Илинденско востание

(Пренасочено од Илинденското Востание)

Илинденско востание — востание на македонскиот народ против османлиската власт. Конгресот на Македонската револуционерна организација, одржан во Солун, донел одлука на пролет да се крене оружено востание при што започнувањето и водењето на востанието им биле препуштени на окружните комитети. Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, одржан во Смилево, одлучил да се крене општо ослободително востание и избрал Главен востанички штаб на Битолскиот револуционерен округ (во состав: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев), кој донел одлука востанието да започне на денот Свети Илија, 2 август 1903 година (нов стил).[2]

Илинденско востание
Датум 1903
Место Македонија и Одринско
Исход Директно вмешување на големите сили за решавање на Македонското прашање и издејствување на Мирцштешките реформи
Завојувани страни
Сила
26.500 [1] 350.000[1]
Жртви и загуби
1.000 убиени
200 опожарени села
4.700 убиени жени, деца и стари луѓе
3.000 обесчестени жени и девојки
70.000 обездомени
30.000 бегалци во Бугарија[1]
6.000 убиени
5.000 ранети[1]
Повик за востанието
Спомен плоча на зграда во Битола, во која се одржало советување за Илинденското востание во 1903 и пред истата зграда се оджале демонстрации против бугарскиот окупатор во 1941 година
Востаничката територија во Македонија
Напис во весникот Њујорк Тајмс на 14 ноември 1903 година

По започнувањето на востанието, Задграничното претставништво на Организацијата во Софија им предало на владите на европските големи сили Декларација со која биле известени за неподносливата експлоатација и за жестокоста на режимот на османлиската држава кој не ги почитувал елементарните права признаени на македонскиот народ со Берлинскиот конгрес. Од нив се барала ефикасна интервенција за да се присили владата на Турција, како единствено одговорна за воениот конфликт, да ги изврши преземените обврски и на Македонија да ѝ даде автономија.

Востаничките сили презеле нападни дејства во сите востанички реони. Востаниците од Крушевскиот востанички реон со концентриран напад го ослободиле Крушево. Во Костурскиот востанички реон биле ослободени поголемите населени места Невеска и Клисура, a во Леринскиот, Охридскиот, Преспанскиот и во Кичевскиот револуционерен реон се воделе жестоки борби.

Во ослободеното Крушево била создадена Крушевската република, со Совет и со Привремена влада, избрани од народот. Привремената влада имала ресори: за внатрешни работи, за финансии, за исхрана, за изградба и за санитет. Посебните дејности ги извршувале специјални служби: за обезбедување и градење опкопи за заштита, за поправка на оружјето и за производство на воени материјали, вклучително и црешево топче. За одбрана Привремената влада извршила мобилизација на машкото население способно за борба и презела мерки за заштита на муслиманските семејства на избеганите државни службеници и на нивните имоти, обезбедувани од Востаничкиот штаб. Во селата со муслиманско население бил упатен повик, познат како Крушевски манифест, во кој се соопштувало дека македонскиот народ се кренал на оружена борба против тиранската власт и насилниците, а не против сиромашното муслиманско население, дека востаниците не се разбојници, туку револуционери па затоа тоа да не се плаши, да остане мирно и дека во автономна Македонија сите ќе имаат еднакви права и слободи.

Во другите револуционерни окрузи (Солунскиот, Серскиот и Скопскиот), востанието имало карактер на герилско војување. Биле активирани сите вооружени чети кои вршеле напади на воените цели: гарнизони, стражарници и други цели, како и на стратегиските објекти: патиштата, железничките линии, телефонските и телеграфските инсталации. Со нивното дејствување била опфатена целата територија на Македонија и со тоа Илинденското востание добило карактер на општонародно востание.

Во Битолскиот револуционерен округ, каде што востанието било најмасовно, била извршена мобилизација на голем дел од боречкото население. Востаничкиот штаб им предал Меморандум на дипломатските претставници со протест поради варварските постапки на регуларните единици на војската, против палењето и разурнувањето на селата и масакрирањето на неборечкото македонско население.

Во Одринскиот револуционерен округ востанието избувнало подоцна. По Конгресот на Петрова Нива Михаил Герџиков се вратил за неколку дена во Бугарија и телеграфски побарал од ЦК да се одложи денот на востанието. Му одговориле дека востанието може да се одложи најдоцна за 20 јули, Илинден. Герџиков се вратил во Странџа кај своите другари од штабот, Лазар Маџаров и Стамат Икономов на кои им го објавил резултатот. Со нив бил и секретарот Христо Силјанов. Сите тие заедно решиле сами да го продолжат рокот за уште 15 дена, до 6 август - Преображение, за две причини: да се подготват подобро во борбите и да го користат случајот кога турските војници, кои биле концентрирани кон нивниот крај, ќе бидат испратени да го задушаат македонското востание, па тогаш со нивната акција да ги разделат и ослабаат. Сепак, тој факт не попречил востанието во Тракија да биде подолготрајно од востанието во Македонија.[3] Таму востаничката власт потоа ја формирала Странџанската комуна, која ја опфаќала територијата меѓу Мало Трново и Василико.

Европските големи сили имале свои интереси во османлиската држава и во регионот, биле против оруженото востание во Македонија и Одринско и за зачувување статус кво. На Владата на Турција и дале полна слобода да ги употреби сите потребни сили и средства за задушување на востанието. А соседните балкански држави биле исто толку заинтересирани за ликвидирање на востанието и за уништување на Македонската револуционерна организација, стравувајќи од интервенцијата на силите за давање автономија на Македонија.

Во такви услови, при целосна изолираност и во непријателско окружување од соседството, македонските и одринските востанички сили опстоиле до пред крајот на 1903 г., спротивставувајќи им се на огромната модерно вооружена регуларна армија и на нерегуларните воени формации, кои примениле тактика на тотално уништување на македонските села, материјалната база и борбената резерва. По повеќемесечни борби, за да се поштеди народот од натамошни репресалии, Востаничкиот штаб издал директива за запирање на Востанието.

Одлука за кревање на Востанието

уреди

Софискo советувањe

уреди

Во јули 1902 година во куќата на Бојан Биолчев во Софија се одржала средба на која присуствувале: Гоце Делчев, Иван Гарванов, Тома Карајовов, Туше Делииванов, Владимир Руменов, Никола Наумов, Лазар Димитров, Атанас Мурџев и домаќинот Бојан Биолчев. На оваа средба било разгледано барањето на битолчани за кревање на востание. Делчев, Руменов и Карајовов остро се спротивставиле за востание и била донесена одлука против дигање на какво и да е востание.[4]

Горноџумајско востание

уреди

Кога веќе било евидентно дека ќе дојде до Горноџумајското востание, Централниот комитет сметал дека движењето на Врховниот комитет не е сериозно и опасно, се искажал против него и го осудил. Но по избувнувањето на востанието, ЦК почнал да приклонува кон востание.[5] На 26 септември 1902 година ЦК во преписката до Задграничното претставништво истакнал дека „ако бугарската влада се ангажира да го покрене прашањето, да не се држи многу остар јазик кон врховистите јавно, подобро ќе биде и ние да го развееме знамето“.[5] Кореспонденцијата меѓу ЦК и Задграничното претставништво укажува дека:

... прашањето за востанието се наметнало постепено, под притисок на врховистичкото востание. Евидентно е дека ЗП тоа го допуштало доколку дојде до усложнување на состојбата, и ако врховистичкото движење продолжи во зимата. Сфаќајќи го тоа, ЦК на чело со Гарванов, почнал алармантно да ја прикажува ситуацијата. Во реалностa било поинаку [5]

Во почетокот на ноември „Врховистичкото востание“ спласнало и тогаш Иван Гарванов со новоназначените задгранични претставници Христо Матов и Христо Татарчев, во тајност од другите членови на Централниот комитет се решил за востание. Матов и Татарчев веднаш откако пристигнале во Софија на својата должност започнале преговори за помирување со Врховниот комитет врз основа за проширување на востанието. Тие тврделе дека тоа е желба на Централниот комитет, а за сето тоа ја имале поддршката на Иван Гарванов кој сакал помирување по секоја цена.[5] Гарванов на 29 ноември 1902 година му пишал на Задграничното претставништво и истакнал:

Ќе треба да се распределат сите горски сили и ште отсега да навлезат во земјата, да се стокми набрзо динамит и повеќе пушки, та напролет дај боже здравје да си ја пробаме среќата [5][6]

Во средината на декември Христо Татарчев имал средба со бугарскиот премиер Стојан Данев и кнезот Фердинанд I и известил дека акциите идната година се неминовни.[7]

Кон крајот на ноември 1902 година ЦК на Гарванов и Задграничното претставништво ја донеле конечната одлука за кревање на востанието. Таа требало да се санкционира и затоа Иван Гарванов на 24 декември 1902 година испратил окружно за одржување на Конгрес.

