Франкија

велесила во Европа во доцната антика и раниот среден век
(Пренасочено од Кралство на Франките)

Франките се германски народ, кој се состоел од неколку различни германски племиња. Тие се првото германско племе кое започнувало со населување на териториите во рамките на Римското Царство. Франките дошле на територијата на Римското Царство, од денешните територии на Германија и јужна Холандија и најпрво започнале да ги населуваат областите во северна Галија, каде што биле прифатени од Римјаните како федерати. Главните историски извори за Франките се извлекуваат од Григориј Турски во неговото дело „Историја на Франките“ – што го опфаќа периодот до 594 година, а во која изнесува цитати и од други автори. Постојат и постари римски извори за Франките, како оние од Амујан Марцелин и Сидониј Аполинар. Григориј Турски тврди дека Франките живееле во Панонија, па оттука се преселиле во областите покрај реката Рајна. Според него, овде Франките според нивниот воен водач Франк, биле наречени Франки.

Промена на границите во периодот од 481 до 814 г.
Инвазија на Франките

Новите историчари пак сметаат дека Франките претставуваат една голема хетерогена група на германски племиња коишто се составени од: Сикамбри, Успити, Тенктери и Бруктери. Овие групи се населувале во рајнското подрачје и земјите источно од реката Рајна. Општествениот развој бил забрзан како причина од постојаните војни на Римјаните со Маркоманите во 166 година и останатите конфликти во 2 век и 3 век. Во периодот од 8 век п.н.е. до 1 век п.н.е. тие ја населиле целата територија на Северна Галија, прогонувајќи ги Келтите кон југ. Уште во 109 година, германските народи Кимври и Тевтони навлегле во Римската Република напаѓајќи ги Галите. Во 9 година, германските племиња ја поразиле Римското Царство во Тевтобургската планина, но одбраната на империјата останала делотворна дури до 4 век кога многу Германи започнале да навлегуваат на територијата на Римското Царство и таму да се населуваат. Тие сепак во почетокот ја примиле римската власт и се согласиле да служат како гранична сила во заштита на империјата. Таквите германски племиња од страна на Римското Царство биле нарекувани федерати. Во 250 година, една група од Франките ја искористила слабоста на Римското Царство и дошла до Тарагоне во Хиспанија, каде успеале во следните десет години постојано да го ограбуваат месното население, сè додека на крајот римската легија не успеала да ги протера од деловите на Рим. После четириесетина години, Франките успеале да го заземат регионот Шелт, по кое веднаш следувала опсада на регионот, која во крајна мерка останала неуспешна. Римскиот цар Јулијан Отпадник, во текот на 355-358 година склучил сојуз со Франките кои живееле околу реката Рајна, според кој Рим им доделил на Франките голем дел од белгиска Галија. Од моментот кога Франките станале федерати, во исто време станале и сојузници со империјата. На Франките им било дозволено населување на територијата на империјата со одредени обврски кон самото царство. Територијата што најпрвин ја населиле одговара на денешна Фландрија и Холандија, јужно од Рајна и од ова подрачје Франките започнале да се шират низ поголемиот дел од Галија. По 425 година, Салиските Франки започнале да се преселуваат, но бргу биле застрашени од можна инвазија на Хуните. Како федерати, тие помагале на големиот римски полковник Аециј во битката против хунскиот водач Атила во 451 година. По смртта на Атила во 453 година и на Аециј во 454 година, нивните дејства и напади немало кој да ги контролира. Во врска со таа битка, се споменува и првиот познат цар или крал на Франките по име Меровех. Но најверојатно е дека тој бил раководител на една примитивна држава и имал титула крал. Од овде може да се каже дека од 451 година била создадена франкската држава чија престолнина бил градот Турне. Холандскиот јазик денеска се смета дека е директен наследник на франкискиот јазик.

Франкиската држава го покривала поголемиот дел на териториите на денешна Франција, Белгија, Холандија и западните области на Германија. Таму Франките го создале модерното јадро на новите култури: Германија, Франција, Белгија, Холандија и северна Италија. Преминот на франкискиот крал Хлодовик I на никејско, а не на аријанско христијанство, кон крајот на 5 век, претставува еден од клучните моменти во историјата на Западна Европа. Франкиската држава под власта на Меровинзите била постојано подложна на династиска војна, бидејќи Франките го делеле кралството на сите наследници (синови), како што вообичаено го делеле и приватниот имот. Тоа било време на една кралска држава со бројни поткралства. Во Франкиската држава владееле две династии на кралеви: Меровинзи и Каролинзи. На почетокот постоела главна поделба меѓу Франките на: Салиски Франки, кои живееле покрај приморските области; Рипуарски Франки, кои живееле покрај големите реки. Таа поделба имала свое значење сè до 9 век, затоа што Салиските и Рипуарските Франки имале сосема различен правен систем, којшто започнува да се менува малку подоцна.

Династија Меровинзи

уреди

Хлодовик I

уреди

Меровинзите се наречени по франкискиот владетел Меровех кој владеел од 447 - 457 година со Салиските Франки.

Династијата Меровинзи ја основал Хлодовик I, којшто ги обединил Франките, а потоа остварил значајни победи над Визиготите, Саксонците и Алеманите. Меровинзите владееле со сите Франки од 481 до 751 година .

Последниот меровиншки крал бил Хилдерик III, кој бил наследен од страна на Пипин Кусиот со што дошло до промена на владеењето на кралските династии. Меровинзите биле нарекувани „долгокоси кралеви“ поради верувањето наследено од времето на Хлодовик дека носењето долга коса ја означува наклонетоста кон христијанскиот бог. Хлодовик (481-511) бил еден од најзначајните владетели на Меровинзите. Тој го обединил поголемиот дел од Галија, меѓу реките Лоара и Сена, и тоа по Битката кај Соасона која се одвивала во 486 година[1]. По оваа битка, Хлодовик завладеал со областа Париз, а во 510 година станал единствен водач на Салиските и Рипуарските Франки. Тој бил првиот франкиски крал јшто го примил христијанството и се смета дека за тоа голем придонес имала неговата сопруга Клотилда, која била ќерка на бургундскиот владетел. Клодвик бил покрстен во 496 година и во наредните десетина години уште три илјади негови војници ја прифатиле христијанската религија.

Покрстувањето на Хлодовик се одвивало во голема тајност од причина што Франкиското благородништво било доста резервирано кон оваа религија. Хлодовик го победил Визиготското кралство Тулуза, во Битката кај Вује во 507 година, каде што животот го загубил визиготскиот крал Аларик II. По смртта на Хлодовик, Франкиското царство било поделено меѓу четирите негови синови. според старото салиско правило за поделба на наследството на сите наследници.

По смртта на Хлодовик

уреди
 
Поделба на франкиското кралство меѓу четирите синови на Хлодовик со Клотилда, Големите хроники на Сен-Дени (Општинска библиотека на Тулуза).

Меровиншкото кралство ја опфаќало целата територија на Галија без Бургундија. Од првата поделба во 511 година, Франкиското кралство било постојано во граѓански војни. Синовите на Хлодовик, ги одржувале братските пријателски односи за време на војната против Бургундија, меѓутоа набрзо започнале меѓусебните превривања и нетрпеливост со бројни интриги и убиства на наследниците. По смртта на Хлодовик во 511 година, неговото кралство било поделено меѓу неговите четири синови.

Теодорих I ја добил територијата Австразија, каде неговите потомци владееле до 559 година, кога ова кралство било повторно обединето со другите франкиски кралства. Хлотар I кој до 558 година ги наследил сите франкиски поседи, повторно ја поделил обединетата земја меѓу неговите четири сина. По смртта на Хариберт I во 567 година, биле создадени три големи кралства: Австразија под Сигеберт I; Неустрија под Хилперик I и Бургундија под Гунтрам. Овие три кралства ја дефинирале политичката поделба на Франкиската држава сè до доаѓањето на династијата Каролинзи.

Од 567 година, па сè до смртта на Сигеберт II, Неустрија и Австразија постојано воделе меѓусебни војни, додека пак Бургундија се обидувала да биде неутрална. Овие војни посебно станале жестоки во времето од владеењето на кралицата на Австразија – Брунхилда и кралицата на Неустрија -Фредегунда. Во 613 година, австразиските благородници се побуниле против Брунхилда, за на крајот својата доверба да ја доделат во рацете на кралот на Неустрија – Хлотар II (синот на кралицата Фредегунда). Хлотар II, самиот ја презел контролата над другите две кралства и повторно го обединил Франкиското кралство, со седиште во Париз.

Во тоа време се појавиле и првите дворски мајордоми. Улогата на мајодромите била посредната улога меѓу кралот и народот. Првите мајордоми во Австразија биле од фамилијата Пипиниди, кои полека но сигурно ја зацврстувале својата доверба и углед кај благородништвото и кај народот, за на крајот самите да го симнат меровиншкиот крал од престолот и да започнат да владеат со Франкиските кралства.

Во 623 година Австразијанците побарале од кралот Хлотар II да им даде нивен сопствен крал. По нивно барање Хлотар го назначува својот син Дагоберт I за крал на Австразија, а Пипин Ланденски станал регент на Австразија. Во 629 година Дагоберт I ги наследил и кралствата на Неустрија и Бургундија со што повторно се обединиле франкиските кралства под еден владетел. Во 633 година Австразија повторно побарала сопствен крал, па Дагоберт I го назначил Сигеберт III за нивен крал.

Хлотар II

уреди
 
Поделбата на Галија по смртта на Хлотар I во (561)

Хлотар II бил син на Хилперик I, но кралот починал пред раѓањето на својот син. Хлотар II се борел против кралицата ( негова роднина) Брунхилда и нејзиниот син (братучет му) Теодорих II. Брунхилда по смртта на нејзиниот син Теодорих II на престолот сакала да го донесе својот внук Сигеберт II (синот на Теодорих II), но тие набрзо биле фатени од страна на Хлодовик II и погубени. Хлотар II не би успеал да ги здобие овие победи и да стане единствен владетел на Франките без помошта на благородништвото. Благородништвото добило големи привилегии во управувањето со законодавната власт, што значи дека паралелно слабеела и моќта на кралот . Тоа што двата мајордома му помогнале на Хлотар II да дојде на власт во кралствата Австразија и Бургундија и целосно да завладее со сите франкиски територии, не поминало без последици. Благородниците го натерале кралот да ја признае функцијата мајордом за наследна и да им отстапи голема законодавна моќ. Хлотар II го донел и Паришкиот едикт, кој е еден вид на англиската повелба на слободата (магна карта), со што се забранило вработувањето Евреи во кралската служба. Хлотар II починал во 629 година, по 44 години владеење. По неговата смрт, моќта на кралот ослабела, кралот честопати имал само симболична функција, додека власта на мајордомите значително се зголемила.

