Демирхисарски заговор

(Пренасочено од Брсјачка буна)

Демихисарски заговор [1] или Брсјачка буна [2] — организиран отпор во 1880-тите години меѓу македонското население во југозападна Македонија против власта на Отоманското Царство, незадоволно од Берлинскиот конгрес (1878)[3] и останувањето на Македонија под турска власт. Заговорот ги зафатил териториите помеѓу Крушево, Охрид, Битола, Прилеп и Кичево.

Македонија

Причини

уреди

Качачки банди

уреди

По Берлинскиот конгрес во југозападна Македонија дошло до засилени на напади на качачките банди од малисорските и корчанските краишта на Албанија. Овие банди почнале да убиваат, грабат и палат масовно низ македонските селa во овој дел на Македонија [4] стигнувајќи до реката Вардар. Разбојниците при нападите го одземале добитокот од населението и го пренесувале во Албанија или пак слободно го продавале на пазарите во Дебар. Албанските банди со својата дејност го попречувале и нормалното функционирање на патната мрежа, трговијата и снабдувањето на градовите со потребните производи и намирници. Овие напади на разбојниците биле искористени од турските и албанските полјаци кои ги зграбиле нивите на христијанското население кое не можело поради бандите да ги обработува своите имоти [4].

Муслимански зулумџии

уреди

Нападите на албанските банди довеле до анархична состојба поради која речиси во секое село во југозападна Македонија се појавиле муслимански зулумџии кои ја узурпирале турската власт и ги подложувела селаните на маки. Меѓу зулумџиите се нашле: Џемо од Порече, Ќучук Сулејман од Прилепско, Карабатак од Охридско и други [4].

Берлински конгрес

уреди

На Берлинскиот конгрес големите сили решиле Македонија да остане во рамките на Отоманското Царство и за неа биле предвидени реформи според членот 23, односно воведување на критскиот органскиот устав од 1868 година. Меѓутоа во текот на Руско - турската војна во составот на руската и српската армија имало македонски доброволци кои се бореле за слободата на Македонија [4], по војната тие се вратиле во своите домови и започнале со четнички живот незадоволни од општата состојба во Македонија како и од одлуките на Берлински конгрес. Македонските доброволци кои се бореле во редовите на руската војска навлегле во источна Македонија и набргу се нашле како учесници во Кресненското востание [4] , додека пак македонските борци во редовите на српската војска учествуваат во Демихисаркиот заговор.

види: Македонија и Берлинскиот конгрес

Заговор

уреди

Првите акции

уреди

Сите овие случувања и настани придонеле да дојде до самоорганизирање на народот и формирање на вооружени чети во западна Македонија кој во почетокот дејствувале независно една од друга и секоја во својот реон, а најчесто на чело на овие чети биле поставувани доброволци од српско - турските и руско - турските војни.

Четата на Стефан Петревски

уреди
 
Војводата Мицко од Латово

Во Турн-Северин, околу Стефан Петревски се формирала група на Македонци од Поречко, тие решиле да се вратат во својот крај и да се нафатат со ајдутство. Тргнале во неколку групи и за неколку месеци се нашле Поречко, а меѓу нив бил и Мицко Крстевски (иќ) [5] од Латово кој решил веднаш да преземе акција, во заседа го сочекал Џемаил Ага и го убил. Ова убиство било опеано во песната:

Седнал ми Џемо,слободен Џемо 
под таа круша водница, 
на таа нива орница 
во лева рака килибар 
во десна рака мартинка. 
Мајка му вели, говори: 
Не седи синко слободен, 
каури глава кренале, 
Мицко војвода излегол- 

Четата на Чакревци

уреди

Tаква четa била и онаа на прилепчанецот Диме Чакре кој бил учесник во Руско - турската војна во која бил и одликуван со руски медал за храброст. Чакре најпрво се засолнил во Ќустендил потоа навлегол во Прилепско каде со својата чета од 9 души, составена од: брат му Мијале, Тоде Бочварчето, Ѓоргија Лажот, Јосиф Радобилец, Мицко Мариовчето и други [6], ликвидирале неколку зулумџии од Прилеп и неговата околина по што се нашле во Крушево.

