Пченица
Научна класификација
Царство: Plantae
Нерангирано: Magnoliophyta
Нерангирано: Liliopsida
Ред: Poales
Семејство: Poaceae
Потсемејство: Pooideae
Племе: Triticeae
Род: Triticum
L.
Видови

Наводи:
Serial No. 42236 ITIS 2002-09-22

Пченицата (лат. Triticum spp.)[1] е најважна житна култура која се одгледува ширум светот. Глобално, таа е најважното зрнесто растение кое се користи во исхрана на луѓето и, веднаш после пченката, е најмасовно произведена житна култура; додека на трето место е оризот. Со неа се исхранува 40% од населението во светот. Пченицата потекнува од пределите на Левант и Блискиот Исток.[2][3] Археолошките пронајдоци укажуваат дека припитомувањето на пченицата првпат се случило во подрачјето познато како „Плодна полумесечина“, по долините на реките Нил во Египет и Тигар и Еуфрат во Месопотамија.

Пченичните зрна се главен прехранбен производ од кои се добива брашно за производство на леб, тестенини, колачи итн.; се употребува и за ферментација во производството на пиво, вотка, алкохол и биогориво. Од лушпите на зрната, кои се одвојуваат при нивна обработка, се прават трици. Сламата се користи за постилање на штали, но и како градежен материјал за изработка на покриви и за ѕидање.

Пченицата се вбројува во житни растенија кои се култивираат на големи земјоделски површини, најголеми за култивација во споредба со сите други видови на култивирани растенија. Светската трговија со пченица е поголема од трговијата со сите други житни култури заедно.[4] Таа е најголем извор на растителни белковини во човековата исхрана, затоа што има поголема содржина на белковини од другите две значајни житни култури, пченката и оризот.[5] Според процентот на потрошувачка за храна, таа е на второ место после оризот, а пред пченката, која се користи повеќе за исхрана на домашните животни.

Пченицата најдобро успева во умерените топлински појаси, и тоа во низините, котлините, речните долини и на други места. Пченицата, како лебно жито, во Република Македонија е најзастапената култура. Се произведува на површина од околу 100.000 хектари. Главно успева во рамниците на котлините, а најзастапена е во Пелагонија, во Овче Поле, во Кумановската и во Скопската Котлина, во Тиквеш и во Полог. Претежно успева на почви богати со хранливи материи (црнини, алувијални почви, смолници и сл.).

Историја на култивација

уреди
 
Областа на "Плодната полумесечина" на Блискиот Исток, каде за првпат во историјата започнала да се култивира пченицата.
 
Несозреано пченично класје
 
Цветови на пченица

Култивацијата и наизменичното сеење и берба на зрната на дивите треви довеле до создавањето на припитомените соеви, бидејќи раните земјоделци претежно ги избирале мутантните форми на пченицата, кои поседувале одредени пожелни одлики. Кај домашната пченица, зрната се значително поголеми, а семето (во внатрешноста на класовите) останува закачено за коленцето, со помош на јакото и жилаво класно вретено, за време на бербата. Кај дивите соеви, покршливото класно вретено му овозможува на коленцето лесно да се "расцвета" и на тој начин да отпаднат класовите.[6] Изборот на овие особини на пченицата, од страна на раните земјоделци, можеби не бил намерно направен, но се случил бидејќи овие особини го олеснуваат собирањето на семињата. Сепак, ваквата "случајна" селекција претставувала важен дел од процесот на култивација на овие растенија. Една од особините, кои ја подобруваат пченицата како извор на храна, е губитокот на природните механизми со кои дивите соеви на пченица ги расејуваат своите семиња; токму поради ова, висококултивираните соеви на пченица сосема ја изгубиле способноста да преживеат и да се размножуваат во дивината.

Култивирањето на пченицата надвор од регионот на „Плодната полумесечина“ започнало да се шири пред околу 8000 години п.н.е. Американскиот биолог, Џеред Дајмонд, го проучувал ширењето на култивираните соеви на двозрнестата (емер) пченица, кое започнало од "Плодната полумесечина" некаде пред 8800 години п.н.е. Археолошките анализи на дивата емер пченица, укажуваат на тоа дека таа за првпат била култивирана во јужниот дел на Левант, каде пронајдените остатоци датираат околу 9600 години п.н.е.[7][8] Генетските анализи на еднозрнестата дива пченица сугерираат дека таа најрано се одгледувала на планините Karaca Dağ во југоисточна Турција. Датираните археолошки остатоци од еднозрнестата пченица во ископините на античките населби од тој регион, вклучувајќи ги и оние кај Абу Хурејра во Сирија, покажуваат дека припитомувањето на еднозрнестата пченица се случило во близина на планинскиот венец Karaca Dağ.[9][10] Со исклучок на две зрна пронајдени кај Ирак ед-Даба, најраното наоѓалиште, докажано со 14C методот, за еднозрнестата пченица, останува кај Абу Хурејра, околу 7800 до 7500 години п.н.е.[9]

