Борко Лазески
Борко Лазески (Прилеп, 22 октомври 1917 - Скопје, 16 јуни 1993) — македонски академски сликар. Тој бил еден од првите апстрактни сликари во Македонија. Најпознат е по своите фрески изведени во Скопје, Кичево, Велес, Град Мексико итн. Исто така, тој е автор на повеќе мозаици.
Борко Лазески | ||
Роден | 22 октомври 1917 Прилеп, Македонија | |
---|---|---|
Починал | 16 јуни 1993 Скопје | |
Занимање | академски сликар |
Во неговите дела доминираат остри прекршени линии чии контури ги обрабуваат широките полиња на масовните сцени на неговите композиции. Лазески сликал и масло на платно, а најмногу е познат по своите мурали, главно со тематика од Илинденското востание и од НОБ. Така, со својот мурал во поранешната железничка станица во Скопје, тој се стекнал со слава во рамките на Југославија. Меѓутоа, тоа дело било уништено за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Во јануари 2013 година, во пожарот што ги зафатил просториите на централата на Македонска пошта бил уништен уште еден негов мурал.[1]
Животопис
уредиАкадемскиот сликар Борко Лазески е роден во Прилеп на 22.10.1917 година од мајка Марија и татко Никола Лазески. Уште како дете тој пројавува интерес кон убавото и во молерската работилница на својот татко ги разоткрива ликовните простори, за понатаму, во својот растеж, да навлезе длабоко во уметноста. Значаен и многу важен момент во неговиот живот е контактот што го воспоставил со учителот Велебит Рендиќ. Овој учител, уште во текот на основното образование му ја открива дарбата за сликање, а воедно и го подготвува за прием во Уметничката школа во Белград. Рендиќ во Прилеп ги донесува и првите книги од областа на ликовната уметност, театарот и музиката. Пред заминувањето во Белград, по инструкциите на својот учител, Лазески приспособува една просторија како ателје и во неа ја подготвува композицијата “Бистата на кралот Петар” (1933 г.), која требаше да му послужи како виза за големиот град. Починал на 16 јуни 1993 година во Скопје.
Почетоци во ликовното творештво
уредиНеговите почетоци на платно се засновани врз цврста животна објективно-постоечка граѓа, демонстрирајќи го длабокото човечко неспокојство и револт на еден тукушто роден уметник. Од овој период датираат следниве дела:
- Стари куќи во Прилеп
- Ентериер
- Стари куќи
- Ручек (1936).
Исто така, од овој период значајно е да се спомнат и неколку мали цртежи:
- Трета класа, креда 1936
- Работници ручаат, молив 1936
- Кука и мотика 1936-1937
Од овие дела посебно се издвојува цртежот Кука и мотика, пред сè со ангажираната нота и силата на ликовната експресија. Во овој цртеж на Лазески се наговестуваат неговите идни мурали, кои стилски се поврзуваат со големите уметници Сезан и Ван Гог, како и со неговите професори.
Школување во Белград
уредиВо 1933/1934 година Лазески се запишува на Уметничката школа во Белград, каде му предаваат повеќе професори, меѓу кои: Бета Вуксановиќ, Љуба Ивановиќ, Никола Башевиќ, Мило Милуновиќ и други. Во совладувањето на цртачката вештина, му помогнал професорот Љуба Ивановиќ.
За време на летните распусти, Лазески се враќа дома и продолжува да слика. Од овој период датираат:
- Циклусот “Мариово” составен од 32 цртежи со туш и молив (1936)
- Демонстрации во Белград (1937)
- Циклусот Пештански рибари (1939)
- Слика Охридски рибари (1939)
Во 1937 година во Народниот универзитет во родниот Прилеп, Лазески одржува предавање на тема: “Уметноста и општеството” во кое ја развива својата теорија за релацијата уметност-општество од Алтамира до 1937 година. Тоа е уметност, која според Лазески, “сака да ги соедини срцата на сите припадници на работничката класа”. Во морничавите превирања на предвоените години, Лазески станува хроничар на времето, и сè повеќе, ангажиран сликар. Во периодот на идеолошки дилеми и конфронтации во Југославија, Лазески, интуитивно впивајќи ги широките духовни простории на византиската естетика, ќе помине низ сите предизвици и искушенички замки на новите форми во уметноста. Уметноста како колективна привилегија, бенефиција за сите луѓе и како начин на живеење, станува негова девиза за време на дружењето со членовите на групата “Живот” во Белград.
