Блаже Ристовски
Блаже Ристовски (Гарниково, Кавадаречко, 21 март 1931 - Скопје, 28 ноември 2018) — македонски книжевен историчар, филолог, фолклорист и историчар. Во првата Влада на Република Македонија од 1991 Ристовски е избран за потпретседател. Тој е уредник на првата „Македонска енциклопедија“ во издание на МАНУ.
Блаже Ристовски | |
---|---|
Вицепремиер | |
На должноста | |
Стапил 20 март 1991 | |
Претседател | Никола Кљусев |
Претходник | Стево Црвенковски |
Лични податоци | |
Роден(а) | 21 март 1931 Гарниково, Кавадаречко, Кралство Југославија (денес Македонија) |
Починал(а) | 28 ноември 2018 Скопје, Македонија |
Националност | Македонец |
Установа | Филолошки факултет |
Професија | историчар, политичар |
Животопис
уредиПотекло
уредиРистовски потекнува од македонско патриотско семејство кое директно било вклучено во македонското национално ослободително движење. Неговиот дедо Ристо бил деец на Македонската револуционерна организација, кој поради својата дејност бил на трипати осудуван на по стоиедна година затвор како селски началник на Организацијата.
Образование
уредиОсновно образовани завршил во родното село Гарниково, а гимназија во Кавадарци. Завршил Филолошки факултет во Скопје во 1955 година. Во 1965 година станува доктор по филолошки науки. Од 1995 година бил редовен член на МАНУ.[1]
Дејност во НОБ
уредиУште како дете, во летото 1943 година, се вклучил во Народноослободителната борба, носел писма до Јованче Балавура. Во 1944 година, кога сè уште не бил доволно свесен и информиран, учествувал на собирите во Кавадарци каде се зборувало за слободата. На 13 години бил поставен за помошник-учител, на назначениот учител во Гарниково, а во Кавадарци на одреден начин ги одржувал конференциите во IV реон.
Конспиративна дејност
уредиВо 1945 година учествувал во формирањето на конспиративната група Македонска активна народно-комунистичка организација (МАНКО). Во овој период Блаже Ристовски активно учествувал во создавањето на библиотека со скромен фонд од областа на историјата и културата на Македонија и првата демонстрација поради што бил уапсен од полицијата. Меѓутоа властите не ја откриле конспиративната група и Ристовски заедно со останатите уапсени бил ослободен. Во учебната 1945/46 година Ристовски учествувал во нелегалното печатење на околу 300 летоци, кои подоцна ги сокрил во својата куќа, меѓутоа поради лошите услови тие биле уништени.
Ристовски им предложил на Ристо Чулев и Киро Велковски, негови блиски пријатели, да испечатат летоци и да ги растурат во текот на училишната екскурзија. Идејата била прифатена, текстот бил напишан од Ристовски, а летоците биле испечатени и поделени во три дела. Меѓутоа полицијата дознала за оваа активност. Сите ученици тргнале на ексурзијата, но автобустот со кој патувале бил застанат во Скопје каде што Ристовски, заедно со Ристо Чулев и Киро Велковски, бил уапсен на 15 април 1948 година.
Во текот на два месеци Ристовски бил испитуван од страна на УДБА по што бил преместен во Централниот затвор во Скопје. Три дена по пристигнувањето во овој затвор на Ристовски му бил доставен обвинителен акт според кој тој и неговите пријатели биле обвинети за непријатели на слободата на нашиот (македонскиот б.н) народ. Според обвинитителниот акт уште во 1946 година групата ја започнала својата противнародна дејност и создавање на терористичка и бандитска група. По добивањето на обвиненито Ристовски заедно со останатите притворени бил одведен до окружниот суд каде што бил осуден на 6 месеци затвор. По изрекувањето на пресудатата, казната ја издржувал во Идризово. Неколку дена пред истекот на 6-месечната казната, Ристовски бил ослободен.
За овие настани Ристовски истакнува: Барем во тие денови на нашата заедничка активност, ние не презедовме, ниту планиравме никаква терористичка акција. Ако не бевме откриени, можеби и ќе дојдеше до тоа, но... Исто така е важно да се нагласи дека нашата група беше самородна и немаше никакви врски со никаква организација, ниту пак имаше некакво име и разработена програма. Тоа беше еден видлив израз на младешкото незадоволство од постојната ситуација во врска со решението на македонското национално прашање во Југославија, изблик на нашиот македонскиот патриотизам, но без нужната идеолошко-политича подготовка и без точна претстава за историските процеси, настани и личности... [2]
Научна дејност
уредиСо научна дејност започнал да се занимава уште по запишувањето на студиите, а првиот истражувачки труд го објавува во тогашниот орган на Катедрата за јужнословенски јазици Македонски јазик. Иако редовен студент, работи како главен уредник на списанието Народно здравје и шеф на Отсекот за печат во Институтот за здравствено просветување во Скопје (1953 - 1955). По едногодишно професорување во Кавадарци (1956/57), се враќа во Скопје и работи како јазичен уредник на Радио Скопје (1957 - 1961).
