Маркови Кули (Прилеп)
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
- За други тврдини со истото име, видете Маркови Кули
Маркови Кули е наоѓалиште во централниот дел на Македонија, во непосредна близина на градот Прилеп. На 10 април 2006 година, наоѓалиштетоо е прогласено за Споменик на природата[1]. Составен е од бројни денудациони форми коишто претставуваат извонредна скулптура на релјефот. Оваа феноменална појава на богатство на облици, се должи, пред се, на геолошкиот состав на теренот u(кој е изграден од метаморфни карпи-гнајсеви кои се пробиени од помладите гранити-гранодиорити), климата, релјефот и растителната покривка. Според современите геохронолошки испитувања, гранитите интрудирале пред околу 300 милиони години во постарите гнајсеви, чија старост е проценета на околу 700 милиони години. Просторот на Маркови Кули, во целина, го сочинуваат поголем број импозантни грамади поврзани во две паралелни низи со правец на протегање север-северозапад, југ-југоисток, чија надморска висина постепено се зголемува од југ кон север. Двете низи грамади во северниот дел се сврзани со највисоките врвови: Златоврв (1422 м) и Липа (1392 м). Низ целиот овој масив се истакнуваат најразновидни форми во вид на врвови и остенци, столбови и запци, печурки, плочи, топки, пештерски и котлести длабнатини. Природните структури на карпите, потекнуваат од времето на консолидација на магмата која ладејќи се, лачела свероидни и паралелопипедни блокови. Низ четиридецениските археолошки истражувања, откриени се остатоци коишто укажуваат на постоење на раноантичка населба - Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни украси од една ранохристијанска базилика. Обѕидието на овој терен потекнува од XIII до XIV век и се наоѓа во добра состојба. Ѕидовите се со широчина од околу еден метар, изградени од послаб варовен малтер и се потпираат на големите варовни карпи. Акрополата била поделена на помали простории со внатрешни преградни ѕидови. Тука се наоѓал и дворецот на кралот Волкашин и Марко. Сложената основа на влезниот портал говори за повеќе доградувања и реконструкции на просторот. Според некои историски наоди, оваа тврдина, до втората половина на XIII век, па и подоцна, ја бранеле само 40 војници. Населбата била сместена јужно од акрополата, расположена на околу 3,6 хектари. На нејзиниот северен ѕид стои двојна порта, како и голема стражарска куќа, поставена помеѓу влезовите. На јужниот ѕид стојат добро сочувани три кули. Најдолниот појас на обѕидието се состои од низа куси ѕидови влечени во искрќена линија. Во западниот дел се наоѓаат гробови всечени во карпа. Во XIV век, овој дел служел како привремено прибежиште на околните жители од турската наезда. По смртта на кралот Марко, во 1395 година, оваа населба била заземена од турската стража, поради што животот во неа згаснал во целост. Жителите на некогашната населба свое засолниште побарале во блиската околија. Така, во подножјето на Маркови Кули, се развила населба со разретчена структура, поделена во неколку маала во кои секое имало своја црква. Оваа нова населба од XIV век го добила името Варош, име под кое и ден денес таа постои.
Местоположба и граници
уреди- Исток
источната граница на наоѓалиштето Маркови Кули започнува од месноста Г. Чаир. Оттука границата се протега во североисточен правец по источните падини на грамадата Кукул (980 м), покрај асфалтниот пат којшто води спрема Прилепското Езеро. Кај езерото границата го менува правецот и се искачува по источните падини на грамадата Главица (1.033 м), потоа води по југозападните падини на месноста Ридон и по источните делови на грамадата Единак(1.303 м) и избива кај месноста Самарница. Оттука границата се спушта по источните падини на грамадата Сурун (1.077 M) и завршува на патот што ги поврзува селата Дупјачани и Небрегово.
- Запад
западната граница започнува кај селото Забрчани и се протега на југ, па на југозапад спрема селото Мало Мраморани, при што води по западните падини на возвишението Негреа (988 м). Оттука границата се протега на југоисток и води по јужните падини на ридот Негреа, потоа по југозападните падини на возвишението Заградски Стени (976 м), по западните падини на Зеленик (983 м) и Маркови Кули (945 м) и завршува на јужните падини на грамадата Маркови Кули над месноста Варош.
- Север
северната граница започнува од патот што ги поврзува селата Дупјачани и Небрегово, околу 500 метра источно од с. Небрегово. Оттука таа води на запад по патот за с. Дупјачани и на околу еден километар пред селото свртува на југ и води спрема месноста Орлов Камен. Оттука границата свртува малку на север, потоа остро свртува кон југоисток и се протега по југозападните падини на грамадата Сурун сè до Горно Село. Оттука границата го менува правецот и води на запад по северните падини на грамадата Златоврв (1.422 м) сè до месноста Вирила. Оттука границата се протега на северозапад и води по источните падини на ридот Негреа за да заврши кај селото Забрчани.