Дагоберт I

уреди

Дагоберт I (603639) бил последниот меровиншки крал којшто ја имал власта на сите франкиски територии (кралства ). По него, сите наредни кралеви биле нарекувани „кралеви што ништо не работат“, односно “мрзливи кралеви“. Дагоберт I бил најстариот син на Хлотар II кој владеел сам сè до 613 година, но по барање на благородниците во Австразија го назначил својот син Дагоберт I за крал на оваа област. По смртта на Хлотар II, Дагоберт I ги наследил сите делови на Франкиската држава: Австразија, Неустрија и Бургундија. Станал крал на сите франкиски кралства, но неговиот полубрат Хариберт се спротивставил на оваа одлука и ја побарал Неустрија за негово кралство. Тоа не се остварило, откако Дагоберт I ги убил најблиските поддржувачи на Хариберт. По смртта на Хариберт во 632 година, Дагоберт I го нарачал и убиството на синот на неговиот полубрат. Тој станал најугледниот европски владетел во тоа време.

Пипин I Ланденски

уреди

Пипин Ланденски (580640) бил франкиски мајордом на Австразија во времето на владеењето на меровиншкиот крал Дагоберт I, а подоцна и на Сигеберт III. Неговиот псевдоним упатува на градот Ланден во денешна Белгија. Неговата ќерка се омажила за Ансегизел син на Арнулф епископ од Мец), така дошло до обединување на две моќни фамилии од кои подоцна ќе биде создадена новата кралска династија Каролинзи. Пипин заедно со уште неколку моќни племства во Австразија и Бургундија, во 613 година се спротивставиле на власта на кралицата Бринхилда, која владеела во името на својот правнук Сигеберт II. Пипин, Арнулф, Варнахар II и Радон биле најистакнатите луѓе кои пружиле отпор на кралицата и кои побарале од кралот на Неустрија – Хлотар II, симнување на кралицата од престолот и преземање на власта во негови раце. Хлотар II набрзо го добил престолот, по серијата убиства на Брунхилда, Сигеберт II, по претходен договор во Андернах, го признал Радон за мајордом на Австразија, Барнахар за мајордром на Бургундија, додека Пипин требало да причека за својата награда. Во 623 година, Хлотар го назначил Пипин за мајордом на Австразија, во истото време кога и неговиот син станал крал на ова кралство. Арнулф неговиот пријател и сват, му станал советник на младиот крал.

Арнулфинзи и Пипиниди

Мајордоми

Каролинзи

Пипин I во 629 година од непознати причини бил повлечен од функцијата мајордом и повторно се вратил на оваа функција во 639 година . Со неговото повторно враќање по смртта на Дагоберт I, ја надгледувал поделбата на териториите меѓу Сигеберт III и брат му Хлодовик II, во чие име владеелa мајка им Нантилда. Пипин поради своето добро пријателство со бургундскиот мајордом Кинеберг Келнски и Ега, успеал да го реши спорот со договор. Пипин Ланденски со својата сопруга Ита, имал два сина и две ќерки: Бега – која била жена на Ансегизел, синот на Арнулф и внукот на епископот Меца; Гертруда – која се замонашила во манастирот којшто бил основан од нејзината мајка; Бавон – кој станал манастирски монах а подоцна и аскет; Гримоалд-кој ќе биде мајордом во Австразија од 643 до 659 година.

Пипин II Херисталски

уреди

Пипин Херисталски (635-714) бил мајордром на Австразија, Неустрија и Бургундија од 627 до 695 година. Бил првиот мајордом кој владеел со сите Франки и бил внук на Пипин Ланденски, по својата мајка Беги и таткото Анегизел, внук на епископот Арнулф од Мец. Тој е роден во Херистал (оттаму и псевдонимот Херисталски )–денешна Белгија, каде се наоѓала централната моќ на неговата фамилија. Заедно со брат му Мартин војувал против мајордомот Еброин на Неустрија, кој сакал својата власт да ја наметне над сите франкиски територии. Еброин бил убиен во атентат од страна на неговите заговорници во 681 година.

Пипин веднаш по ова склучил мировен договор со наследникот на Еброин-Варатон. Кога починал Варатон во 686 година, тој бил наследен од страна на неговиот зет Бертат кој бил именуван за мајордом на сите Франки. Теодорих III започнал војна против Австразија заедно со Бертрар, нивните војски навлегле во Австразија во 687 година, но Пипин извојувал победа во Битката кај Тертија и го приморал Бертрар да се откаже од титулата мајордом, а Теодорих III доколку сакал да ја задржи круната морал да го признае Пипин за мајордом на сите Франки. Варитоновата ќерка се омажила со најстариот Пипинов син Дрогo-војвода од Шампањa. Во текот на наредните години Пипин II ги победил Фризиjците и Алеманите источно од Рајна (денешна Франконија во Германија). Таму Пипин Средниот испраќал голем број на мисионери со цел да го покрстуваат тамошното население.

Во 695 година ги именувал за мајордоми неговите синови- Дрого и Гримоалд. Пипин во 670 година се оженил за Плектруда, ќерка на еден од најблиските луѓе на кралот Хлодовик IV. Со тоа добил голем посед во поречјето на Мозел. Пипин Средни имал и љубовница со која исто така имал два вонбрачни сина: Карло Мартел и Хилдебранд. Законските синови на Пипин умираат пред него, едниот – Дрого во 798 година а Гримоалд Неустриски во 714 година. Плектруда го наговарала Пипин за негов наследник да го прогласи нивниот внук (синот на Гримоалд), но Пипин ненадејно починал истата година. Потоа избила граѓанска војна за наследство на титулата мајордом, која успеал да ја приграби вонбрачниот син на Пипин –Карло Мартел.

Карло Мартел

уреди

Наследникот на Пипин Херисталски, неговиот незаконски син Карло Мартел, бил енергичен и способен владател. Со поддршка на австразиската аристократија успеал да ги разбие своите противници, крупни благородници во Неустрија, Прованса и Аквитанија и да ја смири внатрешната ситуација во државата. Карло Мартел успешно војувал и со германските племиња на источниот дел од реката Рајна, кои се отцепиле од државата. Презел неколку воени походи против Фризите и Саксонците, а потоа и против Баварите и Алеманите, принудувајчи ги одново да ја признаат власта на Франките и да плаќаат годишен данок на државата. Но најзначајно во неговата надворешна политика всушност е одбранбената воена акција, која ја презел на југот од државата. Таму Франките се судриле со еден нов, опасен непријател – Арапите, кои од Шпанија започнале да продираат во јужнаГалија, поточно во Аквитанија, сериозно загрозувајќи ја на тој начин државата на Франките. Судирот со Арапите бил неизбежен. Во решавачката битка што се одиграла во 732 година кај Поатје, муслиманите доживеале катастрофален пораз и биле принудени да се повлечат. Победата на Карло Мартел кај Поатје има големо историско значење, бидејќи со неа биле спречени продорите на муслиманите од југозапад.

 
Сараценската војска надвор од Париз, 730-32, слика на Јулиус Шнор вон Каролсфелд, ран 19 век

Бенефицијалната реформа на Карло Мартел

уреди

Воените успеси на Карло Мартел биле резултат на големата воена моќ на новиот фаворизиран род во војската на Карло, коњаницата создадена со неговата позната бенефицијална реформа. Имено, владетелите и мајордомите пред Карло Мартел на своите најблиски, како и на истакнатите војсководачи и благородници им подарувале земја во целосна сопственост, без никакви обврски по чинот на подарување. Таквите подароци забрзано го намалувале фондот на кралската земја, а притоа не биле воспоставувани никакви нови врски меѓу кралот и мајордомот и поданиците коишто добивале таков подарок. Напротив крупните сопственици на земја настојувале целосно да се осамостојат од централната власт, бидејќи немале никакви обврски кон владетелот. Тоа било причина за многу идни војни меѓу кралот и богатите земјопоседници. Со цел поцврсто да ги приврзе кон централната власт и истата да ја засили, особено воената моќ на државата, Карло Мартел вовел нов систем на давање земја. Започнал да доделува земјишни имоти, но не како дотогаш подарок без обврски, туку на условно користење. Оваа нова условна форма на феудална сопственост на земјата била наречена бенефиција (beneficium) т.е. доброчинство, а корисниците на ваквата земја биле наречени бенефицијари. На тој начин кај Франките се родило многубројното рицарство. Бенефицијата претставувала имот, односно земја која се доделувала на доживотно користење, под услов бенефицијарот да исполнува определени обврски и служби, од кои најзначајна била обврската да служи во воената коњаница. Имотот што бил доделен како бенефиција не можел да се предаде во наследство. Во случај на смрт на бенефицијарот, имотот му се враќал на сопственикот. Ако и наследникот на бенефицијарот сакал да го наследи имотот во бенефиција тогаш се обновувал договорот за користење. Истата постапка се применувала и при смртта на давателот на бенефицијата, кога неговиот наследник го обновувал договорот. Бенефицијата во 9 век и 10 век, наместо наследно, започнала да се доделува доживотно и условно како феуд (лесно) користење на земјата поврзано со обврската за служење во војска.

Карло Мартел нашироко раздавал бенефиции, а кога започнала да му недостасува земја, пристапил кон секуларизација на црковните имоти, ризикувајќи да ги расипе добрите односи со црквата. За да го спречи револтот на црковните лица, кој се појавил како реакција на ваквата негова политика, тој започнал да назначува свој блиски роднини и пријатели за свештени лица. Бенефиции во почетокот доделувал само Карло Мартел и неговите наследници. Но набргу и крупните земјопоседници започнале да даваат имоти во бенефиција. Така започнал да се оформува еден хиерархиски систем на корисници на земја, кој подоцна ќе прерасне и ќе се претвори во феудална скала, односно феудална хиерархија.

