Живко Чинго (13 август 193511 август 1987) — истакнат македонски раскажувач, романописец и драмски писател.

Живко Чинго
Роден 13 август 1935
Велгошти, Македонија
Починал 11 август 1987(1987-08-11) (возр. 51)
Охрид, Македонија

Животопис уреди

Живко Чинго е роден на 13 август 1935 година, во селото Велгошти, Охридско. Во родното село завршил основно училиште, а гимназија во Охрид. Во 1959 година дипломирал на Философскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата за југословенска литература. Извесно време работел како професор по книжевност во гимназијата во Охрид, а во Скопје работел во: „Студентски збор“, во „Млад борец“, во Радиотелевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии, а бил и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар. При крајот на животот работел како советник при Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а бил и член на МАНУ. Умрел на 11 август 1987 година.[1][2]

Творештво уреди

Во македонската книжевност Чинго влегол кон крајот на педесеттите години на XX век. Уште во своите први раскази, објавени во списанието „Разгледи“ во 1957 година,[2] тој го свртел кон себеси вниманието на книжевната јавност, а со појавата на првата збирка раскази Пасквелија било јасно дека се работи за голем мајстор на расказот.

Првата збирка раскази Пасквелија, издадена во 1961 година, била дочекана како книжевно откровение. Неколку години подоцна, во 1965 година, тој ја објавил и втората книга раскази Нова Пасквелија, која го повторила големиот успех на првата книга. Во 1966 година, Чинго го објавил романот за деца Сребрени снегови, а во 1971 година и својот втор роман Големата вода (по која е снимен и истоимениот филм). Книгата раскази Вљубен дух била објавена во 1976 година, на српскохрватски јазик.

Сите овие пет прозни дела го сочинуваат јадрото на неговото творештво и го потврдуваат Чинго како автор со својствен раскажувачки свет, исклучителен по својата оригиналност, едноставност, со својата поетичност и непосредност, со својата раскажувачка драматика. Неговото творештво е високо вреднувано од македонската и југословенската критика, а неговите дела се преведувани на: српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски. За збирката „Пасквелија“, во 1963 година ја добил наградата на ЦК на СМЈ и весникот „Младост“ од Белград; за збирката „Нова Пасквелија“ ја освоил Октомвриската награда во 1966 година; а истата година ја освоил и наградата на „Детска радост“ за најдобар детски роман (за „Сребрените снегови“).[2]

Критички осврт на расказите на Чинго уреди

Петар Т. Бошковски ја споредува раскажувачката техника на Чинго со „бран што носи сè наеднаш“ и истакнува дека во неа се открива единство на содржински елементи кое претставува нов квалитет. Притоа, Чинго, најпрвин го отвора настанот како глетка што го обзема вниманието, а потоа ги исфрла на показ оние нешта чие заемно дејство ја определува природата на внатрешниот метеж и насоката до неговото конечно исцрпување. Тоа е претстава што не се гради по хронолошка, хоризонтална линија, туку по линијата на доживувањето која прави интензивна, волуменозна уметничка целина. Во неговата постапка, необичноста на настанот се открива како плодно единство на концентрирани содржински елементи, што престанува да биде необичност, зашто е нешто друго: нов квалитет, уметничка вистина што дејствува како потрес. Чинго поседува талент за избор на содржински густи, плодни ситуации и способност на економичен број страници да развие цел свет - длабоко доживеан и уметнички полн.[3]

Голем дел од расказите на Чинго се одвиваат во замислената земја Пасквелија, во неколку периоди: за време на Втората светска војна, непосредно по војната, во текот на колективизацијата и во периодот на иселувањето на луѓето до селото во градот. Во сите ови пунктови е содржана атмосферата на револуцијата, на нејзиното превирање и трансформирање. Некогаш, револуцијата се јавува во симболиката на црвената боја (во „Семејството Огулиновци“) или во величествениот пркос на потиснатиот човек („Најубавито ден на Зурло“ и „Смртта на градинарот“); другпат, таа се гледа во грчот на победникот чиј истрел во соборецот значи одбрана на нејзината хуманост („Пожар“) или во одземањето на својот живот („Ќерка“); понатаму,револуцијата се манифестира во судирот со традицијата и примитивната свест („Фортуна“, „Одмазда“, „Одродени“), во борбата против бирократијата („Борба против пожарите“) и во хуманистичките недоразбирања со нејзините хуманистички императиви („Како го убив другарот“, „Молитва за спас“, „Орден“). Во неговите раскази, револуцијата е револуционизирање на животот, неговото исфрлање од статичноста и втурнување во промените, Меѓутоа, претензиите на Чинго не се социолошки, ниту пак тој се јавува само како хроничар, туку неговиот апарат во истражувањето на оваа материја е апарат на сензибилен уметник. Всушност, Чинго ја зема револуцијата како драмска функција на дилемите, поставеноста, менливоста и судбината на луѓето.[4]

