Димитар Стефанов (општественик од Украина)

бугарски општественик и револуционер

Димитар Георгиев Стефанов — бугарски општественик, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонскиот комитет и задграничен претставник на Македонската револуционерна организација.[1]

Димитар Георгиев Стефанов
Роден 1872
Караагач, Украина
Починал 1940
Бургас, Бугарија
Познат задграничен претставник

Животопис уреди

Димитар Стефанов е роден на 15 август 1872 година во Караагач, Бесарабија, тогаш во Русија, денес Нахирне, Украина. Потомок е на родопски војвода, а неговата мајка Ана е од родот Агура. Добива основно образование во родното село, а средното - во Болградската бугарска гимназија во Бесарабија. Дипломира на Правниот факултет при Московскиот универзитет во 1894 година, по што го добива чинот потпоручик од руската армија во Киевското воено училиште. Во 1897 година во Русе работи како околиски судија, а потоа како судија и обвинител во Варна.

Револуционерна дејност уреди

Во почетокот 1900 година е назначен за советник при егзархискиот синод во Цариград по што се поврзува со револуционери од Македонија и есента истата година е назначен од Бугарската егзархија за директор на Битолската машка егзархикска гимназија. До крајот на учебната година, учествува во раководството на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуционерна организација, а потоа се враќа во Бугарија. Димитар Стефанов, заедно со Туше Делииванов, е избран од Централниот комитет во Солун за задграничен претставник во Софија. На почетокот на 1902 година учествува на конгресот на Одринскиот револуционерен комитет во Пловдив, заедно со Гоце Делчев, а потоа како претставник на ТМОРО на Х македонски конгрес во Софија. Се спротивставил на обидот на Македонскиот врховен комитет за кревање на Горноџумајското востание. Во мај 1903 година Димитар Стефанов со четата на Јане Сандански навлегува во Македонија, претседавал со конгресот на Серскиот револуционерен округ во септември и е избран за дел од раководното тело за време на Илинденското востание, заедно со Александар Радославов и Симеон Молеров. Потоа се нашол во Разлошко и на 18 септември учествува во борбата при Белица. По задушувањето на востанието Димитар Стефанов е во комисијата за изработка на Директивата за идната дејност на Организацијата, во Софија кон крајот на 1903 и почетокот на 1904 година. Од пролетта 1904 година е адвокат во Бургас. Учествува на Рилскиот конгрес во 1905 година, каде што е избран со Ѓорче Петров и Петар Поп Арсов за задграничен претставник. На Ќустендилскиот конгрес во февруари 1908 година е делегат од Солунскиот револуционерен округ.

Учество во војните уреди

Во Балканските војни, Димитар Стефанов бил командант на чета. Бил тешко повреден во 1916 година за време на Првата светска војна, но по закрепнувањето се вратил на фронтот. Бил награден со орден Свети Александар - Втор степен.

Општествена дејност во Бугарија уреди

Димитар Стефанов бил градоначалник на Бургас од 22 октомври 1918 година до 30 јануари 1920 година, а потоа до 1928 година бил општински советник. Потоа бил избран како претставник на Демократската партија за пратеник во 24-то бугарско Народно собрание, а во 1931 година станал окружен гувернер на Бургас.[2]. Умира на 12 февруари 1940 година во Бургас.

Извори уреди

  1. Биография на сайта на ВМРО[мртва врска]
  2. Кратка биография