Почетокот

уреди

Кон крајот на 1878 година, Диме Чакре со својот брат Мијале заминал за Крушево и со тамошните првенци започнал да се договара какви мерки да се преземаат против зулумџиите. На оваа средба покрај браќата Чакревци присуствувале крушевскиот поп Христо, Никола Ковачот и Ицо Карев, тие зедно решиле да го прошират заговорот на околните села, да се пронајдаат луѓе кој ќе заминат во планините, да се соберат пари, да се купи оружје и во селото Долно Дивјаци да се сретнат со војводите на четите кој веќе делувале како ајдути [4]. Во ова село заговорниците повторно се сретнале ги потврдиле претходните решенија и решиле да се поврзат со заговорнчкиот кружок од Охрид, преку гавазот на рускиот конзул од Битола да се побара пушки и муниција.

Проширување на заговорничката мрежа

уреди
 
д-р Константин Робев

Заговорниците успеале својата мрежа да ја прошираат во Кичево, Прилеп, Битола и Охрид. Во последниот град успеале да се поврзаат со друга завереничка група во која влегувале видни трговци и учители, меѓу нив се нашле: Коста Лимончев, Зафир Белев, д-р Константин Робев, Златан [7] и други. Како заговоренички центар служел планинскиот крај на Демир Хисар, а најсилна активност пројавил крушевскиот кружок кој се состоел од 60 души. При својата агитација заговорниците истакнувале пред населението дека Русија и Србија ќе им помогнат во борбата.

Средба на двата кружока

уреди

Во 1879 година војводите и останатите заговорници од Крушево и Охрид имале средба на која било решено да се продолжи со собирањето на оружје, регрутирањето на нови заговорници, повторно обраќање до рускиот конзул во Битола за помош и да се започне со ликвидација на познатите зулумџии по сите краишта.

Буна

уреди

Буната започнала на Петковден, со давањето на заклетва во црквата „Св. Илија“ во село Велмевци пред попот Јован. По извршените подготовки започнале борбените дејствија. Како водачи се истакнале Илија Делија, Ангел Танасков, Ристо Костадинов, Стефан Петревски, а набргу им се придружил и Мицко од Латово влегувај ќи во четата на војводата Ристо.

Порече

уреди

Во втората половина на 1880 и првата половина на 1881 година биле извршени поголем број на ликвидации на турските зулумџии и насилници насекаде каде што постоела заговорничката мрежа.

Особено важна и успешна акција била спроведена во горниот тек на Треска, во Поречката нахија. Во селото Лупште тамошните селани создале свои чети на чело со Стефан и Кузман Петревски.

Двајцата браќа со овие чети успеале цело Порече да го исчистат од зулумџиите и бандите [4]. По чистењето на теренот, браќата Петревски на локалните турски власти им соопштиле дека тие сами преку свој луѓе ќе го собират, носат данокот во Кичево и ќе се грижат за одбраната од разбојниците, а тоа било едногласно решение на сите 36 села од Поречката нахија.

По акцијата предводена од браќата Петревски, Порече цела година не било вознемирувано од разбојниците, а Стефан Петревски преќутно бил признат од турските власти во Кичево.

Турски мерки

уреди

Ликвидациите и оружјето го привлекле вниманието на турските власти. Тие успеале да запленат еден товар со оружје пратен до демихисарските заговорници као и да фатат еден заговорник. Раздвижувањето на турските власти го попречиле состанокот кој требало да се одржи во битолскиот манастир Слепче и покрај присуството на војводите со четите како и легалните претставници од Крушево, Кичево, Охрид, Прилеп, Битола и Ресен, средбата била одложена, но решиле да продолжаат со акциите.

Разоткривање на заговорничката мрежа

уреди

Во пролета 1881 година турските власти од Битола успеале да ги разоткријат кружоците од Крушево и Охрид, при што биле уапсени речиси сите раководители и нивните претставници по селата, на тој начин биле уапсени 700 луѓе.