- Југ
јужната граница започнува кај месноста Варош и се протега на североисток по источните падини на грамадите Маркови Кули и Заленик заобиколувајќи ја рамнината Средно Поле, за да продолжи да води по западните падини на грамадата Кукул и завршува кај месноста Г. Чаир, на јужните падини на грамадата Кукул.
Археолошки наоѓалишта
уредиСпоменичниот археолошки комплекс Маркови Кули претставува утврден град со акропола во која се откриени повеќе градби од станбен и стопански карактер, а во западното и југозападното негово подножје се развила неутврдената средновековна населба Варош. Во повеќе кампањи истражувано е на повеќе пунктови во градот, подградијата, некрополите и сакралните објекти, при што е констатиран континуиран живот од × до крајот на XIV век.Името на средновековниот град Прилеп било пренесено на населбата што подоцна, во турско време, била изградена на оддалеченост од неколку километри од местото каде првобитно лежел градот. Денес, остатоци од некогашниот средновековен град се наоѓаат на наоѓалиштето Маркови Кули и во приградската населба Варош, која всушност води потекло од прилепскиот подград. Средновековниот град бил изграден на едно возвишение што доминира над пределот и што кај населбата Варош се спушта стрмно во полето. Тоа возвишение е составено од многу испокршени и измазнети камени грамади со чудесни облици и бои. Таму каде што природата не ги затворила пристапните места, човекот доградил високи ѕидови и масивни кули и на тој начин направил тешко освоива тврдина. На највисоката точка бил издигнат најутврдениот дел од средновековен Прилеп, горниот град. Под тоа орловско седело, на градските тераси и на други површини биле изградени куќи, цркви, како и други објекти. Најстарите траги од животот на луѓето на просторот на средновековниот Прилеп им припаѓаат на неолитскиот и бронзениот период. На истиот овој простор се пронајдени остатоци од населба од железниот период. Натамошното населување на овие простори може да се следи низ целиот подоцнежен архајски и антички период.Лутањата на варварските словенски племиња завршиле со населување на племето Брсјаци во плодната рамница Пелагонија. Од VII до IX век Македонија била поприште на војувања меѓу Византија и Бугарското Царство за господарење на таа територија, со променливи резултати и со периодични пресврти во корист на еден од соперниците. Тешко е да се тврди дали во тие времиња тврдината Прилеп функционирала. За тоа недостасуваат конкретни материјали од тоа време. Тука всушност, доаѓаме до необично важната проблематика поврзана со почетоците на средновековната тврдина.Од овој период се двата монолитни камени столбови од тремот на црквата во манастирот “Св. Архангел Михаил” во Варош. На едниот од нив е врежан вториот по старост словенски запис со кирилски букви од 996 година, а се однесува на епископот Андреја. Тој е сосема краток и стереотипен по содржина, но сепак е мошне значаен затоа што сведочи за писмената активност на овие територии уште во најстариот период на словенската писменост.Пред тоа, во 1385 година за време на султанот Мурат I (1362-1389) Прилеп потпаѓа под турска власт. Со смртта на Крали Марко завршува средновековната историја на Прилеп. Пред тоа, во 1385 година за време на султанот Мурат I (1362-1389) Прилеп потпаѓа под турска власт. Со смртта на Крали Марко завршува средновековната историја на Прилеп.
Културни програми
уредиИсто така Марковите кули се и голема инспирациа многу режисери кои барале соодветна локациа за своите дела. Па така на Маркови кули се снимани и следнве филмови: -“Пред дождот” - режиран од Милчо Манчевски. -“Збогум на 20 век” - режиран од Дарко Митревски и Александар Поповски. -“Прашина” - режиран од Милчо Манчевски и многу други филмови.
Слонот
уредиИсто така на наоѓалиштето на Марковите Кули се наоѓа и Слонот ( што на некои им личел и на штрк) кој е составен од две природно споени карпи. Слонот е висок 8 метри и од него Прилеп се гледа како на дланка. Постојат и повеќе верувања дека Слонот се користел и во религиозни обреди на предците, а показатели за тоа се окилните гробови и видливите остатоци од фрескоживописот кој е сериозно оштетен. Марковите кули и населбата Варош со 77 цркви, заедно со природните раритети, се недоволно покажани природни дарови и артефакти со погодност зо туристичко одредиште.