Второ софиско советување

уреди

Задграничното претставништво откако го примило окружното од ЦК организирало советување во Софија кое траело неколку дена. На оваа советување присуствувале: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Борис Сарафов, Михаил Герџиков, Кирил Прличев, Туше Делииванов, Христо Силјанов и други.

На ова советување Матов и Татарчев ја поддржувале идејата за општо востание, додека пак Ѓорче Петров и Гоце Делчев се залагале за перманентно востание.

Ѓорче Петров предложил да дојде до засилување на четите и терористичките акции кој постепено требало да водат кон востание кое не требало официјално да се објави. Михаил Герџиков предложил терористички напади кој би ја засегнале османската власт и европскиот капитал. Тој планирал да се формираат терористички групи по градовите кој би биле во контакт со Централниот комитет, а кон овие идеи клонел и Гоце Делчев.[5]

Делчев истакнал дека Турција треба да се фрли во анархија, да се разниша Царството во неговите основи со што би се предизвикале Големите сили да интервенираат за решавање на Македонското прашање. Меѓутоа Делчев се решил за комбинирано дејствување со чети и терористички акции.[7]

На крај од советувањето се дошло до компромисно решение за засилени партизански дејства [8]. По советувањето бил известен Централниот комитет дека тие се против општо востание но за партизански дејства. Треба да се истакне дека ова советување не влијаело на одлуката за донесување на востанието бидејќи Солунскиот конгрес без да ги сочека резултатите од советувањето донел одлука за востание.

Солунски конгрес

уреди
 
Гоце Делчев со Серската чета

Централниот комитет на Иван Гарванов и Задграничното претставништво - Христо Татарчев и Христо Матов кон крајот на ноември 1902 година биле решени за кревање на востание. Затоа Иван Гарванов на 6 јануари 1903 година (стар стил) испратил окружно до Задграничното претставништво, окружните и околиските комитети со кое свикал Конгрес и ги поканил делегатите.[7]

Меѓутоа, голем дел од истакнатите делегати немале доволно време да стигнат на Конгресот, а тоа најверојатно било и посакувано од Гарванов.

Во јануари 1903 година се одржал Солунскиот конгрес. На третото заседание, на 16 јануари, кое траело час и половина се прифатил и потпишал Протоколот за извршената работа и преземените решенија. Решително против востанието се изјаснил само серскиот делегат Димитров, но на крајот и тој се присоединил кон заедничкото мислење. Скопскиот делегат Димитар Ганчев, испратен со директива да дејствува за одлагање на востанието бар за една година, исто го потпишал затоа што и другите потпишале.

Најважниот аргумент против востанието – недостигот на доволно оружје во повеќето реони – било до извесен степен демантирано од уверувањата на Иван Гарванов, дека за скоро време ќе се случат крупни доставувања, како и од надежта, дека при општо востание, четите од Пиринска Македонија ќе префрлат значително количество пушки и други материјали. По донесување на решението за востание, окружните комитети биле задолжени да ги преземат потребните мерки за забрзување на подготовките за кревање на востанието.

Делчевата агитација за нова тактика

уреди

Гоце Делчев не го сочекал крајот на советувањето во Софија и веднаш заминал за Серскиот револуционерен округ да ја демонстрира новата концепција за борба. Тој собрал чета од 40 души [9], а во неа биле Пејо Јаворов, Димитар Стефанов, Димо Хаџи Димов и други. Најпрво поминале во Банско, а на тамошниот собир Делчев зборувал за:

слободна и независна Македонија со широки правa за сите сиромаси[10]

Тој истакнал дека борбата треба да се води со терористички акции и четнички дејствија, како подготовка за крајното средство - масовно вооружено востание. Делчев го осудил Горноџумајското востание и го оценил како провокација која претставувала предавство кон македонскиот народ [10], велејќи дека:

Ако се бориме за цар, тогаш ние си го имаме султанот[10]

Иван Гарванов во Софија

уреди
 
Иван Гарванов

По Солунскиот конгрес, ЦК ги ополномоштил Иван Гарванов (Давид) и Велко Думев (Орлеански) да заминат во Софија, усно да ја соопштат одлуката за востание и да ја поткрепат. Задграничното претставништво го поканил Михаил Герџиков да се сретне со нив, бидејќи Делчев заминал.

Гарванов и Думев заминале од Солун на 10 јануари 1903 година, а меѓу другото планирале да се сретнат со членовите на Врховниот комитет за да се постигне помирување [5]. Во Софија Гаравнов истакнал:

... решението било бесповратно, бидејќи тоа веќе било пропагирано насекаде... основен мотив за решението било опасноста од ново врховистичко востание и влошената положба во земјата [5]


Меѓутоа Татарчев вели дека: Гарванов како сентиментална природа делумно се беше подал на странични влијанија [7]. Иван Гарванов, Христо Матов и Христо Татарчев во Софија имале средба со бугарскиот министер за внатрешни работи - Димитар Петков.

Тој од своја страна им ветил полна морална и материјална поткрепа за идното востание, под услов да престанат да го компромитираат Кнежевството и каузата со грабање на оружје од бугарските арсенали и воени демонстрации во пограничните реони.

Според рускиот дипломатски претставник во Солун, Гарванов и Думев се вратиле со изјава дека со Врховниот комитет не е постигнато помирување, но двете страни се согласиле да дејствуваат независно една од друга, без да си пречат како во минатото.[5]

Подготовки за востанието

уреди

Известување

уреди

Гарванов откако се вратил од Софија, Централниот комитет ги известил сите свои раководители на реони дека:

1. Организацијата решила да крене востание и со сите сили и средства да се бори за извојување на човекови права.
2. Организацијата ги осудува сите стремежи на официјалните и неофицијалните фактори во Бугарија, кои без нејзина согласност настојувале и настојуваат да го вовлечат населението во востание, бидејќи со тоа свесно или несвесно ја поткопуваат каузата на македонскиот роб и со своите дејства давале колорит на надворешно потикнување, факт кој бил силно експлатиран од Турција и европската дипломатија.
3.Организацијата изјавува дека до денот на востанието ќе се бори со сите комитети, корпорации и надворешни лица, кои со своите постапки ќе ја фрлат во борба и предвреме ќе го осуетат планот за дејство. Таа ќе води сметка за сите што ќе се обидат да ја искористат нејзината борба за други цели.
4. По објавувањето на востанието, сите кои се готови да го поткрепат ќе бидат прифатени. Притоа била пожелна претходна согласност од Организацијата [11]

Со ова известување била официјализирана одлуката за кревање на востанието, а истовремено биле предупредени и поканети врховистите.

Вознемиреност

уреди

Одлуката за востание предизвикала негодување кај многумина. Јане Сандански со одлуката бил запознаен на 21 јануари 1903 година од Лазар Димитров, а самиот Сандански за тоа истакнува:

Тоа соопштение морално не уби, едно мислевме за Организацијата, едно агитиравме, а сосема друго излезе. Веќе немав ни лице, ни срце да агитирам како порано... просто плачевме [12]


Константин Нунков за решението на Централниот комитет за востание истакнува:

Во нашите очи тоа е една непромислена авантура. Ние мислевме дека востанието е пакосно, штетно, безнадежно, ненавремено, неподготвено, повеќе од кога било! Ние го сметавме погубно за македонскиот народ [13]


Андон Димитров, го дава следново објаснување за донесената одлука за кревање на востание:

Во 1902 и 1903 година та сè до денот на востанието — 20 јули 1903 — состојбата на бугарското население во Турција беше неопислива. На нас адвокатите, полицијата ни беше забранила дури да поднесуваме жалби до административните власти таму... Освен доаѓањето на српските чети во северозападна Македонија, Хилми Паша во согласност со грчките емисари создаде на југозапад и фронт за влез на грчките андарти. И така бугарските чети мораа да се борат против три фронта: турската војска, која со потери ги бркаше, српските чети и грчките андарти. Тешка стана и ситуацијата на организацијата. Ова го принуди руководството да свикаа специјален конгрес целта, на кој го одлучи тешкото решение да се крене општо востание.[14]


Подготовки на Централниот комитет

уреди

Веднаш по Солунскиот конгрес, Централниот комитет ги известил сите раководители да започнат со собирање на оружје.

Самиот Централен комитет постигнал договор со група на грчки контрабандисти. Тие оружјето за потребите на Организацијата и претстојното востание го пренесувале преку море до утоката на реката Вардар, а таму било преземано преку канал [15].

Лазар Димитров истакнал дека овој канал одвај ги задоволил потребите на Кукуш и околните села. Централниот комитет со посредство на Петроградскиот македонски кружок се обидел да набави и руски пушки но овој план бил напуштен откако бил воспоставен каналот со Грците.

