VII востанички округ - Одринско
VII востанички округ - Одринско бил формиран со Општиот план за Илинденското востание. Востаничките дејствија започнале на 19 август 1903 година (нов стил) и траеле некаде до 8 септември (нов стил).
Подготовки
уредиКонгресот на Петрова Нива, одржан на 28 и 29 јуни 1903 година решил Одринскиот револуционерен округ да се подели на 5 востанички околии:
- I Мало-трновски
- II Чокенски
- III Мустафа-пашански
- IV Дедеагачки
- V Ахчелебиски
Бил избран Раководен штаб во кој влегле: Михаил Герџиков, Лазар Маџаров и капетанот Стамо Икономов. Штабот ја претставувал врховната револуционерна власт во округот и имал задачата да го подготви и раководи востанието. Откако било искажано мислење дека востаничките акции не требало да почнат порано од 20 јули и подоцна од 20 август, штабот ја добил задачата да го одреди денот за започнување на востанието.[1]
Капетанот Икономов врз основа на Општиот план и цел на востанието составен од Главниот штаб на Битолскиот востанички округ, изработил Специјален план за востаничките дејствија во VII револуционерен округ.[1]
Првиот реон кој се состоел од околу 50 села, бил поделен на 12 области, а секоја се состоела од по 2-6 села. Не чело на секоја област бил назначен војвода кој раководел со тамошните сили. Овој реон бил најдобро подготвен за востанието.
Во Одринско била и четата на Михаил Герџиков од околу 130 души, таа со себе донела манлихери и други воени материјали. Овие материјали биле растурени по месните чети. Од четата на Герџиков се одвоила група од 30 души кои формирале специјална техничка дружина и биле задолжени за експлозивниите направи и материјали. На чело на групата стоеле Михаил Герџиков, Христо Силјанов и Иван Варналиев. Востаниците располагале со поголеми количини на бомби, фитили, Бертолова сол и друго.
Конгресот го избрал учителот Павел Ковачев за посебен претставник на Одринско при Задграничното претставништво во Софија, Васил Пасков бил назначен за интендант на округот со седиште во Бургас, а Михаил Герџиков и Михаил Даев заминале во Бугарија за да набават експлозивни материјали за изведување на неколку атентати во Одринско. Била создадено санитетско одделение на чело со фелдшерот Христакев со постојано седиште во селото Мегалево.
На 29 јули едно одделение на турската војска на пат кон Мало Трново дошло во судир со една чета, при борбата паднале 2 војници.
Кон крајот на јули (стар стил) Околискиот штаб се собрал во селото Мегалево. Востанието во Битолско веќе било започнато. Централниот комитет и Задграничното претставништво побарале востанието да се забрза и во Странџа. Штабот одлучил востанието да се крене на 5 кон 6 август на празникот Преображение Христово.
Посебен проблем за востаничките акции во Одринско претставувал градот Мало Трново. Се поставило прашањето што да се прави со градот? Првиот реон располагал со околу 1.100 пушки од кои неповеќе од нив биле 200 манлихери, а останатите биле кримки (пушки од Кримската војна 1854-1856). Во самиот град имало неколку гарнизони, а во околината на Мало Трново имало голем број на турски и грчки села, Лозенградската тврдина била во близината, а и силите од Одрин би можеле бргу да дојдат како засилување. И покрај сето тоа капетанот Икономов настојувал да се нападне Мало Трново со околу 650 души, а на самиот четнички напад требало да му претходат бомбашки напади во самиот град. Но, соработниците на Икономов тој план го оцениле за опасен и ризичен и било одлучено да се изостави градот и да се нападнат сите турски гарнизони и села.
При изработката на планот за кревање на востанието во Одринско се поставило прашањата за турските села како и што да се прави со неборечкото население. Од весниците, Околискиот штаб разбрал дека во Македонија уште на самиот почеток на востанието, Османлиите започнале со палење на егзархиските села. Под влијание на таквото однесување на османлиската војска, било решено во Одринско да бидат нападнати сите турски села, но да се поштеди мирното население и воопшто сите Турци кој нема да се спротивстават.
Според Христо Силјанов, таа одлука со сигурност ја решила судбината на бугарските села во Одринско.