Запишување на академија во Софија
уредиСо почеток на војната Лазески ги прекинува започнатите студии во Белград и го продолжува школувањето во Бугарија, на Државната уметничка академија во Софија, во класата на професорот Никола Танушев-Ганев, кој е типичен претставник на академските реалисти. Оваа академија, нема никакво влијание врз изградбата на Лазески како уметник, така што не остава никакви траги на неговиот развој. Во 1943 година Лазески дипломира на споменатата академија, а потоа се враќа во својата земја и се приклучува кон ослободителното движење.
Уметничкото изразување и творење за време на НОВ
уредиВо неповолните услови предизвикани од воениот вител на Втората светска војна, Лазески започнува самостојно уметничко изразување со циклусот цртежи од НОВ, преку кои ги изразува своите револуционерни идеи и идејалите од најраната младост. Тој го скицира животот и амбиентот на партизаните и заедно со своите колеги-уметници од цела Југославија станува хроничар на настаните, ситуациите и психолошките состојби на времето. Допирот со војната, како сведоштво на болка и немоќ, ќе резултира, пак, со цела низа скици, во кои тој мошне искрено ќе ги забележи интимните и драматични моменти и настани. Овие цртежи ќе одиграат пресудна улога во неговото подоцнежно сликарство. Од овој период, значаен за историјата на тогашна Југославија, зачуван е неговиот опус од десетина цртежи и тоа:
- Болен;
- Двајца другари;
- На спиење;
- Сон;
- Чистење вошки;
- Курирче;
- Очај;
- Крај Берово;
- Пренесување на ранет партизан;
- Партизанска почивка;
- Бегалци.
Исто така, од овој период значајно е да се спомене изработката на првиот портрет на Тито во Македонија, кој подоцна се отпечатува во поголем број на примероци и се растура меѓу партизаните.
Специјализација во Париз
уредиСо конечното ослободување на земјата, желбите на Лазески почнуваат да се изразуваат во просторот на слободната креативност, но овој простор за уметникот е претресен, па во 1945 година стигнува во метрополата на светските уметнички настани- Париз, како стипендист на француската влада. Во почетокот на 1945 година се запишува на Високата национална школа за ликовна уметност (École Nationale Supérieure des Beaux-Arts), во ателјето за фрескосликарство на Дикос де ла Ај (Dukos de la Haille), од која има оригинално свидетелство. Тука ги проучува монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба.. Во студиото на Дикос де ла Ај, Лазески ги изработува следниве мурали:
- Глава на жена;
- Предачка;
- Риба;
- Стрелани;
- Стрелиште;
- Бегалци;
- Паднат борец;
Освен на Високата школа за ликовна уметност во Париз, Лазески работи на витражи, фрески и мозаици во ателјето за витражи Momaijean, со што финансиски закрепнува и со тоа го продолжува престојот во овој град. Набрзо дознава за големиот теоретичар Андре Лот. Откако ќе го проучи неговото мајсторство, т.е. неговите трактати и студии на современата уметност, тој ќе се запише во неговото познато ателје на Rue D’Odessa, во кое доаѓаат уметници од цел свет. Во неговото оформување како автор, клучна улога има Андре Лот. Лазески истовремено ја проучува и ликовната теорија следејќи ги часовите на Академијата, а исто така работи и во ателјето на Андре Лот.
Во ателјето на Андре Лот
уредиЕден дел од делата кои Лазески ги изработува во ателјето на Андре Лот се изложени на изложбата “Седум сликари и вајари од шпанската фондација” во Париз 1948 г. Сепак истите не може да ги прикаже ни повеќе години по неговото враќање во татковината, зашто по ослободувањето, единствена насока што се поддржува во Македонија е социјалистичкиот реализам. Другиот вид на уметност се третира како граѓанска уметност.
Дела со социјална содржина создадени во текот на специјализацијата во Париз
уредиЗа време на специјализацијата во Париз, Лазески прави и неколку цртежи со социјална содржина. Тоа се следните дела:
- На работа;
- Плажа;
- Партизан;
- Работничко семејство
- Француски рибар;
Истовремено, Лазески слика и предели, инспирирани од урбаниот простор и привлечната атмосфера на Париз. Тоа се следните дела:
- Портокал;
- Смокви;
- Пејзаж со зелено небо;
- Плоштад во Париз;
- Нотр Дам;
- Мост на Сена и др.
