Ѓавато (Битолско)
- Ова е статија за битолското село. За истоименото богданско село видете Ѓавато (Гевгелиско). За други значења видете Ѓавато.
Ѓавато (познато и како Ѓавото) — село во Општина Битола чиј атар се допира со подрачјето на Општина Ресен, во околината на градот Битола.
Ѓавато | |
Панорама на с. Ѓавато | |
Координати 41°4′50″N 21°8′18″E / 41.08056° СГШ; 21.13833° ИГД | |
Општина | Битола |
Население | 35 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 02049 |
Надм. вис. | 850 м |
Ѓавато на општинската карта Атарот на Ѓавато во рамките на општината | |
Ѓавато на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСело Ѓавато е стационирано на северозапад од Битола на оддалеченост од 20 км, во подножјето на планината Бигла, релјефот е претежно ридско-планински, селото има растурен тип на куќи и се одликува со девет селски маала, (Тунтева, Пичалова, Гулабова, Маџарова, Митрова, Ѓимишова, Брајчева, Савева, Пејчинова, Топева) распослано на неколку мали возвишенија и долови на западниот дел од висорамнината Цапарско Поле, со оглед на надморската височина од 850 мнв и затвореноста на котлината од влијанијата на топли морски струења, владее умерено континентална клима која во одредени периоди се модифицира и преминува во планинско-континентална клима, а се одликува со свежи зими и пријатни лета. Ѓавато е село со висока концентрација на кислород во воздухот, во летните месеци се чувствува пријатна свежина на чист и свеж планински воздух. Со оглед да околина практично е прекриена со букови и дабови шуми и голем дел на планински пасишта.
Хидрографија
уредиХидрографската состојба во с. Ѓавато е лоша, во пролетните месеци сите потоци и притоки кон река Шемница (притока на Црна Река) се со доста вода, но веќе втората половина на Јуни се чувствува недостаток за вода кој трае до втората половина на Октомври, сите потоци пресушуваат а во летните месеци Јули, Август и Септември во с. Ѓавато се чувствува недостаток на вода за пиење за што се користат и бројните бунари кои ги има низ с. Ѓавато најповеќе за техничка вода но и за пиење.
Превојот Ѓавато и самиот срт на Бигла како природна вододелница
уредиПревојот Ѓавато претставува природна вододелница односно линија каде Дождовницата и другите води кои течат, во зависност од која страна тече водата, се делат на различни морски слива, така што од западната страна водите кои течат према преку Преспанското и Охридското Езеро па потоа преку Црн Дрим, ќе припадне на Јадранскиот слив, додека водите кои течат од источната страна се влеваат преку Шемница кон Црна река и Вардар ќе се приклучи кон Егејскиот слив.
Местоположбата на поранешното с. Ѓавато место викано Дервен
уредиПросторот каде патниот правец Битола - Ресен се искачува на највисоката кота (1168 м.н.в) претставува планински тесец или премин, односно и селото Ѓавато пред околу 4 века првобитно се наоѓало на самиот премин таканаречен Дервен, што доаѓа од називот на луѓето кои го одржувале чист и прооден самиот премин Дервенџии, на овој простор сѐ уште постојат остатоци од некогашни куќи на жителите, црква и гробишта. Поради месноста каде се наоѓало селото низ него минувале и отседнувале патници, а особено војска. Ѓаваштани најмногу страдале од пљачкашки банди, а во еден случај и било запалено.
како показатели не наведуваат остатоците пронајдени на планинскиот превој Ѓавато:
Историја
уредиСелото се споменува во османлиски даночни регистри на немуслиманското население од вилает Манастир од 1611-1612 година со 60 домаќинства.[2]
Во 1639 во Ѓавато имало буна против Османлиската власт. Непосреден повод за нејзиното избувнување било апсењето на ајдутинот Белче. Селаните се спротивставиле. Спомнати во предводувањето на буната во с. Ѓавато се Митре, Никола, Илија и Голе. Започнала борба во која Турците имале пушки и сабји, а селаните вили и стапови. Неколку селани загинале, Белче бил убиен, по што Турците му ја отсекле главата и му ја однеле на кадијата како доказ дека бил ликвидиран.[3]
Ѓорѓи Сугарев бил активен како војвода во Ѓавато пред и за време на Илинденското востание. Таму тој се претворил во легенда за време на Битката кај село Ѓавато, каде што со својата храброст и себеодрекување тој на востанатиот народ му дал пример како се војува за својата земја.
Во XIX век, Ѓавато било село во нахијата Ѓават-кол, во рамките на Битолската каза на Отоманското Царство.
Комунистичките и прогресивни движења во село Ѓавато пред и за време на Втората светска војна
уреди1936 год, Учитествување и политичката активност на Тодор Ангелевски во село Ѓавато Во учебната 1936/37 година во село Ѓавато, за учител бил назначен Тодор Анелевски од село Лавци, кого селаните популарно го викале Тошо Даскало. Тој заедно со учителите што учителствувале во овој крај, Борис Стрезовски, Пенко Здравковски, Драгољуб Митровиќ и Илија Јанкуловски наишле на поволна клима, т.е. доста прогресивни селани за плодна политичка работа. Тошо во Ѓавато станал особено близок со Трајан Белев и Јонче Мурџевски.