Дополнително на овие активности ЦК започнал иницијатива за враќање на печалбарите во Македонија. Од кореспонденцијата помеѓу Бугарското трговско агентство во Солун и Бугарското министерство за надворешни работи и вероисповед се дознава дека до 13 март, околу 10.000 млади Македонци се вратиле во родните краеви од Цариград, Румелија, Бугарија... за да земат учество во претстојното востание, а Селџобалив истакнал дека од Цариград заминале 2.500 градинари и малекари, Сите тие Македонци со нетрпение чекаат да дојде часот за востание [5].

Овие подготовки биле будно следени од дипломатските претставници во Солун, а рускиот дипломатски претставник Николај Гирс информирал дека:

во целата земја одвај можело да се најде поголема село, каде немало востаничка чета. Селаните биле во постојан контакт со нив. Четите биле раководени од членовите на Комитетот. Тие имале строга наредба да не предизвикуваат вооружени судири, туку само да го подготвуваат населението за востание на повик од повисоките раководители... есенскиот налет на бандите од Бугарија (врховистички чети б.н), суровата пресметка на војските со мирното население, вмешувањето на Русија, прогласените реформи од страна на султанот и очекувањата од сето тоа, ако во суштина не ја промениле дејноста на месните комитети, во секој случај ги поттикнале... Организацијата не била за одлагање на востанието. Таа сакала да ги причека резултатите од реформите во кои малку верувала. Со одлагањето на востанието на неопределено време, македонското прашање би се затаило, а со тоа Организацијата би ја изгубила својата подлога и би го пропуштила погодниот момент за целосно ослободување. Оттука четите трескаво работеле на собирање борци. Притоа истакнувале дека нема да им допуштат на Турците да ги исколат како Ерменците [5]


Подготовки во Битолскиот револуционерен округ

уреди

Смилевски конгрес

уреди

Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание. Во таа насока се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт сè уште не се созреани. На првиот ден од конгресот од излагањето на делегатите било утврдено дека Прилепскиот, Битолскиот, Кичевскиот и делови на други реони не се достатно подготвени. Најдобро подготвени биле Ресенскиот реон, Костурскиот, Демирхисарскиот, неколку села од Битолскиот реон, како што се Смилево, Ѓавато и Цапари, додека Охридскиот располагал само со 1.400 пушки. Меѓу делегатите се јавиле лица кои биле против востание во текот на таа година како што биле: Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Тале Христов, Никола Карев, Никола Петров Русински и други. Во една крајно напната атмосфера по повод острите расправии околу решението за востание, несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на ТМОРО и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол:

А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето - ќе има ли востание или не, зашто тоа е решено - битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време [16]


Во прилог за донесување на одлука за кревање на востание влијаеле и неколку настани. Конгресот преку Лука Ѓеров дознал за Солунските атентати. Како дополнителен аргумент послужил и Ѓурѓовденскиот масакр извршен на 6 мај во Битола, а во Цапари дошло до судир со османлиските сили. Тој ден Конгресот не заседавaл, бидејќи судирот можел да се прошири кон Смилево. Настаните во Цапари и Битола влијаеле психолошки врз оние делегати кои се колебале за востание.

На последното IV заседание Конгресот го усвоил Востаничкиот дисциплински устав кој бил изработен од Борис Сарафов и Димитар Дечев.

Главен штаб

уреди
 
Знамето на Струшките востаници.

Конгресот уште од првото заседание започнал со донесување на одлуки за кревање на востание. Бил избран Главен штаб за II-от Битолски револуционерен округ, а тој требало да раководи со подготовките за востанието и со самото востание. За членови на Главниот штаб биле избрани: Даме Груев, Борис Сарафов и Атанас Лозанчев, а како нивни заменици биле избрани Георги Поп Христов, Петар Ацев и Лазар Поп Трајков. Членовите на ГШ биле избрани со јавно гласање, додека пак нивните заменици со тајно гласање [17].

Конгресот донел и непротоколарно решение, доколку пристигнат нови сили [17], како Ѓорче Петров, Пере Тошев и Христо Матов, тие по автоматизам да влезат во Штабот.

На Главниот штаб му биле пренесени сите овластувања за раководење на Востанието, да извршува воена и политичка власт и, со функции на воено-востаничка влада, да стапува во врска и да води преговори со дипломатските претставници и со владите на европските големи сили, како и посредни или директни преговори со непријателот, Владата на османлиската држава, или со нејзини ополномоштени претставници.

Главниот востанички штаб донел наредба горските началства да ги мобилизираат органите и телата на Организацијата да ја преземат власта во градовите и во селата. Окружното раководство во Битола формирало Информационо биро на Главниот штаб за извршување разузнавачки и информациски задачи.

Конгрес на Петрова Нива

уреди

На 28 и 29 јуни 1903 година се одржал Конгрес на Одринскиот револуционерен округ во месноста Петрова Нива. За претседател на Конгресот бил избран Васил Пасков, потпретседател Велко Думев, а за секретари: Христо Силјанов и Анастас Разбојников, а вкупно присуствувале 47 делегати. За време на овој Конгрес било разгледано прашањето за кревање на востание и тука биле подделени мислењата, но по одлуката на Смилевскиот конгрес на делегатите не им останало ништо друго освен да се донесе одлука за започнување на подготовки за кревање на востание. Избраниот Околиски штаб донел одлука востанието во Одринско да започне на 6 август (стар календар) на празникот Преображение Христово [18].

Општ план за востанието

уреди

Во јуни по барање на Централниот комитет бил изработен Општ план за востанието.[19] Во него било истакнато дека во согласност со одлуките на Солунскиот конгрес и советувањата во Софија, треба да се води герилска борба. Четите требало да дејствуваат насекаде и во исто време, без да се крене народот. Целта не била да се победи Турција, туку таа да не може да ги победи востаниците.[5] Востанието требало да биде послабо но долготрајно и борбата требала да се води до зимата, а повторно да се прогласи идната пролет. Востанието требало да почне кога ќе созреело житото и ќе се зголемела ноќта во јули 1903 година.

Востание

уреди

I востанички округ - Битолски

уреди
 
Даме Груев

На празникот св. Илија во Смилево со 200 востаници влегол Главниот штаб. Според турските документи при првиот напад на Смилево загинале 8 турски војници, а 14 биле ранети. На 3 август Генералштабот наредил евакуација на целото население кое не било способно да се бори во месноста Голем Гар, а до пладне Смилево било празно. Откако сите обиди на османлиската војска да го заземе Смилево биле одбиени, Борис Сарафов заминал за Охридско, а Атанас Лозанчев за Демихисарско и Кичевско. По нивното заминување во следните 20 дена во околината Смилево не се појавила османлиска војска и башибозук. Во тој период под раководство на Стојан Донски биле преземени мерки за утврдување на Смилево, биле ископани одбранбени ровови со што се зацврстиле одбранбените востанички позиции. Населението кое не било способно да се бори и понатаму се наоѓало во збегот Голем Гар каде биле организирана заедничка исхрана, а биле преземени мерки за негова заштита.

Во изработка на планот за заземање на Крушево непосредно учествувал и револуционерот - поранешниот офицер Тодор Христов кој претходно влегол во градот и ги скицирал објектите за напади: касарната, конакот, беледијата (општината), поштата и другите владини и државни установи, како и поважните пунктови во градот. Во осум воени групи биле распоредени 750 вооружени востаници под команда на добро подготвени началници - војводи. На 4 август во градот влегува Штабот на крушевските востаници свечено дочекан од народот. При овој дочек, началникот на Штабот, Никола Карев одржал пред ослободените граѓани револуционерен говор, прогласувајќи ја првата Македонска Република и повикувајќи го народот да избере привремена републиканска влада.

Членови на Привремената влада на Крушевската република, од лево на десно: Дину Вангел, Димитар Секулов, Ѓорѓи Чаче, Николаќи Баљу, Теохар Нешков, Христо Ќурчиев

Во демихисарскиот реон раководители биле Јордан Пиперката, Димитар Дечев, свештеникот Кузман и Христо Пасков. Според Христо Силјанов, Демихисарско дало 1.000 востаници. Првата ноќ биле преземени редица акции. На патот Битола - Кичево кој минувал низ Демихисарско била исечена телеграфската линија, а биле разрушени и сите мостови, потоа биле изгорени чифлизите во Утово, Стругово, Жван и други. Под команда на Дечев 150 востаници го нападнале турскиот гарнизон кој се состоел од 170 души во административниот центар Прибилци. Во првите денови на востанието во Демихисарско, турските селани се затвориле во своите куќи и не ги обработувале своите ниви и не го гледале својот добиток. Востаниците во селата Бабино, Слоештица, Велмевци и Жван создале свои пунктови каде се собирала храна и секави други материјали кои им биле потребни за идните дејствија.

