Апостол Петков
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Апостол Петков Терзиев, наречен Апостол-Војвода и Ениџевардарското Сонце (Бојмица, 6 мај 1869 - Крушари, 2 август 1911) — истакнат македонски револуционер, војвода од ТМОРО и МРО и клучна личност на Солунскиот револуционерен округ.
Апостол Петков Терзиев | ||
Роден | 6 мај 1869 Бојмица, Гевгелиско | |
---|---|---|
Починал | 2 август 1911 Крушари, Ениџевардарско | (возр. 42)|
Познат | војвода на ТМОРО |
Почетоци
уредиАпостол Петков е роден на 6 мај 1869 година во с. Бојмица во областа Бојмија, денес во егејскиот дел на Гевгелиско.[1] Потекнува од родот на Терзиевци. Неговиот постар брат Митре бил ајдутин, а брат му Тано и братучед му Андон, загинале како комити. Апостол кој бил неписмен, како младинец работел како кантонер на железничката линија Солун – Скопје. Во 1892 година, ја напуштил работа и се одметнал. Од тогаш па до почетокот на 1897 година крстосувал како ајдутин по Пајак планина, дружејќи со Иван Карасулијата.[2] Додека Апостол ајдукувал, во 1896 година, неколку мина од неговото семејство станале членови на месниот комитет на ТМОРО во Бојмица.[3]
Војвода на ТМОРО 1897-1902
уредиВо 1897 година, Даме Груев се запознал со Апостол Петков и И. Карасулијата и ги поканил да се приклучат кон Организацијата како членови на тајната полиција. Тие биле покрстени од Поп Стамат во Солун. Во октомври 1897 г., по препорака од ЦК во Солун, и со залагање на Аргир Манасиев од Гевгелија, Апостол Петков и И. Карасулијата ја формирале првата чета на ТМОРО во Солунскиот револуционерен округ.[4] Во 1897/1898 година, четата се движела низ областа Бојмија, по Пајак планина, Гевгелиско, Дојранско и Ениџевардарско, ликвидирајќи насилници и разбојнички банди. Во октомври 1898 година, И. Карасулијата и А. Петков го киднапирале Туран бег, за чие ослободување добиле 2.000 турски лири,[5] но во касата на ТМОРО, предале само 400 лири. Поради тоа, ЦК во Солун, размислувал за нивно казнување со смрт, но по залагање на Аргир Манасиев до тоа не дошло. Превоспитувањето на Апостол Петков и на Карасулијата било препуштено на Михаил Апостолов Попето.[6] За враќање на довербата, ЦК им наложил на Апостол Петков и И. Карасулијата да го ликвидираат лекарот Димитриос Кивериндис, кој бил главен организатор на грчката пропаганда во Гевгелиско.[7] Атентатот врз Кивериндис бил извршен на 3 декември 1898 година.[8] Заради подобра контрола врз Апостол и Карасулијата, ЦК на ТМОРО ја поделил четата на два дела, при што Карасулијата станал војвода во Гевгелиско, а Апостол во Ениџевардарско.[9]
На 12 август 1900 година, четата на Апостол Петков го ликвидирала внукот на Демир субаша, кој важел за голем злосторник во регионот.[10] На 30 ноември во режија на Апостол Петков бил изведен обид за ликвидација на лекарот Ангелаки Секелариос, кој бил организатор на грчката во Гуменџе. Секелариос го преживеал атентатот. Нападот врз него добил голем публицитет во грчкиот печат, а за случајот се расправало и во грчкиот парламент.[11] По Солунската провала од 1901 година, Апостол Петков заминал за Бугарија за да обезбеди подобро вооружување за својата чета.