Како лектор за македонски јазик и предавач за македонска книжевност на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана (1961 - 1966) ги води и предавањата на Педагошката академија во Марибор (1965 - 1966).
По одбраната на докторската дисертација Крсте П. Мисирков – животот и делото во 1965 година е избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Го покренува и го уредува спианието „Македонски фолкор“. Основач е и претседател на биеналниот Меѓународен симпозиум за балканскиот фолклор во Охрид. Организира успешна теренска собирачка дејност на македонските народни умотворби, а ја конципира и издавачката дејност на Институтот за фолклор.
Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја, каде што го раководи Тимот за културната историја и Балканолошкото одделение. Избран е за прв потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија (1991 - 1992), а до пензионирањето е научен советник во Институтот за старословенска култура (1993 - 1995). Беше член на редакциите на списанието Етнологиа Славица (Братислава), Демос (Берлин), Народно стваралаштво - Фолклор (Белград), Погледи, Современост, Гласник на Институтот за национална историја (Скопје) и др.
Беше претседател на Здружението на фолклористите на Македонија и на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, прв потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет цивилизации (Сорбона III) во Париз (1986 и 1992) и секретар на МАНУ (1999 - 2002).
Објавени научни дела
уредиКако истражувач на македонската литературна, јазична и национална историја и на фолклорот во Македонија, објавил повеќе книги за развитокот на македонската културно-национална мисла и над 800 статии и други прилози во разни зборници и списанија во земјата и во странство. Научно-стражувачките интереси му се движат во неколку тематски релации и ги зафаќаат спецификите на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла и акција до нејзината конечна афирмација, историјата на македонскиот писмен и литературен јазик, литературната историја и фолклорот. Посебно ги истра- жува и ги афирмира националните дејци од XIX и XX век: Крсте П. Мисирков, Димитрија Д. Чуповски, Наце Д. Димов, Ѓорѓија М. Пулевски, Петар Д. Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Никола Вапцаров, Тодор Чопов и др.
Во неговите трудови донесе нова документарна фактографија и научна аргументација и со аналитички и критички пристап кон изворите и литературата претстави на научната јавност низа пројави, настани и процеси и цела плејада заслужни профили од македонското културно- национално минато. Соавтор е на пет учебника по историја за основното и средното образование.
- „Крсте П. Мисирков (1874 - 1926)“ (1966)
- „Вардар, научно-литературно и општествено-политичко списание на К. П. Мисирков“ (1966)
- „Лозарите во развитокот на македонската национална мисла“ (1968)
- „Македонскиот народ и македонската национална свест“ (1968)
- „Крсте Мисирков“ (1968)
- „Наце Д. Димов (1876-1916)“ (1973)
- „Ѓорѓија М. Пулевски и неговите книшки 'Самовила Македонска' и 'Македонска песнарка'“ (1973)
- „Македонски народноослободителни песни“ (1974)
- „Димитрија Чуповски (1878-1940) и Македонското научно литературно другарство во Петроград“
- „Прилози кон проучувањето на македонско-руските врски и развитокот на македонската национална мисла“, во две книги (1978)
- „Македонскиот стих 1900-1944“, две книги (1980)
- „Пројави и профили од македонската литературна историја“, две книги (1982)
- „Македонскиот народ и македонската нација“, две книги (1983)
- „Кочо Рацин. Историско-литературни истражувања“ (1983)
- „Васил Икономов (1848 - 1934)“ (1985)
- „Крсте Мисирков (1874-1926)“ (1986)
- „Македонскиот фолклор и националната свест“, две книги (1987)
- „Портрети и процеси од македонската книжевност и национална историја“, три книги (1989-1990)
- „Беседа за делото на Вапцаров“ (1990)
- „Крсте П. Мисирков, Одбрани страници“ (1991)
- „Рациновите македонски народноослободителни песни“ (1993)
- „Македонски летопис“, две книги (1993)
- „Македонија и македонската нација“ (1995)
- „Ѓоргија М. Пулевски, меѓник во нашата културно-национална историја“ (1996)
- Предговор кон Цеко Стефанов Попиванов „Земјата, драма во три чина“ (1996)
- „Димитрија Чуповски и македонската национална свест“ (1996)
- „Националната мисла на Мисирков“ (1997)
- „Раните ракописи на Крсте П. Мисирков на македонски јазик“ (1998)
- „Димитар В. Македонски“ (1999)
- „Историја на македонската нација“ (1999)
- „Животот и делото на Кочо Рацин (1908-1943)“ (2009)
Објавени дела за читање во целост
уреди-
Статија „Беседа за делото на Вапцаров“ (1990)
-
Научен труд „Ѓорѓија Пулевски - меѓник во нашата културно-национална историја“ (1996)
-
Книга „Димитар В. Македонски“ (1999)
-
Научен труд „Македонската колонија во Петроград и односот кон Балканските војни и Првата светска војна“ (2014)
Мисли