Остатоци од жнеена двозрнеста пченица од неколку локации во близина на Karaca Dağ, датирани се помеѓу 8600 години п.н.е. (кај Чајонја) и 8400 години п.н.е. (кај Абу Хурејра), а тоа е периодот на младото камено доба. Со исклучок на Ирак ед-Даба, најраното датирање, со 14C методот, на припитомената двозрнеста пченица, е во најдлабоките слоеви на Тел Асвад, во басенот на Дамаск, во близина на планината Хермон во Сирија. Овие остатоци, Вилем ван Зајст и неговиот помошник, ги датирале околу 8800 години п.н.е. Тие, исто така, заклучиле дека доселениците на Тел Асвад самите не ја развиле таа сорта на пченица, туку, веќе припитомена, ја донеле од друга сѐ уште непозната локација.[11]

Култивацијата на двозрнестата пченица стигнала во Грција, Кипар и Индија некаде до 6500-тата година п.н.е.; во Египет некаде после 6000-тата година п.н.е.; а во Германија и Пиринејскиот Полуостров некаде околу 5000-тата година п.н.е.[12] Околу 3000 години п.н.е., пченицата стигнала до Британските Острови и Скандинавија. Околу еден милениум подоцна стигнала и до Кина.

Најстариот доказ за хексаплоидна пченица е потврден со ДНК анализа на семиња од пченица, кои датираат од пред околу 6400-6200 години п.н.е.[13] Пченицата која се употребувала за првобитното производство на леб, Triticum aestivum, која содржела доволно глутен за правење на квасен леб, е идентификувана со помош на ДНК-анализа во примероци од амбар, кои датираат пред околу 1350 години п.н.е., а се најдени во околината на селото Асирос во Егејска Македонија.[14]

Од Блискиот Исток, пченицата продолжила да се шири низ цела Европа. Во Британија, сламата од пченица била користена за изградба на покриви во текот на бронзеното време, а за таа намена била користена сѐ до крајот на 19 век.

Генетика

уреди
 
Пченично семе

Генетиката на пченицата е многу посложена од другите култивирани видови на растенија. Некои видови на пченица се диплоидни, со два пара хромозоми, но постојат и многу стабилни полиплоидни видови, со четири пара хромозоми (тетраплоиди) или шест пара (хексаплоиди).[15][16]

  • Еднозрнестата пченица (T. monococcum) е диплоидна (АА, два комплемента со седум хромозоми, 2n=14).[17]
  • Повеќето тетраплоидни видови на пченица (на пр. двозрнестата и тврда (дурум)) се изведени од дивата двозрнеста пченица, T. dicoccoides. Дивата двозрнеста пченица е резултат на хибридизација помеѓу две диплоидни диви треви, T. urartu и Aegilops searsii или Aegilops speltoides. Непознатиот вид на трева никогаш не бил откриен меѓу денешите диви видови на треви, но најблискиот денешен сродник е Aegilops speltoides. Хибридизацијата со која настанала дивата двозрнеста пченица (ААББ) се случила во дивината, многу одамна пред нејзиното припитомување,[15] а се одвивала по пат на природна селекција.
  • Хексаплоидната пченица еволуирала со вкрстување меѓу разни соеви по нивите. Можно е да припитомената двозрнеста или тврда пченица е хибридизирана со некоја друга дива диплоидна трева (Aegilops tauschii), со што настанале хексаплоидни пченици, динкел (крупник, Triticum spelta) и обична пченица (мека пченица, Triticum aestivum).[15] Тие имаат три пара спарени хромозоми, трипати повеќе отколку кај диплоидната пченица.