1937 година, Саботирањето на изборите во село Ѓавато На општинските избори во 1937 година, селската прогресивна струја, благодарение на политичката активност на Тошо Даскало и Трајан Белев, од стихијна опозиција станала поорганизирана политичка сила. Кога прогресивните селани од Ѓавато сфатиле дека власта сака да им наметне свој кандидат, една организирана група на чело со Тошо Чаталов, Сотир Бубев, Томе Бендев и Тодор Чаталовски дошле на гласачкото место и ги искинале гласачките списоци. Набрзо, некои уште истата вечер, а некои другиот ден, врзани со синџири ги спровеле пеш до Битола. Истите биле условно казнети.
1938 година, Формирање на набавно-продајна задруга во Ѓавато Работата на Трајан Белев и Тошо Даскалот и други прогресивни учители меѓу многубројните бедни и средни селани во Ѓавато вродила со плод кога во 1938 година успеале да им се спротивстават на приватниците - бакали со тоа што била формирана набавно-продајна задруга. Задругата во исто време служела како форма за прибирање на селаните и вршење на прогресивно влијание врз истите. Било купено радио на батерии и формирана библиотека со претежно прогресивна литература. Управата на задругата ја сочинувале: Коле Бендев- Ѓаваштанец, претседател и Илија Јанкулов - учител, книговодител, Методија Мацанов, Ѓаваштанец, работник, магационер.
Март 1940 година, Формирање на партиска ќелија во Ѓавато Разгранетата дејност на МК на КПЈ-Битола се почувствувала и во село Ѓавато. Тука, членот на МК-Богоја Фотев од село Бистрица формирал партиска ќелија во Ѓавато, од три члена: Тодор Ангелевски (Тошо Даскало)- секретар и членовите Трајан Белев- работник и Илија Јанкуловски- учител во Ѓавато. Набрзо партиската ќелија значително се проширила. Во месец август партиска ќелија во Ѓавато сега броела единаесет членови. Тоа биле: Трајан Белев- секретар Тодор Ангелевски (Тошо Даскало) Илија Јанкулоски Коле Бендев Крсте Илиев Димитрија Филипов Методија Мацанов Тодор Чаталовски Митре Чаталовски Ташко Чаталовски Сотир Бубев. Неколку месеци подоцна на ревизија дошол Перо Јовановски-Тиквар, а есента секретарот на ПК за Македонија Блажо Орландиќ. Врските на ѓаватската партиск ќелија биле со Битола и Ресен. Март 1941 година, Протести на селани пред Комесарството, Комунистите од село Ѓавато заедно со незадоволните соселани, околу 50-60 души, мажи и жени, од порано договорени, тргнале кон Комесарството да бараат прехранбени артикли (сол, масло и сл.). Таму, тие сретнале друга група селани од други села со иста цел. Во канцеларијата на Комесарството влегле само жени, истапувајќи смело со своите барања. Меѓутоа, разочарувањето било поголемо, затоа што добиле само „ветувања“.
Март 1941 година, Формирање на прва СКОЈ-евска група во Ѓавато Постапувајќи по директивите на Блажо Орландиќ - омасовување на Партиската ќелија и формирање на СКОЈ, во март 1941 година, во Ѓавато, прогресивните и проверени младинци формирале прва СКОЈ-евска група. Неа ја сочинувале: Јонче Мурџевски-член на КПЈ- секретар Мијал Грбевски Лазе Ласоски Науме Ј. Тунтевски Покрај теоретско изградување и други деловни работи, групата имала за задача да ги разбие патријахалните сфаќања на селото и да привлече за симпатизери и соработници и младинки, во што нешто подоцна и успеале.
9 април 1941 година, Борби со германските сили на Дервен На преминот меѓу Ресен и Битола, бившата југословенска армија имала направено по патот за Битола препреки од балвани (трупци) и камења на секои 200 метри. Тој терен бил чуван од еден зајакнат баталјон, снабден со потребна муниција, оружје и други воени материјали. Кога наближиле германските тенкови, ноќта на 9 април отпочнала борба во која од страна на југословенската војска паднале околу 50-60 мртви и ранети. Германците, како надмоќни, лесно ги поминале препреките. По борбата, на Дервенот останале многу воени материјали, оружје и муниција. По наредба на Партиската ќелија доста од материјалот и оружјето било прибрано и сокриено.
28 август 1941 година, Дочек на владиката во село Ѓавато Окупаторската власт сакајќи што повеќе да се здобие со симпатии мегу населението, му приредила помпезен пречек на владиката Борис Симонов Неврокопски, родум од Ѓавато, нашколуван од Егзархијата и приврзаник на окупаторските сили. Во селската црква владиката одржал говор во кој почнал да го напаѓа комунизмот, Советскиот Сојуз како и народноослободителната војска. Тогаш младите комунисти и симпатизери од Ѓавато на чело со Јонче Мурџевски демонстративно ја напуштиле црквата со што „гробната“ тишина била нарушена, а целта на владиката осуетена.
