Куратица
Куратица (многу ретко се сретнува и како Курајца) — село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид.
Куратица | |
Поглед на селото | |
Координати 41°14′31″N 20°53′26″E / 41.24194° СГШ; 20.89056° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Охрид |
Област | Охридско |
Население | 219 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6306 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 19023 |
Надм. вис. | 1.080 м |
Слава | Свети Никола Летен Голема Богородица |
Мреж. место | Куратица |
Куратица на општинската карта Атарот на Куратица во рамките на општината | |
Куратица на Ризницата |
Потекло на името
уредиВо секојдневниот говор кај месното население и во целото охридско подрачје, селото се нарекува со името „Курајца“ или „Кураица“, а поретко и „Куратица“. Со името „Курајца“ е запишано (како додаток) и на топографската карта со размер 1:25000 изработена во 1973 година — лист Охрид, покрај официјалното име „Куратица“.[2]
Најстар пишан документ за името на селото претставува Опширниот пописен тефтер за Охридскиот санџак од 1582 година, каде што селото е запишано како „Куратица“. Кон крајот на XVI век и почетокот на XVII век во кодиката на Слепченскиот манастир е запишано како „Куратица“, во 1888 година Верковиќ, а подоцна и К’нчов селото го запишале како „Куратица“. Во 1892 година, во своите белешки од Охрид, Бранислав Нушиќ го запишал како „Коратица“, а со ова име се среќава и во административните акти непосредно по војната. Меѓутоа, никој од досегашните наведени автори и документи не го објаснува значењето на името на селото.[2]
Во врска со потеклото на името на селото Куратица, кај постарите жители од ова село постојат различни мислења. Некои сметаат дека селото го добило името заради тоа што е сместено во терен што личи на корито и би требало да се вика „Коратица“ Според други, името на селото доаѓа од турскиот збор „кури“ (kuri), што значи „сув, а, о“, па оттаму и мислењето дека селото порано се викало „Суво Село“ или „Суви Дол“.[2]
Постои и мислење дека селото го добило името по личното име Курат или Курт.[3]
Од научниците, прв и единствен што досега се зафатил со знаечењето на името на селото Куратица е полскиот славист Влоѓимјеж Пјанка, кој го застапува мислењето дека името на селото во основа има влашко потекло и доаѓа од зборот „курат“ (curat) што значи „бистар, брз, чист“.[3] Ова, според Пјанка, доаѓа оттаму што селото се наоѓа на чист планински поток. Во прилог на тврдењето на Пјанка оди тоа тоа што одредени топоними во подрачјето на селото („Влашки Колиби“, „Влашка Чешма“, „Влашка Вода“, „Влашко Бачило“, „Влашки Рид“, „Катуништа“) даваат до знаење дека некогаш тука живееле Власи кои ги паселе овците по планинските предели на Мазатар и Плакенска Планина. Можно е селото да го носи името и од поранешното место „Горно Село“ во чија непосредна близина имало извори со чиста планинска вода, меѓутоа денес низ селото не минува „чист планински поток", туку постои само суводолица која повремено надојдува.[2]
Има податоци кои укажуваат на друго значење на името на селото Куратица. Така, на пример, во Етимолошкиот речник на Петар Скок се наоѓа зборот од латинско потекло „куратус, курат“ (kuratus, kurat), што значи „свештеник, жупник“, со објаснување дека оттаму доаѓа и зборот „куратија“ (kuratija) што значи „жупа“. Аналогно на тоа, зборот „Куратица“ би значел „жупица“ или „мала жупа“.[4] Зборот „жупан“ во словенските јазици значи управител на област кај Јужните Словени во минатото. Оттаму и доаѓа името „жупанија“ за областа со која раководел жупанот. Ако се има предвид конфигурацијата на теренот каде што е сместено селото Куратица, постои можност овој дел, во периодот на доселувањето на Словените да претставувал посебна област или жупа.[2]
Географија и местоположба
уредиОва село се наоѓа во североисточниот дел на Охридското Поле и во источниот дел на Општина Охрид.[5] Селото е планинско, на надморска височина од 1.080 метри. Од градот Охрид селото е оддалечено 20 километри.[5]
Куратица е особено планинско село, сместено во падините на гребенот Вишеслојец (1.383 метри). Во близина е изворот на Куратичка Река, десна притока на Коселска Река. Околни села се: Сирула на запад, Расино на југозапад и Речица на југоисток. Во минатото, мештаните со вода за пиење се снабдувале од чешми.[6] Денес, селото има изграден селски водовод.[7] Истиот бил изграден во 1962 година.[2]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мазатар, Ванатино, Долги Рид, Влашка Вода, Мечкин Дол, Св. Димитрија, Вранешница, Требишки Рид, Калипадине, Мала Река и други.[6]
Селото во основа има збиен тип. Одредени делови од селото се нарекуваат по родови, како што се: Крушаровци, Трпеновци, Гиновци, Божиновци, Шутевци и други.[6]