Во овие дела се работи за сосем поинаков период, ослободен од ангажираната проблематика и од чисто ликовните претпоставки. Тие се насликани со ситни и куси прози и не оставаат место за трета димензија. Боите во овие цртежи се неутрални, пастелни и нежни.
Враќање и творење дома
уредиПо враќањето од Париз на домашното поднебје, Лазески се сретнува со своевиден антагонизам. Тоа се всушност најтешките години на социјалистичката уметност на домашната сцена, кога се осудува модернизмот, а западното влијание се формулира како декадентно. Од овој период, како резултат на опшествено-политичките и културно-уметничките услови, датираат следниве уметнички композиции:
- Зима-Црниче;
- Зима во Скопје;
- Мостот на Вардар;
- Појадок;
- Преспа;
- Златоврв и др.
Треба да се нагласи дека во овој период особено внимание кај публиката привлекуваат пределите во кој се гледа ведрото и свечено расположение кај уметникот кај убавите предели во родниот крај. Овие нежни чувства особено преовладуваат во делата:
- Преспанско Езеро и
- Лазарополе
Овој период е еден од најтешките во творечкиот опус на уметникот, кога не му се прифаќаат ниту најискрените реализации од времето на НОВ, а уште помалку ликовното искуство од Париз. Во овие уметнички дилеми и неизвесности во периодот од 1951/52 година, тој насликува неколку дела со фолклорни мотиви и илустративни особености. Тоа се следниве дела:
- Бојаџии од Сушица
- Лазарополка
- Русалија
- Девојче што плете
- Мајо.
Најчесто споменувано дело во овој период е платното Бегалците од Егејска Македонија.
Лазески пред мозаикот во Офицерскиот дом заедно со синот Венчо во раце, кој го изработувал во 1955 г., а бил уништен за време на земјотресот во Скопје
До поголема конфронтација во врска со тоа како треба да изгледа современата уметност во социјалистичкото општество доаѓа со формирањето на првата ликовна група со револуционерна програма во Македонија. Тоа е групата “Денес” составена од сликари и вајари меѓу кои: Борко Лазески, Љубомир Белогаски, Димитар Кондовски, Димче Протуѓер, Божин Барутовски и др.
Главно мото кон кое се стреми оваа група е користење на современите ликовни достигнувања во светот и создавање на наша современа уметност, како и борба против застарените ликовни разбирања. Поради тешките околности што ги создаваат и самите ликовни уметници кои се надвор од групата “Денес” се распаѓа со завршувањето на вториот настап. Лазески како еден од основачите и идејните предводници на групата го добива епитетот “најизразит претставник на модерната насока”.
Во овој период Лазески е голем поборник и прокламатор на новите идеи, и покрај сите отпори на тогашната ликовна клима тој се зазема за доближување на уметноста до народот.
Фрескосликарство
уредиВо исто време кога ги води овие полемики, Лазески ја започнува и работата на својот монумент- фреската во Железничката станица во Скопје, каде не само што теоретски ги брани своите идеи туку му се дава можност, нив да ги докаже на монументалните површини во станичната просторија. Во ова дело Лазески ги покажува своите способности на ликовен план, истовремено ги остварува и идеите за кои се залагал за време на полемиките.
Илинден 1903 (фреско-боно, 1950, 2,6 x 5,2)
уредиИзработката на ваква фреска е прв ваков зафат во нашата земја. Таа е посветена на величествениот настан од 1903 година, Илинденско востание. За локација е избран ѕидот во холот на Домот на ЈНА во Скопје (за време на земјотресот оваа фреска беше уништена). Единствено зачувано дело, реализирано пред земјотресот во 1954 година е мозаикот “1903-1941”. Тој е сместен на спомен-чешмата во с. Смилево, Дебрца. Делото е поставено во отворен простор на две симетрично поставени површини што ги дели спомен-плочата и чешмата. Левата страна ја претставува делот што ја симболизира Илинденската епопеја од 1903 година, а од десната-настаните од НОВ 1941 година. Прикажано е револуционерното минато како никулец на иднината. Изработен со интенција постојано да контактира со еден поширок аудиториум, денес овој мозаик го постигнува својот несакан епилог – стои осамен отуѓен како и малубројните жители на селото.Во 1953 година наспроти амбициите на монументалните дела, Лазески за Балот на уметниците во Офицерскиот дом (Дом на ЈНА) изработува серија на декорации што се доста специфични во својата поетска еуфоричност. Вака осмислени, тие им претходат на циклусот Поетски растреперени цртежи на Никола Мартиноски.
