Црешово топче
Црешово топче — артилериско оружје чие тело е во целост направено од багрем или цреша. Тоа нема значајна борбена вредност, бидејќи дрвото се распрснува под дејство на експлозијата после само неколку истрели. Вакви топчиња биле произведувани непосредно пред Илинденското востание [1]. Црешовото топче имало значење во охрабрувањето и подигањето на моралот на востаниците, а денес е легендарен симбол на решителноста на слабо вооружените востаници да се спротивстават на далеку помоќниот непријател за слободата на својата земја.
Историја
уредиНепосредно пред Илинденското востание, Крушевското горско началство одлучило да се направат топчиња од дрво. За таа цел Тодор Христов направил специјална скица, а Никола Карев го повикал војводата Цветко Стојчев од селото Селце и му наредил според скицата да направи топ. Цветко со Тодор Борјар и други мајстори од арсеналот во Селце исекле две големи цреши и направиле 7 трупци. Бидејќи немало време, трупците ги ставиле да се сушат на жешкото јулско сонце, па суровите црешови трупци се распукнале. Трите позачувани трупчиња ги засолниле под сенка, од кои уште недосушени, направиле три црешови топчиња. Црешовите топчиња од Селце биле долги 150 сантиметри, тешки околу 20 килограми, при дното и при врвот биле оковани со железни обрачи. Се полнеле со крупен барут, а како топовски зрна биле употребувани ѓулиња од кантари.
Најмногу дрвени топови биле направени во крушевскиот реон. Таму во селото Селце биле направени седум, а во самото Крушево шест топа. Непосредно пред и во текот на Илинденското востание во 1903 година за период од два месеца вкупно биле направени 17 црешови топови. Сите дрвени топови имале различни димензии. Должината им била од 80-150 сантиметри, тежината од 20 до 70 кила; калибарот во зависност од муницијата, главно колку ѓуле од селски кантар или бомба од битолската бомболеарница што ги изработувал Новак или пречник од околу 9 сантиметри. За да се зголеми отпорноста топовите биле зацврстувани со железни обрачи.
Во подготвителниот период за Илинденското востание биле направени повеќе дрвени топови. Меѓу првите, по сопствена иницијатива, црешов топ направил монахот Григориј од манастирот св. Јован Бигорски. Во селото Кленоец, Кичевско бил направен еден дрвен топ во должина од 12 педи. Тој се полнел со шајки и ситни парчиња од железо. Од тој топ востаниците во селото на 29 август 1903 година успеале да испалат четири истрели по што топот се распрснал. Во селото Лактиње, Охридско по наредба на Охридскиот востанички штаб 18-годишниот Трпе Даневски, заедно со уште двајца селани за кусо време направиле четири црешови топови. Должината на овие топови изнесувала околу 150 сантиметри, тешки по 70 кила. Кога биле издлабени, ковачот Мустафа ги зацврстил со осум железни обрачи. Потоа им направил ногарки. Двата подобри топа биле префрлени кај Издеглавје во близината на големата "мирдирница", односно турската административна управа и жандармерија. Со првото полнење и првиот истрел не успеале. При второто полнење востаниците добро го набиле барутот и наместо ѓуле, ставиле кугла од кантар. Кога фитилот бил запален во долниот крај на топот, одекнал силен грмеж, а куглата летнала право во мирдирницата и ја пробила. Настанала паника меѓу Турците и бегање. Меѓутоа, по неколку силни експлозии црешовиот топ се распрснал, а тоа истото се случило и со вториот црешов топ.
Изработка
уредиДрвените топови најчесто биле правени од див бадем и дива цреша кои биле многу цврсти, особено кога се суви. Се водело сметка јазлите, со оглед на тоа дека тие овозможувале уште поголема отпорност и му давале цврстина на дрвото, да останат при врвот или при дното на топот, таму каде што е најсилен притисокот на цевката. Постоеле различни начини на изработка на дрвото, односно на цевката на топот и главно се применувале кога за тоа имало доволно време. За изработка на топови се земале најдебелите и најправите трупци од дрвото. Трупецот се длабел за да се добие форма на цевка. Однадвор се засилувал со метални обрачи.
Една од причините поради која се распрснувале дрвените топови е тоа што по истрелот топот не бил чистен и тогаш во следното истрелување неминовно доаѓало до распрснување на топот. Дострелот на овие топови главно изнесувал 400 до 500 метри. Положбата за поставување и зацврстување на топот се бирала главно на истакнати, возвишени места кои давале добра прегледност до објектот на нападот.
Единственото црешово топче кое го преживеало востанието е она што во 1903 турскиот аскер го заробил по битката со востаниците кај месноста Слива, Kрушевско, откако цела востаничка чета загинала бранејќи ја отстапницата во збегот на населението од Крушево. Тоа црешово топче тогаш Турците го пренесле во Воениот музеј во Истанбул и таму се наоѓа до денес.
Во 2003 година, по повод 100-годишнината од Илинденското востание, Црешовото топче од музејот во Истанбул било позајмено на три месеци за изложба во Музејот на Македонија.
Извори
уреди- ↑ Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година