филм: (портал, проект)  
Оваа статија се однесува на филмовите како дел од уметноста. За други значења видете филм (појаснување).

Филм — форма на култура позната како седмата уметност, претставува вид на комуникација која користи движечки слики и звук со цел да се раскажат приказни или да се помогне на луѓето да научат за нови идеи. Луѓето низ сите делови на светот гледаат филмови кои раскажуваат приказни како форма на забава. Повеќето филмови се направени така што можат да се гледаат на големи екрани во киносали.

16-милиметарска Болекс Х16 рефлекс-камера, популарна воведна камера употребена во киноучилишта.

Постојат многу видови на филмови. Драма-филмовите раскажуваат фиктивни приказни за луѓе. Акционите филмови прикажуваат приказни за бркотници и борби. Вестерн-филмовите раскажуваат за тоа како живееле каубојците во XIX век. Воените филмови прикажуваат војни или битки. Анимираните филмови користат цртани слики создадени со рака или преку компјутер да раскажат некоја фиктивна приказна.

Иако сите овие видови на филмови пренесуваат измислени приказни, понекогаш се засновани на вистински историски случки. На пример, филмот може да прикаже фиктивна приказна за војници кои се бореле во вистинска битка, како Втората светска војна на борбата за Сталинград во Русија. Документарци се филмови кои се за вистински луѓе и вистински настани.

Откако филмовите подолго време ќе се прикажат на киноекраните, филмовите се емитираат на посебни платени телевизиски канали и се продаваат или изнајмуваат на ДВД или видеоленти. Подоцна, филмовите се пуштаат на телевизиските станици.

Како работат филмовите

Кинокамерата или видеокамерата е способна да зема слики многу брзо, обично по 24 слики во секунда. Кога филмски проектор, компјутер или телевизор ги покажува сликите со таа брзина, изгледа дека сликите на екранот се движат. Филмовите ги придружуваат сликите во движење со звук. Звукот во филмот може да ги вклучува гласовите на луѓето кои зборуваат (што е наречено дијалог), музика (што е наречено саундтрак (англ. звучна лента)) и звуци на активностите кои се случуваат во филмот (како на пример, отворањето на врати и пукањето на пиштоли).

Кинопродукција

 
Филмска екипа во работа

Кинопродукцијата почнува кога сценаристот почнува да пишува сценарио, кое е приказната на филмот со дијалогот кои глумците ќе го кажуваат и ситуациите кои ќе ги глумат. Тогаш продуцентот најмува луѓе кои ќе работат на филмот и ги обезбедува сите финансиски средства потребни да се отплатат глумците, екипата и опремата. Продуцентите обично парите ги набавуваат преку банковни кредити или преку инвеститори. Некои продуценти работат за киностудио; други продуценти се независни (односно, не работат за киностудио).

Глумците и режисерот го проучуваат сценариото за да дознаат што треба да работат. Глумците ги учат репликите кои треба да ги кажат и ги учат акциите кои ќе треба да ги одглумат. Тогаш режисерот им кажува на глумците што треба да направат и како да го направат тоа и снимателот ја снима акцијата преку кинокамера.

Следната фаза ја вклучува киномонтажата. Монтажер ги составува и одбира сниманите сцени, а тонмајстор ја снима музиката и звукот и ги вклучува на снимката. Кога филмот е завршен, се прават многу копии од филмот во кинолаборатории и се става на киноленти. Следно, кинолентите се праќаат на киносалите, каде електрична направа наречена проектор праќа светлина низ кинолентата (тие што го работат ова се викаат кинооператори), а луѓето кои седат во темна просторија (публиката) ја следат светлината која паѓа на големо платно — екран, во форма на филм.

Жанрови

Жанр е збор за тип на филм или за стил на филм. Главните филмски жанрови вклучуваат драми, комедии, трилери, научнофантастични филмови, акциони и хорор-филмови. Некои филмови се мешавини на два или повеќе жанра.

Драма

Драмите се со сериозна содржина и често ги обработуваат темите на луѓе кои се заљубуваат или кои треба да направат големи одлуки во нивниот живот.

Научна фантастика

Научната фантастика содржи филмови кои често се поставени во иднината или во вселената. Научнофантастичните филмови често ја користат својата футиристичка или вонземјанска форма да постават прашања за значењето на животот или како треба да размислуваме за животот. Овие филмови често користат специјални ефекти да создадат слики на вонземјански светови, вселената, вонземјанки суштества и вселенски бродови.

