Лужичките Срби (Serbja, Serby) се словенски народ кој припаѓа на западнословенската група на народи и јазици. Главно ја населуваат Југоисточна Германија околу градовите Бауцен и Котбус и нивната околина. Горните Лужички Срби живеат воглавно во триаголникот меѓу Будишин, Каменц и Хојерсверда. Долните Лужички Срби живеат на север од Котбус во селата Јаншојце, Дешно-Стрјажов, Вјербно, Прјавоз и Хохоза. Се проценува дека има уште околу 60.000, од кои некои се истакнуваат како Лужички Срби, иако не го зборуваат долно- односно горнолужичкосрпскиот јазик. Околу 20.000 лица го говорат горнолужичкосрпскиот јазик, додека долнолужичкосрпскиот јазик им е мајчин на уште 2000 лица постари од 60 години. Состојбата на горнолужичкосрпскиот јазик е релативно подобра, иако се забележува пад на бројката на деца кои го учат горнолужичкосрпскиот јазик како мајчин. Според статистиките објавени во списанието Сербска Шула (Лужичкосрпска школа) во бројот 1/2015, во 2013 година имало околу 1200 ученици, кои следеле настава на мајчин горнолужичкосрпски јазик, додека во 2014 имало уште помалку од 700. Се прават напори за ревитализација на обата јазика преку т.н. програма ВИТАЈ, која ја спроведува Јазичниот центар ВИТАЈ. Лужичките Срби имаат и свои училишта. Тие можат да следат настава на горнолужички (во помала мера долнолужички во Долна Лужица) во Горна Лужица основно до факултет, (се разбира доколку се одлучат за горнолужичкосрпска програма).

Лужички Срби
Serby, Serbja, Sorben

Знамето на Лужичките Срби (во пансловенски бои, воведено во 1842)
Народната носија на жени Лужички Срби, од северниот дел на Лужица
Вкупен број
60,000[1]-70,000[2] (проценка)
• 40,000 Горнолужички Срби
• 20,000 Долнолужички Срби
Подрачја со значајно население
 Германија60,000
Јазици
лужички (горнолужички, долнолужички), германски
Вероисповед
римокатолицизам, лутеранство
Девојки, Лужички Срби, во 1950 година

Тие самите себеси се нарекуваат Serbja, а својот јазик го нарекуваат Serbski, Serbsce или Serbšćina. Поради тоа што се населени во регионот Лужица (Југисточна Германија и Југозападна Полска) ја добиле претставката Лужички, за да се разликуваат од Србите кои живеат на Балканот.

Знамето на Лужичките Срби е тробојка од сина, црвена и бела боја.

Лужичките Срби имаат свои институции, меѓу кои можеме да ги споменеме: Лужичкосрпскиот институт во Будишин, Домовина, здружението Матица (лужичко)српска, Лужичкосрпскиот музеј во Будишин и тој во Котбус, Германско-лужичкосрпскиот театар во Будишин како и Народната издавачка куќа Домовина во Будишин со филијала во Котбус. Лужичките Срби имаат и свои медиуми меѓу кои можеме да ги вброиме: Serbske Nowiny, Pomhaj Bóh, Katolski Posoł, Rozhlad, Płomjo, Płomje и Nowy Casnik.

Македонско-лужичкосрпски врски уреди

Неоспорно е дека постојат македонско-лужичкосрпски врски, иако се послаби од тие меѓу Лужичките Срби и соседните Чеси и Полјаци. Македонско-лужичкосрпските врски се одликуваат како спорадични. Како што стои во Лужичкиот културен лексикон (види подолу), спортското лужичко здружение Сокол учествувало на конгресите на југословенските пандани со име Сокол, меѓу другото во 1928 година во Скопје, со цел за засилување на словенската збратименост. Освен тоа, познатиот писател Мерќин Новак-Њехорњски во својот патопис Од "Вардар до Јадранот" патува низ Македонија и ги забележува своите впечатоци за Скопје, Охрид и други градови во книгата. Во 80те години на 20 век како исход на еден договор меѓу Македонците и Лужичките Срби настануваат две антологии. Во Македонија се печати антологијата на лужичкосрпски писатели Бадник со помош на македонскиот поет и раскажувач Миле Маневски, додека кај Лужичките Срби се печати антологијата со македонски современи писатели Човек на покривот (Čłowjek na třěše) која излегла во 1980 година во Народната издавачка куќа Домовина. Освен тоа, во серијата Вухладко (Wuhladko) објавува Ружа Домашцина песни на Блаже Конески во горнолужичкосрпски превод на Ворша Дамсова-Мешканкец.

Поврзано уреди

Наводи уреди

Надворешни врски уреди