Притоа, драмата на поделеноста на луѓето Чинго не ја поставува апстрактно, во смисла на судир на идеи, туку врз човечка, животна основа при што идентификацијата на луѓето се извршува низ нивното конкретно дејствување кое често може да биде спротивно не само на зборот, туку и на разумот. Но, секогаш, моторот на човечката акција е страста која доминира во луѓето. Кај нив, надворешниот конфликт се префрла на внатрешен план на таков начин што страста ги потиснува противречните емоции, го гази разумното расудување и потоа избувнува во надворешниот конфликт означувајќи го неговиот крај. Иако овие судири се сурови и остри, тие не се судири на контрастни ликови, зашто кај Чинго нема „чисти“ ликови, туку сите тие имаат вентил на слабост, место на опасна рана и јадро на доблест. Последиците на нивната драма дејствуваат потресно и трогателно токму во контекстот на севкупноста на нивното битие.[5]

Притоа, најчесто, при пишувањето Чинго употребува прво лице еднина - постапка која му овозможува да ја презентира материјата раскажувачки интензивно и методски осмислено. Притоа, раскажувачкото лице, како учесник или како сведок, најчесто е ставено во положба да може да го предвиди исходот од конфликтот, но да не може да интервенира во однос на последиците. Таквата неблагодарна положба на раскажувачот е извонредно богата психолошка основа во литерарна смисла: неговата распнатост меѓу она што ќе се случи и она што неизбежно води кон тоа, создава силна тензија. Така, возбудата по која се движи линијата на Чинговото претставување на материјата, дејствува раскажувачки интензивно (бидејќи има органско потекло) и методски осмислено (бидејќи е функција на уметничката полнота).[6] Кај Чинго секогаш победува поетскиот акцент при што пораката се издигнува како светла вертикала на една хуманизација. Исто така, важна одлика на творештвото на Чинго е хуморот кој претставува одбрана од патетиката и одржува константна ведрина на зборот. Експресијата на Чинго се одликува со интензивна динамика при што материјата го наоѓа најбрзиот пат до вистинскиот збор и до уметничката вистина. Раскажувачката техника на Чинго е извонредно подвижна, смела во својата намера и сугестивна во своето дејство така што се има впечатокот дека расказите се кажани во еден здив. Неговата проза е остварена како кажување и како да бара да биде кажувана. Неговиот збор ги брише предрасудите кон народската обоеност, простиот збор, едноставноста и лесната изговорливост, но истовремено постигнува уметничка рафинираност, оригинален израз и автентична уметничка природа. Раскажувачкото творештво на Чинго е навлезено во македонската книжевност со полнота и со трајни вредности, а неговата земја Пасквелија е посебен поим во македонската книжевност.[7][8]

Чинго - суптилен аналитичар на тоталитарната држава и Информбирото уреди

Чинговите раскази, драми и романи, покрај високата уметничка вредност, претставуваат историско сведоштво за времето тоталитарната држава и Информбирото, време по доаѓањето на слободата, период од развојот на македонското општество исполнето со голем број на пресврти. Зад сцените, приказните и потескиот занес се открива еден свет сместен во 40 - те и 50 - те години на XX век, испонет со репресија. Чинго во Последниот расказ од војната на еден многу вешт начин го претставил доаѓањето на слободата:

Слободата, другар, таа пак пустињата, најсилно го опијанува човечкото срце... Слобода, сакам да се радувам, а нешто не ме оставаат, разбираш. Слобода другар, проклетство, ќе паднат лажните државни судој, трулата власт, другар. Народен суд, народнии судии, нова власт, се по правда, без протекции, без црни робии. Разбираш, ќе нема богати и сиромаси, едно лепче ќе се делит на сите, не ќе има гладни, не ќе има жедни, власт народна човече. Човекот ќе дојде на своето место, на прво место човекот, разбираш, да си биде тоа што си е од природата, човек. [9]

Чинго во драмата Образов на еден многу суптилен начин го претставил расцепот кој настанал помеѓу тогашните македонски истакнати политичари и дејци. Низ монологот на Кудрев, млад уметник и бунтовник, син на партизански командант, Чинго го изразил догматизмот и сталинизмот, ограничувањето на слободата на мисла и газење по човечноста.