 
Никола Карев

Ресенскиот реон бил под раководство на Славејко Арсов и потпоручникот Панајотов. Поважни војводи биле Спиро Олчев, Стефан Мешков, Перуш Стрезов, Ставре Тасев, Јоше од Подмочани, Иван Трајчев, Кочо Кочовски, Георги Чаушот од с. Златари и др. Првата ноќ биле изведени неколку разрушителни акции од слабо вооружени групи. На 20 јули (стар стил) четите од селата Болно, Царев Двор, Дрмени и Јанковец на чело со Арсов биле групирани во Болно. На Илинден во селото Круше, тамошниот аскер бил зачуден од однесувањето на селаните, тие им носеле баници, кисело млеко и други изобилства, но храната била затруена со арсен, а војниците набргу добиле грчеви и страшни болки. Аџијата кој бил Турчин кога дознал за тоа избегал, а ноќта во селото дошол аскер од 50 души. На 26 јули (стар стил) одредот на Ангел Андреев и еден одред на Коте го нападнале турското село Папли. Таму имало аскер и башибозук од околу 100 души. Востаниците ги држеле опколени неколку дена. Секој ден селото било напаѓано и била палена по некоја куќа. На 6 август (стар стил) Коте зграбил дел од добитокот и се упатил кон својот реон, но кај Штрково наишол на војска. Дел од опседнатите војници успеале да се извлечат и да му притекнат на помош на судрениот аскер каде дале 4 жртви. Опсадата продолжила, но по 12 дена пристигнала друга војска, таа го ослободила гарнизонот и турското население, а востаниците по заминувањето на аскерот се симнале во Папли и го запалиле селото.

На Илинден, во Охридско имало веќе подробно разработен план за првите дејствија и со добра интендантска служба — складови со храна и други намирници, тајни фурни, леарници за патрони, но без ниедна бомба и без ниедна манлихера. Била организирана и санитетска служба со еден вид на болница во Чемерскиот дол, над селото Брждани, а како доктор фигурирал Хр. Ангелов. Реонски началници биле: Христо Узунов, Антон Кецкаров, Наум Анастасов, Александар Чакаров и Наум Златарев. На 24 јули (стар стил) сите дримколски и малесиски чети се собрале кај Караорман во Горна Дебрца. Таму се собрале голем број на бегалци на грбот на револуционерното раководство. Четите повторно се упатиле кон Дрим, но веќе сите села биле опустошени. Во периодот меѓу 25 и 30 јули (стар стил) имало судири кај Лешани, Слатина, Лактиње, Врбјани и Ботун. Само на 30 јули имало имало шест битки и тоа кај Брждани, Лешани, Белчишта, Црвена вода, а во Орта-кол, кај селата Куратица и Плаќе. Во борбата кај Брждани учествувал и Борис Сарафов со 80 души и тој дошол од Демирхисарско на помош.

 
Штабот на Дебарско-Кичевскит реон - Јанаки Јанев, Лука Ѓеров и други.

На 20 јули (стар стил) востание се кренало и во Костурско со околу 2.000 востаници. Исто така на 23 јули е заземена Клисура. На 28 јули четите на Лазар Поп Трајков и Васил Чакаларов имале борба со турскиот аскер, а на 29 јули кај селото Д’мбени имале борба со турската војска која траела 6 часа, а потоа Турците се повлекле во Костур.

Христо Силјанов истакнува дека Кичевско било погодно за партизанско војување, во таа каза се востанало само населението во планинските делови во Горна и Долна Копачка и Р'бетинкол. Во другите делови, во Долно Кичевско и Порече, каде српската пропаганда била силна и спечалила голем дел од населението и тоа не востанало. Во Копачка (Горна и Долна) како база на востаниците служеле планините: Бистра, Беличица, Стогова и други, а во Р'бетинкол, врвовите Песок, Кула, Кјафа, Разбоиште и други. Ноќта на 20 јули (стар стил) три востаничи одреда, Џеров 200 души, Арсо Мицков 200 души и Србакот 100 души го опколиле градот Кичево од три страни. Еден час по полноќ се слушнало востаничкото Ура!. Аскерот кој бил сместен кај месноста Јурија во наплив на паника се втурнал кон градот за да го заземе Калето. Таму еден востанички одред почнал да стрела врз аскерот, а одговорот на Турците бил слаб. По половина час востаниците го напуштиле градот, а Турците имале 20 души загинати.

Две недели пред Илинден, четите на Петар Ацев и Никола Пешков, кон кои биле присоединети и триесетина граѓани, сè на сè вкупно 80 души, ненадејно биле нападнати недалеку од селото Беловодица кај месноста Студеница од страна на околу 30 заптии. Дел од четата се разбегала, а набргу пристигнал и аскерот кој бил сместен во Дуње. На Илинден четите ги исекле телеграфските кабли меѓу Прилеп-Битола и Прилеп-Велес, а биле разрушени и некои дрвени мостови по патот Градско, Кичево, Крушево и Велес. На 23 јули стар календар вооружени и невооружени селани го нападнале конакот во селото Витолиште, Мариовско. Една од случајно згрмените пушки го кренала на нозе гарнизонот. По двочасовна престрелка востаниците се повлекле, а во тој напад учествувал и Пере Тошев.

II востанички округ - Кожув

уреди

Подготовките за кревање на востание во Солунскиот револуционерен округ започнале веднаш по Софиското советување. Во февруари 1903 година во Гевгелиско пристигнале Сава Михајлов и Крсто Асенов со 18 товари пушки и динамит. Во тој реон биле четите на Иван Карасулијата и Аргир Манасиев, меѓу нив двајца постоело нетрпение, меѓутоа била организирана средба и дошло до нормализирање на односите.

 
Апостол Петков Терзиев - Ениџевардарското сонце

По борбите во Кукушко, Крсто Асенов со својата чета заминал за Ениџевардарско, меѓутоа и таму дошле во судир кај селото Постол. Во борбата учествувале четите на Асенов, Јотов и Апостол Петков. Турците имале четворица загинати и петмина ранети, а четата двајца убиени. Убиството на Асенов го сменило текот на востанието во Кукушко, Ениџевардарско и Гевгелиско.

 
Четата на Апостол Петков Терзиев

Подготовките за востанието во Ениџевардарско ги презел Апостол Петков. Воденската околија имала слабо учество во востанието. Таму имало неколку битки.

Сава Михајлов и Аргир Манасиев откако го добиле известувањето за денот на востанието, организирале советување. Тие заклучиле дека ќе можат да преземаат само атентати по железничката линија. Пред Илинден, во Гевгелиско биле четите на Михајлов со 33 души, Манасиев со 38 души и Карасулијата со 24 души, вкупно 95 четници. На Илинден четите се нашле во близина на самата Гевгелија. Ноќта на 10 август бил миниран блискиот железнички мост. Во ноември била извршена демобилизација во Гевгелиско. Михајлов, Манасиев и Карасулијата со повеќе четници заминале за Бугарија.

Востанието во Тиквешко започнало со потпалување на една беговска кула кај Положно, а бегот бил ранет. Нападот ги раздвижил турските потери и четата се нашла во незгодна положба уште во самиот почеток. На 13 август Јуруков со својта чета бил откриен на Кожув кај селото Копришница, таму дошло до судир во кој загинале двајца востаници и седуммина Турци. Во ноември со 10-на души заминал за Бугарија.

III востанички округ - Беласица

уреди

На 23 мај 1903 година кај селото Градобор на десетина километри од Солун била уништена четата на Атанас Чопката. Четата која броела 16 души била опколена, а борбата траела еден ден. Турците имале еден загинат, од четата еден бил фатен жив додека пак останатите загинале. Четниците откако виделе дека состојбата е безизлезна се самоубиле. Подвојводата Мито од Мутулево најпрво ја скршил својата пушка, а потоа се самоубил со револверот.

Подготовките во Кукушко се одвивале под раководство на војводата Крсто Асенов. За денот на востанието било изработено востаничко знаме. Коприната ја купила учителката Милка Ковачева Романова, а знамето било изработено од Рајна Измирлиева, по идејна скица на Мице Измирлиев. Главната база во Кукушко било Арџанското Езеро — таму постоеле складови со храна, опрема и колиби за востаниците.

Меѓутоа, кукушките чети биле откриени уште при нивното излегување и морале да водат неколку борби со аскерот. Судири имало кај селото Драгомирци, Крондирци, а Крсто Асенов на 20 јуни 1903 година кај селото Грамадна имал битка во која загинале 13 четници, претежно млади штотуку излезени. Во овој судир загинал и братот на Гоце Делчев, Милан Делчев. По оваа борба четата на Асенов била изложена на нови напади и прогони. Кај Междурек дала 12 жртви, а борби таа имала и кај Мутулово, Мурарци и други места.

