Општина

административна единица

Општина — основна административна единица на локалната самоуправа која опфаќа повеќе населени места. Најчесто општината има градоначалник и совет во кој членуваат избрани претставници на месното население.

Градови и општини во Република Србија

Локалната самоуправа во Македонија

уреди

Според македонскиот закон, општина претставува единица на локална самоуправа, како заедница на жителите на одредено подрачје, утврдено со закон, која преку своите органи и преку администрацијата и организираните јавни служби овозможува вршење на надлежностите пропишани со закон. Во Македонија, општините се административни единици од прв степен. Надлежност на општината е збир на работи од јавен интерес од локално значење кои општината има право да ги врши на своето подрачје и е одговорна за нивното извршување. Граѓаните на Република Македонија кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината се жители на општината, додека општината го уредува вршењето на своите надлежности со статутот и со други прописи. Со статутот на општината се уредуваат: организацијата и работењето на органите на општината и на комисиите на советот, начинот на информирање на граѓаните, случаите на исклучување на јавноста од седниците на советот, начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на општината и постапување по нив, начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните, како и начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба, како и други прашања од значење за локалната самоуправа. Општината има свое подрачје и име, утврдени со закон, а може да има свој грб и знаме. Грбот и знамето на општината се разликуваат од грбот и знамето на Република Северна Македонија и од грбот и знамето на другите општини, Градот Скопје, како и грбовите и знамињата на другите држави, единиците на локалната самоуправа на други држави и на меѓународните организации.[1]

Во периодот од 1996 до 2004 година, Македонија имала 123 општини; од август 2004 до 2013 година имало 84 општини, а по локалните избори во 2013 година, бројот на општините се намалил на 80. Од нив, 10 општини се во Скопје при што Градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа.[2] По површината, најголема општина е Прилеп која има 1.194 км2, а најмала е Чаир со површина од 3,5 км2. По број на населението и според пописот од 2002 година, најголема општина е Куманово со 105 484 жители, а најмала е Вевчани со 2 433 жители. Притоа, 34 единици на локалната самоуправа се со седиште во град, а останатите 46 се со седиште во село.

Наводи

уреди
  1. Закон за локална самоуправа, Службен весник на Република Македонија, бр.05/2002.
  2. Закон за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија,„Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/04; 12/05; 98/08; 106/08; 149/14.