Средината на ноември 1941 година, Мирче Ацев во I реон Мирче Ацев како одговорен на Комитетот при МК - Битола бил во обиколка на селата од Првиот регион. Со цел да направи увид врз работата на Партиските ќелии, а истовременода да даде поконкретни инструкции на членовите на КПЈ на теренот. Заедно со Коле Бендев, член на КПЈ од Ѓавато, Мирче Ацев стигнал до Ѓавато. Таму, на нивата на Трајан Белев во присуство на Коле Бендев, Јонче Мурџевски, Трајан Белев, сите од Ѓавато, и Серафим Богдановски- Цано и Борис Стерјевски од с. Лера одржале состанок, на кој Мирче Ацев ги истакнал промените во ПК, им го прочитал писмото на ПК на КПЈ до членовите на КПЈ и СКОЈ, за грешките на Шарло и потребата од вооружено востание во Македонија, за акцијата на прилепскиот одред и сл.
Февруари 1942 година, Неуспешниот обид за апсење на Трајан Белев Секретарот на Први Реон на КПЈ-Трајан Белев поради својата голема партиска активност и полупречник на движење, станал за полицијата сомнителен, па решила да го уапси. Кога органи на окупаторската власт дошле да го уапсат Белев благодарение на својата умешност и ладнокрвност како и известувањето од страна на членовите на КПЈ од Ѓавато и негоиот син Методија, Трајан Белев се вратил во Битола и оттогаш станал илегалец. Местото на реонски секретар времено го имал Коле Бендев од село Ѓавато, а подоцна Серафим Богдановски-Цано од село Лера.
12 март 1942 година, Формирање на читалиште „Гоце Делчев“ во село Ѓавато На 12.III.1942 под име „Народно читалиште- Гоце Делчев“ во село Ѓавато членовите на КПЈ и СКОЈ ја оствариле својата замисла, т.е. отвориле во селото културно-просветно установа која ја користеле легално за политичка агитација, купување на прогресивна литература. Читалиштето било место каде овозможувало послободно собирање на луѓето, размена на мисли, партиски политички живот како и просветување на населението.Во управата на читалиштето биле избрани луѓе од власта ( на пример кметот на селото, со цел залажување на власта), но главните раководители биле комунистите и тоа: 1.Претседател Борис Стрезовски-учител, член на КПЈ; 2.Потпреседател Коле Бендев, член на КПЈ; 3.Касиер-библиотекар- Методија Мацанов; 4.Секретар- Илија Бендев.
Март 1942 година, Селски протести пред окупаторската власт Партиската организација во Ѓавато го искористила незадоволството на населението кое не добивало редовно следување на прехранбените артикли и организирала во март 1942 година едно демонстративно истапување пред окупторската власт во село Кажани. Откако кметот им укажал дека артикли нема и дека треба да се стрпат незадоволните наговорени од ѓаватските комунисти решиле другиот ден заеднички да истапат и во Битола. Така и сториле.
2 август 1942 година, Акцијата на Одредот „Даме Груев“ во село Смилево Бугарската окупаторска власт сакајќи да го прикаже секој македонски национален празник како бугарски за Илинден припремила голема свечаност во село Смилево, било планирано селото да го посети, бугарскиот министер за внатрешни работи Габровски. Меѓутоа, раководството на партизанскиот одред „Пелистер“решил својата прва акција да ја изведе со митинг во Смилево. Одредот помогнат од комунистите на селата Ѓавато, Смилево, и други (тие ги исекле телефонски жици) утрото свечано навлегол во село Смилево. Одредот снабден со храна од селаните се повлекол. помпезноста на окупаторот изостанала.
Напад на полицискиот подучасток во село Кажани (18 август 1942 година) Штабот на Битолско-преспански НОПО „Даме Груев“ за да му помогне на прилепскиот партизански одред „Димитар Влахов“ и ги одвлече окупаторските сили, кои се сконцентрирале за да го рзбијат, во координација со партиските ќелии од Први реон подготвил акција за напад. Цел на нападот бил IV пограничен подучасток засилен со воени единици. Ноќата помеѓу 18 и 19 август три групи со строго определени задачи. Чии водачи на групи биле Ѓаваштаните Лазе Ласовски, Мијал Грбевски и Стојан Бендев. Покрај Ѓаваштани во акцијата зеле учество партијци, скоевци и симпатизери од селата Братиндол, Ротино, Доленци и Лера со тоа што ги исекле телефонските жици меѓу Битола и Кажани и Кажани и Ресен. Поради непредвиден настан акцијата започнала нешто порано, т.е. 18 август 1942 година и траела 2-3 саати. Партизаните немале мртви. Окупаторот бил изненаден и дал неколку жртви. Напорите што ги вложиле војниците и полициските сили да го откријат Одредот не им успеале.
