Лав I (охридски архиепископ)
Лав I (грчки: Λέων Α') — византиски свештеник и охридски архиепископ во периодот од 1037 до 1056 година.[1] Тој бил првиот архиепископ на Охридската архиепископија по потекло од Византија.
Лав I | |
---|---|
Ракоположен | 1037 |
Службата завршила | 1056 |
Претходник | Јован Дебарски |
Наследник | Јован II |
Лични податоци | |
Роден | 10 век |
Починал | 1056 |
Други папи наречени Лав |
Единствен автентичен извор за Лав, што го имаме на располагање, е белешката на деволскиот епископ Михаил, која тој ја направил во описот на настаните од 1037 г. во текстот на „Историскиот синопсис“ на Јован Скилица.
Потекло
уредиТој е роден во Пафлагонија, и пред да стане архиепископ во Охрид, долги години работел во Цариградската патријаршија како картофилакс. На архиепископскиот престол се качил по смртта на Јован Дебарски, најверојатно со помош на византискиот цар Михаил IV, кој исто така, по потекло бил од Пафлагонија. Дури и да не се познавале лично, Лав сигурно одржувал контакт со некои од истакнатите свои сограѓани во палатата, помеѓу кои бил и братот на Михаил, монахот и евнух Јован Орфанотрофос. Имајќи власт зад престолот, Јован го издигнал на пиедестал своето семејство и ги поставил своите роднини на високи државни позиции.[2]
Патријархат
уредиВо негово време била реконструирана катедралната црква Света Софија во Охрид. На ѕидовите на храмот се насликани не само почитуваните источни отци на Црквата, како и словенските просветители Кирил и Климент, туку и шестмина Римски папи: Климент I (88-99 г.), Силвестер I (314-335 г.), Инокентиј I (401-417 г.), Лав I Велики (440-461 г.), Вигилиј (537-555 г.) и Григориј I Велики Двоеслав (590-604 г.), што претставува изолиран случај во византиската уметност.[3] Досега се понудени повеќе објанувања за прикажувањето на папите во „Света Софија“. Така, нивните ликови би биле идеално заокружување на сликата за христијанската екумена и идејата за пентархијата, имајќи предвид дека освен портретите на шестмина папи, во олтарот на „Света Софија“ се насликани и најзначајните вселенски учители на Црквата, поставени во олтарната апсида, потоа дури 24 константинополски патријарси, кои се поставени во средишниот дел на олтарот, а во бочните одделенија се насликани патријарсите на Александрија, Антиохија и Ерусалим, епископите од Амасија, Апамеја, Гортина, Ламсака, Никомидија, Пергам, Пруса, Тримитунд и Смирна. Едно од понудените решенија е дека бројниот однос на константинополските патријарси и римските папи ја прикажува и надмоќноста на Константинополската столица над Римската; друго објаснување е тоа дека прикажаните папи биле почитувани како светители во Византија, па според тоа нема ништо спорно во нивното прикажување; а, исто така, биле учесници и современици на Вселенските собори, чии одлуки самите ги прифатиле.[4]
Личноста и ставовите на архиепископот Лав Охридски, особено ќе се актуелизираат во 1053 г., кога тој испраќа едно послание со богословска содржина до епископот Јован Траниски во Апулија, а најверојатно по наредба на патријархот Михаил I Керулариј. Со ова послание „за бесквасниците и саботите“, архиепископот Лав имал за цел да ги заштити христијаните во Јужна Италија од латинските литургиски традиции.[5] Посланието на Лав не доаѓа случајно во ова време. Имено, со продорот на Норманите на југ, кон византиските територии во Јужна Италија, под влијание на папската столица биле забранувани источните литургиски обичаи.
Тој учествувал во споровите околу Големиот раскол. Починал најверојатно во 1056 година, истата година на започнувањето на расколот помеѓу црквите.
Наводи
уреди- ↑ Грозданов, Цветан (2007). Живописот на Охридската архиепископија: студии. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите.
- ↑ Недески 2016, стр. 172.
- ↑ Недески 2016, стр. 178-179.
- ↑ Недески 2016, стр. 179.
- ↑ Гулевски 2020, стр. 210.
Литература
уреди- Гулевски, Александар (2020). „Философија, теологија и политика во сликарството на црквата Св. Софија во Охрид“. TESTIMONIA philosophica : зборник во чест на проф. д-р Вера Георгиева по повод 70 години од раѓањето: 203–218.
- Недески, Виктор (2016). „Архиепископот Лав Охридски и судирот со Латините во неговата епоха“. Годишен зборник на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски”- Скопје. 21: 171–185.