Борис Спиров
Борис Спиров (с. Брждани, Кичевско, 22 септември 1897 година - 1974) — македонски лекар и политичар.
Борис Спиров | |
---|---|
Претседател на Собранието | |
На должноста 30 декември 1946 – 30 декември 1947 | |
Наследник | Димитар Несторов |
Лични податоци | |
Роден(а) | 22 септември 1897 Брждани, Османлиска империја |
Починал(а) | 19 октомври 1974 Софија, НР Бугарија | (возр. 77)
Животопис
уредиПотекнува од земјоделско печалбарско, но и револуционерно семејство. Татко му и неговиот чичко биле селски војводи, вклучени во македонското револуционерно ослободително движење. И самиот Борис Спиров бил член на ВМРО (Обединета).
Основното петгодишно образование го завршил во родното село. Три класа завршил во тогашната кичевска прогимназија,[1] која ја нарекувале егзархиски пансион, истовремено работејќи и како овчарче кое извршувало и земјоделски работи.
Школувањето го продолжил во Софија, каде што татко му отворил кафеана што ја наследил братот на Борис Спиров, а во која и самиот тој работел за да обезбеди средства за своето натамошно школување. Во текот на 1916 година, Борис бил мобилизиран во Пешадискиот баталјон, во рамите на 41. пешадиска софиска дивизија.[1] Во периодот од септември 1916 до март 1917 година, тој бил испратен на Македонскиот фронт. Во 1919 година со успех завршил гимназија во Софија.
Во 1921 година почнал да студира медицина во Австрија. Медицинските студии ги продолжува во Лајпциг (Германија), каде што во 1928 година дипломирал, а потоа одбранил и докторска дисертација од областа на медицинските науки. Извесно време работел како лекар во Плевенско (Бугарија), а подоцна во Плевен имал и приватна медицинска ординација.
Во 1928 година бил член на Бугарската работничка партија, а од 1931 година и член на нелегалната Комунистичка партија на Бугарија. Поради неговата комунистичка активност често бил прогонуван, затворан и мачен, па дури и двапати бил осудуван на смрт и во последен момент бил амнестиран.
Во својство на претседател на Обласниот комитет на Отечествениот фронт на Плевен, на 9 септември 1944 година зел активно учество во преземањето на власта од фашистите, а учествувал и во организирањето на новата власт.
На 20 септември 1944 година бил доброволец во бригадата „Гоце Делчев“, што била формирана во Софија и бил шеф на санитетската служба. Таквата должност подоцна ја извршувал и во Пехчево, во штабот на Брегалничко-струмичкиот корпус.
На 27 септември 1944 година е кооптиран за член на АСНОМ како народен пратеник од Кичевско. На Второто заседание на АСНОМ во декември истата година е избран за прв секретар на Президиумот на АСНОМ. Истовремено бил и член на Извршниот одбор на Единствениот народноослободителен фронт (ЕНОФ). На Третото заседание на АСНОМ, на 16 април 1945 година, бил преизбран за прв секретар на Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија.
Во 1946 година извесно време бил и министер за социјални грижи, а во ноември истата година бил избран за претседател на Уставотворното собрание на НР Македонија. Од 30 декември 1946 до 30 декември 1947 година е претседател на Народното собрание на Македонија, а потоа бил прв потпретседател на Президиумот на Народното собрание, сè до крајот на 1950 година кога му завршува редовниот пратенички мандат.
При формирањето на Медицинскиот факултет во Скопје е избран за професор на Медицинскиот факултет во првиот наставнички состав. Во почетоците на факултетот бил избран за продекан. Повеќе години работи како шеф на Одделот при Хигиенскиот завод на НРМ, при што значајни се неговите епидемиолошки испитувања на заразните болести во Македонија, посебно на маларијата, тифусот и распространетоста на гушавоста во Западна Македонија.
Игра важна улога во основањето на Македонското лекарско друштво чиј прв претседател е во периодот од 1946 до 1948 година.
По пензионирањето во 1960-тите, работел приватно во Скопје. Подоцна се преселил во Бугарија, каде ги поминал последните години од животот. Во 1966 година Президиумот на Народното собрание на Народна Република Бугарија го одликувала Борис Спиров со „Орден 9 септември“.[1] Починал на 19 октомври 1974 година во Софија, а бил погребан во Плевен.
Надворешни врски
уредиНаводи
уредиПолитички функции | ||
---|---|---|
Претходник Методија Андонов |
Претседател на Собранието на Македонија 1946-1947 |
Наследник Димитар Несторов |