Општ план за Илинденското востание

Општиот план за Илинденското востание или Општ план за востанието бил изработен во јуни 1903 година по барање на Централниот комитет.[1] Во овој план било истакнато дека во согласност со одлуките на Солунскиот конгрес и советувањата во Софија, треба да се води герилска борба. Четите требало да дејствуваат насекаде и во исто време, без да се крене народот. Целта не била да се победи Турција, туку таа да не може да ги победи востаниците.[2] Востанието требало да биде послабо но долготрајно и борабата требала да се води до зимата, а повторно да се прогласи идната пролет. Востанието требало да почне кога ќе созреело житото и ќе се зголемела ноќта во јули.

Востанички окрузи уреди

 
Општ план на Илинденското востание

Со општиот план била изработена и организацијата на востанието. Македонија била поделена на 6 востанички окрузи, а седмиот округ било Одринско. Односно постоел еден план за востание и затоа не може да се зборува за две востанија едно во Македонија, а друго во Одринско.

I востанички округ - Битолски
Во Битолскиот востанички округ влегувале: Битолско, Охридско, Дебарско, Кичевско, Крушевско, Прилепско, Велешко, Мариовско, Костурско и Леринско.
II востанички округ - Кожув
Во Кожувскиот востанички округ влегле: Гевгелиско, Ениџевардарско, Воденско и Тиквешко.
III востанички округ - Беласица
Во Беласичкиот востанички округ влегле: Кукушко, Солунско, Дојранско, Поројско и Петричко.
IV востанички округ - Пирин
Во Пиринскиот востанички округ влегле: Мелничко, Кресненско со Џумајско од левата страна на Струма, Разлошко, Неврокопоско, Драмско, Серско и Демихисарско.
V востанички округ - Струмичко-Малешевски
Центар на овој округ бил Готен, а во него влегле: Струмичко, Радовишко, Малешевско, Пијанечко и делот од Џумајско од десната страна на Струма.
VI востанички округ - Овчеполски
Негов центар бил Црн Врв - Лисец, а во него влегле: Штипско, Скопско, Тетовско, Кумановско, Паланечко, Кратовско и Кочанско.
VII востанички округ - Одринско
Во Одринскиот востанички округ влегла Одринска Тракија.

Востанички околии уреди

Секој востанички округ се делел на востанички околии. Секоја околија имала по неколку чети од 15 до 30 души. На чело на секоја чета стоел началник, а таа се состоела и од подначалник, 3 искусни четници, 2 интенданти и останати работници на возраст од 18-40 години. Четите биле нумерирани според околиите, пример, 1 чета од I околија на I востанички округ.

Должност на четите уреди

Четите биле задолжени да ги напаѓаат помалите турски единици по селата, караулите, потерите, турските стражи. На четите им било дозволено да ги напаѓаат турските складишта поради грабеж и уништување, рушење на европските јавни згради, возови, железнички мостови, тунели, телеграфски станици и линии.

Планот предвидувал рушење на јавни турски згради, рудници во кој имало странски капитал, банки, минирање на патиштата. На четите им било дозволено да ги напаѓаат турските села и чифлизи доколку не е на штета на христијаните.

На четите строго им било забрането да убиваат жени и деца, а им било забрането да напаѓаат и странски државјани.

Тактика уреди

Според Општиот план нападите требало да се одвиваат ноќе, а за секој напад требало однапред да се подготви план и да се определи место за собирање на четите по акцијата. Во случај на поголем и посложена акција било дозволено здружување на четите, а нападите требало да бидат брзи, решителни и енергични со цел да се зачува четата со што помали загуби.

Востаниците добиле советување да ги избегнуваат судирите со поголемите турски сили, а ако дошло до поголемо раздвижување на турската војска, четите требало да се сокријат.

Со овој план предност им се давало на малите чети кои се сметале за по погодни, додека пак поголемите чети требало да дејствуваат првата ноќ и на крајот од востанието за се постигне поголем ефект. Бидејќи со планот преовладувал герилскиот карактер на востанието, на началниците им била дадена слобода во одлучувањето.

Улога на населението уреди

Со Општиот план бил определен односот кон цивилното невооружено население. Децидно било истакнато дека селаните, жените и децата требало да останат во селата, а било истакнато дека движењето на населението околу селата и четите е опасно за самото население, за востаниците и востанието зошто турската војска би можела полесно да ги открие, а било дадено и предупредување дека армијата би можела да биде без милосна.

Доколу турската армија го нападнала населението, тогаш четите би биле принудени да ги бранат селата. На селаните со Општиот план им било препорачано доколку увидат опасност да го напуштат селото и да се вратат откако ќе поминела самата опасност, а тоа особено им било потенцирано на жените и децата.

Извори уреди

  1. Георгиев Величко и Стайко Трифонов, История на българите 1878-1944 в документи, т.I, 1878-1912, част втора, София, 1996
  2. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет, 2003.

Предлошка:МРО