Уништување на четите

уреди

По апењата, Диме и Мијале Чакреви на Велигден 1881 година влегле во Прилеп и се сместиле во куќата на Јован Кондов, за да се разберат со чорбаџијата Крапче, но тој ги предал на Турците. Браќата дошле во судир со турските сили, притоа куќата била запалена и сите загинале. При оваа престрелка, Диме Чакре заедно со последниот преживеан четник се самоубиле за да не бидаат заробени.

На Велигден истата година битолскиот валија се упатил да ги отстрани и ликвидира останатите чети. Ангел Танасков не прифатил да се предаде и се повлекол на Врбенската Планина каде ги собрал своите четници и го организирал отпорот.

Дошло до судир во кој загинале голем број на четници, но и Турци. По борбата Турците му ја отсекле главата на Ангел и ја пратиле во Битола. Борбите биле чести и немилосрдни, а едно утро во турска заседа загинал и војводата Риста Костадинв. Тогаш Мицко је презел неговата чета, и војводската пушка ишарана со сребро и седеф.

Меѓутоа заговорот наскоро бил уништен, а Мицко ја распуштил својата чета, а своите луѓе ги испратил да си заминат кај семејствата и блиските. Самиот тој одбил да се предаде на Tурците, а тоа се случило во есента 1881 година.

Мицко решил да се засолни во една непристапна пештера која се наоѓала кај селото Белица, близу Кичево, таму тој бил снабдуван со храна од селаните кои му ја спуштале со јаже и тоа траело сè до средината на јануари 1882 година. Турците го откриле и успеале да го заробат. Мицко бил единствениот војвода кој преживеал по што бил одведен во битолскиот вилаетски затвор.

Судење

уреди

Во Битола бил формиран нов суд кој во присуство на странските конзули осудил 4 раководители на заговорот на по 101 година затвор, деветмина на по 15 години заточеништво на островите во Средоземното Море и Мала Азија, а шестмина биле ослободени поради недостаток на докази. Во врска со целиот заговор биле осудени околу 80 души, а единствениот преживеан војвода добил 101 година затвор.

Историски поглед

уреди

Подвигот на Диме Чакре и останати заговорници предизвикале голем восхит меѓу македонската младина, нивните подвизи биле опеани, а истовремено го засилиле бунтовничкиот дух сред македонските средини. Останатите преживеани соборци на браќата Чакревци меѓу кој биле: Стојче од Мариово, Ѓорѓи Лажот, Стефан од Попадија и други ја продолжиле комитската дејност, а набргу се појавиле нови чети. Историчарите истакнуваат дека:

По начинот на кој почнал да се создава и да се шири, по раководните елементи што го имале првиот збор во него, по средстават што палнирал да ги употреби, како и по првите акции што ги презел, овој заговор се пројавил како ефикасна сила која ветувал да прерасне во вистинска народна организација. Неговото предвремено откривање само го одложило исполнувањето на задачите што си ги поставил [4]

Извори и белешки

уреди
  1. Заговорот го добил по Демир Хисар како центар на заговорниците
  2. Буната го добила своето име според населението Брсјаци
  3. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година
  5. Мицко подоцна ќе се запознае со Дамјан Груев кој ќе се обиде да го придобие на страната на ТМОРО но тој ќе се најде под влијание на српската пропагнада и по Илинденското востание ќе се појави како прв српски војвода во Македонија, дури ќе го грабне и самиот Даме Груев со кој порано биле пријатели
  6. Прилеп и прилепско низ историјата, книга прва, издание на општинското собрание и на сојузот на здруженијата на борците од НОВ - Прилеп, Прилеп, 1971 година
  7. Брат на митрополитот Натанаил Кучевишки

Литература

уреди
  • Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  • Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година
  • Прилеп и прилепско низ историјата, книга прва, издание на општинското собрание и на сојузот на здруженијата на борците од НОВ - Прилеп, Прилеп, 1971 година
  • Војна енциклопедија, Београд, 1971, књига друга.

Надворешни врски

уреди