Карло Мартел со спроведувањето на новата реформа, покрај воените, остварил и одредени политички цели. Имено новосоздадената коњаница, како посебен род војска, добила првостепено значење и започнала да игра решавачка улога во војните, додека пешадијата составена од слободни селани била ставена на втор план. Со реформата значително зајакнал и се зацврстил слојот на средниte и ситнитe земјопоседници, кои ја чинеле основата на коњаницата, а со тоа и на целата воена организација на државата. Тие всушност биле претходници на идното рицарство, наспроти тоа селанството, кое ја чинело основата на пешадијата, со реформите го загубило дотогашното значење на главната воена сила и се нашло во подредена положба во државата. Бенефицијалната реформа на Карло Мартел придонела и за зацврстување на феудалната сопственост на земјата и дирекно го помагала натамошното оформување и јакнење на феудалните односи во државата. Таа особено придонела за закрепостувањето на селаните. Имено, земјата обично се доделувала во бенефиција, заедно со луѓето коишто живееле на неа. Во голем број случаи селаните веќе биле во зависна положба и во полза на бенефицијарот исполнувале одредени обврски. Со новата реформа Карло Мартел имал за цел да ја зацврсти централната власт, во што во голема мера и успеал, потпирајќи се на слојот средни и ситни бенефицијари, Карло Мартел а посебно неговите наследници, успеале да ја зацврстат централната власт и да ги прошират границите на државата.

Одлики и закони во времето на династијата Меровинзи

уреди

Меровиншкиот крал бил одговорен за распоредувањето на освоеното богатство, добиено од воените походи. Тој тоа богатство го делел меѓу највлијателните благородници. Кога некој меровиншки крал ќе починел, неговиот имот се распределувал меѓу неговите наследници. Кралот го определувал здружувањето за одбрана, администрација и судство. Грофовите требале да се грижат за војската, да ја регулираат и да ги наградуваат војниците според нивната заслуга со земја-имот. Таа војска била под власта на кралскиот авторитет. Постоел и годишен национален парламент-заседание, каде што се дискутирало за идните воени политики и стратегии и најзначајните прашања од витален интерес за државата.

 
Кралот Хлодовик го диктира Салискиот закон опкружен од своите воени водачи.

Војската го прогласувала кралот со неговото кревање над нивните штитови-еден вид на антички обичај-ритуал, со што симболично се означувало дека кралот е пред сè воен водач–командант, а потоа шеф на државата. Од кралот се очекувало и самиот да може финансиски да егзистира самостојно, благодарение на големината на неговиот личен имот. Законот во добата на династијата Меровинзи не бил ист за сите граѓани. За Салиските Франки постоел Салиски закон, додека за Рипуарските франки друг посебен закон. По ова прашање Франките доста заостанувале зад нивните соседи Визиготите и Бургундите, коишто го имале прифатено универзалното Римско право. Меровиншкиот закон бил заснован на преседани, не познавал концепти на создавање на нови закони според приликите што ги барале новите времиња, туку со векови опстојувале оние традиционални и застарени закони.

За историјата на Франките по освојувањето на Галија, но и за нивната историја и општествен систем пред, како и во времето на Меровинзите, најмногу податоци содржи Салискиот законик (Lex Salica). Тој е еден од најпознатите „варварски закони“ составен во почетокот на 6 век, а се смета дека е создаден по наредба на кралот Хлодовик. Салискиот законик всушност претставува запишано обично право на Салиските Франки. Тој има голема вредност како историски извор, бидејќи меѓу другото ја одразува еволуцијата на општеството на Франките од првобитниот општински поредок кон феудализмот. Во Салискиот законик, за разлика од другите варварски законици (Визиготскиот, Бургундскиот), многу помалку се одразило римското влијание. Тоа влијание главно се манифестира преку надворешните белези: пишуван е на латински јазик, а казните во него се одредени во римски парични единици. Салискиот законик (Lex Salica) содржи стари, архаични обичаи што се зачувале кај Франките до освојувањето на Галија, но во него има многу нови податоци, карактеристични за општеството на Франките во времето на освојувањето на Галија, а и потоа. Меѓу највпечатливите се оние податоци кои говорат за почетоците на имотната нееднаквост кај Франките, за приватната сопственост, за правото на наследство на земја, за државата. Значајна одлика на Законикот е тоа што франкиските владетели во времето на неговото првобитно настанување во почетокот на 6 век па сè до 9 век, внесувале актуелни дополнувања во него и на тој начин овозможиле да се проследи натамошната еволуција на општеството на Франките во правецот на феудализмот .

Династија Каролинзи

уреди

Пипин III Малиот

уреди

По смртта на Карло Мартел, власта во државата ја презеле неговите синови Пипин, кој поради својот мал раст го добил прекарот ,,Кусиот (Мали)” и брат му Карломан. Пипин управувал со Неустрија, Бургундија и Аквитанија, а вториот со Австразија, Тирингија и Алеманија со Баварија, додека формално на чело со државата управувал меровиншкиот крал Хилдерик III (743-751).

Заедничкото управување на браќата траело сè до 741 година кога Карломан доброволно се откажал од власта и му ја предал на својот брат Пипин, а потоа се замонашил. Така Пипин станал првиот релевантен владетел во државата. Како првостепена задача го поставил прашањето за решавање на проблемите со црковните власти кои биле многу нарушени во времето на владеењето на неговиот татко Карло Мартел. Всушност поддршката од црквата му била потребна и за зацврстување на сопствената власт. Со црквата бил постигнат договор според кој, црковната земја што била доделена во вид на бенифиции и понатаму останувала во рацете на бенефицијарите, но останувала и во сопственост на црквата. Бенефицијарите биле должни да и даваат на црквата одредени давачки – данок. Без одобрување од кралот, црквата немала право да ја одзеде власта од бенефицијарите, на тој начин во времето на Пипин Малиот бил воспоставен тесен и цврст сојуз меѓу црквата и нејзиниот поглавар – римскиот папа со владетелите на Каролиншката династија.

Во 751 година со благослов на папата, Пипин Малиот бил крунисан за крал на Франките. Тоа се случило на собранието на благородниците и вазалите на Пипин, што се одржало во градот Соасон. Претходно Пипин побарал одговор од папата Захариј (741-752) за тоа кој треба да ја има моќта во државата – оној кој ја има кралската круна или оној кој делува како крал и донесува такви одлуки. Папата одговорил дека крал треба да биде оној кој ја поседува моќта во државата. Ваквиот позитивен одговор бил очекуван од папата од причина што Римското Царство имало огромни проблеми со Лангобардите и им била неопходна воена помош од Франките. Притоа, последниот меровиншки крал Хилдерик III бил симнат од престолот и однесен во манастир, откако претходно му била потстрижена долгата коса, симбол на меровиншките кралеви. Со тоа и симболично му биле одземени и кралските привилегии.

Чинот на крунисувањето на Пипин Кусиот за крал на Франките го извршил папата Стефан II во црквата Сен Дени близу Париз. За поддршката што му ја пружила црквата, Пипин Малиот се мошне великодушно оддолжил, а набргу потоа започнал дирекно да се вмешува во односите меѓу папата и Лангобардите. Имено, папата Стефан II во 753 година побарал помош од Пипин Малиот за борба против Лангобардите, кои во 751 година ја освоиле од ВизантијаРавена и териториите на Равенскиот егзархат и ги приклучиле кон својата држава. Покрај тоа, продолжувајќи со освојувањата, настојувале да ги прошират нивните територии на сметка на териториите на Римската Црква.

Пипин Малиот го прифатил повикот на папата и презел два похода против Лангобардите во периодот од 754-756 година. При првиот поход папата му ја доделил титулата „римски патрициј“ со што Пипин Малиот станал покровител на Рим и заштитник на црквата. Вториот поход на Пипин завршил со целосен успех, Лангобардите биле поразени, а лангобардскиот крал Аистулф бил принуден да му ги врати териториите на поранешниот Равенски егзархат на папата (не на Византија, зашто тие територии претходно ѝ припаѓале на Византија). На овие територии била создадена папската држава во средна Италија во 756 година, односно световната држава на папите (денешен Ватикан).

Сојузот кој бил склучен меѓу папството и владетелот на Франките, резултирал со заемна полза. Пипин Малиот водел успешни војни со Бургундија и Прованса и успеал да ги принуди овие територии да ја признаат неговата врховна власт. Покрај тоа, во 759 година ги протерал муслиманите од Нарбона и областа Септиманија, а во неколку походи, во периодот 760-768 година, конечно ја потчинил и Аквитанија. Пипин водел успешни војни и против Саксонците, а успеал и во Баварија, на чело со тамошниот херцог, да ја направи вазална и на тој начин во голема мера го зацврстил влијанието на каролиншката монархија во Германија. Заради срамот од постапките на неговиот татко кон црквата, по негово барање, Пипин Малиот бил погребан во црквата Сен-Дени, со лицето завртено надолу.

Карло I Велики

уреди

По смртта на Пипин Малиот во 768 година, неговите два сина – Карломан и Карло, ја поделиле Франкиската држава. Меѓу нив имало доста големи несогласувања, но Карломан умрел во 771 година, па така целото кралство останало во рацете на Карло. Тој воспоставува баланс меѓу царската и папската власт. Во 772 година Карло Велики ја освоил Саксонија, која станала дел од Франкиското кралство. Во средината на 8 век, Карло Велики испратил голем број на христијански мисионери во Саксонија, со цел да биде извршено покрстување на Саксонците.

На силните воени удари нанесени од страна на војските на Карло Велики, Саксонците побарале примирје, а Карло Велики го наметнал условот за примирјето да биде остварено, да се прифати христијанската религија од саксонска страна. За да можел полесно да управува со Саксонците, Карло Велики основал неколку бискупии: Бремен, Минстер и Оснабрик. Во истото време Карло Велики ги поразил и Лангобардите и ја освоил северна Италија. При тоа ја потврдил и својата заштита на папската власт. За Карловата биографија најмногу податоци има од германецот Ајнхард.