Куратица е оддалечено пет километри северно од регионалниот пат Охрид—Ресен. Сместено е во пазувите на планината Мазатар (Бајрак, 1.635 м.). Местоположбата на селото е во тесна карстна долина, околу мала река, која надојдува за време на посилни врнежи, поради што селото трпело штети од поплави. Поради положбата, селото има издолжен облик во насока северозапад-југоисток. Може да се каже дека е поделено на три маала: Горно, Долно и Средно.[2]
Атарот на селото Куратица се наоѓа помеѓу атарите на селата: Расино на југозапад, Сирула на запад, Лешани на северозапад, Брежани на североисток, Плаќе и Речица на југоисток, и Завој и Опеница на југ.[8]
До селото води асфалтен пат, кој бил асфалтиран во текот на 1980 година.[2]
Историја
уредиПодрачјето на Куратица е населено уште од доцната антика, за што сведочи утврдената населба Кулишта јужно од селото.[9]
Постои предание дека Куратица е старо село, исто како и Сирула. Меѓутоа, за Куратица нема точни податоци, додека Сирула се спомнува како дервенџиско село уште во 1582 година. Според предание, селото било еднаш раселено за време на турската власт.[6]
Денешното село било обновено од преостанатите жители на старата Куратица. Тогаш, се доселиле седум-осум домаќинства, од кои денес потекнуваат сите родови.[6]
Во XIX век, Куратица било село во Охридската каза на Отоманското Царство.
Јужно од селото, во месноста Вранешница се наоѓаат неколку пештери, наречени Маркови Куќи. Во Илинденското востание таму се криеле жителите од соседното село Сирула. Меѓутоа, нивната положба била откриена на Турците од страна на Велјан Славески, кој потекнувал и живеел во соседното село Речица.[10] Биле убиени околу 30 жители.
Стопанство
уредиАтарот е релативно голем и зафаќа простор од 23,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.271 хектар, на обработливото земјиште отпаѓаат 681 хектар, а на пасиштата 154 хектари.[5]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[5]
Во непосредна близина на црквата „Св. Никола“ се наоѓа килимарницата изградена во текот на 1982 година, шго работела во состав на 33 „Рашанец" од Охрид. Некогаш во нејзе работеле 30 жени од селото.[4]
Туризам
уредиВо поново време, во селото активни се напорите за развивање на туризмот. Оттаму, во селото работи ресторанот „Дедо Димо“, се организираат возења со џип по Плакенска Планина и Мазатар, пешачење, планинарење, тури со магариња, а имало идеја и за создавање скијачка патека.[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото имало 25 домаќинства и 78 жители.[11]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Куратица живееле 395 жители, сите Македонци.[12] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Куратица имало 464 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[13]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Куратица е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 45 куќи.[14]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.[15]
Куратица било големо село, кое што во 1961 година броело 979 жители, а во 1994 година преминало во средно село по големина, со 417 жители, македонско население.[5]
Според пописот од 2002 година, во селото Куратица живееле 326 жители, сите Македонци.[16]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 219 жители, од кои 208 Македонци и 11 лица без податоци.[17]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 395 | 464 | 939 | 1.013 | 979 | 895 | 740 | 497 | 417 | 326 | 219 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[18]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[19]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[20]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[21]
Родови
уредиКуратица е чисто македонско православно село. Сите родови во селото се староседелски, кои живееле во Стара Куратица. Во селото има 8 родови.[6]
Родови во Куратица се: Крушаровци (10 к.), Чолевци (10 к.), Гиновци (10 к.), Трпевци (10 к.) и други. Просечно секој род има по 10 куќи.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле:[8]
- Староседелци: Котовци (12 к.); Петковци (има предание и дека потекнуваат од Мраморец) со Тасевци, Митревци и Јоновци (25 к.); Петревци со Аврамовци, Анѓелевци и Наумовци (18 к.) и Неделковци (6 к.), се од еден предок; Толомановци со Трајчевци, Ристовци и Ѓоревци (24 к.); Колевци (5 к.); Жожоловци или Стојчевци и Јосифовци (14 к.) и Секуловци (6 к.).
- Со непознато потекло: Димовци (6 к.); Лушковци (3 к.), кај нив има некој домазет од селото Велмеј.
- Доселеници: Андревци (4 к.), доселени се во почетокот на XIX век од селото Слатино во Дебрца; Дервушовци (10 к.), доселени се од селото Речица, таму припаѓале на истоимениот род и Јанкуловци (1 к.), доселени се од селото Слатино во Дебрца, најмлади доселеници.
