Горан Б. Стојаноски

Горан Б. Стојаноски (роден во Кичево во 1966 година) е македонски писател. Во македонската книжевност се појави во 1998 година со својата прва книга „Шумски сказни“ (во издание на РУ „Крсте Мисирков“ во Кичево). Оваа книга наиде на одличен прием кај младите читатели, а од страна на Министерството за култура потоа беше одобрен истоимениот аудио проект. Во 2001 година ги објави романот „Вилар“ (СДК „Кочо Рацин“, Кичево), а во 2005 роман сказната „Дивата убавица“ („Македонска реч“).

Во текот на 2007 година ја објавува својата четврта книга со интересен наслов „Трпкавица в ногавица“ („Селектор“). Во оваа своја книга, со поднаслов „необични сказни“ кој директно укажува на жанрот, содржи четириесетина куси текстови напишани во сказновита форма. Книгата е поделена на три дела: во првиот се оние во кои главен е детскиот лик и каде што во сказните се оди со фантазијата како производ на желбите кај децата, во вториот и најобемен циклус со дваесетина приказни, само го прифаќа континуитетот од првиот, преку поконкретни ликови од животот, проследувајќи ги децата во училиштето, а во третиот се веќе познатите и вообичаени ликови од народното фантастично творештво (џиновите, џуџињата, змејовите, вештерките и другите необични суштества кои најчесто се присутни во приказните, односно сказните за деца). Со овој ракопис Стојаноски го потврдува своето место во помладата генерација автори за деца, која, иако малубројна, носи свежина во литературата за деца.

Горан Б. Стојановски во октомври 2010 година ја објави својата најнова книга „Доживувањата на Геге супер Геге“ (издание на „Македонска реч“) која наиде на особено добар прием кај најмладата популација. Како и кај претходните книги и во оваа книга авторот го привлекува и задржува вниманието на читателот од почеток до крај.

Горан Б. Стојановски е застапен со свои творби во учебниците по македонски јазик во четврто одделение. Раскази објавил во повеќе весници и детски списанија.

Стојаноски е автор и на повеќе детски радиодрами, на сценарија за документарни радио и телевизиски емисии и на циклус од десетина радиодрами работени врз народни приказни од Кичевско, а снимени со заедничкиот наслов „Приказни од Кичевско“.

Работеше и твореше во Кичево.

Загина во сообраќајна несреќа на 21.11.2010 година.

Надворешни врски

уреди