уреди- „Вистина, основната маса на денешниот македонски народ се Словените што дошле на овој дел од Балканскиот Полуостров главно во VI и на почетокот на VII век, но и покрај сите погроми тие не го нашле овој простор наполно испустен: апсорбирајќи делови од затечените народи (антички Македонци, Илири, Траки, Грци, Римјани, прадедовците на денешните Албанци и Власи и др.) Словените ја апсорбирале и нивната култура и при тоа смешување постепено се создавал народ со претежно словенски етнички елементи, со словенски јазик и словенско-византиска култура. ...Во историјата на македонскиот народ несомнено важна улога имал словенскиот карактер на основниот етник, но не може и не треба да се превиди ни значењето на античките Македонци што посредно му дадоа на овој народ територија, име и крв. Ако историјата на турко-монголските Бугари се прима како неразделен дел од историјата на современиот бугарски народ, зошто Македонците да не го почитуваат минатото и славата на својата земја, на своето име и на дел од својата крв? Зашто, како што вели Д.Македонски во 1871 г. „не зинала земјата па да ги голтне“ тие стари Македонци, ами тие се влеале во масата на овој народ.“ [3]
- Со многу празнини и недоизјаснетости, се обидуваме да ги оцртаме основните линии на идната полна монографија на Мисирков и на македонската национална мисла. Зашто да се зборува за Мисирков значи да се зборува за патиштата на развитокот на македонската мисла, и обратно. Тие се испреплетени во текот на цели три децении и повеќе, а нивното проучување претполага познавање на најзначајниот период од македонската национално-политичка и културна историја, со што нашата млада наука, на сегашниов степен, не може да се пофали. Затоа при разгледувањето на најкритичните моменти од развитокот на Мисирков и македонската национална мисла си дозволивме да се задржуваме и на некои постранични материјали што помогнуваат за разбирањето на мошне комплицираниот стек на разни околности што ги диктирале постапките и делата на Мисирков и на неговите сомисленици. [4]
- Но видете, од сите тие забелешки што тие ги прават има само една за која тие сега веднаш реагираат, а тоа е што тие не нашле некаде да е напишано дека тие се автохтоно население во Македонија. Ние за Албанците во Албанија и на Косово, воопшто не разговараме во Енциклопедијата. Нема такви текстови. Меѓутоа, ние пишуваме само за Албанците во Македонија. Според тоа, ние за етногенезата и за историјата на Албанија и на Албанците во нашата енциклопедија не сме поставиле одредница. Во оваа кратка енциклопедија сакаме да пишуваме само за Македонија и за се она што е во Македонија, тоа е едно. Второ, научна вистина е дека нивната теза, дека тие се автохтоно население и во Македонија, е асолутно неодржлива.[5]
- Точно е дека уште не си ја знаеме сопствената историја. Други со векови ни ја интерпретирале по своја кројка нашата историска судбина. Современите Македонци во Република Македонија се профилирани од српскиот и бугарскиот образовен историски ракурс, од "југословенскиот" калап и од сопствената усно пренесувана историска традиција. Во другите делови од македонскиот народ решавачко влијание имаше бугарската, грчката и албанската државна политика, просвета и пропаганда, иако сè уште се чува и народната традиција. Македонското образование започна дури од крајот на 1944 година, но тоа ги понесе и атавизмите и наслагите од минатото и духот на 30-тите години. Тогаш се следеше главно социјалистичката "жица" кај некои македонски дејци и револуционери и според тоа се определуваше нивната "напредност" и се правеше историската валоризација. Освен тоа, во образовниот процес потенцирано беа внесени и "словенските" развојни правци, во голема мера пренесени и од руската/советската историска наука и идеологија од XIX и XX век. Македонската историска научна мисла е затемелена главно во втората половина на 19, но појасни национални видици се поставија дури од почетокот на 20 век. Тогаш се појавија и националните корифеи од Македонското научно-литературно другарство К. Мисирков и Д. Чуповски и нивните бројни приврзаници во земјата и во странство и беа поставени научните темели на македонската историографија. Многу печатени сознанија дојдоа кај нас многу доцна, па дури и денеска уште не се стигнати до свеста на нашиот народ.[6]
Наводи
уреди- ↑ „Биографија на МАНУ“. Архивирано од изворникот на 2019-12-27. Посетено на 2019-12-27.
- ↑ Д-р Стојан Ристески, „Судени за Македонија (1945-1985)“, Охрид, 1995.
- ↑ Б. Ристовски, „Македонскиот народ и македонската нација“. II. 22 и 32, Скопје 1983
- ↑ том 1 на "Избрани дела в десет тома", озаглавен "Мисирков" (Крсте П. Мисирков (1874 – 1926). Прилог кон проучувањето на развитокот на македонската национална мисла"
- ↑ „„Науката во рацете на манипулантите!?"“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2011-11-27.
- ↑ „ИМА(ЛО) ТЕШКИ ПАЗАРИ ЗА СМЕТКА НА МАКЕДОНИЈА“. Архивирано од изворникот на 2011-11-10. Посетено на 2011-11-27.