Графитот во мермер под наслов Здравец, реализиран во 1957 година во аптека Илинден-Скопје, а во чија изведба учествува и сликарот Боро Крстевски е содржински потчинет на професионалните специфичности поврзани со функција на овој простор.
Фреската за НОВ, 1951-1956
уредиФреската на НОВ е една од најзначајните дела на Лазески и, со право може да се каже, негово животно дело, кое му ја донесе и Сојузната награда 4 јули за животно дело.
Вредните фрески на Лазески, што беа поставени во “Македонска пошта”, игореа во пожарот што го зафати објектот. Уништени се пет големи кубистички фрески со мотиви од Народноослободителната борба во Македонија, создадени во 1981 година. Големиот уништен мурал беше направен од техника акрил, го сочинуваа пет круга од по пет квадратни метри. Фреските на Лазески на површина поголема од 200 квадратни метри беа поставени на ѕидовите на главната сала од главната пошта.
Багдадски период 1959-1967
уредиВо октомври 1959 г. Лазески заминува во Ирак, каде што работи како професор по предметите Композиција и Монументални техники на Високата академија за ликовни уметности во Багдад. Напоредно со педагошката дејност, тој набрзо се вклучува во ликовните кругови во оваа земја и станува член на Багдадската модерна ликовна група и на Ирачкото уметничко друштво. Тој зема учество во нивните колективни изложби, а во исто време приредува и три самостојни изложби. Престојот на Блискиот Исток, во времетраење од шест и пол години, се одликува и со плодно штафелајно сликарство од околу 100 слики. Тоа всушност, е неговиот најбогат фундус на масла кои ги одликува ликовна блискост со продукцијата на авторот од петтата и шестата деценија. Инспирацијата за овие дела авторот ги наоѓа во необичниот и за него нов животен амбиент со сите национални питорескности како на пример: сиеста, одење на вода, средби, разговори, седенки и др. слични ритуали и обичаи.
Од овој период датираат следниве дела:
- Златен песок;
- Пазар;
- Јули во Багдад-1965;
- Во пустината;
- Градска девојка
- Пејзаж;
- Ќерките на сонцето и др.
За веродостојното прикажување на ирачкото поднебје и секојдневие Лазески добива одлични оценки од ирачката критика. Еден од арапските критичари ќе забележи: “Најсилни му се делата чија вредност е зголемена со посебниот апстрактен афект во нив. На пример сонцето, топлината, светлината и пустината- сето тоа комбинирано заедно и дава вистинска и природна убавина на ирачката атмосфера.”
Други апстрактни композиции од овој период кои предизвикуваат исто чувство како и сликите со фигуративен сликарски израз се следните:
- Апстракција 1, 1965;
- Композиција во црвено 1;
- Ритам, 1966 и др.
Денес, поголемиот дел од овој циклус се наоѓа на различни меридијани: во некои земји на Европа, во Канада, Индија, Шри Ланка, Ирак, Австрија и др. Во 1978 г. Лазески ја добива Октомвриската награда во Македонија за животно дело.
Изработка на витражи
уредиПрвиот витраж на Лазески е со назив Подем. Тој всушност е првиот витраж во Македонија, а поставен е во просториите на Стопанска банка- Скопје. Овој витраж пстварува непрекинати контакти со луѓето, следејќи го секојдневниот динамичен ритам на градот. Во овој витраж се застапени апстракната организација и полихрамијата, кои го анимираат просторот и претставуваат суштински преобразби во ликовната морфологија на авторот, кои понатаму ги среќаваме во сите негови стаклописи. Во 1972 година Лаезески ја добива првата награда на југословенскиот конкурс за изработка на витраж за Споменикот Илинден во Крушево и истата година почнува да работи на витражот.