Во 1902 година, Врховниот македонски комитет презел иницијатива за провоцирање востание во Македонија, а за таа цел врбувал и некои поранешни војводи од ТМОРО. ЦК на ТМОРО настојувал да ја попречи провокаторската дејност на врховистите. Пионер на врховизмот во Гевгелиско, станал Иван Карасулијата, во Кукушко Атанас Чопката, а во Воденско, Вангел Иванов.[12] Подоцна низ регионот поминал и врховистичкиот провокатор – полковникот Анастас Јанков. Додека Апостол отсуствувал од Ениџевардарско, таму како војвода на ТМОРО се наметнал Павле Кониковски. Кога се вратил Апостол помеѓу нив избило соперништво околу приматот за војводството, но со посредништвото на Аргир Манасиев, било постигнато помирување,[13] но недовербата останала. Апостол Петков и П. Кониковски, ја избегнувале наредбата од ЦК на ТМОРО за разоружување на Иван Карасулијата. Оправдувањето на Апостол било: „Ако се судриме ... ќе загубиме многу момчиња, зашто неговите се опитни и добро вооружени“.[14] Во меѓувреме Апостол постигнал џентлменски договор со Карасулијата за ненапаѓање. Апостол под изговор дека неговиот војводски престол бил загрозен од П. Кониковски, одбегнал да замине со Аргир Манасиев за Воденско за да ги преследуваат врховистичките чети. Поради тоа Организацијата, размислувала за прекоманда на Апостол од регионот, па дури и за негово ликвидација.[15] Меѓутоа, А. Петков и П. Кониковски се извлекле со тоа што ја разоружале врховистичката чета на Атанас Петровалијата.[16] Кон крајот на 1902 година, П. Кониковски починал под сомнителни околности, а една од претпоставките е дека бил отруен од А. Петков.[17]
Востаничката 1903 година
уредиНа 9 март 1903 година, по предавство од страна на гркоманите од с. Крива, четата на Апостол била опколена во Бојмица.[18] Според хетографираниот весник на ТМОРО „Слобода или смрт“, на турскиот повик да се преде, Апостол одговорил: „Секој од нас има по 300 патрони, од кои по еден ќе зачуваме за себе, а другите куршуми ќе ги испратиме подарок за вас“,[19] по што започнала престрелка која траела цел ден. При овој судир четата имала 4 мртви, меѓу кои и Тано, братот на Апостол, како и 2 ранети, а од страна на Турците загинале 2 жандарми.[20]
Во средината на јули 1903 година здружените чети на Апостол Петков, Крсто Асенов и Трајко Јотов се судриле со турските војски кај с. Постол. При овој судир Турците имале 4 убиени и 2 ранети, а од четите загинале 2 комити.[21] На Илинден 1903 Апостол Петков и Крсто Асенов во с. Корнишор, ги осветиле востаничките знамиња на двете чети. Тогаш К. Асенов се венчал со Ана Малешевска. Венчавката на Асенов била погрешно протолкувана, поради што тој бил убиен на подмолен начин.[22] Поради тоа, наместо на 2 спроти 3 август, демонстративниот напад на Гуменџе, Апостол Петков го извел на 9 август 1903 година, а тоа пак предизвикало репресија од страна на власта врз цивилното население.[23] Следниот ден Апостол го нападнал турскиот гарнизон во с. Крива. На 9 септември, Апостол се судрил со турските војски кај с. Рамна. На 25 септември Апостол Петков и Иван Карасулијата се судриле со турските војски кај врвот Гандач, при што извојувале огромна победа.[24] На 12 декември 1903, Апостол Петков и Аргир Манасиев, биле опколени од турска војска кај с. Горгопик, близу Гуменџе. Од овој судир, четите се извлекле без загуби, а од страна на Турците имало 12 убиени и ранети.[25]
Заштитник на обесправените, безмилосен кон непријателите