Присуството на одредени верзии на гени кај пченицата е важно за приносот на оваа житна култура. Покрај мутантните верзии на гените, одамна избрани во текот на припитомувањето на видот, постојат и многу нови, намерно селектирани, алели кои влијаат на особините на растот. Гените за џуџестиот сој, кои првпат се користени за одгледување на јапонската сорта Norin 100, дале пченица со низок раст. Оваа сорта давала големи приноси, што бил еден од главните фактори за успехот на таканаречената „Зелена револуција“ во Мексико и Азија, што било иницијатива на Норман Борлог. Гените на џуџестата пченица овозможиле да јаглеродот, врзан преку процесот на фотосинтеза, биде пренасочен кон создавање на семиња, но, исто така, дошло до намалување на проблемот на "налегната пченица". Налегнувањето на пченицата се случува кога нејзиното стебло паѓа на земја поради ветер, со што скапува, додека земјата богата со нитрати овозможува повисок раст на пченицата и поголема отпорност на проблемот на налегнување. До 1997 година, околу 81% од засеаните површини со пченица, во земјите во развој, биле засеани со џуџестите сорти на пченица, што дало големи приноси и подобар одговор на нитратните ѓубрива.

Хибриди

уреди

Бидејќи пченицата е самоопрашувачко растение, создавањето на хибридни вариетети бара голем напор. Трошоците за добивање на хибридните семиња се многу поголеми во однос на користа која се добива од нив, поради што земјоделците ја одбивале широката примена на хибридите,[18][19] иако развојот на хибридите трае веќе со децении. Сортите на Ф1 хибридот не треба да се мешаат со сортите добиени со помош на стандардното вкрстување на растенијата. Хетероза, односно хибридната сила, (раширена кај Ф1 хибридот на пченката) се случува кај обичната (хексаплоидна) пченица, но да се добие семе од овие хибридни сорти во комерцијален облик е многу тешко. Ова се јавува затоа што, во ботаничка смисла, цветовите на пченицата се вистински цветови, што значи дека имаат и толчник и прашници, и најчесто се самоопрашуваат.[20] Семето на комерцијалната хибридна пченица се произведува со користење на хемиските хибридизациски средства, регулатори на раст на растението (растителни хормони), кои селективно влијаат на развојот на поленот т.е. на природните системи на цитоплазматско-машка стерилност. Хибридната пченица имала ограничен успех во Европа (посебно во Франција), во САД и во Јужноафриканска Република.[21]

Употреба во исхраната

уреди
 
Пченицата се користи за производство на разни прехранбени производи.

Сировата, обична пченица може да се меле во брашно, додека со мелење на тврдата пченица може да се добие гриз. Сушената и про`ртена пченица дава слад, а може да се дроби во дробеница, после што се вари на пареа и се суши во булгур, познат и како крупица. При обработка на сировата пченица во мелница, надворешната обвивка може да се отстрани и да се користи за добивање на трици. Пченицата е основна состојка на бројни јадења и прехранбени производи, како што се: разни видови на леб, каши, крекери, бисквити, палачинки, пити, тестенини, колачи, торти, мафини, ролати, крофни, пченични снегулки, пијалакот боза и многу други.

Сто грама пченица содржат 327 калории, и се добар извор на белковини, прехранбени влакна, манган, фосфор, и витамин Б3 (ниацин). Присутни се и многу други витамини од Б-групата, како и бројни минерали. Во пченицата има просечно 13% вода, 71% јаглехидрати, 1.5% липиди и 13% белковини. Пченичните белковини се со низок квалитет за човековата исхрана, според новиот метод за проверка на квалитетот на белковините (DIAAS), промовиран од ФАО.[22][23] Иако овие белковини содржат адекватни количини на неопходни аминокиселини (барем за возрасните), сепак тие се дефициентни со есенцијалната аминокиселина лизин.[24] Бидејќи белковините присутни во ендоспермот на семето (глутенски белковини) се сиромашни со лизин, белото брашно е повеќе дефициентно со лизин отколку целото зрно. Направени се значајни напори за создавање на пченични соеви богати со лизин, но досега безуспешно.[25] Недостатокот на неопходните аминокиселини во пченичните прехранбени производи може да се замени со белковини од други извори на храна, главно мешункасти плодови, што е од особено значење во периодот на растот и развојот на младите луѓе.