Витражот- Споменикот на Илинден содржи 4 витражи со елипсовидни форми со различна географска ориентација. Овие форми стилски ја следат линијата на геометрискиот ред, а раскрилени над галериите како колористички доминанти што ја разбиваат скржавата естетика и монотонија на белите плотни во ентериерот.
Овој витраж е сместен во Народна банка-Скопје во фоајето на кабинетот на гувернерот. Тој е граден со готска композициска структура, вештачки осветлен, а бројот на луѓето што се среќаваат во него е ограничен и одбран.
Стаклописи- Светлините на минатото Овие стаклописи се сместени во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје. Композицијата ја прават разновидни облици на букви, низ чија испреплетена игра се симболизираат акциите на просветителството. Во оваа композиција доминираат жолти и портокалови нијанси кои се сообразни со интегралниот колористички аранжман на ентериерот.
Творење во родниот град Прилеп
уредиПренесување на фреската „Македонија во НОВ” (Дом на културата „Марко Цепенков” Прилеп)
уредиВо јуни 1990 година, Лазески во својот роден град Прилеп почнува со работа на фреската “Македонија во НОВ” или “НОВ во Македонија” која беше насликана во холот на железничката станица во Скопје, а чии најголем дел беше уништен во земјотресот. Оваа фреска (оригинал) Лазески ја пренесува на двата ѕида во домот на културата “Марко Цепенков”. Работата врз фреската се изведуваше во неколку фази, а свеченото откривање на фреската беше на 11 октомври по повод прославата на педесетгодишнината од востанието на македонскиот народ.
Отворање на фреската „Македонија во НОВ“ во центарот за култура „Марко Цепенков“
уредиСо ова грандиозно дело Лазески му се оддолжува на својот роден град и на своите прилепчани, подарувајќи дел од своето ликовно творештво во наследство на идните генерации, и оставајќи како завет порака до нив да ја чуваат фреската.
Полн со емоции по завршувањето на фреската тој ја пишува песната Крај. Желбата да формира школа за фрескосликарство на конаците на манастирот Трескавец не му се оствари, бидејќи ненадејната смрт го спречи да го оствари овој сон.
И по петнаесеттина години од неговата смрт, неговиот роден град Прилеп не успеа да ја реализира оваа идеја, и со тоа барем малку да му се одолжи на големиот уметник. Како што ќе рече новинарот Слободан Рошкоски за локалниот весник “Народен глас”, во написот “Неостварениот сон на Борко Лазески”: Прилеп не е доволно енергичен како Борко Лазески да се избори за реализацијата на оваа идеја која беше поддржана од страна на тогашната власт.
Во 1991 година (две година пред смртта), Лазески ги заврши и неговите дела: “Илинден 1903”, акрилик (Хотел Монтана-Крушево), нова изведба на фреската со исто име од 1950 година, уништена во скопскиот земјотрес, и “Битола бабам Битола”, акрилик, во централната пошта во Битола.
Заокружувањето на творечкиот опус овде е само уште еден обид да се акцентираат главните и значајни моменти на Лазески, кои воедно ја определуваат и оваа негова животна приказна, како сведоштво за едно време и еден сон, сонот на големиот уметник.
Награди и признанија
уреди- 1955- Прва награда на конкурсот за мозаик “на стража”, Скопје
- Втора откупна награда на југословенскиот конкурс за фреска во сојузниот извршен совет, Белград
- 1970- Сојузна награда “4 јули” за фреската за НОВ, Белград
- 1972- Прва награда на југословенскиот конкурс за изработка на витражи за “Споменикот Илинден” во Крушево, Скопје
- 1974- Признание од друштвото на ликовните уметници на Македонија
- 1978- Октомвриска награда на СР Македонија за животно дело, Скопје
- 1988- “Орден заслуги за народ со златна ѕвезда”
- 1989- “9-то Септемвриска награда” за животно дело во родниот град Прилеп
Наводи
уреди- ↑ "Може да се обнови муралот на Борко Лазески", Дневник, година XVII, број 5 068, 18 јануари 2013, стр. 16.
Надворешни врски
уреди„Борко Лазески“ на Ризницата ? |
- Профил на Борко Лазески на Spomenik Database
- „Велешката касарна ја сочува фреската „Сутјеска“ на Борко Лазески“, СДК, 29.4.2018.