 
Монета од Карло Велики со натпис KAROLVS IMP AVG (Karolus imperator augustus)

Карло своето детство го поминал во дворецот на својот татко во Алхен, град кој подоцна ќе стане негова престолнина. Во овој дворец, Карло научил да мечува, да лови и да плива. Она што е интересно е што Пипин Малиот не ги школувал своите синови, иако имал можност тоа да го стори во некој од многубројните манастирски училишта. Така Карло Велики до крајот на својот живот останал неписмен (еден од ретките европски владетери кој не биле образовани), но многу напори вложувал целиот свој живот да научи да пишува. Посебно го ценел образованието и културата, затоа во неговиот дворец ги повикал да работат најучените луѓе од цела Европа и така создадал еден богат културен центар – Дворска академија, од која ќе започне да се развива Каролиншката ренесанса (повторен процветот на образованието во Европа). По смртта на Пипин Малиот, Карло Велики ја наследил територијата на Австразија, северните делови на Неустрија и поголемиот дел од Аквитанија. Карломан пак ги добил териториите на јужна Неустрија, Бургундија, Прованса, Алзас и Алеманија. Меѓу Карло Велики и Карломан честопати доаѓало до бројни недоразбирања и расправии кои не прераснале во поголем конфликт, благодарение на нивната мајка, кралицата Бертрада фон Лун. Карло Велики ја поддржувал папската политика, додека брат му Карломан го поддржувал движењето на Лонгобардите.

По смртта на Карломан, неговите територии не преминуваат во власт на неговиот син, туку со поддршка од племствата ги добива Карло Велики. За да ги смири односите со Лангобардите, се оженил со Дезидерија - ќерката на Лангобардскиот крал Дезидерат. Трпеливиот однос на Карло Велики кон Лангобардите не траел многу долго. По скратеното право на децата на Карломан да бидат наследници на неговиот имот, нивната мајка (сопругата на Карломан) ја помолила жената на Карло Велики да им ја врати власта, но во исто време и римскиот Папа Адријан I побарал помош од Карло за борба против Лангобардите. Карло Велики го искористил ова барање на папата со цел да ја зајакне и докаже власта пред племството, но и за да го сврти вниманието на јавноста од наследниците на Карломан. Франкиската војска со месеци стоела пред ѕидините на Лангобардиската престолнина – Павија (недалеку од денешниот град Милано) но без успех. Кралот Дезидериј ја затворил тврдината и пружал силен отпор. Карло Велики со своето доаѓање во Италија, ја искористил и приликата да се сретне со римскиот папа Адријан I, којшто му ја врачил титулата ,,Римски патрициј “, со што папата станал зависен од положбата на франкискиот крал.

Карло Велики повторно се вратил во Лангобардија со цел да ја заврши војната. Тој дури побарал од својата жена Дрезеида, да го замоли својот роден брат да се предаде на неговата власт. Во почетокот на јули 774 година паднала Лангобардиската престолнина. Дрезидериј бил симнат од престолот и бил протеран во манастир, Карло Велики ја добил титулата – крал на Франките и Лангобардите.

Лангобардската железна круна

уреди

По враќањето на Карло Велики во Франкија, избил повторно бунт од страна на Лангобардите предводени од синот на Дезидериј– Алдафиз. Карло Велики повторно се вратил во Италија и успеал да ги победи сите побуненици, но во меѓувреме и баварскиот војвода Тасило го искористил војувањето на Карло Велики во Италија, па дигнал бунт против него. Тасило набрзо бил фатен и затворен, а Карло ја укинал титулата баварски војвода. Наскоро Лангобардското Кралство, Карло Велики ќе му го отстапи на својот син Пипин кој ќе владее под раководството на својот татко.

По покорувањето на Лангобардија, Карло Велики се здобил со нови искушенија. Слично на Баварците и Саксонците кренале побуна против Карло Велики. Ајнхард пишува дека војната против Саксонците била една од најдолгите, најжестоките и најкрвавите војни на Карло Велики воопшто. Првите Карлови битки започнале во 722 година. Франкиската војска најпрво ја зазела територијата на племето Ангаријци, односно местото Ересбург. Но веднаш потоа Саксите влегле во Хесен во 774 година и го опљачкале манастирот во Девентереск. Жестокоста на Карловите војници била прекумерна, дотогаш невидена воена агресија на тлото на Европа, така што Саксите започнале да молат за примирје. Карло се согласил на примирје под услов Саксите да го прифатат христијанството како нивна религија. До нови непријателства дошло во 778 година кога Саксите го избрале Видукинд човек од аристократијата) за нов водач на воената побуна. Видукинд започнал да ги прекршува мировните договори и започнал сам да објавува нови закони спротивни на мировните договори. Карло Велики повторно воено интервенирал и Видукинд доживеал катастрофален пораз во 785 година. Видукинд се предал и преминал на Карловата страна, се покрстил во исто време, а Карло Велики му станал кум и го обдарил со скапи дарови.

 
Франкискиот крал Карло Велики бил посветен католик кој одржувал блиски односи со папството во тек на својот живот. Во 772, кога папата Адријан II бил под закана на напаѓачите, кралот веднаш отишол во Рим да му даде поддршка. На сликата се прикажува како папата бара од Карло да му помогне на средба близу Рим

Големи проблеми на Карло Велики му создавале и словенските племиња Бодриџи и западните Авари. Карло најпрво ги покорил Бодриџите, ја опустошил нивната земја и ги натерал да ја признаат неговата власт. Војната со Аварите не била така едноставна. Аварите дури успеале да го заземат франкискиот град Фрујадул. Воените операции започнале во 795 година кога Карло Велики успеал да ја искористи неслогата меѓу аварските племства и лесно успеал да ги порази. Со потчинувањето на Баварија, Франките дошле до границите на Аварскиот каганат, формиран кон средината на 6 век во Панонската Низина. за време на војната на Карло Велики против Лангобардското кралство во Италија, Аварите застанале на страната на Лангобардите, а во 782 година заедно со Баварците, навлегле на териториите на Франкиската држава во северните делови на Италија.

По низа претрпени провокации, Франките во 791 година започнале офанзива против Аварите со што започнала франкиско-аварската војна, која со прекини траела до 803 година. Франките биле потпомогнати од некој јужнословенски племиња како Карантанците и Хрватите. Франките при освојувањето на Аварскиот каганат се здобиле со богат плен и многу злато. Алкуин, забележал во писмена форма дека Франките биле сиромашни сè до победата над Аварите и освојувањето на Рингот, по што одеднаш многу се збогатиле. По уништувањето на Аварската држава во Панонија, Карло Велики ја вклучил оваа територија во рамките на неговата држава како Панонска марка (провинција). Карло без своја воља морал да влезе во војна со арапскиот калифат во Шпанија, каде што и неговиот дедо Карло Мартел војувал со муслиманите, коишто ги загрозувале границите на неговото кралство. Лично кралот Карло Велики со својата огромна војска тргнал во воен поход во 778 година се упатил кон Пиринеите и претрпел огромен воен пораз во близина на Сарагоса, каде што сепак успеал да побегне од бојното поле.

Нова офанзива презел во бретонската провинција, каде што неговиот војсководач Роланд успеал да ја порази војската на Арапите, но и самиот загинал во таа битка. Паралелно со овие воени походи, Карло Велики ја освоил и Истра во 788 година. Последната етапа во борбата против муслиманите во Шпанија била во 796 година, кога Карло Велики повел голема офанзива и ја презел власта на целиот Пиринејски Полуостров до реката Ебро, ширејќи ги повторно границите на своето кралство и создавајќи уште една нова провинција-Шпанија.

Царување на Карло Велики

уреди

На врвот од својата моќ, Карло Велики сакал да ја приграби царската круна. Воздигнувањето на франкиското кралство во царство не била лесна задача. Тоа било посакувана желба од многу други претходни франкиски кралеви, но никогаш успешно не била резлизирана. Карло Велики речиси половина Европа ја организирал во една единствена и стабилна држава, што дирекно одело во полза на римската црква.

По смртта на римскиот папа Адријан I во 795 година, на чело со Римокатоличката црква дошол папата Лав III. За него се зборувало дека водел несвештенски живот, полн со проневери во службата и честопати придружуван од жени, што било сосема спротивно на католичките догми. Карло Велики за првпат стапил во контакт со римскиот папа Лав III во 796 година, преку едно писмо коешто лично му било испратено на папата од страна на Карло Велики, со коешто се повикувал римскиот папа да започне да води христијанско-морален живот и да не ги прекршува барањата на црковниот живот. Со тоа писмо, Карло Велики си дал за право не само да изврши влијание, туку и дирекно да докаже дека може да се вмеша во црковната политика на Рим. На тој начин Карло Велики создал добри односи со новиот римски папа, само со една цел, тој да му помогне да ја приграби царската круна.

Во Рим опозиционите црковни кругови сè повеќе ги зголемувале тензиите околу новиот папа Лав III и тој ќе биде физички нападнат од нивна страна, после една литургија во април 799 година. Во оваа завера учествувале и едни од најголемите црковни големци во Рим, при што Лав III бил спасен од војводата од Сполента, којшто го скрил во својот замок поради опасноста за негово убиство од страна на опозиционерите. Папата Лав III со писмо му се обратил на Карло Велики од кого побарал помош и поддршка за негово повторно враќање на власт во Рим. Овде Карло Велики настапувал како арбитар, заминал во Падеброн од каде што го повикал папата на договор. Од овде Карло Велики испратил кардинали во Рим со цел да ја докажат невиноста на римскиот папа и да докажат дека папата работел според канонските правила на црквата и не направил никакви прекршувања на законите. По наредба на Карло Велики сите заговорници против папата Лав III биле затворени, а папата повторно во 800 година се вратил во Рим со нова свечена заклетва. На Божиќ 25 декември 800 година, во црквата Св. Петар во Рим, Карло Велики бил крунисан за цар на Франкиската држава и Светото Римско Царство.

Односот на Карло Велики со Византија и неговата смрт

уреди

Карло Велики имал посебен однос кон Византија. Тој не сакал спорот со Византија да го решава по воен пат, туку сакал решавањето на проблемите со Византија да го изведе по пат на дипломатија. Правел напори да се ожени со византиската принцеза Ирина, но тоа не му успеало поради моќта на византиските аристократи и протерувањето на принцезата Ирина од Византија. Византија му ја доделила и признаела титулата „василевска“, но само како цар на Западното царство, не и на Византија. Треба да се каже дека и кралевите на Шкотска го признавале Крало Велики за свој цар, а самите се сметале за негови поданици. Крало Велики се вмешал и во англиската политика, каде сакал да има влијание на власта на кралот Норумбириј Индулф во 808 година. Во истото време презел и воени интервенции во Моравија против Чесите и во Далмација против јужните Словени. Последниот Карлов поход бил против Данците кои ги започнале своите освојувања кон западна Европа.

