Институт за национална историја

Институт за национална историја (ИНИ) — државна научна установа основана со уредба на владата на НР Македонија од 22 јули 1948 година, со основна задача да ја проучува историјата на Македонија и македонскиот народ, на народностите и на етничките групи што живеат во неа. Со посебен Закон за Институтот за национална историја од 1965 година поблиску се определени неговите задачи. Седиштето на Институтот за национална историја е во Скопје. За прв директор е именуван Митко Зафировски, а денешен директор на Институтот е д-р Драги Ѓоргиев.

Лого на Институтот за национална историја

ИНИ својата дејност ја остварува преку научноистражувачка, издавачка и наставна дејност (последипломските и докторските студии).

Историјат уреди

Институтот за национална историја низ годините минал низ неколку фази. Првата фаза е четиригодишниот период од 1944 до 1948 година, која се одликува со силно влијание на југословенската и советската историографска школа.[1] Темелите на идејата за создавање на Институт за национална историја биле псотавени на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година.[1] Бил формиран специјализиран Историски отсек при Главниот штаб на Југословенската армија, за Македонија, со задача да прибира и да подредува архивска граѓа.

Во почетокот на 1948 година, кога Институтот се наоѓал во фаза на организациско оформување, бил формиран Научен совет како претходница на Институтот.[1] Во напорите за прибирање изворни материјали и за формирање библиотечни фондови, најголем придонес имал еден од основоположниците на ИНИ, д-р Љубен Лапе, кој во 1946 година учествувал во преземање на библиотеката и архивата од Македонскиот научен институт во Софија, што е донесена во НР Македонија.

Институтот како самостојна научна институција бил формиран со Уредба бр. 8556, која Владата на НРМ ја потпишала на 20 јули 1948 година. Првото име гласело: Научен институт за национална историја на македонскиот народ, со седиште во Скопје.[1] Во оваа фаза се пристапило кон конципирање на модерната македонска историографија.

Во периодот од 1980-1990 година, започнал процесот на критичко превреднување на научните достигнувања на македонската историографија, и се појавил стремежот да се обработат некои „табу теми“ за кои Институтот во претходниот период воопшто не се произнесол.[1]

Во 2008 година бил донесен нов Закон за научно-истражувачка работа, а две години подоцна, Институтот го прилагодил својот Статут со Законот.

Одделенија уреди

Научноистражувачката дејност Институтот ја врши преку седум постојни одделенија:

  • Одделение за античка и средновековна историја на Македонија (до 1371 година)
  • Одделение за историјата на Македонија во време на османско-турското владеење (до почетокот на XIX век)
  • Одделение за проучување на периодот на преродбенското и националноослободителното движење во XIX век до 1912 година
  • Одделение за историјата на македонскиот народ (1913-1941)
  • Одделение за историјата на македонскиот народ (1941-1991)
  • Одделение за историјата на малцинствата на Балканот и иселеништвото
  • Балканолошко одделение

Од 1957 година Институтот издава научно списание „Гласник”.

Директори на ИНИ уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 д-р Марјан Димитријевски: „Историја на Институтот за национална историја“, Скопје, ИНИ, 2013 г., стр. 7-29
  2. д-р Марјан Димитријевски: „Историја на Институтот за национална историја“, Скопје, ИНИ, 2013 г., стр. 111

Литература уреди

  • д-р Марјан Димитријевски: „Историја на Институтот за национална историја“, Скопје, ИНИ, 2013 г.

Надворешни врски уреди