Кнежински манастир
Кнежински манастир — манастирски комплекс во областа Копачка, западно од градот Кичево, во непосредна близина на селото Кнежино.[1]
Поглед кон манастирскиот конак | |
Информации | |
---|---|
Целосно име | Кнежински манастир |
Други имиња | Манастир „Св. Ѓорѓи“ |
Манастир на: | МПЦ - ОА |
Основан | XI-XII век |
Посветен на | Свети Ѓорѓи |
Епархија | Дебарско-кичевска |
Цркви | Црква „Св. Ѓорѓи“ |
Личности | |
Место | |
Место | во близина на Кнежино, Општина Кичево Македонија |
Координати | 41°30′59″N 20°55′18″E / 41.51639° СГШ; 20.92167° ИГД |
Видливи остатоци | црква, конак, камбанарија, археолошко наоѓалиште и две чешми |
Отворен за јавноста | да |
Други информации | (Четврта кичевска парохија) |
Манастирот се наоѓа на падините на планината Бистра, на надморска височина од над 900 метри. Пределот е богат со вегетација, со букова и дабова шума. Некои од дрвата се со повеќе вековна старост. Во манастирскиот двор се наоѓаат две чешми низ кои протекува изворска вода, која народот ја смета за лековита.[2]
Историја
уредиВо колективната меморија на населението од овој крај, во едно предание кое ја отсликува духовната и религиозната состојба, двата манастира ја преземале улогата на водители еден од друг. Кога Кнежинскиот манастир бил разрушен, иконата од манстирот прелетувала во манастирот „Св. Богородица Пречиста“ и се враќала назад во Кнежинскиот манастир и на крај преданието вели останала во манастирот „Света Богородица Пречиста“.
Манастирот е посветен е на Свети Ѓорѓи, кој во христијанскиот свет е познат како светител кој ги исцелува болестите, ги заштитува луѓето и стоката, воскреснува покојници, чудотворец.
Манастирската црква во основа е ранохристијанска црква со базиликална форма, изградена во 5-6 век од нашата ера со должина од 27-29 м. Ранохристијанската црква била разурната во непознато време. Делови од нејзината камена пластика биле вградувани во обновената црква кон крјот на 11-12 век и во другите објекти на манастирскот комплекс. Во ова време, кичевската област, a со тоа и Кнежинскиот манастир припаѓале кон Византиското царство, а црквата на Охридската Архиепископија. Манастирскиот комплекс опстојувал во средновековието, до неговото палење, запустување и рушење, во првата половина на XVIII век. Археолошките истражувања биле започнати во 1985 година, на манастирската црква и некрополата (гробишта), билепродолжени во 1998 година и траат со прекини до денес. Најважни откриените наоди при овие истаржувања се: мозаичниот под во наосот, камената пластика, керамичките плочи, градежни и плочи со натписи, фрескоживописот како и гробната архитектура и прилозите на покојниците.
Фрескоживописот на откриените фрагменти му припаѓа на ранохристијанското сликарство во 5-6 век, на комненовскиот и палеолошкиот период од крајот на 11 и почетокот на 14 век. Фрескоживописот од палеолошкиот период веројатно е дело на познатите сликари Михаило Астрапа и Ефтихиј и потекнуваат од почетокот на 14 век, кога овие области потпаднале под српска власт. Истите сликари се дворски мајстори на српскиот крал Милутин, кои ги сликале неговите задужбини, па оттука, можно е да овие двајца сликари работеле на оваа црква како подарок на кралот. Од гробните конструкции и прилозите на погребаните покојници во нив може да се види дека некрополата била во долга употреба и може да се насети погребувањето на ктитори и богати поединци (белегзии, копчиња, прстен со гема и друго), како и гробни конструкции во кои се погребувани монаси.
Во народната традиција, во преданијата, Кнежинскиот манастир „Свети Ѓорѓи“ е поврзан со Китино Кале – средновековниот град Китава околу кој со тек на времето се развил градот Кичево. Кита во народните преданија била сестра на Крали Марко и живееле во Калето, а погинала бранејќи го Кнежинскиот манастир од Муса Кесеџија.
Манастирскиот комплекс бил запален во првата половина на 18 век. Тогаш, монашкото братство се растурило, а самиот манастир бил препуштен на забот на времето и бил запуштен. Манастирскиот комплекс е вратен во живот во 1973 година, кога жителите од селото Кнежино ја изградиле малата црквичка на западниот дел на старата црква, а во исто време го изградиле и манастирскиот конак. Најновата црква, четврта по ред во манастирскиот комплекс, почнала да се гради во 1999 година, a била осветена на 11 октомври 2007 година. исто така, конакот бил обновен и проширен, при што црквата и конакот се изградени со донации од народот.
Галерија
уреди-
Влезот во манастирот
-
Чешма „Св. Петка“
-
Мозаик на Свети Ѓорѓи
-
Помошен објект
-
Поглед на црквата со камбанаријата
-
Археолошкото наоѓалиште во манастирскиот двор
Наводи
уреди- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Александар Матески, „Китино кале и Кнежино“, Економија и бизнис, година 19, број 229/230, јули/август 2017, стр. 107.
Надворешни врски
уреди- Кнежински манастир на Ризницата ?