22 август 1942 година, Строги мерки на полицијата против комунистите Нападот на полицијата и војската во село Кажани од страна на Одредот „Даме Груев“ и немоќта да го ликвидираат окупаторските сили, презеле уште построги мерки спрема населението. воведување на полициски час, забрана на минување од село в село без дозвола, строга контрола којшто купува, шпиунирање, зголемена антикумунистичка агитација исл. Кон населението во селата од Први реон биле спроведени големи малтретирања, особено спрема семејствата на илегалците и членовите на КПЈ и Скојшто биле во затвор.
Август 1942 година Голема провала во Први реон По неуспешниот обид на окупаторот да го пронајде Одредот се спровеле големи апсења на територијата на Први реон. Благодарение на слабото движење на реонскиот секретар Серафим Богдановски- Цано настанала голема провала. Предавството на Цано водело до тоа што тој станал соработник на полицијата. Тогаш многумина комунисти и скоевци биле затворени. Во затворот биле малтретирани, навредувани и на крајот судени. Меѓу многутемина осудени на доживотен затвор биле Борис Стрезовски и Јонче Мурџевски, кои биле осудени на смрт и бесење. По оваа голема провела во Први реон активноста на комунистите скоро сосема замрела.
Завршните борби Август 1944 година во с. Ѓавато формирање на НОО (народно ослободителни одреди) за неколку села Во месноста „Шабанови ливади“ во август 1944 година бил одржан голем народен собир на кого зборувал Трајче Грујоски. На собирот присуствувале 150-200 души од Ѓавато и уште неколку од соседните села Маловиште, Кажани, Доленци, Гопеш, Рамна и Лера. По говорот на Грујоски присутните избрале НОО со седиште во Ѓавато. НОО покрај редовното снабдување на НОВ со храна. материјали, извештаи и сл. спровел во почетокот на септември мобилизација на сите лица на возраст од 18-40 години.
Вкупно 13 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]
Стопанство
уредиВо селото најзастапено е градинарство, мал дел овоштарство и сточарство, мали млекарници. Застапено е и живинарството. Интересно е да се напомене дека посебно во текот на пролетните, летните и есенските месеци добрите климатски услови во село Ѓавато овозможуваат развој на пчеларството и билкарството, односно собирањето на лековити билки и растенија, чај, шумски и други споредни производи.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, во Ѓавато живееле 1.500 жители, сите Македонци христијани.[5]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ѓавато имало 1.800 жители, сите Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Ѓавато се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 240 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.300 Македонци.[8]
Селото броело 1.116 жители во 1961 година, додека во 1994 година живееле само 122 жители.
Според пописot од 2002 година, Ѓавато има 122 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 35 жители, од кои 34 Македонци и 1 останат.
Селото Ѓавато е типичен пример за силната миграција која ги зафатила селата во Битолско, така што од една голема и развиена населба во средината на XX век, денес Ѓавато е мало село со сè уште присутни миграциони движења.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.500 | 1.800 | 1.554 | 1.502 | 1.116 | 829 | 523 | 269 | 162 | 122 | 35 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
уредиЃавато е македонско православно село, родовите во селото се староседелски кои живееле во околните раселени села кои постоеле во атарот на селото Ѓавато.
Родови во Ѓавато се: Савја (50 куќи), Пејчиновци (35 куќи), Брајчевци (35 куќи), Матраковци (28 куќи), Тумтја (26 куќи), Думва или Топија (22 куќи), Маџаровци (17 куќи), Ќилишовци (16 куќи) и Митровци (18 куќи) сите овие родови се доселени од околните села кои постоеле во атарот на селото Ѓавато. За родот Брајчевци се претпоставува дека уште подалечно потекло имаат од селото Брајчино, Преспа.[14]
Според истражувањата на Бранислав Русиќ од 1951 година, родови во селото се:
- Староседелци: Гулабовци (10 к.), Пичаловци (12 к.), Цибалевци (4 к.), Малевци (3 к.), Продановци (4 к.), Размовци (6 к.), Белевци (5 к.), Алушовци и Босилковци и Кулевчевци (5 к.), Шулајковци (2 к.), Таневци (3 к.), Галевци (2 к.), Гурабијовци (1 к.), Кондовци (3 к.), Пулковци (1 к.), Чомаровци (1 к.), Додовци (7 к.), Кекевци (1 к.), Башевци (3 к.), Шибевци (1 к.), Кузевци (1 к.), Симоновци (1 к.), Точуковци (1 к.), Штуревци (4 к.), Попчевци (3 к.), Атанасовци (1 к.), Буџевци (8 к.), Тановчевци (3 к.), Батковци (2 к.), Манговци или Србиновци (1 к.), Ќотовци (1 к.), Гулевци (1 к.), Корунчевци (2 к.), Мурџевци (3 к.), Банаковци (1 к.), Лајмановци (8 к.), Чекановци (3 к.), Кацевци (3 к.), Рашајновци (1 к.), Огненовци или Гоцаревци (3 к.), Даскаловци (2 к.), Мацановци (2 к.), Крковци или Главинчевци (15 к.), Колупачовци (3 к.), Ласовци (4 к.), Корвејковци (1 к.), Толевци (4 к.), Колимачковци (3 к.), Лалевчевци (1 к.), Пурдевци (4 к.), Шошевци (3 к.), Пурдуловци (5 к.), Буневци (1 к.), Илијевци (2 к.), Клочовци (2 к.), Жулевци (1 к.), Грбевци (7 к.), Питрончевци (1 к.), Чоковци (1 к.), Начовци (4 к.), Перчевци (4 к.), Здравевци (3 к.), Апостоловци (11 к.), Јуруковци (8 к.), Бендевци (7 к.), Гаговци (2 к.), Бубевци (3 к.), Папалевци (6 к.), Димовци (1 к.), Дурмишовци (2 к.), Пашовци (3 к.), Четаловци (6 к.), Филиповци (5 к.), Богдановци (1 к.), Лајчаровци (2 к.), Чунковци (5 к.), Штраколовци (1 к.) и Мишовци (1 к.)
