Владимир Талески
Владимир Талески (роден на 7 март 1959 во Кичево) — македонски глумец и градоначалник на Општина Битола од 2005 до 2017 година.
Владимир Талески | |
---|---|
Градоначалник на Општина Битола | |
На должноста 2005 – 2017 | |
Претходник | Златко Вршковски |
Наследник | Наташа Петровска |
Лични податоци | |
Роден(а) | 7 март 1959 Кичево, НР Македонија, ФНРЈ |
Партија | ВМРО-ДПМНЕ |
Деца | 2 |
Установа | Филозофски факултет - Скопје, Факултет за драмски уметности - Скопје |
Професија | глумец |
Вероисповед | Православен христијанин |
Животопис
уредиВладимир Талески е роден на 7 март 1959 година, во Кичево. Се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје, на отсекот психологија во 1977 година. Но, дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје како глумец, во 1983 година. Во 2000 година специјализирал театарска режија на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, Бугарија. Талески е оженет и татко на две деца.[1]
Глумечка кариера
уредиОд своето дипломирање во 1983 година, па сѐ до избирањето за градоначалник на Битола во 2005 година, Талески работел како глумец во Битолскиот народен театар. Притоа, тој играл голем број главни улоги во дела од светски и домашни автори, како: Шекспир, Софокле, Горан Стефановски, Антон Панов, Јордан Плевнеш и други. Така, тој ја играл насловната ролја во „Хамлет“ од Шекспир; гостувал на „Мала Брона“ во Москва, бил учесник на „Дубровнички летни игри“ со претставата „Лир“ од Едвард Бонд, како самостоен проект на фестивалот; а во 1998 година бил учесник во проектот „Landscape X - part Eurelien“ во Стокхолм, со претставата „Alien Busters“ на Горан Стефановски. Исто така, учествувал на повеќе театарски фестивали: „Месс“ во Сараево, „Стериино позорје“ во Нови Сад, „Еуроказ“ во Загреб, „Интернационален фестивал“ во Љубљана, „Охридско лето“ во Охрид, „МОТ“ во Скопје, „Будва - фест“ во Будва, „Алтернативен театар“ во Подгорица, „Фестивал на детето“ во Шибеник, „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, „Ристо Шишков“ во Струмица, и други. Се занимавал и со пишување на текстови за театарски претстави и сценарија за телевизиски претстави.
Талески има релизирано голем број телевизиски емисии и серии за различни редакции. Настапувал во телевизискиот филм „Мугра“, како и во играните филмови „Јужна патека“, „Хај-фај“ и „Тајната книга“. Покрај тоа, тој има режирано 12 театарски претстави, 7 документарни филмови и повеќе новогодишни претстави за деца, промотивни и други музички манифестации. Исто така, Талески се појавил во културно-образовните емисии за млади „Црвено, жолто, зелено“, играјќи го ликот на студентот Диме и во „Здраво генијалци“ играјќи го ликот на забавниот Двојче. За својата професионална работа има добиено повеќе награди и признанија, како: наградите „Војдан Чернодрински“ (трипати) и „4 Ноември“ (двапати).
Обвинувања за корупција
уредиВо април 2016 година, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го отворило предметот „Транспортер“ во кој го сомничи Талески и вработени во општината за криминал со организирање превоз на ученици од основни и средни училишта во Битола за 10 пати повисока цена од реалната. СЈО проценило дека Талески го оштетил буџетот на општината за 360 илјади евра и побарало мерка притвор за градоначалникот. Судијата на претходна постапка во јуни определил 90-дневен куќен притвор за Талески.[2]
Наводи
уреди- ↑ „Биографија“. Архивирано од изворникот на 2013-03-07. Посетено на 2013-03-18.
- ↑ Зоран Милошески, „Куќниот притвор - казна или награда за битолскиот градоначалник?“, Фокус, број 1112, 27 јанауари 2017, стр. 35-37.
Политички функции | ||
---|---|---|
Претходник Златко Вршковски |
Градоначалник на Општина Битола 2005–2017 |
Наследник Наташа Петровска |