Карло Велики уште за време на својот живот сакал да ја подигне власта на своите синови. Откако ја освоил Лангобардија, го прогласил неговиот син Пипин за крал на Лангобардија, којшто владеел со оваа територија под раководство на својот татко. По смртта на Пипин, крал на Лангобардија станал неговиот син внукот на Крало Велики) Бернард. Останатиот дел од територијата Крало Велики му го остапил на својот син Луј I, кој станал негов директен наследник и бил крунисан за цар на Франкиската држава и Светото Римско Царство.

 
Саркофагот на Карло Велики

Потоа Крало Велики се повлекол во дворецот во Алхен, каде што ги поминал последните месеци од својот живот во тешка болест. Починал на 28 јануари 814 година. Луј I Побожниот не успеал да го задржи обединето Франкиското Царство, при поделбата на Царството меѓу неговите синови: Карло, Лудвиг, Лотар и Пипин и така настануваат нови меѓусебни војни и разединување на Франкиската држава од нивна страна.

Внатрешна и меѓународна политика на империјата на Карло Велики

уреди

Последните години од своето владеење Карло го избрал за своја престолнина градот Ахен и посветил многу внимание на зацврстувањето на границите на своето царство. Особено внимание посветил на зацврстување на источните граници со цел да ги запре нападите на словенските племиња: Љутичи, Чеси, Моравци и Лужички Срби. За таа цел на север, кај Шлевзвиг била формирана Данската марка ( провинција) . Таа требала да ги одвои Данците од словенските племиња кои заедно напаѓале врз франкиските територии. Од Елба до Дунав, стотици километри се протегала границата за заштита од словенските напади. Потоа на териториите по средното течение на реката Дунав, била формирана Панонската или Источната марка, а на југ за заштита на северна Италија била формирана Фурланската марка. Биле зацврстени и другите граници на државата – така во северозападните делови на државата била формирана и Бретонската марка, а во североисточните делови на Пиринејскиот Полуостров, Шпанската марка.

Новиот император вршел големо влијание и надвор од границите на своето царство. Багдатскиот калиф Харун ал Рашид настојувал со него да склучи сојуз против Византија. За свој цар го сметале и кралевите на Шкотска, коишто се сметале за негови поданици, а сето тоа криело и една друга политика – политичка поддршка на Карло Велики на Шкотите во битките против владетелите на Англија. Меѓутоа и покрај овие успеси на надворешен план, империјата на Карло Велики однатре била слаба и неотпорна, бидејќи била создадена од освоени територии кои вклучувале голем број на народи со различни јазици, традиции и култури, како : Франки, Галоримјани, Баварци, Лангобарди, Саксонци, Баски, Авари и голем број на словенски народи и други помали племиња. Со текот на времето било се потешко да се задржат освоените територии, во вакви услови било неминовно распаѓањето на огромната империја . Тоа и ќе се случи само триесетина години по смртта на Карло I Велики .

Развојот на феудалните односи

уреди

Во времето на Каролинзите развојот на феудализмот бил интензивиран, особено во главните области на државата на Франките. Единствено на териториите источно од реката Рајна (денешна Германија), процесот на феудализација се одвивал бавно и завршил релативно подоцна . Кон крајот на 8 век и почетокот на 9 век се случил вистински пресврт во земјишните односи во државата на Франките, односно на феудалната сопственост на земјата. Земјата на селаните, членови на селската општина, на разни начини преминувала во сопственост на крупните световни и црковни земјопоседници, а селаните биле масовно претворани во крепосни селани.

Црквата ги користела и верските чувства, суеверието и незнаењето на верниците со цел да ги зголеми своите имоти. Ги убедувала дека со давање на подароци во полза на црквата си обезбедувале простување на гревовите, вечно блаженство по смртта на другиот свет и заштита од некој светец. Тешката положба на селаните, кои ја губеле својата земја, е евидентирана и во капитуларите (указите ) од тоа време. За опаѓањето и разорувањето на селанството придонеле во голема мера и освојувачките походи на Каролинзите, а особено војните којшто ги водел Карло Велики, затоа што тие за подолг период ги одвојувале селаните од земјата, како и големите црковни десетоци и тешките државни даноци. Селаните кои ги губеле своите имоти не биле протерувани од земјата, напротив, тие биле принудувани да земат дел од феудалците, земја на користење под определини услови, односно биле обврзани да исполнуваат одредени задолженија. Еден од најраспространетите начини преку кој слободните селани доаѓале до земја, било давање земја во прекариј, кое особено зело замав во 7 и 9 век . Прекариј (со значење –предадено по молба) претставувало условно држење на земја на неколку години или доживотно, со што земјоделецот според договорот дел од своето производство морал да му го предаде на земјопоседникот.

Постоеле главно три вида прекарии и тоа : precaria data, precaria oblata и precaria remuneratoria. Првиот вид значел давање на земја на условно користење на оној кој немал воопшто земја во своја сопственост. Вториот вид претставувал предавање на земјата од страна на некој помалку имотен земјопоседник на некој од покрупните сопственици на земја, а многу често и самата црква. Третиот вид се однесувал на оние зависни селани коишто покрај договорената земја добивале и плус дополнителен имот во вид на награда и биле нарекувани ,, прекариј со награда “. Значајна улога во државата на Франките во 7 век и 9 век, имала и институцијата имунитет (ослободување од нешто). Имунитетот претставувал специјално дарување, награда од страна на владетелот. Тој се појавил уште во времето на Меровинзите, но широко се распространил во времето на каролинзите.

Суштината на имунитетот се состоела во следново: Владетелот издавал специјална повелба со која се забранувал пристапот на државните службеници на одредена територија ( посед ) на некој земјопоседник, за да извршат каква било должност од доменот на судските, фискалните, административните или полициските надлежности. На тој начин всушност сите овие функции и приходи се пренесувале во полза на сопственикот кој го користел имунитетот . Имунитетот во голема мера го потпомагал јакнењето на политичката независност на крупните феудалци, нивното оддалечување од централната власт, а во крајна линија придонел за подоцнежното распаѓање на династијата Каролинзи .Битна работа во овие времиња било и вазалството. Вазалството во почетокот претставувало приватен слободен чин, но подоцна државата започнала да ги регулира вазалните односи со воведување на одредени правни норми . Така кон средината на IX век, со специјална царска наредба било пропишано секој слободен човек да си избере свој сењор . Во 877 година со нов указ било озаконето наследството на дадените бенефиции, како и наследност во службата на грофовите . Развитокот на вазалството придонел за зародување на хиерархиска структура во владејачкиот феудален слој во државата . Од владетелот зависеле неговите вазали, од нив зависеле нивните вазали, и се така натаму до најситните поседници на земја . На тој начин се создале услови за јакнење на крупните феудалци .

Политички и административно уредување

уреди

Во времето на Каролинзите зајакнала кралската власт во државата на Франките . тоа било особено карактеристично за владеењето на Карло Велики, како и подоцна кога царскиот двор претставувал центар на државниот живот. На дворот двапати во годината се собирале на советување највлијателните крупни земјосопственици . Откако ќе се посоветувал владетелот со нив, издавал укази, односно капитулари за разни прашања во доменот на управувањето со државата. Многу важна потпора на централната власт претставувала црквата т.е. нејзините највидни претставници – архиепископи, епископи, опати итн. Биле активно вклучени во државната управа . Каролинзите успеале да се наметнат како решавачки фактор во изборот на високите црковни органи . Карло Велики, дотогашниот црковен десеток ( данок ), го прогласил за задолжителен и на тој начин значително ја зголемил материјалната моќ на црквата. За вршење непосредна контрола над органите на локалната управа се користела институцијата на државни пратеници ( missi dominici ) обично од еден световен и еден црковен великодостојник, по наредба на владетелот патувале по грофовствата во државата и ја надгледувале работата на месните службени лица. Карло Велики спровел нова воена реформа, со неа се одредило дека во војска можат да служат и работат само релативно имотните и слободни луѓе. На тој начин воената служба станувала не само обврска туку и привилегија само на феудалците . Во државата на Каролизните, слично како и во времето на Меровинзите, основната административна единица била грофовијата. На нејзино чело стоел гроф, којшто го поставувал владетелот . Во надлежност на грофот се наоѓале судските, финансиските и воените компетенции . Грофот добивал една третина од државните приходи, а честопати и земјишни бенефиции, за кои на владетелот му полагал вазална заклетва. Грофовите натаму се делеле на сотнии/сатнии, на чие чело стоеле сотниците или тунинзите, коишто ги поставувал грофот . по периферните делови на државата постоеле посебни воени области т.н. марки (маркгрофовства), со кои управувале маркгрофови.

Каролиншка ренесанса

уреди

Во втората половина на 7 век и почетокот на 9 век дошло до извесно оживување на културата во државата на Франките. Овој подем речиси во целост бил поврзан со името на Карло Велики, а во историографијата е познат под името Каролиншка ренесанса. Со формирањето и издигнувањето на државата на Каролинзите, голема улога имала црквата. Огромната држава што ја создале Каролинзите не можела нормално да функционира без учество на образовани луѓе, кои би биле во состојба да ги разберат наредбите на централната власт и да му ги протолкуваат на народот. Оттаму, на дворот на Карло Велики и неговите наследници, ученото свештенство имало многу важно место и улога. Свештениците биле најблиски советници на владетелот, дипломати, соработници на дворската канцеларија и раководители на градежни работи.

