Верденски договор

договор од 843 г. за со кој Франкија е поделена помеѓу внуците на Карло Велики

Верденски договор (француски: Traité de Verdun) — политички договор склучен во август 843 г. со кој Франкија е поделена на три кралства, возглавени од Лотар I, Лудвиг II и Карло II, трите сина на царот Лудвиг Побожниот, син на Карло Велики. Договорот е склучен по речиси тригодишна граѓанска војна и преговори кои траеле повеќе од една година. Претставува првата од низа поделби кои довеле до распадот на царството создадено од Карло Велики и посреден чинител во подоцнежниот настанок на многу земји во западна Европа.

Верденски договор
{{{image_alt}}}
Царот Лудвиг I (десно) како ја благословува поделбата на Франкија. Големи француски летописи, XV век
Потпишанок. 10 август 843
МестоВерден, Франкија
Странки

Овој договор е првиот од четирите договори за поделба на Каролиншкото Царство, проследен од договорите од Прим (855), Мерсен (870) и Рибмон (880).

Заднина

уреди

По смртта на Карло Велики, Лудвиг станал владетел на Франкија. За време на неговото царствување тој ја поделил државата така што секој негов син можел да владее со свое кралство под врховна власт на нивниот татко. Лотар I ја добил титулата цар, но поради неколку распределби на татко му и буните произлезени од нив, тој останал со значително намалена моќ. Со смртта на Лудвиг во 840 г., неговиот најстар син Лотар I положил право на надвласт над сето кралство на татко му во обид да си ја поврати власта што ја имал на почетокот како цар.[1] Го поддржувал неговиот братанец Пипин II во правополагањето врз Аквитанија, голема покраина во западниот дел на Франкиското Царство. Лотаровиот брат Лудвиг II и неговиот полубрат Карло II одбиле да го признаат Лотаровото сизеренство и му објавиле војна.[1] Во крвавата граѓанска војна што уследила тие го поразиле Лотар во Битката кај Фонтноа (841). Во 842 г. склучиле сојуз во Стразбуршките заклетви со кои Лотар е прогласен за неподобен за царскиот престол, по што тој прифатил да се спогоди со нив.[2] Средбата се одржала нешто пред 10 август, за што сведочи писмо од тоа време.[3][4]

Одредби

уреди
 
Поделбата на Франкија по Верденскиот договор.
     Западна Франкија      Средна Франкија      Источна Франкија

Секој од тројцата браќа веќе имал по едно кралство: Лотар во Италија; Лудвиг Германски во Баварија, а Карло II во Аквитанија.

Во подмирувањето, Лотар (кој бил прогласен за соцар во 817 г.) ја задржал царската титула, но таа му дала само номинална надвласт врз владенијата на неговите браќа.[5] Подоцна нему му припаднале Ниските Земји, Рајнската област западно од Рајна, Лотарингија, Елзас, Бургундија, Прованса и Кралството Италија (северната половина на Апенинскиот Полуостров). Добил и два царски града — Ахен и Рим.
Нему му била загарантирана кралска власт над сите владенија источно од Рајна (но без Ниските Земји северно од реката) и северно и источно од Италија, заедно наречени Источна Франкија. Во развиениот среден век овие територии го сочинувале Кралството Германија, најголемата составница на Светото Римско Царство.[2]
Пипин II го добил Кралството Аквитанија, но за да владее само со овластување од Карло.[6] Карло ги добил сите територии западно од Рона, наречени Западна Франкија.[7] Подоцна овие територии го образувале Кралството Франција.

По смртта на Лотар во 855 г. неговиот најстар син Лудвиг II ја наследил Италија и Лотаровото побарување на царскиот престол. Горна Бургундија и Долна Бурундија (Арл и Прованса) му припаднале на Лотаровиот трет син, Карло Провансалски. Останатата територија северно од Алпите, која претходно немала име, била наследена од Лотаровиот втор син, Лотар II, и потоа наречена Лотарингија (фра. Лорена) во негова чест.

Оставнина

уреди
 
Споменик на Верденскиот договор во Фонтноа.

Поделбата била одраз на стариот франкиски обичај владетелот да го дели наследството помеѓу синовите наместо да го пренесува по пат на првородство (само на најстариот син) кој набргу бил усвоен во двете франкиски кралства. Бидејќи Лотарингија имала долги и ранливи граници, и лоша внатрешна поврзаност заради Алпите, таа набргу се покажала како нефункционална и била расцепкана. Ова значително ги отежнало изгледите на еден владетел да ги обедини сите земји. Тоа му успеало само на Карло Дебелиот, и тоа за краток период.

Во 855 г. Лотарингија станала кревка и предмет на спор помеѓу помоќните држави кои произлегле од Западна Франкија (денешна Франција) и Источна Франкија (денешна Германија). Бројни поколенија на француски и германски владетели не успеале да ја зацврстат власта врз Лотаровото кралство.[8] Додека северот на Лотарингија тогаш била сочинета од независни држави, јужната третина на Лотарингија — Елзас-Лотарингија — преоѓала од француски во германски раце и обратно во целиот период од XVIII до XX век. Во 1766 г. таа прешла во Франција со смртта на Станислав Лешчињски, кој ја добил оваа област од германските Хабсбурговци согласно Виенскиот мировен договор кој ѝ ставил крај на Војната за полското наследство (1733–1738). Во 1871 г. Елзас-Лотарингија станала германска по победата на Прусија и нејзините германски сојузници над Франција во Француско-пруската војна (1870–1871). Во 1919 г. таа повторно прешла во Франција согласно Версајскиот мировен договор по француската победа над Германците во Првата светска војна (1914–1918). Во 1940 г. Германија ја повратила Елзас-Лотарингија по освојувањето на Франција. Со крајот на Втората светска војна во 1945 г. Елзас-Лотарингија конечно станала француска територија и останала таква до денес, илјада години по Верденскиот договор. Распадот на Среднофранкиското Кралство го влошило неединството на Апенинскиот Полуостров, кое потрајало и во XIX век.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „What was the Treaty of Verdun?“. ThoughtCo. Посетено на 15 мај 2017.
  2. 2,0 2,1 „Treaty of Verdun“. Encyclopedia Britannica.
  3. Pouzet, Philibert (1890). La succession de Charlemagne et le traité de Verdun. Paris. стр. 72.
  4. Goldberg, Eric Joseph (2006). Struggle for Empire: Kingship and Conflict Under Louis the German, 817–876. Cornell University Press. стр. 115. ISBN 9780801438905.
  5. Friedrich Heer (2002). The Holy Roman Empire, стр. 20
  6. „Pippin II“. Encyclopedia Britannica. 2007.
  7. „Charles II“. Encyclopedia Britannica. 2021.
  8. „Treaty of Verdun: 843“. thenagain.info. Посетено на 15 мај 2017.

Надворешни врски

уреди