Варошки манастир
Варошкиот манастир се наоѓа во подножјето на Маркови кули во населбата Варош во непосредна близина на Прилеп. Манастирот се состои од црквата „Св. Архангел Михаил“ и двата манастирски конаци. Денот на манастирот е празникот Балаклија или Источен Петок.[1] Манастирот е посветен на светиот Архистратиг Михаил (Св. Архангел Михаил) — Началник и Војвода на сите небесни чинови. Во 1998 година, во манастирот е обновен монешкиот живот и денес, за него се грижи петчленото сестринство. Манастирот е масовно посетен од верниците, бидејќи во него се чуваат дел од моштите на Св. Козма и Дамјан, како и моштите на Св. Стилијан.[2] „Св. Архангел Михаил“ се вбројува меѓу најубавите и најзначајните културни споменици и религиозни центри во Македонија поради што е ставен под заштита на државата како Споменик на културата.
Поглед на манастирот | |
Информации | |
---|---|
Манастир на: | МПЦ - ОА |
Основан | 10 век |
Посветен на | Свети Архангел Михаил |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Цркви | „Св. Архангел Михаил“ |
Личности | |
Основач (и) | владетелот Јован (XIII век) |
Важни личности | Волкашин, Крале Марко |
Место | |
Место | село Варош, Прилеп, Македонија |
Координати | 41°21′25″N 21°11′57″E / 41.35694° СГШ; 21.19917° ИГД |
Видливи остатоци | 1 црква, 2 конака |
Отворен за јавноста | да |
Црквата
уреди„Свети Архангел Михаил“ е главната и единствена манастриска црква во Варошкиот Манастир. Легендата за потеклото на манастирот започнува во X век, кога некој непознат ученик на св. Климент Охридски се населил во некоја од карпите каде што водел осаменички живот. Денес, неговото име не е познато, но во прилог на легендата зборува фактот што местото каде што се наоѓа манастирот се вика кај Светецот. Црквата е изградена на старо култно место за што сведочат античките мермерни столбови кои се употребени во нејзината изградба. На едниот од нив е исклесан стар натпис со кирилично писмо од 996 година кој е втор најстар кириличен натпис пронајден во Македонија.
Меѓу XI век и XIII век, црквата била повеќепати градена и разурнувана. Од тој период, постои трага само од северниот ѕид на црквата каде сè уште постојат делови од фрески од XII век. Исто така, од тоа време останале и фреските во подземјето на црквата кои образуваат тунел. Кон крајот на XIII век, големиот хартулариј Јован повторно ја изградил црквата и ја посветил на св. Архангел Михаил. Имајќи предвид дека од претходната црква останал само мал дел, може да се заклучи дека црквата во целост е ктиторско дело на владетелот Јован. За тоа сведочи и фреската на западната страна на црквата на која Јован е претставен како ктитор кој во рацете го држи моделот на црквата. Притоа, тој е насликан како великосхиник, а натписот кажува дека тој се замонашил во манастирот. Подоцна, прилепските владетели Волкашин и Крале Марко ја обновиле црквата за што сведочат двете фрески на влезот на кои се претставени двајцата владетели.[3]
Денешниот изглед на црквата, со исклучок на западниот дел, ги носи сите одлики од последната преправка која е извршена во 1861 година. АСпоред архитектонското решение, црквата претставува еднокорабна градба. На источната страна се наоѓа полукружна апсида, а на западната е отворен трем над кој се издига камбенаријата. На јужната фасада од западниот дел на црквата, зачуван е само еден од оригиналните прозорци кој се наоѓа во горниот дел. Останатите прозори на јужната страна и северната фасада на источниот дел од црквата се изградени 1861 година, при последната поправка. Црквата Св. Архангел Михаил во научниот свет била предмет на проучување. Проблем претставувало нејзиното првобитно подигнување и подоцнежните доградби. Имено, едни тврдат дека западниот дел е првобитен, а други источниот. Најновите истражувања одеа во прилог на тезата дека источниот дел е првобитен, а подоцна кон западната страна на таа црква бил подигнат, односно дограден, дел со купола. Во 1861 година дошло до израмнување на западниот дел од надворешната страна, подигање на камбанаријата и поставување мермерна плоча во која се зборува за обновата на црквата.
Живопис
уредиВо црквата се забележуваат траги од богат фрескоживопис при што предност им е дадена на монашките ликови. Така, најдени се остатоци од фрески со прилично добро зачувани ликови на архијереи кои и припаѓаат веројатно на првобитната црква, или пак се остатоци од некогашната капела подигната и живописана во 12 век, како и остатоци од ѕид со зачувани фрески на владетелски портрети. Првата зона на светителите ги прикажуваат пустиножителите кои требало да бидат пример за монасите кои во тоа време го населувале манастирот. Ктиторската фреска, која го претставува св. Никола како ги води ктиторите кон престолот на Исус Христос, претставува претставителен пример на византискиот фрескоживопис. Исто така, на двете страни од влезот на црквата се прикажани фрески на кралот Волкашин и неговиот син Крале Марко.[4]
Од зачуваните икони во црквата, најпознати се: „Христос пред Пилат“, „Патот на Голгота“ и „Симнување од крстот“.[5]
Конаците
уредиКонаците се изградени од двете страни на манастирот во XIX век, од страна на прилепскиот еснаф и претставуваат убав пример на староградска архитектура. Во дворот од манастирот се наоѓа извор со лековита вода, посветен на Св. Богородица.[6]
Галерија
уреди-
Манастирската црква, јужна страна
-
Фрески во црквата, XIV век
-
Фреска на Волкашин, XIV век
-
Фреска на Крал Марко, XIV век
Наводи
уреди- ↑ „Во манастирот Свети Архангел Михаил во Прилеп одбележан празникот Источен Петок“. МИА.[мртва врска]
- ↑ Манастир Варош - The Varosh Monastery, Манастир Варош, мај 2010, стр. 18.
- ↑ Манастир Варош - The Varosh Monastery, Манастир Варош, мај 2010, стр. 8-16.
- ↑ Манастир Варош - The Varosh Monastery, Манастир Варош, мај 2010, стр. 14-16.
- ↑ „Историјат на „Св. Архангел Михаил"“. Центар за дигитализација на културното наследство. Архивирано од изворникот на 2016-03-07. Посетено на 2010-03-26.
- ↑ Македонско Сонце. „Божјиот храм сè уште „дише" под пазувите на Варош“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2008-09-06. Посетено на 2010-03-22.
Надворешни врски
уреди„Варошки манастир“ на Ризницата ? |