Таткото на Курдев бил легендарен партизански командант, но бил оставен ранет од соборците, а потоа бил убиен во окупаторска болница. Младиот уметник не може да се помири со фалсификуваниот извештај за смртта на неговиот татко, трага по вистината која никој не смее јавно да ја каже. Не можејќи да се помири со таквата реалност, низ еден револт извикува:

Светот е полн со страв! Проклет страв!... Човекот е останат без вистинска поткрепа, се чувствува давеник!... а потоа се прашува како може таквиот човек да биде слободен и еднаков со сите тие клучари како Свети Петар се заковале на рајските врати и пуштаа и не пуштаат, ја мерат душата и ја премеруваат, точат, преточуваат, на грамови го разделуваат човекот... ти одредуваат местенце, кафез, говорат - живеј, слободно живеј! Си го почувствувал ли тој мраз...[10]

Дела уреди

 
Споменик на Живко Чинго на Мостот на уметноста во Скопје

Чинго е автор на следниве дела:[11]

  • Пасквелија“ (раскази, 1963)
  • „Семејството Огулиновци“ (раскази, 1965)
  • Нова Пасквелија“ (раскази, 1965)
  • Сребрените снегови“ (роман за деца, 1966)
  • Пожар“ (раскази, 1970)
  • Големата вода“ (роман, 1971)
  • „Жед“ (сценарио, 1971)
  • „Поле“ (сценарио, 1971)
  • „Образов“ (драма, 1973)
  • „Ѕидот, водата“ (драма, 1976)
  • „Вљубениот дух“ (раскази, 1976)
  • „Кенгурски скок“ (драма, 1979)
  • „Макавејските празници“' (драма, 1982)
  • „Накусо“ (раскази, 1984)
  • „Пчеларник“ (сценарио, 1988)
  • „Гроб за душата“ (раскази, 1989)
  • Бабаџан“ (роман, 1989)
  • „Бунило“ (раскази, 1989)
  • „Ал“ (проза, 1989)

Награди уреди

Во чест на Чинго уреди

Во чест на Чинго од 1988 година во неговото родно место се одржуваа манифестацијата „Денови на Живко Чинго“. Во текот на манифестацијата се доделува Наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ.[12]

Извори уреди

  1. Видое Подгорец, „За 'Сребрените снегови' од Живко Чинго“, во: Живко Чинго, Сребрените снегови. Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 171.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Живко Чинго (био-библиографска белешка)“, во: Живко Чинго, Пасквелија. Скопје: Култура, 1968, стр. 253.
  3. Петар Т. Бошковски, „Чинговата Пасквелија, нејзиниот свет“, во: Живко Чинго, Пасквелија. Скопје: Култура, 1968, стр. 243-244.
  4. Петар Т. Бошковски, „Чинговата Пасквелија, нејзиниот свет“, во: Живко Чинго, Пасквелија. Скопје: Култура, 1968, стр. 244-245.
  5. Петар Т. Бошковски, „Чинговата Пасквелија, нејзиниот свет“, во: Живко Чинго, Пасквелија. Скопје: Култура, 1968, стр. 246-248.
  6. Петар Т. Бошковски, „Чинговата Пасквелија, нејзиниот свет“, во: Живко Чинго, Пасквелија. Скопје: Култура, 1968, стр. 249.
  7. Петар Т. Бошковски, „Раскажувачкото творештво на Живко Чинго“, во: Живко Чинго, Пожар, Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 133-138.
  8. Петар Т. Бошковски, „Чинговата Пасквелија, нејзиниот свет“, во: Живко Чинго, Пасквелија. Скопје: Култура, 1968, стр. 249-251.
  9. Живко Чинго, „Последниот расказ од војната“, Нова Пасквелија, Култура, Скопје, 1964.
  10. Живко Чинго, „Образов“, Драми, Мисла, Скопје, 1989.
  11. Видое Подгорец, „За ‘Сребрените снегови’ од Живко Чинго“, во: Живко Чинго, Сребрените снегови. Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 171.
  12. КОНКУРС ЗА НАЈДОБАР РАСКАЗ ВО ЧЕСТ НА ЧИНГО [мртва врска]

Надворешни врски уреди