За да го избегне гонењето четата на Крсто Асенов се сместила кај Арџанското Езеро и таму планирала да го дочека денот на востанието. Таму се нашле и четите на Трајко Јотов, Гоце Нисторов и Ѓоно Бигинин и со тоа се формирала поголема четничка групација од околу 110-115 души. Меѓутоа тие биле откриени и дошле во судир со 3 баталјона од 2200 души, а била донесена и артилерија против комитетите. На 23 јули војската се повлекла. По повлекувањето на војската, Асенов со својата чета заминал за II-от востанички округ - Кожув.

IV востанички округ - Пирин

уреди
 
Пејо Јаворов
 
Јане Сандански

Подготовките за востанието во Серско ги започнал Гоце Делчев, а по неговата смрт тие продолжиле под раководство на Јане Сандански. Сандански се нашол во Бугарија за да се снабди со воени матерјали и за да собере чета. Во Бугарија Јане Сандански се задржал еден месец. Откако собрал 50 души кој биле вооружени со манлихерки и берданки, се вратил во Серски револуционерен округ, а со него биле Пејо Јаворов, Никола Наумов, Димитар Стефанов и други.

Востанието во Серскиот револуционерен округ требало да почне подоцна. На 11 август (стар стил) Задграничното претставништво го известило Јане Сандански како началник на воените сили во Пиринско дека востанието во Битолскиот округ започнало, а востанието го зафатило и II-от востанички округ-Кожув. Во август со дозвола на Задграничното претставништво почнале да навлегуваат врховистичките чети. Првата поголема таква чета броела 160 души и била под раководство на Јурдан Стојанов и Љубомир Стоенчев. По нив пристигнале Иван Цончев и Атанас Јанков со околу 350-400 души. Во Серскиот округ се нашле околу 500-600 души под команда на врховистички војводи.

Во Мелничко борбите започнале порано од предвидениот ден за востание. На 12 септември кај св. Троица во близината на село Пирин била откриена здружената чета на Сандански, Димитар Зографов, Петар Дрвингов, Дончо Златков, Михаил Чаков, Јурдан Стојанов и други.

На Крстовден 27 септември здружените сили на Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да го нападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа тие биле следени од аскер и башибозук од 2.000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Но одредот на Сандански и Цончев бил опколен од сите страни и затоа во текот на ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, Сандански се повлекол кон Кресна, а Цончев кон Разлошко.

На Крстовден во Демирхисарско дошло до борба кај Ак бунар, каде загинале 15 востаници. Турците имале 5 загинати и 3 ранети. Овој судир бил последниот во Демирхисарско. По оваа борба Љубомир Стоенечев заминал за Неврокоп, а потоа кон Бугарија, поради предвремено започнување на борбите, предвидениот план не бил реализиран.

 
Иван Цончев со врховистичка чета

Спроти Крстовден, Атанас Тешовалијата и Стојан Филипов ги исекле телеграфските линии помеѓу Куманич и Долно Броди. Истата ноќ било нападнато селото Обидим со 5 чети во јачина од околу 200 души, со војводите Чаков, Малчаков, Иван Апостолов - Копран чауш, Антон Вимола, Лимо Карлович и други.

Во Разлошко биле преземени најобемните подготовки за востанието. По Серскиот окружен конгрес, тука бил одржан Околиски конгрес на кој имало делегати од Банско, Мехомија и од селата Бачево, Годлево, Добриништа, Белица, Јакоруда, Бања, Елешница, Горно и Долно Драглиште и други. Разлошко располагало со значајни чети и војводи. Тука биле: Борис Голев, Родон Тодев, Тасе Фурнаџиев, Костадин Колчагов, Саве Мехомиски, Милош Колчагов, Димитар Лазаров - Минѓов, Симеон Молеров, Георги Галев, Јонко Вапцаров и Костадин Молеров.

Подготовките во Драмско биле под раководство на Мирчо Кипров. На првиот ден од востанието било предвидено да се ликвидираат одделни шпиони и да се изведат атентати на железничката линија. На 3 октомври биле откриени четите на Николиев и Диката кај Горно Фраштани. Дошло до битка која траела 8 часа, по која четите се повлекле без загуби. Во Горноџумајско имало две борби на 11 октомври. Последниот судир во оваа област бил на 21 октомври. Во оваа борба учествувале Стефан Николов, поручникот Саракинов и поручникот Балтов, имало еден загинат.

V востанички округ - Струмичко - Малешевски

уреди
 
Христо Чернопеев со штабот

V востанички округ бил од стратешко значење за Организацијата и османлиските сили. Низ него минувале заначајни организациски канали кон Солунскиот и Битолскиот револуционерен округ. Кон крајот на март за Струмичко заминал Христо Чернопеев со 190 души. Во оваа група имало чети за Радовишко, Тиквешко, Велешко, Битолско, Кичевско и др.

На 21 април 1903 година низ селото Костурино поминала една чета од 100 души која била на пат за Валандово. Ноќта 6 четници дошле во судир се воена патрола, од двете страни имало по еден загинат. Во почетокот на мај во Смолари четата на Алексо Поројлијата имала судир при што загинал еден четник. Во август, Христо Чернопеев се обидел да навлезе во Струмичко со голема чета.

VI востанички округ - Овчеполски

уреди

Во Скопскиот вилает, поточно во македонскиот дел од Скопскиот санџак имало послаба востаничка дејност. Еден дел од околиите во рамките на Скопскиот револуционерен округ останале невооружени, дел од силите на Организацијата биле истоштени во борбата со српската пропаганда, а дел биле засегнати од аферите, додека пак во некој околии постоеле раздори како што била Велешката околија. Сето тоа влијаело за слабиот одзив во востанието.

Неколку недели пред востанието во Скопскиот округ се појавила четата на Никола Пушкаров со јачина од 18 души. Таа имала 200 бомби и 100 килограми динамит. На 1 август во 11 часот бил извршен атенатат на железничката линија Скопје - Солун. Расчистувањето на пругата траело два дена. Потоа едно одделение на чело со Димитар Бојанов имале судир со турска потера, во судирот загинале 10 војници, а останатите се разбегале. На 5 август две чети, од 47 души, над манастирот св. Ѓорѓија дошле во судир со потера составена од Арнаути и аскер. Во текот на целото востание во Скопскиот округ имало 15 борби.

VII востанички округ - Одринско

уреди
 
Михаил Герџиков

Конгресот на Петрова Нива, одржан на 28 и 29 јуни 1903 година решил Одринскиот револуционерен округ да се подели на 5 востанички околии: I Мало-трновски, II Чокенски, III Мустафа-пашински, IV Дедеагачки и V Ахчелебиски. Бил избран Раководен штаб во кој влегле: Михаил Герџиков, Лазар Маџаров и капетанот Стамат Икономов.

На 29 јули едно одделение на турската војска на пат кон Мало Трново дошло во судир со една чета и во борбата паднале 2 војници. Кон крајот на јули (стар стил) Околискиот штаб се собрал во селото Мегалево. Востанието во Битолско веќе било започнато. Од весниците, Околискиот штаб разбрал дека во Македонија уште на самиот почеток на востанието, Османлиите започнале со палење на егзархиските села.

Под влијание на таквото однесување на османлиската војска, било решено во Одринско да бидат нападнати сите турски села. На 5 наспроти 6 август, на Странџа избувнале голем број на пожари, а набргу по избувнувањето почнале да се слушаат грмежи на бомби и пукоти од кримките. Христо Силјанов истакнува дека:

Тоа беше поздрав кон борците во Битолско од востанатите нивни браќа од Странџа [8]

Барање на Заграничното претставништво

уреди

Македонската револуционерна организација, свесна за своојата сила и можности но и за сложените меѓународни односи, преку Задграничното претставништво се обратило до големите сили. Во Декларација било истакнато дека вмешувањето на големите сили е:

единствено средство за се отстрани злото и да се запре пролевањето на крвта [5]

Се побарало со согласност на големите сили, за главен управник во Македонија да се назначи христијанин, кој немало да припаѓа на турската администрација и ќе делува независно од Високата Порта. Во декларацијата било истакнато дека македонското прашање може да биде решено само доколку постои ефикасна меѓународна контрола.[5]

Мерки на Империјата

уреди

Германска дипломатија

уреди

Германија во согласност со своите интереси ја советувала Отоманското Царство да преземе што поскора акција за задушување на востанието и уништување на револуционерните сили за да не им се дозволи на големите сили да се вмешаат. Германскиот заменик државен секретар за надворешни работи Фон Рихтховен, пред великиот везир и османлискиот министер за надворешни работи, истакнал дека:

... брзото воспоставување на мирот во Македонија би го повратил престижот на султанот и на централната власт [5]

Великиот везир и османлискиот министер за надворешни работи од своја страна истакнале дека доколку власта не успее да ги смири вилаетите преку задушување на востанието, европската јавност ќе остане со убедување дека султанот не е во состојба да го одржи редот во Империјата, а дека тоа криело големи опасности за Турција. Германското Царство ја охрабрувала Турција да преземе сурови мерки при задушувањето на востанието [5], а тоа подоцна било негирано од германскиот канцелар Фон Билов со изговор дека македонското прашање е од второстепено значење за Германија, а тоа прашање го остава за решавање на Русија и Австроунгарија.