Maнифестации кои се одржуваат
уредиНа Марковите Кули исто така се одржуваат и повеќе манифестации меѓу кои се :
- Блодеринг маратонот на кој учествуваат многу учесници од Франција, Хрватска, Словенија, Полска, Бугарија и др.
- Поетско Маркукуле кое секоја година зазема сè поголем замав и повејке учесници, на кој освен македонски учесници има и од Словенија.
- Krali Marko Ultra Trail е нова трка во Македонија која од 2012 година влегува во светскиот тренд на таков вид на трки кај нас. Се одвива низ падините и планините околу градот Прилеп со должина од околу 60 километри.
Крал Марко
уредиКрале Марко (околу 1335 - 17 мај 1395) бил последниот крал што владеел во големиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на турските султани и станал најпознат јунак на епското народно творештво не само на Македонците, туку и пошироко. Кралството на Марко е со средиште во Македонија со Прилеп како главен град и затоа се смета за македонски крал. Крал Марко бил еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата Андреаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри: Оливера, Милица, а во усните преданија се спомнуваат и Марија, Угра, Кита, Ѕвезда, Дева, Вида, Угра, Шаина и Беда. Имал две сопруги, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник. За потеклото на династијата Мрњавчеви нема сигурни сознанија бидејќи современите пишани извори не даваат податоци. Најстари податоци за оваа фамилија дава дубровничкиот писател Мавро Орбини од XVII век. Според него, тие потекнувале од Ливно во Херцеговина од сиромашниот властелин Мрњава, кого Душан (цар, 1346-1355) го повикал на својот двор и многу го издигнал. Врз основа на ваквото пишување на Орбини прифатено е презимето Мрњавчев за ова семејство и како такво одамна е востановено во литературата. За време на владеењето на неговиот татко, Марко ја имал титулата “млад крал“, односно престолонаследник. Во Маричката битка во 1371 г., Марко не учествувал во бојот, туку останал да управува со територијата на земјите на татка си и чичко си. По неа и по смртта на браќата Мрњавчеви, тој станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој е и единствениот легитимен крал на Царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи. Но, владеењето на кралот Марко се соочувало со постојани притисоци, како од страна на српските големци, така и од страна на Турците, кои се посигурно завладувале со Балканот. Набргу некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склучувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да служи на турската војска во нејзините воени походи. Постојат различни претпоставки за годината кога кралот Марко станал турски вазал. Некои сметаат дека тоа се случило во 1371 г., веднаш по Маричката битка, но постојат записи кои кажуваат за турски опсади на Прилеп и Битола во 1385 г., што го дефинира Mарковото кралство како независна територија во однос на турската држава. Интересно е да се напомене дека и покрај турското вазалство, кралот Марко се издигнал на ниво на легендарен национален херој, под чие владеење народот се чувствувал заштитен и поспокоен во однос на соседните народи. Музафер Туфан во “Кралот Марко во некои турски извори“ објаснува дека тоа се должи на: “фактот дека тој успеал најдолго да ја сочува внатрешната автономија и фактот дека тој тоа го постигнал врз основа на својата тактичност, државничка мудрост и подготвеност на осојузување, дури и по цена на саможртва, со цел подолго да се опстане и да се сочува внатрешната автономија и соработка на Балканот“. На 17 мај 1395 г. во Битката кај Ровине, застанувајќи на страната на турскиот султан Бајазит I и борејќи се против влашкиот војвода Јован Мирче, кралот Марко загинал, провоцирајќи низа шпекулации како точно се случило тоа и каде било погребано неговото мртво тело. Според Мавро Орбини, Крале Марко ја загубил битката против Мирча крај Кралево, а потоа побегнал во некоја шума каде, по грешка, бил убиен од некој Влав кој мислел дека се работи за ѕвер. Неговото тело било закопано во близина на Скопје, во манастирот Блачани. Други научници веруваат дека мермерната плоча од ѕидот на трпезаријата во Марков манастир зборува дека неговиот гроб се наоѓа токму на ова место. Ниту една од овие теории сè уште не е потврдена од страна на науката. Преданието вели дека непосредно пред битката, на деспотот на кумановско-кратовската област Константин Дејанов, кој исто така се борел на страната на Османлиите и загинал во битката, Марко му ги кажал следниве зборови: „Го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас прв да загинам во таа борба“.
Галерија
уреди-
Маркови Кули
-
Маркови кули западен дел
-
Маркови Кули, во позадина се гледа Прилеп
-
Маркови Кули
-
Маркови Кули
-
Маркови Кули
-
Карпата Слон на Маркови Кули
-
Маркови Кули
Поврзано
уредиНаводи
уредиНадворешни врски
уреди„Маркови Кули (Прилеп)“ на Ризницата ? |