- Доселеници: Тумтевци (9 к.) доселени се околу 1820 година од селото Туминец во Мала Преспа (денес во Албанија); Ѓештаковци (5 к.) доселени се околу 1820 година од некое село во Мала Преспа; Роканчевци (1 к.) доселени се во 1860 година од селото Свиниште; Пајаковци (4 к.) доселени се во 1851 година од селото Перово во Преспа; Крушаровци (1 к.) доселени се во 1921 година од селото Долна Бела Црква во Преспа; Чаковци (1 к.) доселени се во 1911 година од Музакија во Албанија. Они се Власи; Бела или Беловци (1 к.) доселени се во 1943 година од селото Гопеш. И они се Власи.[15]
Општествени установи
уредиСамоуправа и политика
уредиМесната заедница во село Ѓавато.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 206 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 68 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[18]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — црква на превојот Ѓавато;
- Црква „Пресвета Богородица“ — главната селска црква;
- Црква „Пресвета Богородица“ — црква во месноста Главиште;
- Археолошки наоѓалишта[19]
- Кале — населба од доцноантичко време;
- Св. Богородица — некропола од доцноантичко време;
- Старо Село — населба од средниот век;
Интересн податок е да се напомене да во околината на с. Ѓавато има три цркви под името Св.Богородица односно тоа се црквите Св.Богородица сместена на планинскиот превој Ѓавато, црквата Св.Богородица с. Ѓавато сместена источно од селото на еден километар од с. Ѓавато поточно на тромеѓето на атерите на с. Ѓавато-с. Кажани-с. Доленци каде се наоѓаат и селски гробишта на овие три села, бидејќи за време на османлиската власт с. Кажани и с. Доленци биле муслимански села и малубројните христијаните од овие две села ја користеле оваа црква за верски обреди како и просторот околу црквата за гробишта на починатите христијаните кои живееле во с. Ѓавато и соседните села Доленци и Кажани, и третата обновена црква од поново време Св.Богородица на м.в.Главиште на 500 метри западно од селото во пазувите на Бигла планина.
Редовни настани
уредиКако Селска слава населението на с. Ѓавато ја слави Голема Богородица или Успание на пресвета богородица на 28.Август, мештаните славењето на овој празник го започнуваат во вечетните часови на 27 август вечер спроти Голема Богородица со одење во црквата Св.Богородица на превојот Ѓавато, следниот ден на 28.Август има голем собир во дворот на црквата од утринските часови до пладне, кога се оди на ручек во с. Ѓавато, во попладневните часови голем број на граѓани од с. Ѓавато како и лица од Битола, Скопје, Ресен и други градови кои потекнуваат од с. Ѓавато како и голем број христијани од другите села на сред село кај поранешното училиште Трајан Белев со музика и игра го одбележуваат овој христијански празник, Во касните вечерни часови Младите продолжуваат со прослава во селскиот дом или салата на поранешното школо како игранка. До неодамна до пред деценија постоеше прославување на овој празник три дена на 28, 29, и 30 август но последните децении со зголемување на миграциите на населението и се помалиот број на жители во с. Ѓавато прославувањето на овој празник се сведе на 28. Август ден на Голема Богородица.
Населението на с. Ѓавато и за други верски празници прават собири на сред село или во една од трите цркви, како на пример, Бадник и Коледе на 5,6 јануари, Божик 7 јануари, Богојавление - Водици 19 јануари зависно од датумот Населението од Ѓавато, Кажани и Доленци се собираат во црквата Св. Богородица во с. Ѓавато за големиот христијански празник Велигден, на третиот ден од велигден населението од с. Ѓавато ја посетува црквата Св.Богородица на местото викано Главиште. Исто така сосбир се прави и на 21.Септемвти - Мала Богородица во дворот на црквата Св.Богородица на превојот Ѓавато.
Личности
уреди- Јонче Мурџевски (Македонски првоборец од втората светска војна).
Јонче Апостолов Мурџевски е роден во село Ѓавато 1928 во сиромашно семејство. По занимање бил земјоделец, но приврзаник на прогресивното струење во селото. Бил член на КПЈ, а воедно и секретар на СКОЈ во Ѓавато. Неговата куќа било мошне погодно место за илегалци и место за партиски состаноци. Покрај редовните партиски должности Мурџeвски одржувал контакти со одредот „Даме Груев“. Бил еден од раководителите и активни комунисти во Ѓавато. По големата провала бил уапсен и затворен, осуден на смрт и обесен во битолскиот затвор.