Хранлива содржина на основните прехранбени култури[26]
ПРЕХРАНБЕНА КУЛТУРА: Пченка[А] Ориз[Б] Пченица[В] Компир[Г] Маниока[Д] Соја[Ѓ] Сладок компир[Е] Сирак[Ж] Јам[Џ] Готварска банана[Ш]
Состојка (на 100 г) Количина Количина Количина Количина Количина Количина Количина Количина Количина Количина
Вода (гр) 76 12 11 79 60 68 77 9 70 65
Енергија (кЏ) 360 1528 1419 322 670 615 360 1419 494 511
Белковини (г) 3,2 7,1 13,7 2,0 1,4 13,0 1,6 11,3 1,5 1,3
Маст (г) 1,18 0,66 2,47 0,09 0,28 6,8 0,05 3,3 0,17 0,37
Јаглехидрати (г) 19 80 71 17 38 11 20 75 28 32
Влакна (г) 2,7 1,3 10,7 2,2 1,8 4,2 3 6,3 4,1 2,3
Шеќер (г) 3,22 0,12 0 0,78 1,7 0 4,18 0 0,5 15
Калциум (мг) 2 28 34 12 16 197 30 28 17 3
Железо (мг) 0,52 4,31 3,52 0,78 0,27 3,55 0,61 4,4 0,54 0,6
Магнезиум (мг) 37 25 144 23 21 65 25 0 21 37
Фосфор (мг) 89 115 508 57 27 194 47 287 55 34
Калиум (мг) 270 115 431 421 271 620 337 350 816 499
Натриум (мг) 15 5 2 6 14 15 55 6 9 4
Цинк (мг) 0,45 1,09 4,16 0,29 0,34 0,99 0,3 0 0,24 0,14
Бакар (мг) 0,05 0,22 0,55 0,11 0,10 0,13 0,15 - 0,18 0,08
Манган (мг) 0,16 1,09 3,01 0,15 0,38 0,55 0,26 - 0,40 -
Селен (µг) 0,6 15,1 89,4 0,3 0,7 1,5 0,6 0 0,7 1,5
Витамин Ц (мг) 6,8 0 0 19,7 20,6 29 2,4 0 17,1 18,4
Тиамин (мг) 0,20 0,58 0,42 0,08 0,09 0,44 0,08 0,24 0,11 0,05
Рибофлавин (мг) 0,06 0,05 0,12 0,03 0,05 0,18 0,06 0,14 0,03 0,05
Ниацин (мг) 1,70 4,19 6,74 1,05 0,85 1,65 0,56 2,93 0,55 0,69
Пантотенска киселина (мг) 0,76 1,01 0,94 0,30 0,11 0,15 0,80 - 0,31 0,26
Витамин Б6 (мг) 0,06 0,16 0,42 0,30 0,09 0,07 0,21 - 0,29 0,30
Фолат - вкуп. (µг) 46 231 43 16 27 165 11 0 23 22
Витамин А (МЕ) 208 0 0 2 13 180 14187 0 138 1127
Витамин Е, α-токоферол (мг) 0,07 0,11 0 0,01 0,19 0 0,26 0 0,39 0,14
Витамин К (µг) 0,3 0,1 0 1,9 1,9 0 1,8 0 2,6 0,7
β-каротин (µг) 52 0 0 1 8 0 8509 0 83 457
Лутеин+зеаксантин (µг) 764 0 0 8 0 0 0 0 0 30
Заситени масни киселини (г) 0,18 0,18 0,45 0,03 0,07 0,79 0,02 0,46 0,04 0,14
Мононезаситени масни киселини (г) 0,35 0,21 0,34 0,00 0,08 1,28 0,00 0,99 0,01 0,03
Полинезаситени масни киселини (г) 0,56 0,18 0,98 0,04 0,05 3,20 0,01 1,37 0,08 0,07
А пченка, слатка, жолта, сирова Б ориз, бел, долгнавест, обичен, сиров
В пченица, тврда Г компир, со лупка, сиров
Д маниока, сирова Ѓ соини зрна, зелени, сирови
Е сладок компир, сиров Ж сирак, сиров
Џ јам, сиров Ш готварска банана, сирова

Производство на пченица

уреди

Во 2013 година, светското производство на пченицата изнесувало 713 милиони тони и, по количина на произведеност, била на трето место после пченката (1.016 милијарда тони) и оризот (745 милиони тони).[27] Во 2009 година, пченицата била на второ место по количината на производство (682 милиони тони), веднаш по пченката (817 милиони тони), а пред оризот (679 милиони тони).[28]

Произведена пченица во Македонија

уреди
Произведена пченица во Македонија (во тони) (2001-2020)[29]

Светска потрошувачка

уреди
 
Просечни приноси на пченица во светот во 2000 г.

