Висарион Дебарски

Висарион Слепченски кој до неодамна науката го нарекуваше и Дебарски заради неговото родно место, се вбројува во најплодните и најзначајните книжевници од Македонија во XVI век . За животниот пат на Висарион, од неговите скромни записи го откриваме неговото родно поднебје - Дебарско. Тој во текот на целиот свој живот е активен книжевник, но премногу скромен во изнесувањето на неговите биографски податоци што е својствено за неговото животно определување во монаштво. Тој во манастирот како монах го поминал својот живот во неуморна посветеност развивајќи три децении книжевна активност. Тој е наречен со право Слепченски по местото на неговиот подвиг.

Висарион Дебарски
Роден почеокот на XVI век
Дебарско
Починал Слепченски манастир

Првото негово датирано книжевно дело е пишувано околу 1540 г., а последното 1565 г. Тој е активен книжевник кој не се задоволува само со препишување на веќе постојните ракописни книги, туку самиот врши избор на текстови, создавајќи ракописни зборници во кои преовладуваат текстови од филозофско-богословска, догматска, граматичка и полемичка содржина. Во овој тип негови ракописи се: „Дионисиј Ареопагит“ (1542), „Посланието на Јован Дамаскин до Козма Мајумски“, „Богословски зборник“ (1540), „Поученија на Кирил Александриски“, „Златоуст“ (1548), „Четвороевангелие“(1548), „Слепченски поменик“ (1548) и др. Во прологот за март-август 1554 г. е поместена најголемата збирка патерички раскази што досега е пронајдена од таков тип словенски ракописи. во ова значајно дело Висарион ги вметнал расказите: „Отец Герасим и лавот“, „За картагенскиот војвода“, „Филозофот Евгариј и епископот Синесиј“, „За калуѓерот кој бил несправедливо обвинет за кражба“, „За жената која била убиена од својот свекор“, „Папа Григориј Римски“, „Павле Препростиот“... Висарион со овој свој пристап ја открива својата световна определба.

За реномето на овој книжевен деец зборува и соработката со охридскиот архиепископ Прохор, кој бил голем почитувач на словенските ракописи, а некои ракописи Висарион ги напишал по негова порачка.[1] Од големиот број ракописи на Висарион Дебарски засега може да се зборува за триесетина ракописи, за кои со сигурност се знае дека се негови или за кои се претпоставува дека би можеле да бидат препишани од неговата рака.[2] Тие денес се наоѓаат во библиотеката при БАН во Софија, во Југословенската академија во Загреб, во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во библиотеката на Академијата на науките во Санкт Петербург, во Хлудовата збирка во Москва, во Народната библиотека во Софија, во Софискиот црковен музеј и др..[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Слепченскиот книжевно-уметнички центар - Ванѓелко Лозаноски, Битола 1987
  2. Библиотеките во црквите и манастирите во Преспанско-Пелагонискиот Регион - Анета Стефановска, Науме Ѓоргиевски, Битола 2010