- Трајан Белев-Гоце (Македонски првоборец од втората светска војна).
Трајан е роден во село Ѓавато, во 1903 година. Трајан уште од рано детство бил принуден да работи за издржување на семејството. Кога имал 18 години, заминал на печалба во Франција, а потоа и во САД. Трајан Белев бил редовен на сите митинзи каде се манифестирала солидарноста со Советскиот Сојуз. Трајан сакал илегално да замине за Советскиот Сојуз, меѓутоа бил откриен и како непожелен протеран од САД. Белев не само во Ѓавато туку и во соседните села агитирал против профашистичкиот режим на Стојадиновиќ. За време на окупацијата станал и секретар на Реонскиот комитет на Први реон, потоа и илегалец но во реонот секаде се чувствувало неговото присуство. Активноста на Трајан го истакнала до тоа да биде член на Оперативниот штаб на Втората Оперативна зона и комесар по снабдување. По основањето на баталјонот „Мирче Ацев“, Белев ја имал должноста заменик комесар на баталјонот. Во една од многубројните акции Трајан Белев-Гоце загинал на 8 ноември 1943 година.
- Михајло Андоновски ( Македонски борец – учесник од втората светска војна).
Михајло Митрев Андоновски е роден во ноември 1918 година во Ѓавато. Уште во раното детство нивното семејство се преселило во селото Гопеш. Конкретно Андоновски Михајло потекнува од сиромашно семејство, кое претежно се занимавало со сточарство, а и со земјоделство. Поради слабата материјална положба Михајло како и неговите браќа биле принудени да се глават како момоци кај имотните селани во разни места. Окупацијата Михајло го затекнала во Мариово каде што бил да работи како момок. Преку партиската организација се поврзал во село Рапеш со партизаните кои ги помагал на сите можни илегални начини, а во август 1944 и самиот се приклучил кон НОВЈ. Како борец зел учество во повеќе акции, меѓу кои попознати се оние на Ѓавато, за ослободување на Прилеп и други. Во борбите за ослободување на Охрид од Германците, Михајло го изгубил својот живот на 7 ноември 1944 година.
- Борис Џодовски ( Македонски борец – учесник од втората светска војна).
Џодовски Ѓорѓиев Борис е роден во село Ѓавато 1924 година во бедно семејство. Уште како малечок Борис му помагал, а и подоцна често и самиот вршел препродавање на јаболка, дрва, риби исл. за да го издржува семејството. За време на окупацијата Џидовски со група прогресивни младинци ја помага НОБ, а кога во Ѓавото дошла до Седмата бригада и се приклучил. Подоцна, на Сремскиот фронт, и припаѓа на Втората македонска бригада каде зел учество во повеќе борби. Во една таква борба за Врполје, Џодовски бил тешко ранет, а нешто подоцна подлегнал на истите. Починал на 5 април 1945 година.
- Борис Буџевски ( Македонски борец – учесник од втората светска војна).
Буџевски произлегува од сиромашна земјоделска печалбарско семејство од село Ѓавато. Роден е 1923 година. Уште како мало дете ја почувствувал сета сиромаштија, бидејќи морал да работи за да се прехранува. Подоцна бил овчар. За време на окупацијата Буџевски се дружел со прогресивните младинци од селото. Од нив добивал летки но не ги покажувал на власта. Во август 1944 година Буџевски и се приклучил на НОВЈ. како борец на Втората македонска бригада зел учество во сите борби што ги водела неговата единица на Сремскиот фронт. Во една жестока борба кај Стризивојна, митролезецот Буџевски, на 17 април 1945 година загинал.
- Тодор Чумковски ( Македонски борец – учесник од втората светска војна).
Тодор Спиров Чумковски е роден во село Ѓавато на 24 март 1924 година, во мошне бедно селско печалбарско семејство. Се школувал до четврто одделение. Заминувајќи на печалба татко му им ја оставил цела грижа на Тодор, наречен Тодија и брат му Борис, односно тие ги паселе говедата и така привредувале за семејството. По капитулацијата на стара Југославија, Тодија од Дервен прибрал, како и многуте Ѓаваштани, оружје, муниција, шаторски крила и сл. и добар дел од тоа му предал на ѓаватската партиска ќелија. Така, на пример, покрај другото, го дал митролезот марка „Горки“ и уште еден пушкомитролез. Тодија во 1944 година на 11 септември ѝ се приклучил на НОВЈ и ѝ припаѓал на Втората македонска бригада. Со заминувањето на Сремскиот фронт Чумковски зелу чество во повеќе борби, а во една таква кај Врполје, на 17 април 1945 година загина како борец - митролезец.
- Трајан Цибалевски ( Македонски борец – учесник од втората светска војна).