За подемот на писменоста во државата на Франките особено придонел Карло Велики, кој со неговиот прв капитулариј во 769 година, пропишал да се отстранат од црквата неписмените свештеници, а подоцна барал и да се ликвидира целосно неписменоста меѓу црковните редови. Бидејќи во неговата држава немало доволно учени луѓе за да ги водат училиштата и да ги описменуваат луѓето, Карло уште во првите години од неговото владеење започнал на својот двор да повикува учени луѓе од други земји. Од Италија ги донел Петар Пизански, Полиниј Аквилејски и Ломбардиецот Павле Ѓакон. Баварците Лејдард и Готот Теодулф од Орлеан (кој бил епископ орлеански) кој во своите сатирични стихови ги исмевал обидите да се создадат поетски дворски песни. Учениот Павле Ѓакон го имал напишано делото ,, Историја на Лангобардите “ и бил познат како одличен познавач на латинскиот и грчкиот јазик, граматиката и реториката, а бил и одличен филозоф и оратор.

Меѓу глумците на каролиншката преродба посебно се истакнувал англосаксонскиот деец Алкуин од Јорк, кого Карло Велики го нашол во Парма и го убедил да работи во неговиот дворец. На дворецот во Ахен, Алкуин станал негов главен советник по прашањата поврзани околу просветата, а во исто време бил и негов личен учител и учител на неговите деца. За да ги зголеми своите знаења, а исто така и знаењата на неговите најблиски луѓе, Карло создал на дворот еден вид на литературен кружок познат под името-Дворска академија. Во нејзиниот состав, покрај блиските луѓе на владетелот, влегувале и едни од најобразованите луѓе од Европа воопшто . На кружокот се разгледувале различни прашања за движењето на сонцето и месечината, се толкувале различни варијанти на латински зборови, се читале и објаснувале некои антички (грчки и римски) творби и црковни текстови, па дури и самите ученици започнале да пишуваат свои творби во стихови.

Сето тоа го поттикнало културниот живот во државата на Франките и придонело да се зголеми интересот кон спомениците на римската литература кои биле познати во тоа време. Покрај тоа во значителна мерка се проширил и кругот на образовани луѓе, а во црковните училишта започнале да примаат и мирјани (световни лица). Покрај црковните училишта, училиште постоело и на дворот на Карло Велики, во кое учеле децата на благородниците, блиску до владетелот. Еден од учениците на дворското училиште бил и Ајнхард, биографот на Карло Велики. Тој раскажува дека Карло правел огромни напори да научи да пишува, но дека тоа не вродило некои добри резултати. Притоа, значително било подобрено писмото, односно ракописот во пишувањето на текстови. Лошиот и неразбирлив ракопис на поранешните писари бил заменет со убавио и разбирливо писмо, наречено Каролиншка минускула. Ова писмо ќе послужи како основа на современата латиница, односно на современите латински букви. Ракописите започнале да се украсуваат со минијатури, со што станале визуелно впечатливи. Најголемите манастири имале посебни соби-работилници, наречени скриптории, каде што се вршело препишување на античките творби . По манастирите започнале да се појавуваат и библиотеки, кои започнале да располагаат со 300-400 ракописи (маркантна бројка за тоа време).

И покрај ваквите активности, подлабока ренесанса на античката култура, сепак не била постигната, а културното ниво било сè уште многу ниско. Tакa учебниците по граматика, реторика и астрономија коишто ги составил Алкуин биле напишани многу едноставно, во вид на дијалози меѓу учителот и ученикот . Тие сведочат за многу ниското ниво на знаења со кое располагале дури и тогаш најобразованите луѓе, каков што бил Алкуин. Зголемувањето на материјалните срдства во рацете на претставниците на централната власт, му овозможило на Карло и благородниците од неговата околина да го питтикне развојот на уметноста. Кога во 800 година бил крунисан за цар, Карло Велики настојувал да се изедначи со византиските императори по нивниот стил со прекрасни градби и луксузниот дворски живот. По негова наредба биле изграфени цркви во Ахен, Вормс, Ингелхајм и други места во кои подолго престојувал неговиот двор. Овие градби во основа ја копирале византиската архитектура, но за разлика од неа биле многу поскромни по размер и обем. Заради неусовршената градежна техника, речиси сите градби од времето на Карло Велики набргу биле урнати . До денес се зачувани саму неколку сведоштва од таа архитектура, меѓу кои највидни се капелата во Ахен и капелата на Св. Михаил во Фулда.

Голем дел од објектите биле градени од дрво, затоа нивната трајност не била подолга од неколку векови, за разлика од нив, многу поретко биле градени камени градби од кои дел и денес е зачуван како историски спомен од тоа време. Градежните изведувачи успеале во текот на десет години да изградат дрвен мост преку Рајна кај Мајнц, но набрзо тој изгорел, желбата на Карло Велики на истото место да биде изграден нов камен мост останала неостварена .Од исти причини останала нереализирана огромната архитектонска замисла на Карло да изгради канал кои ќе ги поврзе реките Рајна и Дунав.

Каролиншката ренесенса и културниот подем поврзан со неа, продолжиле и по смртта на Карло Велики. Меѓутоа брзото распаѓање на Империјата се одразило и на културниот развој, а особено на степенот и организацијата на образованието. набргу по Карловата смрт, престанале да работат многу училишта . од 817 година, било пропишано во манастирските и црковните училишта да одат само оние коишто се подготвувале за црковна работа. За општото распаѓање на културата придонеле и меѓусебните борби меѓу наследниците на Карло Велики и поделбата на неговата империја на неколку нови држави. Големите нормански, арапски и унгарски напади, пљачкосувања по црквите и манастирите и палењето на цели села и градови, уште повеќе ја втурнало културато во сериозна криза .Поради сето тоа, интелектуалниот живот во државата речиси целосно замрел, а во црквите повторно се појавиле голем број на неписмени свештеници . Влијанието на Каролиншката ренесанса, во разни области на културата се чувствувало и во втората половина на IX век, меѓутоа во X век тоа речиси сосема исчезнало. Последните обиди за реставрирање на Каролиншката ренесанса направиле неговите непосредни наследници, кралевите Луј Побожниот и Карло Ќелавиот, кои на своите дворови повикале учени луѓе и се обиделе да го копираат дворското училиште на Карло Велики.

Нешто слично се обидел и германско-саксонскиот владетел Отон I во 10 век, кој настојувал да ја обнови политиката на Карло Велики со образованието, но тоа го правел со многу помали средства и со послаб ефект, но ќе го зголеми нивото на културата и обрзованието кај идните генерации .

Лудвиг Благочестивиот

уреди

По смртта на Карло I Велики на престолот дошол неговиот син Лудвиг, дотогашен крал на Аквитанија, којшто во 813 г. Бил крунисан за совладетел на Карло велики . Иако дошло на власт во 814 г., неговото свечено крунисување било извршено во 816 – та година во Ремс . Токму на овој владетел му се препишува заслугата за прифаќањето на Монашките правила на Св. Бенедикт од Нурсија во целата империја . Заради својата голема предаденост кон црквата го добил прекарот ,, благочестив “( побожен ) . Владеењето на царот Лудвиг било исполнето со воени дејствија, како на периферните граници на империјата против соседите кои ја откажувале послушноста кон царството, така и внатре во самото царство, каде неговите синови се бореле меѓусебно за превласт, а и против него .Тој успеал да ја присоедини Бретања, успешно настапил против Ободритите на реката Лаба, го задушил и востанието на Људевит Посавски во Хрватска, а негова заслуга е и започнатиот процес на христијанизација кај Данците . Желбата на царот Лудвиг да им обезбеди на своите синови територии каде што ќе владеат во обединето единство предизвикала обратен ефект, бидејќи се создале повеќегодишни воени судири меѓу нив во државата . Имено со специјален декрет тој им ја разделил државата на своите синови во 817 – та година, а за себе ја задржал само врховната власт . Притоа син му Пипин ги добил земјите во средна и јужна Галија со Аквитанија како централна област на царството, вториот син Лудвиг ја добил Баварија со соседните области, најстариот син Лотар станал совладетел и наследник на татко му, а помладите браќа биле должни да му се потчинуваат . Во случај некој од браќата да починел без да остави наследник, тогаш Лотар ги наследувал и неговите територии, а доколку Лотар не оставел наследник, требало еден од неговите браќа да го наследи царскиот престол . На тој начин територијата формално останувала целосна и неподелена под власт на еден цар и повеќе кралеви коишто биле должни да ги почитуваат одлуките на царот . Меѓутоа кога царот Лудвиг Побожен добил уште еден син – Карло во 823 – та година од неговата втора жена, посакал и него да му одреди територија и да го прогласи за крал . Во 829 година Луј Побожниот му ја дал Алеманија на најмладиот син Карло, со тоа започнале внатрешните судири во империјата . Во 833 – та година била извршена нова поделба на царството . Притоа Лотар го задржал царскиот титулар, како совладетел со татко му и наследник на престолот, но неговата власт не се протегала и на деловите од државата што им припаднала на неговите браќа . Меѓутоа и по оваа поделба внуците на Карло Велики не биле задоволни, а воените дејствија продолжиле . по смртта на Пипин ( 838год. ) се појавила потреба од нова поделба на државата.