Пред само започнување на востанието во Одринско, во Црното Море се појавил руска ескадра која демонстративно се појавила пред турското пристаниште Енијада. Руската демонстрација била направена поради убиството на рускиот битолски конзул Ростковски од страна на еден турски војник по самото започнување на востанието во Македонија.[1]
На 5 наспроти 6 август, на Странџа избувнале голем број на пожари, а набргу по избувнувањето почнале да се слушаат грмежи на бомби и пукоти од кримките. Христо Силјанов истакнува дека:
„ | Тоа беше поздрав кон борците во Битолско од востанатите нивни браќа од Странџа [1] | “ |
Востанички дејствија
уредиНа полноќ една чета од околу 130 востаници предводени од Герџиков ја напуштиле височината Китка и тргнале кон гратчето Василико. Четата се состоела од 25 редовни четници вооружени со манлихери и берданки и од 100 селани вооружени со кримки кои биле повикани од војводата Халадачев, во четата имало и неколку Македонци од Битолско. Од чета се одвоила една група на чело со четникот Георги Костандиев и се упатиле кон мухаџирското село Путурнаково. Одредот пред Василево се поделил на неколку чети, тие се упатиле во разни правци, една мала група зазела позиција меѓу Старо и Ново Василево, друга група се упатила кон турските мала, а секирџиите останале да го чекаат сигналот за да почнаат да ги сечаат телеграфските столбови.
Герџиков со околу 50 души и Христо Силјанов со околу 15 души незабележливо се провлекле во градот. Герџиков кон касарната, а вториот кон управителскиот дом. Набргу биле фрлени по две бомби по што се слушнало востаничкото Ура! и трубата на Халачев.
При нападот на Управата се предале еден поморски офицер, началникот на пристаништето, еден жандарски потпоручник, началникот на карантината Халид и началникот на телеграфско-поштенската станица Халил. Востаниците го зазеле уќуматот, ја уништиле архивата и поставиле динамит под една карпа на зданието.
Борбата кај касарната продолжила. Додека турските војници продолжувале да даваат отпор, турските маала почнале да горат, а пожар избувнал и во селото Потурнаково. Под притисок на востаниците, војниците и останатите Турци почнале да бегаат, а до ноќта не останел ни еден Турчин во Василико и Потурнаково. Едни по копно, а други по море заминале за Цариград.
На 5 кон 6 август во Одринско имало борби и кај Граматиково, Мрзово и др. Малотрновскиот околиски војводата Пено Шиваров со стотина селани ја нападнал касарната во која имало 300 војници. Војводата Дико Џелепов немал трпение и затоа порано ја нападнал касраната во селото Столилово. Следниот ден востаниците се повлекле, а аскерот избегал за Мало Трново. Востаниците тогаш ја запалиле касарната и селото Бакџик. Во Паспаловската оклија имало три акции. Биле уништени телеграфските линии на потегот Мало Трново-Деркој и Деркој-Лозенград. 74 селани од три страни го нападнале турското село Сазара. Војводата Георги Кондолов со 95 востаници го нападнал гарнизонот во Паспалово. При нападот војводата бил тешко ранет, ноќта тој ги повикал востаниците и го посочил Јосиф за свој заменик и побарал од своите борци да го стрелаат, никој немал храброст да го стори тоа, но се слушнал еден истрел по што сите почнале да плачаат [1]. Опсадата на гарнизонот во Паспалово продолжила, но набргу дошол аскер од Мало Трново и опсадените турски војници успеале да се провлечаат оставајќи ги зад себе воените и други материјали.
Во Василикоската околија востаничките акции започнале на 3 август. Тука со акциите раководеле Цено Куртев и Петар Ангелов. На 3 август Цено Куртев во селото Рзово убил еден собирач на данок и двајца стражари. Следниот ден аскер од Василко пристигнал во селото Маџура и почнале да ги притискат селаните да кажат каде е четата. Двајцата војводи решиле да не дозволаат селото да биде разрушено и војската била нападната со бомби, дошло до борба која траела 5 часа, дел од турските војници изгореле живо во куќите каде се криеле додоека пак другите избегале.