Настапување на Османлиската армија

уреди

Османлиски сили

уреди
 
Башибузлук

Според турските документи и извештаите на дипломатските претставници во Македонија биле распоредени редовни воени сили од III орда (баталјони), а дополнително биле распоредени и 16 баталјони редифи и 38 баталјони илаве. Освен овие сили во случај на востание, Турските власти можеле да ги искористат и воените единици од Пеќ, Ѓаковица и Призрен кои се состоеле од 44 баталјони, 15 ескадрони и 10 батерии со 33.000 пушки, 15.000 сабји и 60 топа [5]. Според К. Битовски до 1 јуни 1903 година во Македонија имало 175 баталјони со околу 150.000 - 160.000 војска [20]. Во случај на востание Високата Порта се плашела од поголемо користење на војската бидејќи:

таа не би правела разлика и еднакво би ги гонела сите христијани, а тоа можело да ја возбуди Европа[5]

Турските офицери и интелигенција јавно истакнувале дека на војската треба да и се дадат одврзани раце, а за жестокост во пресметка со востаниците бил и директорот на политичкото одделение во Солунскиот вилает - Хикмет-беј. Според францускиот вицеконзул Стег, кој слушнал разговор меѓу двајца турски офицери, војската требало да добие слобода за акција и во следните 100 години во Македонија да не се појави ниту една бунтовничка чета.

Првите мерки

уреди

Во првите денови на востанието се создале слободни територии во Смилево, Крушево, Невеска, Клисура, Странџа и други места. Биле направени востанички демонстрации во голем број градови и сето тоа придонело некои да тврдат дека Даме Груев и Борис Сарафов заедно со Главниот штаб:

набрзо ќе ја прогласат независноста на Македонија [21]
 
Камп на османлиската армија

Според Општиот план востанието требало да биде партизанско и да има долготраен карактер но во Битолско и во Одринско тоа добило масовен карактер. Затишјето кое настанало во текот на јули власта го разбрала како изнемоштеност на Организацијата за масовно востание и затоа во почетокот Турците биле изненадени.

Затоа во првите денови армијата била насочена кон укажување на помош на загрозените турски гарнизони во востанатите области, со доаѓањето на ноќта аскерот се повлекувал во градовите, а понекогаш палел и по некое село. Турската власт се плашела од востанички напади на поголемите градови затоа во нив биле сконцентрирани поголеми воени сили. На тој начин во првиот период од востанието иницијативата останала во рацете на Организацијата.

Неможноста од брзо задушување на востанието придонело да се појави огорченост меѓу турските воени и политички лица. Авторитетот на централната власт, посебно на султанот, биле нарушени пред поданиците на Империјата како и пред очите на големите сили.

 
Османлиски војник

На 10 и 11 август состојбата се изменила во корист на Империјата. Од Косово биле донесени силни осмалиски сили кои биле разместени во Македонија, особено во Битолско.

Првата задача на турската армија била да го заземе Крушево. Тоа им успева со армија од 18.000 луѓе. Дел од заштитниците на Крушево, предводени од војводата Питу Гули, загинале херојски во борбата кај Мечкин Камен, а другите востаници се повлекле во планините.

Турската војска со артилерија ги урнала утврдувањата подигнати од востаниците и со топови го бомбардирала градот. Во текот на борбите, по наредба на Штабот, околу 15.000 население го напушта градот и се крие во блиските планини. Во запалените и урнати куќи загинале 20 жени и 6 деца, бидејќи не успеале да побегнат од градот.

На незапалените куќи, на 13 август биле истакнати бели знамиња, симболизирајќи го крајот на 12-дневната Крушевска Република. Изгорени биле 159 куќи. Загинале 100 турски војници и 91 востаник.

Бидејќи генералот Омер Ружди не презел систематски дејствија за уништување на востаниците, бил сменет и на негово место бил поставен Насер паша.

План за задушување на востанието

уреди
 
Османлиска коњаница

Насер паша подготвил план за систематско уништување на востаниците. Востанатите територии ги поделил на сектори во зависност од востаничките центри и топографските услови.

Во секој сектор биле испратени големи воени сили кои имале задача да ги опколат востаниците и постепено да го стегаат обрачот околу нив и на тој начин да ги уништат востаниците.

Сепак треба да се истакне дека со овој план Турската армија не успеала да ги уништи вооружените сили на Организацијата. Востаниците од опколените области успеале навремено да се извлечат и да се префрлат во штотуку пребарани области. Востаниците избегнувале директни судири со армијата.

Сепак турската армија со својата големина и оружје успеале да го задушат востанието. Централната власт, поддржана од германската дипломатија и наредила на својата армија да започне со систематско палење и уништување на христијанските села кое било проследено со колеж врз неборечкото население. Главната цел на овој план не била да се уништат востаничките сили тука да се изврши притисок врз Македонската револуционерна организација, четите и востаниците да се откажат од борбата.

Офанзива

уреди

Една од најжестоките и најкрвави борби во Пиринска Македонија се одиграла на 1 септември кај селото Пирин. Во таа борба учествувале 500 востаници под команда на Јане Сандански. Во текот на борбата паднале 7 востаници, а 80 Турци биле убиени или ранети. Јане Сандански води и втора голема битка кај Обротиште, Свети Тројца, на 13 септември загинуваат 2 востаници, а Турци можеби повеќе од 80.

Четите во Солунскиот Револуционерен Округ имале големи борби со Турската војска кај „Баш-Бунар, Гандача, на Пајак Планина, и кај селата Постолар и Аматово - кукушка околија.

Во Охридската околија, во месноста Рашанец, планинска долина помеѓу селата Куратица, Речица, Свињишта, Олејница и Сируласе наоѓал еден од најглавните логори на востаниците со 1.700 мажи, жени и деца.

На 13 август логорот бил опколен со 10.000 турски војници со артилерија и товари петролеј за палење на шумата во близина на логорот. По десетчасовна борба, востаниците биле разбиени. 32 биле убиени, а другите стотина ја пробиле опсадата и се спасиле во планините. Во овој логор се убиени 158 невооружени мажи, жени и деца.

Други големи битки во Охридската околија се водени во селата: Сирула, Оздољани, Сошани, Издеглавје, Лешани, Локтиње, Слатино, Врбјани, Ботун, Брежани, Ташмаруништа и Вевчани.

Демобилизација

уреди

Палежите на селата, апелот на османлиската власт за враќање на неселението по селата, советите на конзулите, гаранциите за амнестија и гласините за реформи, придонеле Главниот штаб да почне да размислува за распуштање на востаничките сили.

На 2 октомври 1903 година, Главниот штаб на Смилевската околија донел одлука за организирана демобилизација на востаниците. Планот за демобилизација предвидувал распуштање на востаниците и нивно враќање дома, собирање и складирање на оружјето, засолнување на компромитираните револуционерни раководители и дејци, раководниот кадар на теренот да биде сведен на минимум, а веднаш потоа Борис Сарафов заминал за Софија.

Даме Груев започнал со спроведување на планот за демобилизација и успеал да собере околу 350 пушки. Груев на компромитираните востаници им советувал да не се предаваат на турската армија туку на дипломатсикте претставници.

По објавувањето на демобилизацијата во Битолско останале Даме Груев, Анастас Лозанчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Ѓорѓи Сугарев, Христо Узунов и други.

Епилог

уреди

Последици

уреди
 
Список на христијанските села изгорени од 20 јули до 13 август 1903, во Охридско, Струшко, Ресенско, Крушевско, Битолско и Леринско, по Илинденското востание. (Битола, 18 август 1903)
 
Список на запалени села за време на Илинденското востание во период август септември 1903 година.
 
Извештај од српскиот конзул Љуба Михаиловиќ до Љуба Кољевиќ, министер за надоврешни работи на Србија, за уништувачкиот поход на турските орди против христијанското население по падот на револуционерно Крушево, опожарување на села и во Леринско, убиства, заробени, грабежи и други зулуми. (Битола, 15 август 1903)

Во Битолскиот вилает се воделе 150 борби со 19.152 востаници против 292.735 противници. Убиени или ранети се 746 востаници, а 3.087 убиени или ранети Турци. Биле запалени 122 села со 8.646 куќи. Без покрив останале 51.606 жители, а бројот на убиени или заклани е 1.779 души.