Верденски договор

уреди
 
Поделба на Франкија по Верденскиот договор од 843 г.
     Западна Франкија      Средна Франкија      Источна Франкија

Борбите помеѓу браќата особено се разгореле по смртта на нивниот татко во 840 година . неговиот најстар син Лотар, кој ја наследил царската титула, настојувал да ги принуди неговите помлади браќа Лудвиг и Карло да ја признаат неговата власт и да му се потчинат, но тие ги здружиле своите сили и го принудиле Лотар да се согласи со нова поделба на државата . Новиот договор меѓу браќата за поделба на државата бил склучен во 843- та година во градот Верден. Според овој т.н. Верденски договор државата била поделена на три дела. Притоа најмалиот брат Карло Ќелавиот ги добил териториите западно од реките Шелда, Мас и Рона, односно западното Франкиско Кралство, кое во себе ги вклучувало основните територии на идната Француска држава и започнал да се титулира како ,, крал на Французите “ . На овие територии и натаму доминирал романскиот јазик, од кој подоцна ќе се развие францускиот . средниот од браќата- Лудвиг, ги добил земјите источно од Рајна и северно од Алпите, односно т.н. Источно Франкиско Кралство, подоцнежна Германија, територија населена со чисто германски племиња и започнал да се титулира како ,, крал на Германците “ . Најстариот брат Лотар I ( 843-855 ) ја задржал царската титула и започнал да владее на териториите на Италија, Прованса, како и земјите што се протегале по течението на реката Рајна (територија која била наречена Лотарингија по нејзиниот владетел ), меѓу државите на неговите браќа . На тој начин со Верденскиот договор, всушност биле поставени темелите на трите современи европски држави во централна и западна Европа : Франција, Германија и Италија .Трите дела на коишто била поделена државата на Каролинзите со Верденскиот договор продолжиле да егзистираат самостојно . Секој од нив имал посебен историски развиток и никогаш повеќе не биле обединети во една држава . Во времето на владеењето на Карло Ќелавиот ( 843-877 г. ) кон Западното Франкиско Кралство биле приклучени и западните делови на Лотарингија, по смртта на синот на царот Лотар I ( смртта на Лотар II) согласно Мерсенскиот договор од 870 година, Лотарингија била поделена меѓу Карло Ќелавиот и Лудвиг II Германски . Овие територии останале во составот на Западното Франкиско Кралство сè до 895 година кога било прогласено самостојно кралство Лотарингија . Во продолжение на последното столетие од власта на каролиншките кралеви во Западното Франкиско Кралство се смениле неколку кралеви, а имало и периоди кога со државата управувале владетели кои не биле припадници на оваа династија : Луј II Д’ткавиот (877-879 ); заедничка власт на Луј III и Karloman II ; Карло Дебелиот (884-888 г.) во чие време накратко се обединила повторно целата држава ; Карло Простиот и Луј V Мрзеливиот . Историјата на Западното Франкиско Кралство во текот на втората половина на IX век и првата декада од X век се одликува со утврдување на градовите во државата поврзано со дефанзивните војни на каролиншките владетели за одбрана од бројните инвазии на Норманите .Како резултат на неиздржливите нормански напади, опсади и опожарувања ,на најголемите градски центри, а со цел да се запрат истите, карло III Простиот ќе ги отстапи териториите по долниот тек на реката сена на Норманите во 911 година, отогаш оваа територија го добива името Нормандија . Односите со Источното Франкиско Кралство – Германија, чии владетели најчесто ја носеле царската круна, во периодот од втората половина на деветтиот сè до крајот на десетиот век, биле главно мирни, со повремени несогласувања и краткотрајни воени пенетрации, без притоа видно да се нарушат воспоставените гранични линии . Кон крајот на IX век во Западното Франкиско Кралство започнала да се издвојува фамилијата на париските грофови Робертини, која се наметнала како решавачки фактор во државата, па дури и како носител на реалната власт во времето на Ед и Роберт I, синови на Роберт Силниот, грофот од Анжу . Токму од нивните редови ќе произлезе и претставникот на новата династија . имено по прераната смрт на последниот каролиншки крал, дваесетгодишниот Лудвиг V во 987 г., кој не оставил наследник, истата година во нуајон за крал бил прогласен угледниот и влијателен Хуго Капет (987-996 г.) внук на Роберт I и син на Хуго Велики . Со тоа и официјално престанало владеењето на Каролиншката династија и постоењето на Западното Франкиско Кралство и започнал периодот на владеењето на династијата Капетинзи и периодот на Француската држава .

Поделбата на Франкиското Царство според Верденскиот договор

уреди

Останатите германски народи и Аварите

уреди

Готите се источногерманско племе кое води потекло од Скандинавскиот Полуостров. Во текот на 3 век и 4 век, тие навлегле длабоко на територијата на Римското Царство, и подоцна го прифатиле аријанството. Во текот на 5 век и 6 век, тие се поделиле на Визиготи и Остроготи, создавајќи две големи и моќни држави на Апенинскиот и Пиринејскиот Полуостров. Визиготите или западни Готи се германско варварско племе. За првпат, како посебен народ се појавиле во 268 година кога го нападнале Римското Царство и ја започнале својата инвазија на Балканот. Тие ја зазеле римската провинција Панонија и дел од Илирика, дури стигнале и до Италија. Но во летото 268 година биле поразени кај денешната италијанско-словенска граница. По ова, во 268 годсина биле поразени и кај Ниш. Во текот на следните години, тие се повлекле кон Дунав во серијата походи на римскиот цар Клаудиј II. Во времето кога се населиле во Дакија, тие го прифатиле Аријанството, според кое верување се смета дека Исус не е еден од облиците на Господ во Светото Тројство, туку тој е на посебен начин створен и нема божанствен епитет. Ова верување било едно од најглавните противници на православието. Ибериските Визиготи до 589 година верувале во Аријанството, кога кралот Рекаред I им ја наложил католичката вера.

Остроготи или Источни Готи, по распадот на хунскиот сојуз, Остроготите се ослободите од власта на Хуните и станале сојузници ( федерати ) на Источното Римско Царство . Најистакнат остроготски владетел бил Теодорих, којшто се здобил со титулата ,, источно римски патрициј и крал на Остроготите “ . Неговата кралска титула била признаена од источноримскиот цар, со обврска на почитување на римските закони и административниот систем . Остроготскиот владетел се стекнал со завидно реноме и кај соседните ,,варварски “ владетели, поврзувајќи се со нив преку династиски бракови : се оженил со сестрата на Хлодовик (кралот на Франките ), својата ќерка ја омажил за Аларих II кралот на Визиготите, а сестра му ја оженил за тириншкиот владетел . На својот двор, во својство на советници ангажирал видни римски мислители, а најзначајни биле Касидор и Боетиј . Ваквата династиска политика му овозможила дирекно да се вмеша во политиката на соседите, така во прериодот од 511-526 –та година, Теодорих бил регент на малолетниот син Амаларик на неговата ќерка, кој пак бил крал на Визиготите . По 520 година, Теодорих дозволил верска слобода во неговата држава, односно паралелно делување на епископи од аријанската црква и оние свештеници од папскиот престол . Подоцна Остроготите влегле во тешка војна со Византија, која што ќе резултира со пропаѓањето на Остроготската држава . Вандалите биле источно германски племе што тргнало на југоситок на Јитланд (денешна Данска) преку реката Рајна во 406 година разорувајќи ја Галија три години пред да ги премине Пиринеите во Шпанија. Околу 442 година ги освоиле римските провинции воСеверна Африка. Свевите (латински suevi, suebi, suavi, suabi) се германско варварско племе. Во текот на нивната историја, тие постојано воделе војни со Римското Царство во периодот од 1 век п.н.е. и 2 век. Според Гај Јулиј Цезар, ова племе било најголемо и највоинствено племе од сите Германи. Во времето на Цезар, тие поседувале околу 100 слободни територии, и од секоја слободна територија годишно се регрутирале по околу 1000 војници. Останатиот дел од населението се грижело за набавување на храна. Веќе следната година, тие оделе на бојното поле, додека други се враќале. Ова племе се занимавало со лов. По раст биле високи, носеле кожи од разновидни животни.Во 406 година, тие во сојуз со Вандалите и Аланите ја преминале реката Рајна и ја зазеле Галисија. Во 466 година го примаат Аријанството, а од 560 година се католици.Бургундите се германско племе кое потекнува од Јужна Норвешка. Во текот на 2 век п.н.е. тие започнале да се населуваат јужно од нивните територии, најверојатно на островот Борнхолм. Во текот на 1 век и 2 век, тие се населиле во областа пмеѓу реките Среден Одер и Долна Висла. Во 3 век, под притисок на Гепидите, се упатиле на југозапад кон реката Мајна. Овде за првпат се соочиле со Римското Царство. За првпат конфликтот се случил во времето на царот Проб. Во текот на следниот век, тие се придвижиле и стигнале до местото каде реката Мајна се влева во реката Рајна, потчинувајќи ги Алеманите. Од друга страна, римјаните се обидиле тоа да го искористат. Валентинијан I(364-375) склучил сојуз со Бургундите и ги вклучил против Алеманите во околу 370 година.Во 407 година Вандалите, Алеманите и Свевите навлегле во Галија. Така, Бургундите на чело со Гундахар го зазеле Мајнц и заедно со Аланите навлегле во Галија давајќи поддршка на Јовин, кој се објавил против римскиот царХонориј. Во 413 година, тие биле признаени од страна на Западното Римско Царство за федералци и добиле територија во регионот на Вормс. Тогаш, тие го примиле и христијанството.Англите се германски народ, кои потекнуваат од полуостровот Јитланд во денешната сојузна германска провинција Шлезвиг-Холштајн. Првите писмени извори за Англите се споменуваат од страна на римскиот историчар Такит. Во периодот од 3 век до 5 век, во времето на Големата преселба на народите, Англите заедно со Саксоните, Јутите и Фризите се населиле на територијата на денешна Велика Британија, но во тој период тој бил населен претходно од страна на Келтите. Во периодот од 7 век до 10 век, Англите и Саксконците се соединиле во една етничка група позната како англосаксонци, со кое го удриле темелот за создавањето на модерната англиска нација. Алеманите се западни германски племиња кои за првпат се споменати од страна на древниот римски историчар Дион Касиј во 213 година. Се смета дека тие потекнуваат од обединувањето на различните германски племиња и Свебите во регионот на реките Рајна, Мајна и Лех. Подоцна, како сојузници на Атила тие зеле учество во неговите походи односно во Битката на Каталаонските полиња.

Ширење на Алеманската држава

уреди

Алеманите биле во постојан конфликт со Римското Царство. Тие во 268 година извршиле инвазија во Галија и Северна Италија. Под водство на кралот Крок ја зазеле цела Галија, и ги разрушиле до темел сите светилишта од тоа време. Во летото 268 година тие биле сопрени од страна на римскиот цар Галиен во Италија. Но, од друга страна пак, Готите исто така ги нападнале позициите на империјата. Клаудиј II во септември 268 година ги поразил Готите кај Ниш, а потоа и Алеманите во Битката кај езерото Бенакус. Алеманите се повлекле кон денешна Германија, и по таа битка не се осудувале многу години за напад на Римското Царство. Нивната најпозната битка против Римското Царство била во 357 година во Стразбур, каде повторно биле поразени. Римската војска била предводена од страна на Јулијан Отпадник, кој подоцна станал цар. Во таа битка бил заробен и кралот на Алеманите, Кнодомар. Во 366 година, Алеманите повторно ја преминале реката Рајна, вршејќи ја поредната инвазија врз Галија. Истото се случило и во 406 година. Тевтонски витези или Тевтонски витешки ред (латински: Ordo domus Sanctæ Mariæ Theutonicorum Ierosolimitanorum, "Ред во германскиот дом на света Марија од Ерусалим", германски: Orden der Brüder vom Deutschen Haus St. Mariens in Jerusalem или најчесто Deutscher Orden) е германски римокатолички христијански Ред формиран кон крајот на 12 век во Акра, Палестина, кој подоцна својата моќ ја пренесува на територијата на Прусија (Германија). Во средниот век биле христијански витешки ред и биле облечени во бели наметки со апликација на црн крст. Тоа денес е клирски ред сместен воВиена, Австрија.

