Историја на македонскиот јазик
Македонскиот јазик е мајчиниот јазик на Македонците, службен јазик во Република Македонија и малцински, службен јазик во Албанија. Јазикот го зборуваат над 3 милиони луѓе во Македонија, Грција, Бугарија, Албанија и во македонската дијаспора. Јазикот според лингвистичката категорија спаѓа во групата на јужнословенски јазици на словенските јазици.
На територијата што денеска ја зазема, а што во блиско минато била поширока, македонскиот јазик се формирал од говорите на македонските племиња ја населувале територијата на етничка Македонија, па се длабоко во териториите на денешните Грција и Албанија, но со самиот развој на државите тој регион се стеснал и македонските говори во тие краишта полека почнал да се заменува со други јазици. Денес во Албанија, македонски јазик се зборува најмногу во Мала Преспа, Голо Брдо и скоро сите погранични места со Република Македонија. Во Приморска Македонија, македонскиот јазик се зборува најмногу ви префектурите Воден и Лерин но и во другите градови и села во Приморска Македонија. Во Бугарија, македонскиот јазик се зборува во Пиринска Македонија (од помалку од 1% од населението)[1] а во Србија се зборува во пограничниот регион со Македонија и во областа Гора во Косово.[2]
Македонските говори околу Солун биле основата за формирање на старословенскиот јазик и писменост. Тоа што ја карактеризира историјата на македонски јазик — неговата коренита промена што настанала од 10 век па навака. Слични промени ги зафатиле и бугарскиот јазик и источните дијалекти на српскиот јазик. Тие темелни промени довеле до мала споделба на граматички црти помеѓу старословенскиот и македонскиот јазик. Промените настанале поради влијанието на балканската јазична средина[3].
Развиток во посебен јазик
уредиМакедонските говори рано почнале да развиваат извесни црти што ги изделуваат како целост во однос на говорите на соседните јужнословенски јазици.
Една таква црта е замената на силните ерови, како: Ъ > о, Ь > е (сон, темно). Оваа промена настанала во 10 век и е доста застапена во старословенските текстови од македонско потекло. За разлика од македонскиот, во српско-хрватскиот јазик овие ерови се слеале во еден глас- а (сан, дан). Во бугарскиот jазик еровите се заменети како: Ъ > ъ, Ь > е (сън, ден).
Македонскиот јазик покажал и посебен развиток и во однос на назалните согласки. Тука се појавила вокализација на еровите и промената на назалните согласки се хронолошки и по резултат одделни појави. Притоа, единствено во македонскиот јазик дошло до изедначување на Ѧ со Ѣ, по губењето на назалниот призвук, така што во текстовите од 12 век и 13 век се наоѓале пример како: пѦтель за пѢтель, сѢмѢ за сѢмѦ и сл. Со други зборови овој развиток одел вака: Ѧ > Ѣ (ä)> е. Во некои западномакедонски говори, особено во Поградец и Горица во Албанија, сѐ уште е зачуван изговорот со ä, па така имаме: рʲäка за река[4].
За разлика од македонскиот, во бугарскиот јазик промената одела на следниот начин: Ъ, ѫ > Ъ;Ь, Ѧ > 'Ъ[4].
Развојни периоди
уредиВо развојот на македонски писмен јазик се издвојуваат следниве периоди:
- канонски период: IX-XI век.
- македонски редакција на црсл. јазик: XII и XIII век.
- црковнословенски писмен јазик од македонски редакција и од српска редакција и од мешан тип: XIV и XVIII век.
- почеток на македонски книжевен јазик (појавата на т.н. дамаскини): XVI век.
- навлегување на рускоцрсл. редакција и нејзино мешање со дотогашната домашна писмена традиција во јазикот и стилот: XVIII век.
- употреба на два стила, два писмени јазика, низок (народен јазик) и висок (црковнословенски јазик): првата половина на XIX век.
- дискусија за изгледот и основата на современиот писмени јазик за Македонците: втора половина на XIX век.
- прва стандардизација на современ македонски јазик: книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков од 1903 г.
- конечна стандардизација на СМСЈ од 1944 и 1945 г.
Првата стандардизација на македонскиот јазик
уредиНа почетокот на XX век (1903 г.) е направена првата стандардизација на македонскиот писмен јазик од страна на К. Мисирков, така што може да се каже дека периодот од XVI до XX век. претставува претстандарден период на македонскиот писмен јазик, додека периодот од почетокот на XX век до денес, претставува стандарден период. Стандардизацијата на македонскиот писмен јазик е претставена во книгата на Крсте Мисирков, под наслов ,,За македонските работи” издадена во Софија во 1903 г. Ова е времето непосредно по Илинденското востание (2 август 1903 г.) што избувнува речиси низ цела Македонија. Тогаш во градот Крушево се формира Крушевската Република со што се означува почетокот на современата македонска државност. Книгата на Мисирков е составена од пет поглавја и во неа е предадена македонската национална програма. Тоа значи дека во овие пет поглавја се зборува за политичките, економските, културните и јазичните пресуслови за формирање на современата македонска нација. Едно поглавје му е посветено на создавањето на современиот македонски стандарден јазик. Мисирков се определува за следниве принципи во однос на јазикот:
- Дијалектната основа на СМСЈ се наоѓа во централните говори на западното наречје, а тоа се говорите на линијата Битола, Прилеп, Велес.
- Правописот на СМСЈ се темели врз фонетско-фонолошки принципи.
- Лексиката на СМСЈ треба да ги опфати сите македонски говори.