Акција

Акционите филмови имаат брзо темпо и често се за луѓе кои се тепаат или борат, без разлика дали е со своите тупаници или со оружје. Некои акциони филмови се за војни. Други акциони филмови се за полицијата која се обидува да фати насилни криминални банди. Акционите филмови често имаат специјални ефекти, како што се експолозии и луѓе кои прават опасни „каскадерски“ маневри како што е кршење на коли.

Некои филмови имаат стилови од повеќе од еден жанр. Во 1990-2000, голем број на научнофантастични акциони филмови се направени. Овие филмови своето дејство го поставуваат во иднината, или во вселената и имаат акција, насилство и борба. Друг тип на филм кој има повеќе од еден жанр е романтичната комедија. Романтичните комедии имаат љубовна приказна измешана со смешни, комични делови.

Историја

Светска кинематографија

 
Светско кино
Источно Азиско кино
Јужно Азиско кино
Југоисточно Азиско кино
Кино на Блискиот Исток

За изумител на филмот се смета французинот Луј Ле Принс со неговиот прв краток филм Сцена од Раундхејската градина (1888). Ова е најраниот филмски запис во историјата. За едни од пионерите на филмот се сметаат браќата Лимиер со еден од своите први филмови Пристигање на воз на станицата во Ла Киота (1895).

Историја на македонската кинематографија

Првите кинематографи во Македонија, а воедно и на Балканот, се браќата Манаки со својот прв филм Баба Деспина (1905). Од тој историски момент започнал македонскиот филм, додека пак денешна модерна историја на македонската кинематографија започнува со формирањето на првите институции. Институционализацијата на кинематографијата се покажала како пресудна за развојот на македонскиот филм. Формирањето на претпријатието "Филмско Скопје" резултирало со првите документарни филмови во 1947 година. Набргу се формирало и првото производствено претпријатие "Вардар филм" кој на почетокот започнал со реализација на серија филмски журнали под назив "Филмски преглед". Македонските филмски автори, и покрај неискуството, мошне бргу го совладале медиумот и ги осознале документарните жанровски можности.

Развојот на општеството се рефлектирало врз развојот на филмското производство, но и врз тематските преокупации. Фабулативноста била зголемена и бил искористен играниот сегмент на медиумот со мешање на жанровите, па и на видовите. Појавата на независното продуцентско претпријатие ФРЗ-Скопје (кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите), најавил можна конкуренција во сферата на ова производство. Но, тоа не се случило поради брзото згаснување на ФРЗ.

Документарното филмско производство во Македонската кинематографија постојано се развива. Со своите повеќе од 500 филмски наслови, разновидноста на темите и перспективите, претставува документарна ризница на македонската држава и нејзините поединости. Дел од уметничките документарни филмови наоѓаат место во трезорот на светската кинематографија.

Македонската играна филмска продукција официјално започнува со реализирањето на филмот Фросина, снимен во 1952 година. Од тогаш, па сè до денес, снимени се вкупно 50 долгометражни играни филмови од кои седум се копродукции. Во овој сегмент на кинематографијата, македонската играна продукција остварила една хомогена творечка структура, проткаена со голем број забележителни филмски дела. Жанровскиот простор и творечките способности на македонските филмски дејци се развиле до оптимална мера. Така, авторскиот сензибилитет во играната продукција стекнал една пресудна функција во конституирањето на филмското дело. Ова го истакнувало чувството на авторот за времето и човекот во него. Во овој сегмент на македонската кинематографија и во овој релативно ограничен квантум на филмови, македонските филмски творци успевале да создадат некои вредни - и за македонскиот игран филм релевантни - авторски циклуси. Во тој контекст, примарно интересирање претставувала генеричката форма на филмскиот израз со неговите специфичности.

Кусометражната играна продукција, пак, имала и специфична судбина во македонската играна продукција. Така, како резултат на рутинското во филмската експресија, кусометражната играна форма послужила, претежно, како еден вид на образовен полигон за македонските филмски дејци.

Најзначајна појава за македонската кинематографија во седумдесеттите години бил анимираниот филм. Македонскиот анимиран филм се развивал во неколку аниматорски насоки: карикатуристичка гег анимација, графичко сликарски израз и предметна анимација. Македонската филмска анимација со својот квалитет не останала незабележана од страна на домашната и странската филмска критика. Специфичната тематика и впечатливото структурирање на анимираниот филмски материјал ја поставил оваа нова гранка во македонската кинематографија на висок пиедестал во светската анимација. Македонскиот анимиран филм со својата кратка но бурна историја зазел значајно место во македонската кинематографија. Тој имал и има моќ на креативно-естетски начин да го изрази духот на своето време, егзистирајќи паралелно со играната филмска продукција, но во значаен степен и дополнувајќи ги нејзините недостатоци.[1]