Пченицата во светот се одгледува на површина поголема од 218 милиони хектари,[27] што е многу повеќе отколку за било кое друго култивирано растение. Светската трговија со пченица е поголема од трговијата со сите други житни растенија заедно. Заедно со оризот, пченицата е најосновниот светски прехранбен производ. Таа се смета за основна компонента во исхраната, поради тоа што има исклучително добра агрономска прилагодливост, со можност да расте од скоро субарктичките подрачја, па сè до екваторските подрачја; од нулта надморска висина, па сè до 4000 метри надморска висина, како на пример на Тибетската Висорамнина.

Освен агрономската прилагодливост, таа се складира лесно и едноставно, нејзиното зрно лесно се обработува во брашно, а како јадлива намирница има бројни можности на подготовка. Пченицата е еден од најважните извори на јаглехидрати во најголем број од земјите на светот. Нејзините белковини се лесно сварливи за најголемиот процент од светската популација (за дури 99% од светското население), освен за лицата со пореметувања поврзани со глутенот. Лесната сварливост се однесува и на нејзината јаглехидратна компонента - скробот. Мали количини на животински и легуминозни белковини се додаваат на пченичната храна за да се зголеми хранливата вредност.

Пченицата како мотив во уметноста

уреди
  • „Пченица“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески од 1953 година.[30]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Shewry, P. R. (2009-04-01). „Wheat“. Journal of Experimental Botany (англиски). 60 (6): 1537–1553. doi:10.1093/jxb/erp058. ISSN 0022-0957.
  2. „Which Society Cultivated Wheat First?“. ThoughtCo. Посетено на 2018-03-01.
  3. „Origin of wheat | agropedia“. agropedia.iitk.ac.in (англиски). Посетено на 2018-03-01.
  4. „Bread Wheat - Improvement and Production“. www.fao.org. Посетено на 2018-03-01.
  5. „Nutrient Data Laboratory : USDA ARS“. www.ars.usda.gov. Посетено на 2018-03-01.
  6. Tanno, Ken-Ichi; Willcox, George (2006-03-31). „How fast was wild wheat domesticated?“. Science (New York, N.Y.). 311 (5769): 1886. doi:10.1126/science.1124635. ISSN 1095-9203. PMID 16574859.
  7. Moshe, Feldman; E., Kislev, Mordechai (2007). „Domestication of emmer wheat and evolution of free-threshing tetraploid wheat“. Israel journal of plant sciences (англиски). ISSN 0792-9978. Архивирано од изворникот на 2020-06-20. Посетено на 2018-03-01.
  8. Colledge, Sue; Conolly, James (2007-08-10). The Origins and Spread of Domestic Plants in Southwest Asia and Europe (англиски). Left Coast Press. ISBN 9781598749885.
  9. 9,0 9,1 Heun, Manfred; Schäfer-Pregl, Ralf; Klawan, Dieter; Castagna, Renato; Accerbi, Monica; Borghi, Basilio; Salamini, Francesco (1997-11-14). „Site of Einkorn Wheat Domestication Identified by DNA Fingerprinting“. Science (англиски). 278 (5341): 1312–1314. doi:10.1126/science.278.5341.1312. ISSN 0036-8075.
  10. Brandolini, A; Volante, A; Heun, M (септември 2016). „Geographic differentiation of domesticated einkorn wheat and possible Neolithic migration routes“. Heredity. 117 (3): 135–141. doi:10.1038/hdy.2016.32. ISSN 0018-067X. PMC 4981680. PMID 27165766.
  11. Ozkan, H.; Brandolini, A.; Schäfer-Pregl, R.; Salamini, F. (October 2002). „AFLP analysis of a collection of tetraploid wheats indicates the origin of emmer and hard wheat domestication in southeast Turkey“. Molecular Biology and Evolution. 19 (10): 1797–1801. doi:10.1093/oxfordjournals.molbev.a004002. ISSN 0737-4038. PMID 12270906.
  12. Diamond, Jared M. (1997). Guns, Germs, and Steel: The Fates of Human Societies. United States: W. W. Norton & Company. ISBN 0393317552.
  13. Bilgic, Hatice; Hakki, Erdogan E.; Pandey, Anamika; Khan, Mohd Kamran; Akkaya, Mahinur S. (2016-03-21). „Ancient DNA from 8400 Year-Old Çatalhöyük Wheat: Implications for the Origin of Neolithic Agriculture“. PLOS ONE (англиски). 11 (3): e0151974. doi:10.1371/journal.pone.0151974. ISSN 1932-6203.
  14. Sheffield, University of. „the science in detail - Wheats DNA - Research - Archaeology - The University of Sheffield“. www.sheffield.ac.uk (англиски). Посетено на 2018-03-01.
  15. 15,0 15,1 15,2 Hancock, James (2004). Plant Evolution and the Origin of Crop Species. CABI Publishing. ISBN 0-85199-685-X.
  16. Islam, Nazrul; Tsujimoto, Hisashi; Hirano, Hisashi (April 2003). „Proteome analysis of diploid, tetraploid and hexaploid wheat: towards understanding genome interaction in protein expression“. Proteomics. 3 (4): 549–557. doi:10.1002/pmic.200390068. ISSN 1615-9853. PMID 12687621.
  17. Belderok; и др. (2000). Bread-making Quality of Wheat. Springer. стр. 3. ISBN 978-90-481-5493-7.
  18. „Hybrid wheat to make a return - Farmers Weekly“. Farmers Weekly (англиски). 2011-05-17. Посетено на 2018-03-01.
  19. „Hybrid wheat's comeback“. Successful Farming (англиски). 2013-03-11. Посетено на 2018-03-01.
  20. Bajaj, Y. P. S. (1990). Wheat. Sringer. стр. 161–163. ISBN 3-540-51809-6.
  21. Basra, A. S. (1999). Heterosis and Hybrid Seed Production in Agronomic Crops. Haworth Press. стр. 81–82. ISBN 1-56022-876-8.
  22. Wolfe, Robert R. (August 2015). „Update on protein intake: importance of milk proteins for health status of the elderly“. Nutrition Reviews. 73 Suppl 1: 41–47. doi:10.1093/nutrit/nuv021. ISSN 1753-4887. PMC 4597363. PMID 26175489.
  23. „Dietary protein quality evaluation in human nutrition. Report of an FAQ Expert Consultation“. FAO food and nutrition paper. 92: 1–66. 2013. ISSN 0254-4725. PMID 26369006.
  24. Shewry, Peter R.; Hey, Sandra J. (October 2015). „The contribution of wheat to human diet and health“. Food and Energy Security. 4 (3): 178–202. doi:10.1002/fes3.64. ISSN 2048-3694. PMC 4998136. PMID 27610232.
  25. „PROTEIN SOURCES FOR THE ANIMAL FEED INDUSTRY“. www.fao.org. Посетено на 2018-03-01.
  26. „Nutrient data laboratory“. United States Department of Agriculture. Посетено на August 10, 2016.
  27. 27,0 27,1 „FAOSTAT“. www.fao.org. Посетено на 2018-03-01.
  28. „World Wheat Production, World Maize Production, World Rice Production“. 2015-06-10. Архивирано од изворникот на 2015-06-10. Посетено на 2018-03-01.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  29. Организација за исхрана и земјоделство на ООН (FAO)
  30. Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 26.