Мисирков смета дека постои подолг прекин помеѓу црсл. писмена традиција во Македонија и современата јазична состојба, та затоа Македонците не се обврзани во СМСЈ да прават поголеми отстапки во полза на традиционалната словенска писменот. Мисирков исто така се повикува на фактот дека фонетскиот принцип на пишување почнува во Македонија да се применува уште во втората половина на XIX век. Исто така, Мисирков не е задоволен од писмената активност во XIX век. Тој мисли дека тогаш, дури и кога се пишувало на современ јазик, тоа не било осмислено, туку повеќе спонтано. Мисирков со право се повикува на фактот дека современиот писмен јазик е најјасно изразен во текстовите на народната поезија и проза во XIX век. Меѓутоа, сосема правилно, Мисирков ја искажува и потребата од забрзан развој на македонските културни институции во секој поглед, како и потребата македонскиот јазик да го издигне својот статус на рамниште на службен јазик.
Граматички промени во македонскиот јазик
уредиЕдна од најважните и најкарактеристичните промени што го зафатиле македонскиот јазик се граматичките промени. Граматиката на македонскиот јазик и граматиката на старословенскиот јазик почнале сосема да се разликуваат со свои граматички црти. Една од поважните грамтички промени е замената на синтетичката деклинација со аналитичен начин на изразување на падежните односи. Сведоци за паралелните промени на јазикот се на пример старите црковни охридски записи од 11 век и 12 век[3]. Другата позначајна промена што го зафатило македонскиот јазик е појавата на постпозитивниот троен член. Позначајно е да се забележи и образувањето на идно време каде во старословенскиот јазик се формуирало со помошниот глагол хътѣти, а во македонскиот јазик се развил цел систем на идни времиња. Покрај овие две огромни промени се појавил и удвоениот предмет како на пример: го видов човекот[3].
Новата граматичка структура што ја добил македонскиот јазик од самите промени што настанале во него, а и од контактите со околните јазици, веќе станала видлива во XV век. Во тоа време веќе се оформила основата на современиот македонски јазик. Од влијанијата што настанале од околните јазици, може да се забележат остатоци од дативната форма на деклинација на именки, најверојатно останати од влијанието на албанскиот и српскиот јазик. Овие дативни форми можеле да се сретнат во северозападна Македонија.[5].
Хронологија
уреди- Руенско писмо (руеница) 567 г.
- Словенското писмо (Глаголица и Кирилица)
- Старословенски јазик
- Средномакедонски период - Македонска варијанта (редакција)
- Средновековен македонски јазик
- Зацврстување на народниот јазик во црковната литература до почетокот на 19 век
- Текстови на народен јазик со грчко писмо
- Македонското јазично прашање во XIX век
- Македонскиот јазик за време на преродбата
- Погледите на Крсте Петков Мисирков за Македонскиот литературен јазик
- Македонскиот јазик меѓу двете светски војни.
- Кодификација на Македонскиот стандарден јазик
Старословенски период
уредиСловенската писменост се создала во втората половина на 9 век, односно во 862 година кога Кирил Филозоф ја составил првата словенска азбука - глаголицата. Јазикот на старите Словени се нарекува прасловенски јазик, а јазикот по создавањето на азбуката се нарекува старословенски јазик.
Старословенскиот јазик е првиот литературен јазик на сите Словени. Старословенски јазик е јазикот на Словените кои живееле во околината на Солун во 9 век.
Глаголицата е првата словенска азбука која има 38 букви и е создадена од Кирил.
Кирилицата е создадена малку подоцна, врз основа на грчкото писмо и има 44 букви.
Словенската писменост се остварувала преку книжевните школи: Охридска книжевна школа и Лесновска книжевна школа во Македонија, каде се пишувало со глаголица, и Преславска книжевна школа во Бугарија, каде се употребувала кирилицата.
Зачувани текстови од овој период во Македонија се: Зографско евангелие, Асеманово евангелие и Мариинско евангелие, сите пишувани со глаголица.
Црковнословенски период
уредиВо периодот од 12 век до XVIII век, старословенскиот јазик ја задржал основната функција - за богослужба. Но, со текот на времето говорниот јазик се менувал и елементите на таквиот изменет јазик навлегувале и во црковнословенскиот. Така, во овој период се јавуваат варијанти на старословенскиот јазик: македонска, српска, руска, полска итн.
Меѓу 15 век и XVIII век се појавуваат текстовите наречени дамаскини. Има околу 200 дамаскини кои водат потекло од Македонија. Именувани се според грчкиот проповедник Дамаскин Студит кој велел дека треба да се пишува на едноставен и разбирлив јазик. На тој начин народниот јазик уште повеќе навлегува во црковнословенскиот.
Со текот на времето, јазикот почнал стилски да се раслојува на: висок стил-црковнословенски (во богослужбата) и низок стил - народен јазик (што се употребувал во преписки и правно-административни текстови наречени грамоти).
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Попис 2001
- ↑ Историја на македонскиот јазик, Блаже Конески, стр: 7, Култура, Скопје, 1967
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Историја на македонскиот јазик, Блаже Конески, стр: 8, Култура, Скопје, 1967
- ↑ 4,0 4,1 Историја на македонскиот јазик, Блаже Конески, стр: 11, Култура, Скопје, 1967
- ↑ Историја на македонскиот јазик, Блаже Конески, стр: 9, Култура, Скопје, 1967
Надворешни врски
уреди- „Историја на македонскиот јазик“ - Блаже Конески, Скопје, 1986 година.
- Писмо од Димитрие Боди до Владан Ѓорѓевиќ за македонскиот јазик и пропагандите на Викиизвор.
- Писмо од Димитрие Боди до Владан Ѓорѓевиќ на Викиизвор.
- Писмо од Димитрие Боди до Министерството за надворешни работи на Викиизвор.