Задгранично претставништво

Задграничното претставништво или Претставничко тело (од 1905 година) е институција на Македонската револуционерна организација во Софија. ЗП е создадено на Солунскиот конгрес од 1896 година[1] и како надворешно претставништво на Организацијата егзистирало до 1908 година.

Задачи уреди

Македонска револуционерна
организација (МРО)
 

Негова задача е да одржува контакти со Врховниот комитет и со бугарското општество без да се меша во нивните внатрешни работи, и од нив како и од македонската емиграција да се побара морална и материјална поддршка за македонското националноослободително дело.[1]

Една од главните задачи на ЗП е да застане на патот на надворешните посегања и да се зачува независноста на организацијата [2].

Дополнително на оваа дејност задграничните претставници биле задолжени да одржуваат врски и со дипломатските странските претставници во Бугарија и да ги информираат за ситуацијата во Македонија и Одринско. Исто така, ЗП било задолжено да организира канали за пренесување на оружје, чети и разни други материјали кои биле потребни за кревање на едно востание.

1896-1902 уреди

За први задгранични претставници биле назначени Гоце Делчев и Ѓорче Петров.[1] Во Бугарија тие стапиле во добри односи со Врховниот македонски комитет на Борис Сарафов, но влегуваат во судир со новото раководство ВМОК, Стојан Михајловски и Иван Цончев.

Во 1898/1899 Гоце Делчев го создава и четничкот институт и редовно испраќа бугарски воени офицери како војводи во внатрешноста на Македонија. Во 1901 година Димитар Стефанов и Туше Делииванов биле избрани за нови задгранични претставници на организацијата во Софија.

1902-1904 уреди

Христо Татарчев и Христо Матов по излегувањето од затвор се назначени за задгранични претставници, и тие го создале Благотворителното братство за помош на настраданите во Македонија и Одринско, со што Задграничното претставништво започнува да дејствува легално во јавноста.

По одлуката за кревање на Илинденското востание, ЗП започнува со препраќање на оружје, координација на револуционерните окрузи и со подготовка на бугарската јавност со востанието.

По задушувањето на востанието Христо Татарчев и Христо Матов учествуваат во прифаќањето на бегалци од Македонија и испраќаат еден мемоар до дипломатските претставници во Бугарија.[3]

1905-1907 уреди

Мандатот на Татарчев и Матов како задгранични претставници истекувал на 1 јануари 1905 година по што тие се повлекле од оваа служба.

На Рилскиот конгрес биле избрани Ѓорче Петров, Димитар Стефанов и Петар Поп Арсов за членови на Задграничното претставништво, кое со Уставот на ВМОРО било преименувано во Претставничко тело.

На Советодавната седница на 23 декември 1906 година во Софија, 23 делегати за задгранични претставници ги избрале Борис Сарафов, Иван Гарванов и Христо Матов.[4] на ВМОРО[5]

Меѓутоа во текот на 1907 година Тодор Паница ги ликвидира Сарафов и Гарванов, и затоа Христо Матов за секретар при задграничното претставништво го поставува Тодор Александров.

Раскол уреди

 
Потврда на задграничните претставници за поставување на Петар Јуруков за војвода во Македонија

Внатрешните поделби и групирањата во спротивни струи во 1907 година на Реформисти (предводена од Јане Сандански) и Конзервативци (предводена од Христо Матов), се заостриле до тој степен што дошло до меѓусебни вооружени престрелки, и на тој начин до дефинитивен раскол на организацијата во 1908 година.

По Младотурската револуција и воспоставувањето на парламентарното уредување (1908) Организацијата престанала да постои. Двете струи формирале политички партии: Народна федеративна партија (Сандански и Димитар Влахов) и Бугарски конституциони клубови [6][7].

Со Ќустендилскиот конгрес од 1908 година биле поставени основите на идната ВМРО (Автономистичка), а Задграничното претставништво ќе биде дел од структурите на оваа организација сè до 1928 година.[8][9]

Извори уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  2. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  3. Цочо Билярски, Валентин Радев, „Д-р Христо Татарчев - Македонския въпрос, България, Балканите и Общността на Народите“, Унив. Изд. „Св. Климент Охридски", 1996
  4. Слави Славов, „Дейността на временното задгранично представителство на ВМОРО от 1907-1908 г.“, МНИ[мртва врска]
  5. История на България - електронно издание, ИК Труд (17 декември 1906 г.)
  6. Сто години од основањето на ВМРО и 90 години од Илинденското востание, Скопје, МАНУ, Иван Катарџиев, 1994
  7. Сто години од формирањето на ВМРО, сто години револуционерна традиција, Скопје, 1993, Сто години ВМРО, златна книга, Скопје, 1993
  8. Тюлеков, Димитър,„Конгресите на ВМОРО/ВМРО в историческата съдба на Македония“, МНИ Архивирано на 28 април 2010 г.
  9. Информация за седмия конгрес на ВМРО

Галерија уреди