По 5 кон 6 август востаниците се упатиле кон турското село Корфоколиби. Востаниците побарале од турските селани да го предадат оружјето, селаните прифатиле но во селото неочекувано пристигнала војска со еден башибозлук. Востаниците го опсадиле Корфоколиби. Ноќта Турците добиле засилуавње од морето, а востаниците морале да отстапат. На 7 август војската избегала. На 8 август Цено Куртев се симнал на брегот и фрлил во воздух 14 килограми динамит. На 11 август четата на Цено Куртев го напаѓа село Лиман, а на 13 август влегува во град Ахтопол, којшто веќе е напуштен од турскиот гарнизон. Војводата ги разбива државните солници и ја раздава солта на населението од Ахтопол и соседните села – Бродилово, Кости, Каланџа и Стефаново [2].
Околу стотина востаници под команда на капетанот Икономов се групирале на врвот Махјада, а од таму се спуштиле во грчкото село Инџекоја и го нападнале гарнизонот од 100 души, но аскерот добил засилување и востаниците морале да отстапат. Во Куру дере иако акерот не бил нападнат тој се повлекол во Лозенград.
Лазар Маџаров со стотина души го нападнал аскерот во Дере која. На 6 август аскерот го напуштил селото и се засолнил во Лозенград.
На 9 август Крсто Б'лгаријата со 40 востаници го нападнал селото Хаџи Талашман, не далеку од Одрин. Селото било нападнато од сите страни, биле фрлен бомби и била предизвикана паника меѓу војската и селаните. Дел од востаниците се пробиле во селото и ја нападнале касраната со бомби, управата и поштата. Една бомба била фрлена и во џамијата каде се криеле дел турските селани. По 4 часа целото село горело, а Турците се разбегале на сите страни.
На 13 август, по линијата Одрин - Цариград, на станицата Кулели Бургас бил извршен динамитски атентат. Два вагони излетале, загинале 6 души, а 14 биле ранети, меѓу загинатите имало и Европејци.
Во првите денови на востанието, Одринско било исчистено од аскерот, а било протерано и турското население од периферијата. Во владение на Турците останало само Мало Трново, при што таквата состојба траела 20 дена.
Првите востанички акции во Одринско се чувствувале во Лозенград, во Одрин и дури и во Цариград. По нападот на Крсто Б'лгаријата на Хаџи Талашман турските бегалци се нашле во старата престолнина на Отоманското Царство, а европскиот печат почнал да пишува дека е можен и востанички напад на Одрин. Турското население од Потурнаково, Василико, Ахтопол и други крајбрежни села со своите кајчиња спасот го побарале во Цариград.
При избувнувањето на востанието во почетокот на август, во Родопите четата на Пејо Шишманов ја нападнала царината во Каракулас. Во тоа време од страна на властите бил откриен динамитот, поставен од групата на Стефан Добрев на железничката линија помеѓу Гумурџина и Дедеагач. На 18 август избувнал друг динамит на истата железничка линија, но експлозијата се случила откако возот поминал. Линијата била уништена и движењето спрено за долго време. Нападот бил извршен од групата на Неделко Килев. Сите други обиди како овие на Тане Николов и на Коста Нунков да биде организирана детонација на други железнички пруги не биле сполучливи. По нападот на 18 август 1903 година турските воени власти преземале интензивни пребарување во наредните бугарски села, а од уапсените лица 33 биле испратени во Едрене за судене. Ова создало тензии и во сите поголеми населби се концентрирани дополнителни войсковите делови. Вкупниот број на турскиот аскер во Ахчелебиско и Гумурџинско достигнал околу 10,000 лица.
Масовното востание во Странџа во извесна мера го побркал планот за концентрација на турската армија во Битолско, а светот бил убеден дека востаничките сили по востанието во Македонија не биле исцрпени. Христо Силјанов истакнува:
„ | Со една реченица, од гледиште на целите, кои Илинденското востание си ги беше поставило, самопожртвувањето на бугарите од Мало Трновско, Лозенградско и Бунар Хисарско, не било без значење [1] | “ |
Извори
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)
- ↑ Христо Силянов, „Спомени от Странджа. Бележки по Преображенското въстание в Одринско — 1903 г.“