Континентална клима

климатска класа

Континентална климаклима со значителни годишни разлики во температурата (топли лета и студени зими). Се јавуваат на средни географски ширини (40 до 55 СГШ) во големи копнени маси каде преовладувачките ветрови дуваат по копнен пат и носат извесни врнежи, а температурите не трпат влијанија од океаните. Овие клими се среќаваат претежно на северната полутопка поради големите копнени пространства во тој дел на Земјата. Ваква клима имаат североисточна Кина, Источна и Југоисточна Европа, западен и северозападен Иран, средна и југоисточна Канада, како и средните и североисточните САД.[1]

Подрачја на светот со континентална клима според Кепен

Оваа клима во Македонија е застапена претежно во нејзиниот умереноконтинентален облик (суволетна континентална клима), од класата Dsb.

Врнежите во континенталните предели се умерени, претежно сосредоточени во потоплите месеци. Најголемите количества на врнежи се во текот на зимскиот период само во некои подрачја како Тихоокеанскиот Северозапад на Северна Америка и во Иран, северен Ирак, соседна Турција, Авганистан, Пакистан и Средна Азија. Дел од годишните врнежи се во облик на снег, кој се задржува повеќе од еден месец. Летата може да имаат бури со грмотевици и чести високи температури; меѓутоа, летното време е постабилно отколку зимското. Во Кепеновата класификација, континенталните клими се означуваат со почетна буква D. Тревартината класификација ги означуа како Dc.

Годишни времиња

уреди

Годишните врнежи во овие предели изнесуваат од 600 мм до 1.200 мм. Преодните пролетни и есенски температури се разликуваат зависно од географската ширина и надморската висина. На пример, пролетта доаѓа во март во јужните предели, но дури во мај во северните. Летата се топли или врели, а зимите се одликуваат со негативни температури и доста мраз.

Кепенова класификација

уреди

Доста континентални краишта се од умереноконтинентален тип од Кепенова класа Dfa, со врели лета (средна температура над 22 °C во најтоплиот месец) или Dfb, со топли лета (средна темепратура под 22 °C во најтоплиот месец).[2] Суволетните континентални клими (Dsa и Dsb) постојат на високи предели близу средоземни клими (Csa/Csb). Сувозимските континентални клими (Dwa и Dwb) постојат на високи предели близу влажни суптропски клими (Cwa) или суптропски планински клими (Cwb). Меѓу континенталните се врбојуваат и субарктичките клими (Dfc, Dwc, Dsc, Dfd, Dwd и Dsd), со многу студени и долги зими и барем еден месец над 10 °C.

Во некои случаи класата BSk за степска клима и класата BWk пустинска клима може да се сметаат за континентални под услов да има студени зими, иако ова не се среќава во Кепеновата класификација. Дефиницијата за оваа клима во однос на температура гласи: средната температура на најстудениот месец мора да изнесува под -3 °C и мора да има барем четири месеци чија средна температура изнесува или надминува 10 °C.[3]

Климатологија

уреди

Континенталните клими се застапени онаму каде студените воздушни маси навлегуваат за време на зимата од покусите денови, а топлите воздушни маси настануваат во летото под услови на високо сонце и подолги денови. Местата со континентални клими по правило се далеку од влијанието на океаните или се така сместени што преовладувачките ветрови се упатуваат кон морето.[4] Ваквите региони лете стануваат доста топли, достигнувајќи температури својствени на тропските клими, но зиме се постудени од било која друга клима на слична географска ширина.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Continental Climate“. Encyclopedia of the Atmospheric Environment. Manchester Metropolitan University. Архивирано од изворникот на 27 април 2009.
  2. „Continental Climate: What Is & Definition“. Tomorrow.io Weather Blog (англиски). 20 декември 2021. Архивирано од изворникот на 2022-06-21. Посетено на 4 април 2022.
  3. „Continental Climate and Oceanic Climate“. astroedu.iau.org (англиски). Посетено на 4 април 2022.
  4. „What Is a Continental Climate?“. WorldAtlas (англиски). 21 мај 2019. Посетено на 4 април 2022.

Надворешни врски

уреди