уредиАпостол Петков зимата 1903/1904 година останал во регионот за да го заштитува населението и да го одржува духот на Организацијата. За време на велигденските празници 1904 година Ениџевардарско го посетил Даме Груев и заедно го обиколувале регионот неколку денови.[26] Тогаш Апостол, околу себе држел 100-тина вооружени лица, но по сугестија од Груев, повеќето од нив биле распуштени. Летото 1904, во регионот на Апостол, дваесетина дена престојувал и Ѓорче Петров.[27] Присуството на Д. Груев и Ѓ. Петров било во функција на придобивање приврзаници за своите концепции во поглед на претстојното преуредување на Организацијата. При крајот на 1904 г., Апостол Петков, заедно со Андон Ќосето, Лука Иванов и Тодор Серменински се јавува како потписник на едно писмо против задграничните претставници Христо Матов и Христо Татарчев, кои поради своето политиканство отстапиле од принципите на Организацијата поради што им искажале недоверба, и ги прогласиле за „опасни непријатели на Организацијата“.[28]
Во мај 1904 година, османлиските власти и дипломатските претставници го отвориле прашањето за разоружување и легализација на активните војводи и комити. За таа цел, биле испратени писмени повици кон нив за да се предадат. Апостол Петков, испровоциран од овој потег на дипломатите, се обратил со писмо до солунските конзули, при што изјавил дека четите нема да се предадат сè додека во Македонија не бидат спроведени реформи.[29] Во писмото меѓу другото пишува: „Зарем Македонецот не е човек да живее слободно? Зарем Македонецот не е слободен да го дише чистиот воздух, како што се радуваат слободните народи? Македонецот веќе е уверен дека се дури се наоѓа под Турчинот, ништо сигурно нема за него: тој не е сигурен за својот живот, не е сигурен за своите мили и драги дечиња, за честа на жената и своите ќерки, за својот имот итн. Таа несигурност го натера Македонецот да го земе оружјето в раце и да се бори со Турчинот. Тој не жали зашто ќе умира од куршумите на непријателот, и е спремен да го прави тоа, сè до денот на неговото ослободување“.[30]
Во септември 1904 година, Апостол испратил писмо до ениџевардарскиот кајмакам со кое од него побарал: 1. Да не им дозволи на арнаутските ќехаи со своите стада да се престојуваат во Ениџвердарско; 2. Пасиштата да останат за користење од месното население; 3. Субашите и сејмените да ги плаќаат самите бегови, а не селаните; и 4. Меѓу чифликсајбиите и чифлигарите да се воспостават односи како во европските земји. Во спротивно се заканил дека ќе ги убива сите Арнаути – ќехаи, овчари, субаши, сејмени и дека ќе ги пали беговските куќи и кули.[31] Слични предупредувања Апостол испратил и до рускиот генерален конзул во Солун, како и до цивилните агенти. Во оваа писмо покрај другото пишува: „бујната македонска натура, храбрите чеда на злочесната татковина, не можат да останат ладнокрвни спроти сите овие стенкања на своите браќа ... овие достојни синови на славното име Македонија веќе прибегнуваат кон најпоследното средство, а имено кон уништување на мачителот“.[32] Предупредувачко писмо, Апостол Петков, испратил и до чифликсајбиите: Изет ефенди и Хаки ефенди од Солун.[33]
По Илинденското востание грчката пропаганда ја променила тактиката кон Македонија и започнала да испраќа чети, кои со силата на оружјето и со неформална поддршка од турските власти го присилувале населението да се изјаснува во прилог на елинизмот.[34] Поради геостратешката положба на Ениџевардарскиот регион, Апостол претставувал сериозна препрека за пробивот на грчките чети кон централна Македонија. Поради тоа, грчкиот конзул од Солун, летото 1904 година, се обидел да го поткупи Апостол Петков за грчката кауза, ветувајќи му пари и оружје.[35] Апостол не само што ја одбил понудата, туку станал најголем непријател за грчките чети и агитатори. Покрај судири со османлиските потери, Апостол жестоко се пресметувал со претставниците на грчката пропаганда.[36] Во ноември 1904 година, Андон Терзиев, (братучед на Апостол) го фатил и обесил Јани Пицулас, кој бил назначен за инструктор на грчките чети во Ениџевардарско. Покрај обесениот бил оставено писмо со печатот на Апостол Петков.[37] Кон крајот на 1904 година, Апостол заминал за Бугарија за да се одмори, но и да ги пополни воените резерви, оставајќи го во Ениџевардарско братучед му Андон.