Трајан Тодоров Цибалевски е роден на 14 февруари 1924 година во деветочлено селско-работничко семејство, во село Ѓавато. Иако одличен ученик, немајќи материјални средства не го продолжил школувањето, туку работел како општ работник. Откако татко му настрадал од мина,1939 година и станал немоќен да привредува, целата грижа околу семејството останало на младиот Трајан. Извесно време бил на работа во Германија од каде оболен и исцрпен се вратил в село. Во есента 1944 година Цибалевски и се приклучил на Седмата бригада и зел борби во повеќе борби каде што се движела истата. Потоа, кога XV корпус, во чиј состав била и 48. дивизија со Седмата бригада, заминал на Сремскиот фронт. Цибалевски загинал како нишанџија на митролез заедно со својот помошник кај Кајгана, Хрватска за кое е одликуван со „Орден заслуги за народ“.
- Илија Алушевски (1928 - 2004) - македонски фолклорист, етнолог, просветен деец, публицист, кореограф и запишувач на усната литература во битолскиот крај и пошироко, поттикнувач и организатор на јавни манифестации исполнети со фолклорен жанр, учесник во развојот на аматеризмот во Македонија, меѓу македонските иселеници во Германија, Шведска и на други места.[20]
- Димитар Башевски (р. 27 јуни 1943) - романописец, поет, раскажувач, преведувач и издавач. Роден во Ѓавато, Битолско. Филозофски факултет завршил на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Долги години работел како новинар, постојан дописник од Атина и уредник, а потоа како издавач. Бил директор и главен уредник на издавачката куќа “Култура” од Скопје. Сега е главен уредник на издавачката куќа “Слово”. Од 2000 до 2006 беше претседател, а потоа почесен претседател на Македонскиот ПЕН центар. Башевски е автор на следните романи, книги поезија и раскази: Туѓинец, роман, 1969; Враќање, роман, 1972; Раска, роман, 1974; Нема смрт додека ѕвони, роман,1980; Една година од животот на Иван Плевнеш, роман, 1985; Куќата на животот, поезија, 1987; Сарајановскиот каранфил, роман,1990; Дневникот на Ања, роман за деца,; Привремен престој, поезија, 1995; Совладано време, поезија, 1998; Бунар, роман, 2001; Аголен камен, поезија, 2005; Братот, роман, 2007; Во дланката своја си гледам, поезија, 2010, Прозорци, роман, 2010 и Белег. Сон, избор поезија, 2011, Прозорци, нова верзија, роман, 2013; Мајсторот, раскази, 2013 г, ; Скршнувања, поезија, 2013; Круг, роман, 2017. Негови книги се преведувани и објавувани на англиски, чешки, романски, грчки, српски, турски, црногорски и албански јазик. Застапуван во поголем број антологии на македонската книжевност во земјата и во странство и во македонските енциклопедии. За своите книги, тој ги има добиено наградите 11 октомври, Рациново признание, „13 ноември“, Ванчо Николески и наградата Роман на годината ("Утрински весник") за романот “Бунар", кој во 2002 година беше номиниран за меѓународната награда „Балканика”, додека книгата раскази „Мајсторот“, беше во најтесен избор за меѓународната награда „Његош“ за 2015 година.[1] Архивирано на 15 септември 2019 г.
- Владо Додовски (1938–1999) - новинар, театарски критичар и писател. Добитник е на наградата „4-ти Ноември“ на град Битола. Роден 1938 во Ѓавато. Основно образование и гимназија завршил во Битола, а Филозофски факултет во Скопје, По завршувањето на студиите кра тко време бил јазичен уредник во весникот „Вечер“. Од 1966 г. најголемиот дел од работниот век го минал во „Битолски весник“. Две години бил директор на Народниот театар во Битола за потоа пак да се врати во Битолски весник, на нови нарството како негова најголема преокупација. Секогаш мирен, педантен, достоинствен, подготвен да ја дофати вистината и да ја забележи на новинарските страници, Во текот на повеќе од три децении Владо Додовски се пројавил со театарската критика и хроника од работата на народниот театар во Битола. Избор од неговите театарски критики се објавени во книгата „Театарски времеплов“ (1994, Битола). Автор е на повеста за деца „Децата и војната“ (1972, Битола) и на други раскази за деца, на романите „Долг“ (1995) и „Сведоци“ (1999), посмртно. Toj има публикувано и забележителен број на раскази за деца, на повеќе литературни преводи, преводи на драмски дела, прикажани на сцената на Народниот театар - Битола. Почина 1999 г. во Битола.
