Солунски конгрес од 1903 година

(Пренасочено од Солунски конгрес од 1903)

Солунски конгрес од 1903 заседавал од 2 до 4 јануари (стар стил - четврток, петок и сабота), тој е познат и како Јануарски конгрес. На овој собир била донесена одлуката за кревање на Илинденското востание иако најголемиот дел од видните револуционерни дејци се изјасниле против кревање на востание.

Свикување

уреди

Прашање за востанието

уреди

Централниот комитет на Иван Гарванов и Задграничното претставништво - Христо Татарчев и Христо Матов кон крајот на ноември 1902 година биле решени за кревање на востание.

Затоа Гарванов на 6 јануари 1903 годинастар стил испратил окружно до ЗП, окружните и околиските комитети со кое свикал Конгрес и ги поканил делегатите [1].

Меѓутоа еден дел од делегатите немале доволно време да стигнат на Конгресот и најверојатно тоа било и посакувано од Иван Гарванов [2]. Гоце Делчев бил поканет на Конгресот но неговото појавување било непожелно [1] . По добивањето на поканата Делчев истакнал:

... прашањето (за востание б.н) било наметнато од битолчани, и дека тој не сака да оди за Солун... по Џумајското востание, ситуацијата била затегната во целата земја, дека тоа не може да се толерира како дотогаш, но и дека не треба да се прибегне кон масовно востание, туку да се обмисли нов начин на работа [2]

Окружниот комитет на Одрин го поканил Михаил Герџиков да присуствува на Конгресот но тој одбил и на негово местобил испратен Велко Думев кој требало да каже дека не се подготвени за востание.

Серскиот револуционерен комитет побарал мислење од Јане Сандански по прашањето за востание, а тој од своја страна организирал собир кој се изјаснил против по тоа прашање.

Вакви консултации имало и во Скопје, а нивниот делегат Димитар Ганчев бил задолжен да бара одложување на востанието барем за една година. Атанас Лозанчев битолски делегат и воедно раководител на тамошниот револуционерен комитет не повел никаква дискусија или советување во однос на востанието, а такви консултации и советувања немало ниту во Струмичкиот ниту во Солунскиот округ.

Работа

уреди

Конгресот се отворил на 15 јануари, во физикално-математичкиот кабинет на Солунската егзархиска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во Солун. Не пристигнале поканетите претставници на Штипскиот револуционерен округ и на Тиквешката револуционерна околија. За претседател на Конгресот бил избран Иван Гарванов, претседател на Централниот комитет, а за секретар Димитар Мирчев. На конгресот присуствуваа вкупно 17 делегати, сите до еден легални работници. Ц.К. го претставувале: Иван Гарванов, Спас Мартинов и Димитар Мирчев. Делегати станале и двајцата заслужни дејци, тукушто ослободените од неколкугодишно османско заточение, штипските револуционери Христо Поп Коцев и Тодор Лазаров. Главнината ја сочинувале претставници од 12 реони и тоа: Од Солунскиот револуционерен реон – Иван Сапунаров, Битолскиот – Атанас Лозанчев, Цариградскиот – Никола Петров, Одринскиот – Велко Думев, Серскиот – Лазар Димитров, Скопскиот – Димитар Ганчев, Струмичкиот – Иван Ингилизов, Велешкиот – Тодор Пејков, Радовишкиот – Георги Варналиев, Гевгелискиот – Никола Хрлев, Кукушкиот – Христо Влахов, Воденскиот – Димитар Занешев.

Одлука за востание

уреди

На третото заседание, на 16 јануари, кое траело само час и половина се прифатил и потпишал ПРОТОКОЛОТ за извршената работа и преземените решенија.

Решително против востанието се изјаснил само серскиот делегат Димитров, но на крајот и тој се присоедини кон заедничкото мнение. Скопскиот делегат Димитар Ганчев, испратен со директива да дејствува за одлагање на востанието бар на една година , исто го потпиша затоа што и другите потпишале.

Најважниот аргумент против востанието – недостигот на доволно оружје во повеќето реони – било до извесен степен демантирано од уверувањата на Иван Гарванов, дека за скоро време ќе се случат крупни доставувања, како и од надежта, дека при општо востание, четите од Бугарија ќе префрлат значително количество пушки и други материјали.

По донесување на решението за востание од страна на Солунскиот – Јануарски конгрес, окружните комитети биле задолжени да ги преземат потребните мерки за забрзување на подготовките за кревање на востанието.

На тој начин црелокупниот организационен механизам на ВМРО бил ставен во движење. Ѓорче Петров истакнува дека во одлуката за кревање на востание вилјалево во голема мера и војводскиот кадар кој станал нетрпелив, дел од старите дејци поради премореност, а другите поради славољубие меѓу кој и Иван Гарванов кој сакал востанието да се крене во негово време [3].

Нерегуларност на Конгресот

уреди

На конгресот не присуствувале ниту еден од основачите на Организацијата или по истакнати нејзини дејци. Голем дел од нив или не биле поканети или не сакале да присуствуваат.

Но на конгресот не биле повикани ниту војводите ниту нелегалните дејци и најверојатно нивното не учество во Конгресот било посакувано од Иван Гарванов и Атанас Лозанчев [4].

Дополнително на тоа имало несразмерност на делегатите по окрузи, имено Битолскиот, Одринскиот и Серскиот имале по еден делаегат додека пак Солунскиот имал 4, а Струмичкиот округ 2. Сето тоа придонело подоцна да се постави прашањето за легитимноста и регуларноста на Конгрест. Татарчев кој го поддржувал прашањето за востание истакнува:

... Солунскиот конгрес... бил совршено незаконски, бидејќи ја одзел можноста на ЗП како составен дел на ЦК, да се искаже по прашањето за востанието [1][2]

Солунскиот конгрес од страна на делегатот Лазар Димитров и Пандо Кљашев бил исто така оценет како незаконски [4], а по Илинденското востание во април 1904 година на првиот повостанички собир во Струмичкиот округ било констатирано дека:

Востанието, кое стана минатата (1903 б.н) година, било наложено од Централнит комитет под булото на еден Конгрес, но Конгрес незаконит, значи востанието не произлегло од зрелост, туку е наложено и тоа предвремено [5]

Извори

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  2. 2,0 2,1 2,2 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  3. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција..., 167.
  4. 4,0 4,1 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)
  5. Борис Николов, Непубликувани документи из архива на Христо Узунов, Исторически преглед, кн. 5, София, 1990

Литература

уреди
  • Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)
  • Борис Николов, Непубликувани документи из архива на Христо Узунов, Исторически преглед, кн. 5, София, 1990
  • Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет

Надворешни врски

уреди