Теорија на филмот

Во книгата „Филмот ликовна уметност“, Карло Рагијанти го карактеризира филмот во „уметноста на претставата“ и го сместува во доменот на ликовните уметности. Според него, филмот претставува фигуративност што се одвивала и во времето, а не само во просторот и по тоа се разликува од сликарството и од скулптурата, но разликата не е таква за да може филмот да се изземе од ликовната уметност.[2]

Филмот како тема во уметноста и во популарната култура

Филмот како тема во популарната музика

  • Филм — хрватска рок-група, основана во 1978 година.[3]
  • „На кино“ (англиски: At The Movies) — песна на американската рок-група Бед брејнс (Bad Brains).[4]
  • „Стар сеемен филм“ (англиски: Old Home Movie) — песна на босанскиот рок-музичар Горан Бреговиќ од 1993 година.[5]
  • „Ова е филм“ (англиски: This Is A Film) — песна на Горан Бреговиќ од 1993 година.[5]
  • „Подвижни слики“ (англиски: Motion Pictures) — песна на американскиот рок-музичар Нил Јанг (Neil Young) од 1974 година.[6]
  • „Филм со чудовишта“ (англиски: Monster Movie) — албум на германската рок-група Кен (Can) од 1969 година.[7]
  • „Б-филм“ (англиски: B Movie) — песна на британскиот рок-музичар Елвис Костело (Elvis Costello) од 1980 година.[8]
  • „Каубојски филм“ (англиски: Cowboy Movie) — песна на американскиот рок-музичар Дејвид Крозби (David Crosby) од 1971 година.[9]
  • „Сите заминаа на кино“ (англиски: Everyone's Gone To The Movies) — песна на американската рок-група Стили Ден (Steely Dan) од 1975 година.[10]

Филмот како тема во книжевноста

  • „Не сме во сцена од филм“ — песна на македонската поетеса Ана Бунтеска од 2016 година.[11]
  • „Филм на телевизија“ — расказ на српскиот писател Давид Албахари.[12]
  • „Смрт во Венеција (отсечки од Кинотеката)“ — кус расказ на македонскиот писател Ѓоко Здравески од 2019 година.[13]
  • „Кловнови (отсечки од Кинотеката)“ — кус расказ на Ѓоко Здравески од 2019 година.[14]
  • „Филм“ — кус расказ на македонскиот писател Филип Јовановски.[15]
  • „Филм со (не)предвидлив крај“ — краток расказ на македонскиот писател Ѓорѓи Крстевски од 2019 година.[16]
  • „Заспивање во филм“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[17]
  • „Јогурт“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[18]
  • „Филмокршачка“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[19]
  • „Филм - шеесеттите години“ — песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[20]

Поврзано

Надворешни врски

Наводи

  1. За македонскиот филм Архивирано на 29 април 2008 г. - МИФЦ
  2. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 96.
  3. Discogs, Film (пристапено на 21.5.2021)
  4. Discogs, Bad Brains ‎– Rock For Light (пристапено на 10.11.2019)
  5. 5,0 5,1 DISCOGS, Goran Bregović ‎– Arizona Dream (Original Motion Picture Soundtrack) (пристапено на 19.8.2020)
  6. Discogs, Neil Young ‎– On The Beach (пристапено на 17.10.2018)
  7. Discogs, The Can* ‎– Monster Movie (пристапено на 30.4.2020)
  8. DISCOGS, Elvis Costello & The Attractions – Get Happy!! (пристапено на 13.5.2022)
  9. YouTube, David Crosby - 02 - Cowboy Movie (by EarpJohn) (by EarpJohn) (пристапено на 28.3.2020)
  10. DISCOGS, Steely Dan ‎– Katy Lied (пристапено на 10.3.2018)
  11. Ана Бунтеска, Колку е потребно за среќа. Скопје: Матица Македонска, 2016, стр. 149-150.
  12. Давид Албахари, Опис смрти. Београд: Српска књижевна задруга, 2004, стр. 125-131.
  13. Ѓоко Здравески, Отсечки стварност. Скопје: Бегемот, 2019, стр. 67.
  14. Ѓоко Здравески, Отсечки стварност. Скопје: Бегемот, 2019, стр. 68.
  15. Современост број 3/2023, стр. 10.
  16. Ѓорѓи Крстевски, Другата страна. Скопје: Бегемот, 2019, стр. 106-109.
  17. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 460-461.
  18. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 462-463.
  19. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 482-483.
  20. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 116.