Литература

уреди
  • Jasny Naum, The Wheats of Classical Antiquity, J. Hopkins Press, Baltimore 1944.
  • Jasny Naum, The daily bread of ancient Greeks and Romans, Ex Officina Templi, Brugis 1950.
  • Harlan Jack R., Crops and man, American Society of Agronomy, Madison 1975.
  • Josifović M. at all. 1976. Red: Poales. Flora SR Srbije. VIII: 259.
  • Curtis H. Evert R. Raven P. 1981. Biology of plants. New York: Worth Publishers.
  • Garnsey Peter, Grain for Rome, in Garnsey P., Hopkins K., Whittaker C. R. (editors), Trade in the Ancient Economy, Chatto & Windus, London 1983.
  • Blaženčić Ž. Danon J. 1989. Hranljivo, lekovito, otrovno i začinsko bilje. Beograd: Naučna knjiga.
  • Heiser Charles B., Seed to civilisation. The story of food, (Harvard University Press, 1990)
  • Saltini Antonio, I semi della civiltà. Grano, riso e mais nella storia delle società umane, Prefazione di Luigi Bernabò Brea, Avenue Media, Bologna 1996.
  • Bonjean, A.P., and W.J. Angus (editors). The World Wheat Book: a history of wheat breeding. Lavoisier Publ., Paris. 1131 pp. (2001). ISBN 2-7430-0402-9.
  • Head L., Atchison J., and Gates A. Ingrained: A Human Bio-geography of Wheat. Ashgate Publ., Burlington. 246 pp. (2012). ISBN 978-1-4094-3787-1