- Владимир „Шеки“ Јончевски (р. 16 јули 1945) - Професор по физика во СОУ „Јосип Броз-Тито“- Битола
- Митре Кондовски — македонски револуционер.[21]
- Ташко Петров Кондовски — македонски револуционер.[21]
- Тодор Костов Коровојков — македонски револуционер.[21]
- Апостол Наумов Кацевски — македонски револуционер.[21]
- Митре Симонов Крковски — македонски револуционер.[21]
- Коте Јованов Лајманов — македонски револуционер.[21]
- Андон Јотев Лајманов — македонски револуционер.[21]
- Науме Трпев Главинчевски — македонски револуционер.[22]
- Стојан Николов Гулабовски — македонски револуционер.[22]
- Георги Ставрев Додовски — македонски револуционер.[22]
- Наум Ставрев Додовски — македонски револуционер.[22]
- Трајан Темелков Додовски — македонски револуционер.[22]
- Никола Китев Бубев — македонски револуционер.[23]
- Трене Стојанов Бунев — македонски револуционер.[23]
- Наум Бендев — македонски револуционер.[23]
- Наум Бочваров — македонски револуционер.[23]
- Петре Димов Марковски — македонски револуционер.[24]
- Стеван Митрев Мацанов — македонски револуционер.[24]
- Тодор Стефанов Мурџев — македонски револуционер.[24]
- Јован Митрев Начовски — македонски револуционер.[24]
- Богоја Христов Стојковски — македонски револуционер.[25]
- Ванѓел Наумов Перчевски — македонски револуционер.[26]
- Спиро Митрев Пичалов — македонски револуционер.[26]
- Георги Христов Јуруков — македонски револуционер од ВМОРО.[27]
- Тодор Ангелев Јуруковски — македонски револуционер од ВМОРО.[27]
Култура и спорт
уредиИселеништво
уредиПо неуспехот на Илинденското востание дел од овдешното население на село Ѓавато заминува на печалба пред сè Бугарија (Софија), Србија (Белград), Романија (Букурешт) или во други европски земји како и во некои прекуокеански земји. Оваа појава со несмален интензитет е присутна и меѓу двете светски војни. Еден до два члена од семејството оделе на печалба и останувале по пет до шест години. Многу ретко едниот, а поретко двајцата се враќале назад.
Периодот послем балканските војни и Првата светска војна бидејќи голем дел од турското население на соседното село Кажани заминало, се иселува во Турција дел од населението од с. Ѓавато се населуваат во с. Кажани.
До 1951 година од селото се иселиле повеќе од 200 семејства од разни родови во селото. Само во САД се иселиле преку 50 семејства. Големо иселување до овој период имало и во Битола (преку 30 семејства), Австралија (преку 20 семејства), Канада (преку 10 семејства). Иселеништво имало и во Бугарија (20 семејства, Софија, Плевен, итн), во Скопје, Аргентина (2 семејства), Србија (1 семејство), Турција (1 семејство), Охрид (1 семејство), Германија (1 семејство).[15]
Печалбарската традиција, продолжила и послем ослободувањето на најголемата миграција се случула во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век кога огромен број на жители на село Ѓавато трајно се иселуваат во Америка, Австралија, Канада или некои Европски земји, сега во вид на иселеништво не е запрена до денешни дни.
Голем дел на населението на село Ѓавато во периодот на шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век како последните две децении на минатиот век, пред сè од економски карактер заради вработување се иселуваат во внатрешноста на Р Македонија пред сè во Скопје, Ресен, Битола или други градови.
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 181.
- ↑ Македонска Енциклопедија. Скопје, Македонија: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 228. ISBN 978-608-203-023-4.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 239.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 174-175.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 12.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Јован Ф. (1998). Битољско-Прилепска котлина : антропогеографска проучавања 1914-1997. Српска академија наука и уметности. ISBN 8670252678. OCLC 469501519.
- ↑ 15,0 15,1 Русиќ, Бранислав. Цапарско Поле. Архивски фонд на МАНУ, к-4, AE 94/16.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Андоновска Ленче; Благој Николов; Трајко Огненовски; Гордана Пешевска; Анета Стефановска; Светлана Талеска (2007). Науме Ѓорѓиески (уред.). Значајни личности за Битола. Битола: Национална установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. стр. 20–21. ISBN 978-9989-2783-0-3.
- ↑ 21,0 21,1 21,2 21,3 21,4 21,5 21,6 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 22,0 22,1 22,2 22,3 22,4 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 23,0 23,1 23,2 23,3 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 24,0 24,1 24,2 24,3 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 26,0 26,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 27,0 27,1 . Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел I. Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)
Надворешни врски
уреди„Ѓавато (Битолско)“ на Ризницата ? |
http://arheo.com.mk/2009/03/11/tracing-via-egnatia-in-republic-of-macedonia/
http://www.mnd-bitola.mk/files/broj%203-4/15%20Iseluvanjeto%20od%20Bitolskiot.pdf Архивирано на 4 март 2016 г.
http://www.scribd.com/doc/37090082/Znacajni-Licnosti-od-Bitola Архивирано на 9 јануари 2013 г.
- http://www.sojuznaborcibitola.org.mk/31-40.htm Архивирано на 7 септември 2012 г.
- http://www.sojuznaborcibitola.org.mk/1942.htm Архивирано на 22 јули 2011 г.
- http://www.sojuznaborcibitola.org.mk/1943.htm Архивирано на 22 јули 2011 г.
- http://www.sojuznaborcibitola.org.mk/1944.htm Архивирано на 8 мај 2014 г.
- http://www.sojuznaborcibitola.org.mk/1945.htm Архивирано на 5 декември 2012 г.
Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 239.