Битката кај Смол 1905
уредиНа 15/28 февруари 1905 година Апостол Петков со 24 четници ја минал бугарско-турската граница кај Ќустендил,[38] и заминал кон Ениџевардарско. По пат му се придружил Сава Михајлов со својата чета. Здружените чети броеле 42 лица.[39] Уште од Струмичко, Апостол и Савата биле предупредени да не минуваат низ Гевгелиско, бидејќи имало големо раздвижување на војските, туку преку Дојранско да заминат кон Кукушко и од таму кон Ениџевардарско. Апостол Петков ги игнорирал предупредувањата и продолжил во правец на Мачуково (сега: Евзони, Грција) и понатаму кон с. Смол (сега: Микрос Дасос, Грција).[40] Кај Смол биле пресретнати и нападнати од силна османска потера, која набрзо добила засилување од Гевгелија од околу 300 души, меѓу кои имало и коњица.[41] За време на судирот Сава Михајлов зазел позиција во месноста Рудина Чука, а Апостол Петков во месноста Бачево. Ударната сила од турските сили прво биле насочени кон четата на Сава Михајлов. Таа била ликвидирана до пладне, при што загинал и војводата. Веднаш потоа сета османска сила била насочена кон четата на Апостол, која била уништена да вечер. Од таму се извлекол само Апостол Петков, кој бил ранет во ногата и двајца четници. Според изворите кај Смол загинале 40-42 комити, а од турска страна имало 3 мртви и 13 ранети.[42] Битката кај Смол што се одиграла на 1/14 март 1905 година, ја надгледувал рускиот капетан Флоров. Тој по два дена го посетил местото на настанот каде сè уште стоеле телата на убиените при што бил згрозен од глетката на масакрираните тела. Флоров за настанот испратил опширен извештај до генерал мајор Шостак.[43] На местото на битката, османлиските власти ја нашле чантата на Апостол Петков во која имало повеќе примероци од неговиот портрет и разни документи.[44] Пронајдената чантата на Апостол ги натерала сите да поверуваат дека тој загинал. Веста за наводното убиство на Апостол, брзо се прошириле меѓу дипломатскиот кор во Солун, а по неколку дена, таа вест била пренесена во Њујорк Тајмс.[45] Но, откако Апостол повторно почнал да дејствува во својот препознатлив стил, дипломатските претставници кои верувале дека тој е мртов, пласирале фамата дека се појавил псевдо Апостол, кој го користел името и тактиките на вистинскиот Апостол,[46] за да го одржува духот на населението.
Резиденцијата во блато
уредиПо Битката кај Смол, Апостол Петков, заминал во Араџанското блато, каде се прикривал Аргир Манасиев.[47] Откако заздравел, Апостол се префрлил во својата база во Ениџевардарското блато. Тој располагал со мрежа од колиби над вода кои биле поврзани со тајни канали. Кон крајот на 1904 година во југоисточниот дел од блатото се сместил Гоно Јотов (братучед на Апостол), кој станал андартски војвода, а по него се појавиле и други мештани како водачи на андартски чети.[48] Тие биле претходница на капетаните од грчката армија од типот на Мазаракис, Аграс, Никифорас и други. Наредните години блатото прераснало во арена на постојани судири меѓу комитите на Апостол и андартите. Летото 1905 година, турските војски го опколиле блатото и навлегле во неговата внатрешност.[49] Апостол успеал да се извлекол и заминал кон Пајак планина, но тоа го искористиле андартите за потпалат и заземат неколку негови колиби.