Општествени установи
уреди- Подрачно основно училиште „Ванчо Николески“, подрачно училиште до петто одделение
- Амбуланта
- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната рурална Општина Косел.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Косел.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Косел, во која покрај селото Куратица, се наоѓале и селата Вапила, Горно Лакочереј, Долно Лакочереј, Завој, Косел, Ливоишта, Опеница, Орман, Плаќе, Расино, Речица, Свиништа Сирула. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Опеница, во која влегувале селата Завој, Куратица и Опеница.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1341 според Државната изборна комисија, сместено во месната заедница.[22]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 330 гласачи.[23]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[9]
- Горно Село — средновековна црква и некропола
- Кулишта — утврдена населба од доцноантичко време
- Манастириште — средновековна црква
- Трно Селиште - Аноите — средновековна населба
- Ќуле - Градиште — средновековна кула
- Цркви[24]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, сместена во Долно Маало, пред чиј влез се наоѓа заедничката гробница на загинатите борци во НОБ;
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — манастирска црква;
- Црква „Св. Димитриј“ — понова црква, изградена пред селото;
- Црква „Св. Симеон Столпник“ — најнова црква, во самото село;
- Параклиси
- Параклис „Св. Никола“ (кон Злести) — параклис
- Параклис „Св. Никола“ (на Рид) — параклис
- Параклис „Св. Богородица“ — параклис
- Манастири
- Куратички манастир — понов манастир
- Споменици
- Спомен-чешма на паднатите борци во НОБ
Редовни настани
уреди- Курајчки карневал (13/14 јануари) — карневал низ селото
- Курајчки средби — средби на иселениците од селото во последниот викенд од јули
- Голема Богородица (28 август) — селска слава
- Свети Симеон Столпник (14 септември) — селска слава
- Митровден — зимска селска слава
Личности
уреди- Родени во Куратица
- Сандре Димов Котески — македонски револуционер од ВМОРО[25]
- Вељан Иванов Георгиевски — македонски револуционер од ВМОРО[26]
- Најде Јанев Аврамоски — македонски револуционер од ВМОРО[27]
- Цветко Петрев Аврамоски — македонски револуционер од ВМОРО[27]
- Војдин Стевановски Аврамоски — македонски револуционер од ВМОРО[27]
- Ефтим Танев Аврамоски — македонски револуционер од ВМОРО[27]
- Ристо Цветков Аврамоски — македонски револуционер од ВМОРО[27]
- Ристо Степанов Андрески — македонски револуционер од ВМОРО[27]
- Крсте Секулоски — македонски партизан, учесник во НОБ.
- Љубе Пауноски — македонски партизан, учесник во НОБ.
- Петре Аврамоски — македонски партизан, учесник во НОБ.
- Сандре Дервушоски — македонски партизан, учесник во НОБ.
- Ѓорги Петкоски — македонски партизан, учесник во НОБ.
Култура и спорт
уредиИселеништво
уредиПостари иселеници од селото има во околните охридски села: Завој (Шутевци, 2 к.), Свиништа (Тановци, 10 к. и Огненовци, 7 к.) и Ливоишта (Анѓелоски, 5 к.).[6]
Галерија
уреди-
Параклис „Св. Богородица“
-
Параклис „Св. Никола“ (на патот за Злести)
-
Параклис „Св. Никола“ (месност Рид)
-
Патоказ за селото
-
Спомен-чешмата за борците во НОБ
-
Новиот манастир над селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 „KURATICA“. Issuu (англиски). Посетено на 2019-12-02.
- ↑ 3,0 3,1 Александар Матески, „Плакенска Планина“, Економија и бизнис, година 18, број 219, септември 2016, стр. 106-107.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Јачевска, Сања (2019-02-05). „Предел за фабулозни талкања и брилијантни авантури“. Нова Македонија. Посетено на 2019-12-02.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 169. Посетено на 1 декември 2019.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 Трифуноски, Јован Ф. (1992). Охридско-струшка област : антропогеографска проучавања. Београд: Српска академија наука и уметности. ISBN 8670251582. OCLC 27418468.
- ↑ „ВО ПЕТ ОХРИДСКИ СЕЛА ВОДАТА ОД ЧЕШМИТЕ Е НЕБЕЗБЕДНА“. Сакам Да Кажам. 2018-03-07. Посетено на 2019-12-01.
- ↑ 8,0 8,1 Русиќ, Бранислав. Охридско Поле-Куратица. Архивски фонд на МАНУ АЕ 87/1.
- ↑ 9,0 9,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 249. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Нему, востаниците му одземале три кози, кои ги заклале за да се прехранат. Поради тоа, тој ја открил нивната положба.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 100-101.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 252.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 162-163.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 29.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 ноември 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 2 декември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-11-25. Посетено на 2 декември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 27,0 27,1 27,2 27,3 27,4 27,5 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди„Куратица“ на Ризницата ? |
- Мрежно место за Куратица
- Посетителски портал за Куратица
- Смилески, Димитар (1986). Куратица. Охрид: Месна заедница Куратица. Архивирано од изворникот на 2021-10-28. Посетено на 2021-10-28. — книга посветена на селото