Лангобардите биле Источногерманска група на племиња кој на почетокот живееле во јужните делови на Скандинавија . Подоцна започнале полека да се населуваат на териториите покрај Балтикот, а подоцна се симнале и во јужните делови на Европа . Нивното вистинско име било Винили, но поради долгите бради биле наречени Лонгобарди ( longus – долг и barba -брада ). Само 13-ет години по ликвидирањето на Остроготското Кралство, преку Панонија и средна Европа, започнале да навлегуваат на териториите на северна и средна Италија, каде што го создале Лонгобардиското Кралство, познато уште и по името Ломбардија . Престолот на кралството бил градот Павија, кој бил освоен во 572 година . Од моментот на освојувањето на делови на Италија, лонгобардиските кралеви започнале да се титулираат и како кралеви на Италија . При освојувањето на италија, лангобардите живееле во големи семејства, во крвнороднински врски, наречени фари .Тие не ја разделиле земјата со Римјаните, туку едноставно ја конфискувале сета земја на римските земјопоседници и на неа се населиле . Лангобардиското Кралство постоело сè до неговото потпаѓање под власт на Карло Велики, којшто се крунисал со железната круна на Лангобардите како крал на Лангобардите и Франките .

Аварите припаѓале на групата турско-монголски народи . Кон средината на VI век од Азија, започнале преку Византија да се населуваат на териториите на Панонија . Таму склучиле мир со Византија која се обврзала да им плаќа годишен данок од 80.000 златници . По заминувањето на Лангобардите во Италија, Аварите станале единствени господари на Панонија . со центар во панонија, создале еден голем сојуз со други племиња племиња : Словени, Хуни, Бугари и др. Започнале се почесто да ги напаѓаат териториите на Византија, од Јадранското Море на запад, до Цариград на исток и Пелопонез на југ . Византија морала со плаќање на годишен данок да го обезбедува мирот со Аварите, кој на крајот изнесувал 200.000 златници . Аварското општество во текот на целото постоење на каганатот, било засновано врз воени принципи, иако по населувањето во Панонија, се добиваат и земјоделски и сточарски карактер . Врховна власт имал каганот, а нему му помагале тарханот ( највидниот војсководец кај Аварите во Источниот каганат ) и тунидот ( највидниот војсководец кај Западниот каганат ) како и југурот, кој имал решавачка улога во некоја катастрофа . Кај Аварите најмногу се ценела коњаницата, која била составена од војници кои јавале на ситни непотковани коњи . сите слободни луѓе носеле нож во појасот . Во високите кругови кај аварите, било застапено многуженството во браковите, но не од затворен тип како кај харемите . Во економијата, главната улога ја имала пљачката, иако Аварите се занимавале и со земјоделство ,сточарство ,трговија, занаетчиство и лов и риболов . Особено биле познати по занаетите поврзани со златни изработки . Аварското богатство добиено од пљачките, но и од дановите кои ги плаќала Византија за сочувување на мирот станале легендарни . Најголемиот дел од тоа богатство, со тежина од 27 тони, им било одземено од страната на Франките и Карло Велики т.е. во моментот кога Карло Велики го разрушил Аварскиот каганат .

Значење на Франкската држава

уреди

Франкиската историја е многу значајна за подоцнежната Западноевропска историја. Франките како германски народ, многу рано биле прифатени од страна на Римското Царство како федерати ( сојузници ) и тие започнале да и помагаат на Римското Царство во борбата против останатите варварски народи. Прифаќањето на никејското христијанско верување од страна на франкискиот крал Клодовиг I, дополнително ги зајакнал односите меѓу Франките и Рим. За разлика од нив, многубројните германски народи, најчесто го прифаќале аријанското верување и честопати биле воени непријатели на римските владетели.

При населувањето во Галија, Франките дошле во контакт со Келтите и Галороманците и така започнале да прифаќаат одредени одлики од нив. Франките имале многу поразвиени техники во обработката на земјата (според записите од Салијскиот законик )за разлика од источните германски народи, и тоа благодарение на Галороманците од кои ги прифатиле методите на поефикасна обработка на земјата. Франките во земјоделството го користеле и трудот на добитокот (коњи, волови, магариња и мазги), земјата ја орале со метални плугови, правеле и примитивни системи за наводнување, а го користеле и мелничкиот камен и водениците за мелење на зрнестите култури. Умешно одгледувале винова лоза, се занимавале и со лов и риболов, сточарство, а не им било непознато и пчеларството.

Како меровиншките, така и каролиншките владетели биле воодушевени од римската и византиската култура, како најразвиени во тоа време во Европа, па тие честопати сакале дел од таа култура да ја пренесат и во својата држава. Франкиските владетеле со зголемувањето на нивната власт, паралено сакале во својата држава да внесат дел од културата на Рим и Византија, па макар и како бледа копија од таа култура. Најуспешно биле прифаќани аристократските манири ( однесување со висок стил во дворовите ) од овие култури, посебно во начинот на водење на политичка дипломатија, однесување на трпезата, наздравување, поздравување и стил на облекување . Префинетиот стил на однесување бил оној којшто претпочитале франкиските владетели да го совладаат .

Развојот на феудалните односи бил процес кој се одвивал долги години и векови, својот најголем развој феудализмот го забележал во времето на владеењето на мајордомот Карло Мартел ,кој започнал со доделување на голем број бенефиции, прогласување на вазалства и реформација на војската . Посебно значајна била реформацијата на војската, во која Карло Мартел ја вовел коњаницата како примарна во војската, додека пешадијата од прво место станала секундарна/помошна во војската .

Во коњаницата стапувале на служба средни и големи земјопоседници, додека сиромашните селани останале во пешадијата, која полека но сигурно го губела своето значење . Односите во војската посебно се радикализирале во времето кога служењето во војската станало привилегија само на имотните луѓе, додека сиромашните и закрепостените немале право да служат во војската . Од една страна, Карло Мартел го сменил текот на застареното војување составено само од пешадија, со помошта на коњаницата брзо успевал да ги порази непријателските пешадиски војски и да ја зголеми територијата на својата држава а во исто време да го зголеми и својот углед. Од друга страна, поделбата на бенефиции и новите вазални односи, како и реформите во војската придонеле за побрзо воспоставување на хиерархиска поделба на населението / нагло создавање на средни и богати земјопоседници-идни аристократи и рицареви, но и мнозинство на сиромашни и закрепостени селани . Многу значаен настан во историјата на Европа е војната на Карло Мартел против Арабјаните, со што успеал да ја спречи исламизацијата на Европа . Карло Велики, најзначајниот Франкиски владетел, успеал половина Европа да ја обедини во една и единствена држава . Не само што успеал да покори бројни варварски народи, туку и несвесно успеал да изврши културно влијание врз нив . Едно од најзначајните негови делнеписменост а е секако Дворската академија, во која ги довел најобразованите луѓе од Европа . Иако во времето на постоењето на оваа Академија, не биле создадени врвни уметнички текстови како во Стариот Рим и Стара Грција, и иако стилот на пишување и научните дисциплини биле на многу ниско ниво, сепак треба да се напомене една важна работа- пред Карло Велики, Европа живеела во една темна доба на . Биле заборавени речиси сите антички дела, а бројот на писмени луѓе бил вистинска реткост . Најголемиот дел од свештениците исто така бил неписмен. Карло Велики го наметнал указот дека сите свештени лица мораат да бидат образовани . Бројот на образовани луѓе драстично се зголемил за времето на Карло Велики, дури и црковните училишта биле наменети не само за луѓе кои планирале да бидат свештени лица, туку и за луѓе кои започнувале да вршат световни работи како : чиновништво, администрација, судство итн . Изградбата на објекти налик византиските, исто така било во подем, иако никогаш не се успело во тоа, тие истите да ги надминат византиските градби во однос на совршенството и автентичноста . На истиот начин на којшто франкиските владетеле им се восхитувале на владетелите во Рим и Византија, и сакале да ги стекнат истите нивни доблести во однесувањето, уредувањето на државата и културата, малку подоцна, франкиските владетели пак ќе претсавуваат ист таков пример за идните нови европски држави . Франкиската држава е многу важна за натамошниот развој на модерните европски држави . Во Франкиската држава, започнува да се зајакнува феудалното општество, и тоа понатаму ќе продолжи да се шири и низ другите европски предели каде што сѐ уште биле присутни родовските односи . Одбраната од Арабиските напади и ширењето на исламизацијата во Европа е уште една многу важен историски момент не само за Франкиската држава туку и за цела Европа .Каролиншката ренесанса, иако повеќе имала значење на просветителство отколку на создавање литературни и уметнички ремек дела, сепак ќе го промени лицето на Европа во однос на образованието . По распадот на Карловото Царство се создаваат новите модерни држави, а подоцна од нив се отцепуваат и други нови држави . Царството на Карло Велики опфаќало една голема територија на Европа составена од голем број на хетерогени народни маси . Во составот на ова царство влегувале денешните модерни држави : Германија, Франција, Италија, Чешка, Холандија, Белгија, делови на Шпанија и Словачка, и делови од Балканскиот Полуостров . сите овие народи биле подложни на влијанието од франкиската култура, државното уредување и општествените односи коишто постоеле во ова големо царство.

Наводи

уреди
  1. Frassetto, Michael, Encyclopedia of barbarian Europe, (ABC-CLIO, 2003), 126

Користена литература

уреди
  • Коста Аџиевски, Бобан Петровски „Историја на Европа во раниот среден век“, Скопје, 2009.
  • Мирослав Бранд „Средновековна доба повијесног развитка“, Загреб, 1980.
  • Жак Пероа „Историја Француске“, Београд, 1961.
  • Синди Пеинтер „Историја средњег века“, Бања Лука, 1997.