Во февруари 1906 година, во базата на Лука Иванов во Ениџевардарското блато пристигнал американскиот публицист Алберт Сониксен.[50] Апостол откако дознал за тоа, најпрво го посетил Сониксен во базата на Лука Иванов, а потоа го поканил во своите колиби. Своите впечатоци за „македонскиот Робин Худ“, Сониксен ги опишал во својата книга „Исповед на еден македонски четник“. Сониксен бил сведок на повеќе борби со андартите, а и самиот учествувал во нападот на грчкото село Ниси што го организирале Апостол Петков и Лука Иванов, кога запалиле триесетина куќи.[51] При вториот престој во блатото, во септември 1906, Сониксен бил сведок на средбата помеѓу Апостол Петков и еден „султанов пратеник“ кој наводно бил во мисија да го убеди Апостол да ја прекине револуционерната активност, нудејќи му богата награда, па дури и високи почести во Истанбул.[52] Меѓутоа, „султановиот пратеник“ бил во разузнавачка мисија. Набрзо потоа во резиденцијата на Апостол во блато неколку дена отседнал и Борис Сарафов.[53]
Кон крајот на 1906 година, Турците презеле долготрајна масовна опсада за уништување на комитската база во блатото. Притоа од внатре како неофицијални сојузници ги имале андартите. Покрај артилеријата со која постојано биле гранатирани колибите, Турците донеле стотина лотки со непробојна заштитна опрема.[54] Во средината на мај 1907 година, Турците презеле тотален напад навлегувајќи во блатото од сите страни. Меѓутоа, Апостол успеал да се извлече и заминал кон с. Корнишор.[55]
Хуриетот и загинувањето на Апостол Петков
уредиПо прогласувањето на Османлиското Царство од апсолутистичка во уставна монархија, Апостол Петков со својата чета влегол во Ениџе Вардар, каде за кратко го суспендирал кајмакамот и ја зел власта во градот.[56] По интервенција на Младотурскиот комитет од Солун и на поединци од Внатрешната организација, Апостол се откажал од намерата да „владее со Ениџевардарската каза“ и заминал за Солун. Бранислав Нушиќ за заминувањето на Апостол за Солун соопштува: „Денес од Ениџе Вардар ќе стигне војводата Апостол. Тој му порачал на Младотурскиот комитет, за него, и за неговата чета да испратат коњи, па денес свечено на коњ да влезе во Солун“.[57] Грчкиот весник „Емброс“ за заминувањето на Апостол за Солун пишува: „За капетанот Апостол пренесуваат дека слегува во Солун за да седне на престолот и да управува со Македонија. А капетанот Апостол при неговото заминување за Солун навистина побарал за неговиот прием, освен коњи да има и артилерија“.[58] По враќањето во Ениџе Вердар, Апостол дејствувал како неформален водач на Конституционите клубови.[59] По промената на политиката на Младотурците, во средината на 1909 година, Апостол Петков го напуштил Ениџе Вардар и заминал за Бугарија.[60]
Во 1910 година, Апостол Петков се вброил меѓу протагонистите на Бугарската народна македоно-одринска револуционерна организација, која настојувала да се претстави како наследник на распуштената ВМОРО, иако зад неа стоеле официјални бугарски институции.[61] Летото 1910 година, Апостол Петков се вратил во Ениџе-вардарско за да го обнови револуционерното четништво, но бидејќи не наишол на добар прием кај населението и поради прогонот од власта, бил принуден да се врати во Бугарија.[62] Летото 1911 година, Апостол Петков повторно се вратил во Ениџе-вардарско со намера да го обнови четништвото. На 2/15 август 1911 година, Апостол Петков, Георги Мучитано и Васил Пуфката биле убиени од турските војски кај Крушари, Ениџевардарско при мистериозни околности. За убиството на Апостол Петков постојат разни варијанти и претпоставки, а најчесто како предавник се споменува неговиот близок соработник Тодор Чифтев. Историската наука сè уште не може да даде конечен одговор за мотивот за оваа убиство.[63]