Во Солунскиот вилает, од 2 август до 8 септември 1903 години дошло до 32 борби во кои паднале 109 востаници, додека во Скопскиот во неколку борби од 14 август до 14 ноември 1903 г. паднале 93 четника.

Во сите три вилаети во текот на востанието паднале 949 востаници во 197 борби.

Во текот на целото востание во Македонија во 1903 година настрадале 16 околии со 201 населено место. Биле изгорени 12.400 куќи, а без покрив останале 70.836 лица, биле убиени 8.816 мажи, жени и деца, 30.000 луѓе ги напуштиле своите родни места.

Во Одринскиот вилает или поточно во четирите кази на Лозенградскиот санџак — Лозенградската, М. Трновската, Василикоската и Визенската: од 92 христиjaнски села 66 биле целосно или делумно опожарени. Од 17.754 христијански куќи биле изгорени 2.610. Убиени и заклани 2.565 души, Обесчестени жени и моми 920, грабнати 135, бездомни останале 12.880 души, а во Бугарија избегале 20.000 души [8].

Одглас

уреди
 
Македонски бегалци во Бугарија
 
Македонски демонстрации во Софија по задушувањето на востанието
 
September 02, 1903 The Courier

Илинденското востание претставувало непријатно изненадување не само за турската држава, туку и за многу други големи и мали држави во Европа, кои полагале право врз наследството на Османлиското Царство.

За Австроунгарија и царска Русија, на пример, тоа претставувало тешко искушение, бидејќи го рушело постојниот статус-кво на Балканот, за што особено се залагале двете големи сили при неможноста сами да ги реализираат своите аспирации врз Османлиското Царство. Нивната цел била - со строго дозирани подобрувања во Македонија да се сочуваат секакви радикални решенија што би ги прејудицирале нивните намери.

За таа цел, во февруари 1903 година, пред востанието, тие веќе изнудиле извесни анемични реформи од Османлиското Царство. Другите европски сили биле не помалку заинтересирани за положбата во Македонија, односно во Османлиското Царство, но и нивната дипломатија, со исклучок на повремени сондажни предлози, се држела настрана очекувајќи иницијативи од заинтересираните Австроунгарија и Русија, кои ќе ја смират положбата во Македонија.

За тоа да не се менува положбата на Балканот биле заинтересирани и малите балкански држави, кои аспирирале врз Македонија. Затоа ни тие не биле расположени за успех на востанието. За нив, позитивните резултати на ослободителната револуција во Македонија практично значеле пресекување на нивните територијални аспирации врз последната, а тоа значело пресекување и на илузиите за господство на Балканот. Тоа го определувало и нивниот негативен однос спрема Илинденското востание.

Прогресивната светска јавност се однесувала со искрени симпатии спрема борбата на македонскиот народ. Европскиот и светскиот печат бил преполн со вести за ситуацијата во Македонија, за крвавите репресалии на казнените експедиции на турската војска итн. Насекаде се дигнал бран од протести во полза на македонскиот народ. Под раководството на истакнати личности од областа на културата, уметноста и политичкиот живот, како Лав Толстој, Максим Горки, Анатол Франс, Жан Жорес, Виктор Берар, Франс де Пресанс, Артур Еванс, Хенри Брејлсфорд и други, се создало цело движење за помош на македонскиот народ.

Исто така, низ Европа биле снимани и прикажувани филмови инспирирани од Илинденското востание. Така, според книгата „Само сонот е стварност“ на Илинденка Петрушевска, уште во 1903 година бил снимен филмот „Колежите во Македонија“, во продукција на компанијата „Браќа Пате“ од Франција. Режисер на филмот бил Лисиен Нонгие, а филмот бил снимен во студијата на компанијата во Венсан, во близина на Париз. Филмот, со должина од 35 метри и траење од две минути, бил прикажуван во Франција и Британија под насловот „Турски суровости“, а во 1904 година, филмот се прикажувал и во Љубљана и во Белград. Во 1903 година, и во Велика Британија бил снимен документарен филм за последиците од Илинденското востание, снимен од Чарлс Рајдер Нобл од Лондон, кој престојувал во Македонија од есента 1903 до почетокот на 1904 година. За тоа време, Нобл снимил осум филмови во Пиринска и Југоисточна Македонија, чија вкупна должина изнесувала 253 метри, со траење од 15 минути. Еден од неговите најпопуларни филмови бил „Македонските востаници се борат со Турците“ во кој била прикажана борба со турскиот аскер во која загинал еден комита, а четворица биле повредени. Овој филм бил прикажуван во 1904 година во познатата сала во Лондон „Алхамбра“, а за филмот пишувале и водечките британски весници, како: „Блек енд вајт“, „Морнинг пост“, „Пеликан“ итн. Исто така, овој филм бил прикажуван и во Македонија и во Бугарија.[22]

Во Англија, Франција, Италија и САД се создале македонски комитети, кои станале организатори на импозантни митинзи. На пример, само во Англија биле одржани околу 200 митинзи во полза на македонскиот народ. Митинзи биле одржани и во Париз и Рим.

Оваа хумана акција ги зафатила и јужнословенските народи. Во Љубљана, Загреб, Белград, Софија, прогресивните општествени сили и прогресивната младина се дигнале во заштита на македонскиот народ и во прибирање помош за настраданото население. На тој начин, и покрај тешките последици што Илинденското востание ги остави зад себе во Македонија, тоа придонесе да се дознае вистината за Македонскиот народ, за неговата борба, за неговите стремежи за слобода.

Мирцштешки реформи

уреди

Македонската револуционерна организација преку востанието успеала да ги депласира предвидените Падарски реформи и да ги раздвижи европските дипломати. Меѓу првите кој увидел дека се потребни нови реформи во Македонија бил австроунгарскиот министер за надворешни работи Голуховски, но од негова страна немало конкретен предлог за нови реформи, до сличен заклучок дошла и Русија но ни таа не презела никакви мерки.

 
Николај II

Англија и нејзиното министерство за надворешни работи, согласност својата политика кон Балканскиот Полуостров предложила на Македонија да и се даде автономија [5]. Таа успеала кон себе да ги придобие Италија и Франција, а преку последната и Русија. Меѓутоа кога дипломатските претставници на овие држави таквиот предлог го претставиле во Цариград пред германскиот и австрискиот дипломат, тие категорично го отфрлиле таквиот предлог, изјавувајќи дека уште од времето на фервруарските реформи од 1903 година, големите сили им довериле мандат за спроведување реформи на Русија и Австроунгарија. Оттука целиот процес се блокирал.

Под притисок на востанието меѓу европската дипломатија се јавиле две концепции за решавање на македонското прашање, англиската преку автономија и австриската преку реформи. Во текот на дипломатските игри австриската концепција преовладала. Австроунгарија не можејќи сама да го реши македонското прашање се свртела кон Германија. На 17 и 18 септември 1903 година во Виена пристигнал германскиот кајзер Вилхем. Во текот на оваа посета германскиот владетел изјавил дека:

... автономна Македонија би претставувала опасност, бидејќи со тек на време можела да се присоедини кон Бугарија со што би се нарушила постојната рамнотежа на Балканот[5]

Австроунгарија имајќи ја поддршката на Германија се свртела кон Русија. Двете големи сили започнале преговори на највисоко ниво кои траеле од 30 септември до 3 октомври. Преговорите започнале во Виена, а потоа продолжиле во Мирцштег. Преговорите се воделе меѓу рускиот цар Николај II, австроунгарскиот император Франц Јосиф I и нивните министри Ламздорф и Голуховски. Од овие преговори прозлегле Мирцштешките реформи [5]. Со нив било предвидено при главниот инспектор Хусеин Хилми Паша да се постават двајца цивилни агенти. Да се изврши реорганизација на жандармеријата од страна на странски генерал, за полесно спроведување на оваа точка било предвидено Македонија да биде подделена на сектори под раководство на различна голема сила. Реорганизација на правосудството и администрацијата, обесштетување на настраданото население во текот на востанието, спроведување на февруарските реформи. На 23 ноември 1903 година реформите биле пррифатени од Високата Порта, но таа си го задржала правото на приговор по оделни точки. Реформите се однесувале само на Македонија, а биле изземени санџаците и вилаетите од останатите области на Балканскиот Полуостров.

Македонската револуционерна организација преку Илинденското востание успела да ги принуди големите сили директно да се вмешаат во решавањето на Македонското прашање, кое до тогаш не било третирано одделно и претставувало дел од Источното прашање [5]. Меѓутоа Македонската револуционерна организација во својата понатамошна дејност ниту ги прифатила ниту ги отфрлила овие реформи таа едноставно ги игнорирала. Поради недостаток на политичко крило, Македонската револуционерна организација не ги искористила реформите кои биле донесени поради нејзината дејност и во текот на спроведувањето на овие реформи таа не станала фактор во тој процес. Реформите официјално завршиле со Младотурската револуција од 1908 година кога биле повлечени европските реформисти.

