Кичевска Котлина
Кичевска Котлина — една од поголемите котлини во Македонија која е неотектонска творба чијашто рамка ја прават планинските масиви на Бистра и Стогово од запад, Бушева Планина, Баба Сач, Бабењ и Плакенска Планина на исток. Дното на котлината — Кичевското Поле е на надморска височина од 680 м до 570 м. Најниската точка се наоѓа во источниот дел кај селото Атиште (570 м). Во јужниот дел котлината е прекршена со напречни раседи и има облик на симболот ⊥. Кичевската Котлина преку Бродска Клисура на исток се поврзува со Поречје, на југозапад преку превалот Пресека со котлината Дебрца, а на север преку превалите Стража и Буковиќ со Полошката Котлина. Вкупната површина е 1.059 км2, а дното има 88 км2. Во северниот дел се издига ниската планина Вардино (950 м), која овој дел го дели на две морфолошки целини: Зајас на запад и Осломеј на исток. Геолошкиот состав е доста сложен и е претставен со палеозојски шкрилци и тријаски варовници по рамката, а плиоцените и квартерните седименти по дното на котлината.[1] Во плиоцените седименти се откриени големи резерви на јаглен, врз основа на кои е изградена термоцентралата Осломеј. Развиена е градската населба Кичево.
Административен опфат
уредиКотлината административно опфаќа територии на три општини:[2]
- Општина Кичево — сите населени места со исклучок на Ќафа во најсеверниот дел, Миокази во југоисточниот и Големо и Мало Црско, Цер и Прострање во јужниот;
- Општина Пласница — сите населени места;
- Општина Македонски Брод — селата Русјаци, Ореовец, Ижиште, Латово.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Т. Андоновски, Абразиони и флувијални елементи во Кичевска котлина, „Годишен зборник на ПМФ“, кн. 27, Скопје, 1984
- ↑ Трифуноски, Јован Ф. (1968). Кичевска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје. стр. 300.