 1921, Софија, Бугарија)[1] — македонски професор, публицист, историчар, идеолог на Македонската револуционерна организација.
Ѓорче Петров | ||
Роден | 2 април 1865 Варош, Прилепско, Македонија | |
---|---|---|
Починал | 28 јуни 1921 Софија, Царство Бугарија |
Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип (1886-1887). Како учител во Скопје (1888–1891) соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Бил професор во Битола (1891–1895) и во Егзархиската гимназија во Солун (1895–1897).
Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Член на Централен комитет на МРО. Учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО. Ја објавил книгата Материјали по изучувањето на Македонија (Софија, 1896).
Бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија (1897–1901). Учествувал во уредувањето на револуционерниот хектографиран весник На оружје. Во Илинденското востание предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа, учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес. На Рилскиот конгрес бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија.
Го уредувал списанието Културно единство (Солун, 1908–1909). Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Сер, Битола и Драма. Член на Привременото претставништво на бившата ВМРО, противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција. Убиен по наредба на Тодор Александров.
Животопис
уредиТој е роден во ситно трговско семејство. Се школувал во Прилеп, Битола и Солун. Во солунската гимназија останал до 1885 година кога поради учество во ученичкиот бунт бил исклучен со група од 12 македонски ученици меѓу кои и еден друг иден револуционер, Пере Тошев.
Престојувал во Источна Румелија каде собирал финансиски средства за набавка на оружје за идните востанички акции во Македонија. Во 1885 година завршува 6-ти клас во обласната гимназија во Пловдив. Поради слабото здравје се вратил во татковината како егзархиски учител во Штип, 1885 година.
Во 1888 година заминал во Солун како коректор во основаната печатница на Коне Самарџиев. Во 1889 година станал учител во скопската бугарска гимназија сè до 1890 каде се запознал со владиката Теодосиј, заговорник за обновување на охридската архиепископија. Потоа заминал во Бугарија, време кое се покажува решавачко за создавање на ВМРО. Тој учествувал во испраќањето на ќирџијата Доне со пратки бомби од Штип до Битола.
Во март 1895 година во Солун бил кооптиран за член на ЦК на ВМРО каде на Солунскиот конгрес 1896 година заедно со Гоце Делчев добиле задача да го изготват уставот на организацијата. Подоцна со налог на организацијата занимал како задграничен претставник во Софија каде имал средби со Ризов и Лапчев кои го уверувале дека населението во Македонија не била подготвено само да се бори, да крева востание и дека им била потребна помош од врховниот комитет и од бугарските власти. Единствено тој и Гоце Делчев се спротивставиле за кревање на Илинденското востание поради неговата неподготвеност и избрзаност.
Своите погледи ги образложувал во својот весник „Бунтовник“ каде во средиштето на неговата идеологија лежеле паролата „Македонија на Македонците“. Иако не го поддржувал, тој сепак учествувал во Илинденското востание и тоа со чета во борбите кај прилепско-мариовскиот крај. На Рилскиот конгрес бил избран повторно како задграничен претставник на ВМРО во Софија. Во 1896 година кога во Македонија пристигнале претставници од македонскиот врховен комитет на чело со Луков и Сарафов тој рекол: „Ги пречекавме како Господ, за да потоа заклучиме дека не заслужуваат никакви почести. Станува збор за сосема друга спротивна политика кои ја воделе отцепените претставници, наречени врховисти.“
Смрт
уредиЗаради своите чисто македонски позиции станал најнапаѓаниот член на ВМРО од страна на врховистите. Конечно, како цел на братоубиствената политика во Бугарија на 28 јуни 1921 година бил извршен атентат од платениците на Тодор Александров среде градот Софија.
Мисли
уредиЗа природните убавини со кои е надарена Македонија:
... Благословена земја е Македонија со своите полиња и езера, особено со првите! Заградени со гори и планини, богато напојувани со реки и потоци од окружувачките им водести планини, тие полиња претставуваат места каде што се излеал сиот Божји благослов на земјата. Покриени со бујна, шарена растителност, тие се цветници многу пријатни за гледање, грижливо обработени од густото и трудољубиво население тие се вистински градини! Јас сум уверен, дека и швајцарските полиња би позавиделе на некои од нејзините полиња за плодноста, красотата и нивната свежина[2].
—Ѓорче Петров, „Материјали по изучувањето на Македонија“, 1896
За српските и бугарските тврдења во однос на народноста на Македонците:
... Денешните историски докажувања и расправии водат кон тоа дека тука владеела Србија, дека српскиот дух е силен и други такви со кои се служат „браќата“ за да докажат дека сме Срби и обратно, тврдењата на „Новини“ врз основа на некои факти од „Бугарската историја“ и врз мислењата на разни историчари и патописци, дури врз историските спомени на населението за српските владетели на кои спомени многу се силат „браќата“ или големото влијание на мизиските и тракиските Бугари врз Македонците и нивното заемно учество во разни движења, нивната нова заедничка историја, најпосле „славата“ на Милоевиќ и „курбанот“ на г.Шопов, сето тоа се бессодржински докажувања и аргументи кои можат да даваат материјал на секојдневните весници и списанија наменети за масата, но за науката не вредат ни луле тутун[3].
—Ѓорче Петров, „Материјали по изучувањето на Македонија“, 1896
Галерија
уреди-
Ѓорче Петров со сопругата Јорданка
-
Четата на Ѓорче Петров
-
Ѓорче Петров, Арсениј Јовков и Георги Поп Христов
-
Споменикот на Ѓорче Петров во истоимената населба во Скопје
-
„Мислителот Ѓорче Петров“ научно излагање на акад.Димитар Митрев со воведен говор на Блаже Конески на свечениот собир во чест на Ѓорче Петров одржан во МАНУ во 1971 (на 15 страници)
Наводи
уреди- ↑ Нови откритија за Ѓорче Петров Архивирано на 7 април 2011 г. Нова Македонија. Д.Ј.; 04-04-2011
"Денес, како точен датум на раѓањето и смртта на Ѓорче Петров се земаат 2 април 1865 година и 28 јуни 1921 година“, заклучува д-р Трајановски." - ↑ Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 146. ISBN 978-608-245-113-8.
- ↑ Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). София: Печатница Вълков. стр. 711–712.
Надворешни врски
уреди„Ѓорче Петров“ на Ризницата ? |