Историски погледи

уреди
Во својата историја сите народи имаат свои јубилеи на настани и личности кои оставиле траги во нивниот историски развој. Стогодишнината од Илинденското востание е редок јубилеј за македонскиот народ, за Македонија како држава и за сите нејзини граѓани. Судбината на нашиот народ така се одвивала што токму Илинден 1903 година, кога се кренало ослободителното Илинденско востание, станал симболот на Македонското опстојување. Илинден бил и е верски празник кој поради историските околности на кревањето на Илинденското востание стана семакедонски дух, симбол на непокорот, составен дел на неговата колективна свест создавана низ повеќевековната борба за слобода, и е многу повеќе од верски празник. Трагичниот крај на Илинденското востание, неговото задушување и неуспешно завршување, повеќе од кое било друго неуспешно востание, стана симбол на непокорот кој ги мотивираше генерациите во борбата за слобода и за создавање на сопствена држава. [23]

Бугарски погледи

уреди
 
Карта на востаничките териториии во Македонија и Одринско од летото на 1903 година. Прикажани се Илинденскиот, Крстовденскиот, Преображенскиот и Родопскиот револти на ВМОРО во Османлиското Царство, нарекувани најчесто во Бугарија со општото име Илинденско-Преображенско востание.
 
Писмо на Главниот штаб до бугарската влада од 9 септември 1903 година со кое тој обрнал внимание на катастрофалните последици за бугарската нација, ако таа не си го исполни својот долг спрема своите еднородни браќа и да им се притекне на помош со војна.[24]

Бугарската наука смета дека Илинденско востание било кренато поради инсистирањето на Иван Гарванов, непобитен Бугарин, кој како раководител на ВМОРО, во мај 1903 завршил во затвор поради Солунските атентати. Таа, врз основата на спомените на учесниците во востанието, прифаќа дека ВМОРО организирала едно општо востание во летото на 1903 година во Македонија и Одринско.[25][26]

Востанието се одржало од неколку локални револти во одделни револуционерни окрузи на ВМОРО, каде што тие почнале со неколку недели разлика. Серијата бунтови започнала со Илинденскиот револт во Битолскиот револуционерен округ, продолжила со Преображенскиот револт во Одринскиот округ, а завршила со Петровденскиот револт во Серскиот револуционерен округ во есента истата година.

Бугарската наука го нарекува востанието Илинденско-Преображенско по името на двата најголеми револта. Ова мислење е поддржано и во „Историскиот речник на Република Македонија“,[27] кој е најреферентен документ од овој тип во Европа,[28] како и во аналогискиот "Историски речник на Бугарија", каде востанието е едно општо.[29] Истиот став е прифатен и од други најавторитетни светски истражувачи.[30][31]

Според Христо Силјанов револуционер, историчар и деец на ВМОРО, учесник во востанието, тоа забележило врв во национално-ослободителната борба на македонските и тракиските Бугари во Отоманското Царство.[32] Задушувањето на востанието довело само во Источна Тракија до 30.000 бугарски бегалци, населени претежно во денешната Бургаска област. До избувнувањето на Балканските војни во 1912 - 1913 година, бројот на бегалското население во Бугарија по востанието бил околу 120.000 луѓе. По падот на комунизмот, Бугарија ѝ понудила на Република Македонија неколкупати, предлог за заедничко славење на востанието и неговите херои, но овие предлози не биле прифатени.

Илинденското востание како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „1903 година“ — македонска народна песна.[33]
  • „Битката при Мечкин Камен“ — македонска народна песна.[34]
  • „Илинденска“ — песна на Никола Јонков Вапцаров.[35]
  • „Илинденски мелодии“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески.[36]
  • „Илинденска приказна“ — расказ на македонскиот писател Ванчо Николески.[37]
  • „Илинденска“ — песна на македонскиот поет Живко Николовски.[38]
  • „Смилево славно в' оган гори“ — македонска народна песна.[39]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Стојчев, Ванче (2000). Воена историја на Македонија. Скопје: Сојуз на друштвата на историчарите на Република Македонија : Воена академија "Генерал Михаило Апостолски". стр. 483. ISBN 9989776075.
  2. Македонска енциклопедија
  3. Михаил Герджиков, Защо Преображение, а не Илинден? (Бегла историческа бележка), Михаил Γерджиков и подвигът на тракийци 1903 г. съст. Надежда Недкова, Евдокия Петрова.
  4. Д. Димески, „Солунски јануарски конгрес на македонската револуционерна организација 1903 година“, ГИНИ, бр. 2, Скопје 2001.
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 5,13 5,14 5,15 5,16 5,17 5,18 5,19 5,20 5,21 Ванчо Ѓорѓиев „Слобода или Смрт: македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година“, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет, 2003.
  6. Станува збор за шифрирано писмо под бр. 22 од 29.11.1902
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Д-р Христо Татарчев, „Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност“, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995.
  8. 8,0 8,1 8,2 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)
  9. СПОМЕНИ НА ИВАНЪ АНАСТАСОВЪ ГЪРЧЕТО
  10. 10,0 10,1 10,2 Христо Андонов Полјански, „Гоце Делчев во спомените на современиците“, Скопје, 1963.
  11. Х. Силянов, цит. дело, т.1, 207-208
  12. Спомени на Јане Сандански Архивирано на 7 мај 2008 г.
  13. Иванъ Кеповъ, Преди тридесетъ години, Ил. Илинден, V/3 (43), София, 1933
  14. „ВМОРО низ очите на неговите основачи“, Воено Издаваштво, Софија, 2003 година, стр 148.
  15. Хр. КОцевъ, Прелюдия на Илинденъ, 20 юлий 1903 г., Сб. Илинденъ 1903-1922, София, 1922
  16. Спомени на П. Кљашев..., 242
  17. 17,0 17,1 Васил Чакаларов „Дневник 1901-1903 г.“
  18. Караманджуков, Христо. Родопа през Илинденско-Преображенското въстание, Издателство на ОФ, София, 1986, стр. 69-71.
  19. Георгиев Величко и Стайко Трифонов, История на българите 1878-1944 в документи, т.I, 1878-1912, част втора, София, 1996.
  20. К. Битовски, Дипломатски одгласи по Илинденското востание..., 144
  21. Македонија во делата на странските патописци 1903, уредник: Александар Матовски, Скопје, ММVII
  22. Жанета Здравковска, „Французи и Британци снимале филмови за Илинденското востание уште во 1903“, Дневник, година XIX, број 5874, петок, 25 септември 2015, стр. 19.
  23. Илинден - Симбол на непокорот Архивирано на 24 септември 2011 г.
  24. Писмо на Главниот штаб на Вториот македонско-одрински револуционерен округ до Бугарската влада во врска со положбата на востанатото население и барање на помош од страна на Бугарија од 9 септември 1903 година.
  25. Писма и изповеди на един четник - Спомени от Странджа - От Витоша до Грамос, Христо Силянов, (Български писател, София, 1984), стр. 10.
  26. Родопа през Илинденско-Преображенското въстание, Христо Ив. Караманджуков (Изд. на Отечествения Фронт, София, 1986).
  27. Historical Dictionary of the Republic of Macedonia, Dimitar Bechev, Scarecrow Press, 2009, ISBN 0810862956, p. 95.
  28. „Нова Македонија, број 22112, 20.10.2010, Катерина Нешкова, „И ние придонесовме да си создадете држава". Архивирано од изворникот на 2010-10-25. Посетено на 2013-02-14.
  29. Historical dictionary of Bulgaria, Raymond Detrez, Scarecrow Press, Inc., 2006, зл 237.
  30. The National Question in Yugoslavia: Origins, History, Politics, Ivo Banač, Cornell University Press, 1988, ISBN 0801494931, p. 316.
  31. A Concise History of Bulgaria, Cambridge University Press, R. J. Crampton, 2005, p. 128.
  32. Хр. Силянов, Освободителнитѣ борби на Македония, том I, Илинденското възстание (изд. на Илинденската Орг., София, 1933; II фототипно изд. "Наука и Изкуство", София, 1983) стр. 443.
  33. Антологија на македонската чалгија / Antology of Macedonian Chalgia, Македон мјузик, 2006.
  34. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 125.
  35. Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 130-131.
  36. Блаже Конески, Поезија. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2011, стр. 34-36.
  37. Ванчо Николески, Чудотворен кавал, Мисла, Наша книга, Детска радост, Култура, Македонска книга, Скопје, 1993, стр. 9-12.
  38. Живко Николовски, Низа ситно нанижана. Скопје: Детска радост, 1985, стр. 35.
  39. „Смилево славно в оган гори“ Македонски народни песни

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Илинденско востание“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).