Ѓорги Поп-Атанасов
Ѓорги Поп-Атанасов — македонски теолог, професор и истражувач, историчар на книжевност, археограф, старословенист, доктор по филолошки науки и академик во МАНУ.
Ѓорги Поп-Атанасов | |
---|---|
Роден/а | 10 ноември 1940 , Елешница, Разлошко, Пиринска Македонија |
Занимање | историчар на книжевност, теолог, археограф, старословенист |
Живот
уредиРоден е во село Елешница, Разлошко, Пиринска Македонија. По стекнувањето богословско образование во Софија во Бугарија, работел во администрацијата на Неврокопската епархија во Благоевград, каде бил под постојани притисоци поради неговата македонска етничка припадност. Ваквите причини го натерале во 1972 година да емигрира во Република Македонија[1], каде се вработува во административните служби на Македонската православна црква во времето на Архиепископот Доситеј. Магистрирал и докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје[1]. За редовен член на МАНУ е избран на 4 јуни 2012 година.
Дело
уредиРаботел како редовен професор на Православниот богословски факултет во Скопје, каде предава староеврејски јазик а ги предавал и другите предмети од Стариот завет. Во својата истражувачка работа најголемо внимание им посветува на темите од областа на средновековното македонско книжевно наследство, поради што неговите бројни трудови се однесуваат на старата македонска книжевност[1]. Позначајни негови објавени дела се:
- „Кичевскиот октоих XIII век“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, 1978
- „Речник на старата македонска книжевност“, „Македонска книга“, Скопје, 1989.
- „Библијата за Македонија и Македонците“, „Менора“, Скопје, 1995.
- „Стари записи“, „Менора“, Скопје, 1996.
- „Македонската глаголица“, МАНУ, Скопје, 2015.