Оценки
уредиАпостол Петков е легендарен војвода на ТМОРО, кого населението го нарекло „Ениџевардарско Сонце“. Американскиот публицист Алберт Сониксен, А. Петков го именува како „македонски Робин Худ“,[64] а Фрдерик Ковач, го квалификува за „некрунисан крал на вардарските мочуришта“.[65] За грчката писателка Пинелопи Делта, Апостол бил „невидливиот демон кој се чувствува насекаде, но не се гледа никаде“.[66] Според Сониксен, портретот на Петков висел во секоја крчма во Бугарија.[67] Името на Апостол Петков се среќава во весниците во Австрија, Нов Зеланд, Тасманија и САД.[68] Во 1944, портретот на Апостол Петков се најде во рубриката „Верувал или не!“ на еден локален американски весник. Таму за него пишува: „Апостол Петков – човекот кој беше платен да се преправа дека е мртов. Познат македонски четник, кој со свои раце уби 2.400 Турци. Тој бил толку проблематичен, што турскиот султан му плаќаше 30.000 $ за да се преправа дека е мртов“.[69]
Во народното творештво
уреди- „Дека ќе одеш, Апостоле?“ - македонска народна песна.[70]
Наводи
уреди- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков... 15.
- ↑ Хр. Шалдевъ, Из революционитѣ борби въ Паякъ планина. Ил. Илинденъ, София 1931, г. 4, кн.4(34), 14.
- ↑ Борбите в Македоя. Спомени на отец Герасим, Георги Райков, Делъо Марковски, Илия Докторов, Васил Драгомиров, съставител: Борис Николов, София 2005, 51.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков... 41-42.
- ↑ Ангел Динев, Илинденската епопеја, т.1, (приредил: Владимир Картов), Скопје 1987, 121.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков... 47-48.
- ↑ Македония в пламъци. Спомени на Андон Къосето, Анастас Лозанчев, Григор Попев, Аргир Манасиев, Христо Пасхов, Мите Хаджимишев, Кръсто Лазаров, Екатерина Паница, (Записал Боян Мирчев, съставителство: Ива Бурилкова, Цочо Билярски), Софиъ 2003, 128.
- ↑ Tragedies od Macedonia, A record of grecc victimis of bilgarian outrages in Macedonia, betwend 1897 and February 1903. London 1903, 9.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков ..., 51.
- ↑ Македония и Одринско. Мемоаръ на Вѫтрѣшната организация, София 1904, 51.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков ..., 52-53.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков ..., 60.
- ↑ Македония в пламъци, Спомени на Аргир Мамнасиев..., 139-140.
- ↑ Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или смрт. Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893-1903, Скопје, 2003, 411.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков ..., 65-67.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Слобода или смрт..., 414.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков ...,68.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков ...,75-77.
- ↑ Нашата борба. Свобода или смртъ! Бунтовен листъ, Македония, 6.04.1903, бр.9, 3.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков..., 76.
- ↑ Љубен Лапе, Нови документи за Илинденското востание. Илинденски зборник 1903-1955, Скопје, 1953, 30.
- ↑ Ангел Динев, Илинденската епопеја..., т.1, 335-336.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков..., 83.
- ↑ Христо Силянов, Освободителнитѣ борви на Македония, т. 1, София 1933, 351; А. Динев, Ангел Динев, Илинденската епопеја..., т.1, 344-345.
- ↑ Британски документи за историјата на Македонија (1901-1904), т. IV, Скопје 2012, 480.
- ↑ Изъ споменитѣ на Дяконъ Естатий, Ил. Илинденъ, г. 7. Кн.4-5 (64-65), София 1935, 23.
- ↑ Ѓорче Петров. Спомени. Кореспонденција,(Вовед, коментар и редакција проф. Љубен Лапе), Скопје 1984, 213-216.
- ↑ Симон Дракул, Македонија меѓу автономијата и дележот, т. 3, 550-552.
- ↑ Државен архив на Македонија, фонд: Бугарски генерален конзулат Солун 1896-1915, микрофилм бр. 4280, № 411, 14.05.1904.
- ↑ Симон Дракул, Македонија меѓу автономијата и дележот, т. 3, 133-135.
- ↑ Државен архив на Македонија, фонд: Бугарски генерален конзулат Солун 1896-1915, микрофилм бр. 4280, № 714, 8.09.1904.
- ↑ Симон Дракул, Македонија меѓу автономијата и дележот, т. 3, 427-429.
- ↑ Државен архив на Македонија, фонд: Бугарски генерален конзулат Солун 1896-1915, микрофилм бр. 4280, № 746, 17.09.1904.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков...,106-121.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков...,123.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков...,125-142.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков...,137-138.
- ↑ Четите на Вътрешната македоно-одринска революционна организация. Дневник и снимки на четите на ВМОРО преминали през Кюстендилския пункт 1903-1908, София 2003, 45.
- ↑ Спомени на Илия Докторов..., 107.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков..., 150-152.
- ↑ Симон Дракул, Македонија меѓу автономијата и дележот, т.4 ..., 122.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков ..., 156.
- ↑ Симон Дракул, Македонија меѓу автономијата и дележот, т.4 ..., 116-123.
- ↑ Државен архив на Македонија, фонд: Бугарски генерален конзулат Солун 1896-1915, микрофилм бр. 4328, № 421, 5.03.1905 и № 435, 7-03.1905.
- ↑ New York Times, 17.03.1905.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков..., 163-164.
- ↑ Македония в пламъци. Спомени на Аргир Манасиев..., 156.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков..., 178-179.
- ↑ Симон Дракул, Македонија меѓу автономијата и дележот, т. 4 ..., 194.
- ↑ Алберт Сониксен, Исповед на еден македонски четник (превод. Илија Милчин, стручна редакција и предговор д-р Иван Катарџиев), Скопје 1997, 43-44.
- ↑ Алберт Сониксен, Исповед на еден македонски четник (превод. Илија Милчин, стручна редакција и предговор д-р Иван Катарчиев), Скопје 1997, 65-70.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков..., 211-216.
- ↑ Хр. Шалдевъ, Из революционитѣ борби въ Паякъ планина. Ил. Илинденъ..., г. V (41), 13.
- ↑ Симон Дракул, Македонија меѓу автономијата и дележот, т.5 ..., 330; 378.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков...,230-233.
- ↑ Гоце Делчев, Спомени, документи материали, София 1978, 397.
- ↑ Политика, бр. 1619, 2107.1908, 2.
- ↑ Εμπрός, 12/4229, 27.07.1908, 5.
- ↑ Тома Николов, Спомени из моето минало, София 1989, 289-296.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков..., 252.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков..., 255-258.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков..., 258-264.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Апостол Петков..., 267-268.
- ↑ The Fulton County news, vol. 6. No. 50, avgust 30, 1905, 6; Albert Sonnichsen, Conessionns of a Macedoninian bandit, Duffiel & company, 1909, 46.
- ↑ Frederic W.L. Kovacs, The untamed Balkans, New York 1941, 60-61.
- ↑ Христо Силянов, Освободителнитѣ борви на Македония, т. 2, София 1943, 191.
- ↑ Сониксен, Алберт. „Изповедта на един македонски четник“. Издателство на Националния съвет на ОФ, 1968, София, стр. 27.
- ↑ Ванчо Ѓорѓиев, Апостол Петков. Кралот на блатото, Скопје 2013, 10-13.
- ↑ Florence Morning News, 14.X. 1944, 4.
- ↑ Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 125-126.
Литература
уреди- Ѓорѓиев, Ванчо (2013). Кралот на Блатото. Апостол Петков (PDF). Скопје: ДАРМ.
Надворешни врски
уреди„Апостол Петков“ на Ризницата ? |