Преображение Христово

христијански празник

Преображение Христово или Преображение Господово — христијански празник кој се слави секоја година на 19 август, односно 6 август според јулијанскиот календар. На овој ден се прославува преображението на Христос на планината Тавор, кога Господ се појавил во сета Негова слава пред апостолите Петар, Јаков и Јован.[1][2][3]

Преображение на Господ Исус Христос. Масло од Рафаел.
Фреска на Преображението од 12 век во црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, Преспанско.

Во три од четирите Евангелија се говори за овој настан: Матеј 17,1-9, Марко 9,2-8 и Лука 9,28-36. Според преданието, за да не ослабе верата на апостолите со неговото страдање и смрт кои претстоеле, и за неговите ученици да не отпаднат од него, Господ Исус Христос сакал да им покаже барем дел од својата божествена слава. Затоа ги зел со себе Петар, Јаков и Јован и излегол со нив ноќе на гората Тавор и таму се преобразил пред нив.

И заблескало лицето негово како сонце, а облеката му побелела како снег, а покрај него се појавиле пророциte Мојсеј и Илија. ... Потоа, сјаен облак ги опфатил Господ и учениците и дошол глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“ Откако го слушнаале овој глас учениците паднале земјата како мртви и останале така додека Господ не им пришол и им рекол: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17).

Откако слегле од гората, Исус им заповедал да не зборуваат за тоа што го виделе, додека Тој не воскресне. Иако настанот традиционално се верува дека се случил на 40 дена пред распнувањето на Христос, тој се празнува на 40 дена пред Крстовден.

Народни верувања и обичаи

уреди

Преображение Господово е еден од оние осум големи Христови празници, кога, според народното предание, во зора почнуваат да се преобразуваат и гора и вода, најавувајќи ја идната есен. На Преображение се преобразува и листот и гората и каменот во водата, листовите почнуваат да жолтеат и да опаѓаат, а водата станува постудена па не е за капење. Кај луѓето на Преображение се случуваат промени-кој преку лето поцрнел, почнува да белее. На Преображение и небото , во глува доба трипати се преобразува. Кој тоа го види и на друг му каже, се верувало дека ќе го изгуби паметот. Според распространетото верување, на Преображение не е убаво преку ден да се спие, бидејќи кој тој ден поспие, ќе се преобрази, па цела година ќе биде дремлив и поспан. Не е добро овој ден да се плаче, ниту луѓето цел ден да го поминат во кафана – да не им помине во навика и да не станат безделничари и расипикуќи. Преображение спаѓа во христовиот пост на кој жените постеле, а овој ден е обичај, никој, без исклучок да не мрси. Понекогаш се постело и поради дивите зверови. Било обичај тој ден да се јадат риби и ракови. Во некои краеви на Преображение се берат лешници и преку целата година се чуваат за лек, кога некој ќе го заболи увото. Се верувало дека, кога на болен ќе му се дадат вакви лешници да ги изеде, тој оздравува. Во некои места било обичај на Преображение жеби и девојки да станат пред сонце и „малку да поработат од секоја женска работа“, бидејќи се верувало дека Бог ги преобрати (преобрази)нда бидат вредни, а после не работат ништо цел ден.

Според народното верување тогаш за првпат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се бањаат во реките.

Марко Цепенков забележал дека до Преображение нефела да се јадит грозје дури не се пеит од попот и дури не раздаиш по комшии. Ова верување во врска со зајадувањето грозје во Скопје го запишал и К. Шапкарев: „До Преображение никој грозје не јаде како и во Охрид. Тогаш ќе однесат в црква и откако ќе го чита свештеникот со молитва слободно е за секого да јаде грозје“. И во Кумановско на овој ден првпат во годината се берело и јадело грозје. Рано наутро се одело во лозјето каде се береле неколку убави гроздови кои се носеле во црквата да се „очати“, а потоа се раздавало за да се роди повеќе. Во Гевлелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, уште спроти празникот децата ги миеле кошниците, зашто било обичај секој да оди во своето лозје и да набере грозје. Вечерта спроти празникот жените оделе во црквата каде што носеле варена пченица и литургија, а утрото на самиот празник пак оделе во црквата и носеле варена пченица и грозје „поп да гу пеје“. И овде се верувало дека пред празникот не треба да се јаде грозје и друг емиш, зашто е греота, а по празникот откако ќе се отпее од свештеникот може да се јаде.

Со Преображение е поврзано и верувањето дека ноќта спроти празникот небото се отворало како на Богојавление, се јавувал Бог и на сите што будни ќе го пречекаат тој миг им ги исполнувал желбите. Кон неколкуте приказни што раскажуваат за случки поврзани со тоа верување, слушани од баба му Арса Стрезова, К. Шапкарев го запишал и следново верување: „Веруваат дека на Преображење Господне или ноќта спроти 6 август, а како што велат други спроти Водици, секоја година се отворало небото и тога се поклонвеле дрвјата со врвовите до земја. Во тој момент кога ќе бидело небото отворено, шчо да посакал чоек од Бога, Господ ќе му даел. За докажвање вервањето оти је вистинско, простијот народ прикажвит некој приказни, и ʼи вервит како сосем вистински“.

Во врска со овој празник Д. Матов забележал дека во Велес се верувало оти „ноќта спроти Преображење се јавуе на небото Божја врата, се отвора небото, сам Господ се јавуе. Кој шчо је праф човек, може да је види Божја врата и, шчо да посака, му дава Госпот, ама вратата стои малку време отворена. За това мајките им викаат на децата да не спијат и да чекајат да ја видат Божја врата. Им прикажујат и приказната за тој шчо рекол: „Дај ми, Боже еден шиник глава“, место да рече: „Дај ми Боже еден шиник пари“ – и шчо му пораснала главата колку еден шиник та не можел да си ја извре главата од пармаклʼците, дури не ѓи искршиле“.

Интересни верувања од Охрид поврзани со овој ден забележал Ефтим Спространов. Тој сведочи дека спроти празникот „Преобрʼжеʼјне се отворало небото и било светло како оган“. Спространов, исто така, ги споменува верувањата за поклонувањето на дрвјата и за исполнувањето на желбите од страна на Господ и посебно укажува на приказната за тој што наместо осмак пари посакал осмак глава и за некој човек што го врзал телето за некое дрво кое во тој миг било наведнато па утрото го нашол обесено на врвот. Е. Спространов, уште забележал дека на овој ден во Студенчишта кај Охрид се собирале штрковите пред да заминат во потоплите краишта. „На Преобр’же’јне си одет штркојте и ластојците. К’де Студенчишта се берет со стотини околу еден црн штрк, дури ќа поцрнит полето. Неколку дена викет, кревет ѓурултија после ќе летнит црнијот штрк и сите по него ќе летнет. Црнијот штрк како цар да им је, како војвода“.

Очигледно празникот Преображение на Господ Исус Христос има длабока смисла во животот на Македонците. Еден важен период од годината кога и времето се преобразува, заладува и тргнува кон есента оставало впечаток и во свеста на Македонцетот па така нашло место и во неговите верувања и во народните умотворби.

Народно предание

уреди
Преображение

Преобр’жџ’јне се празнува на 6 август во Богородичини пости. Тогаш спроти празникот се отворало небото и било светло како оган. Штом се отворело небото, паѓале дрвата и се поклонувале. Во тој момент што и да посакал човек Господ му давал. Некојси жеден за пари сакал да проси од Бога пари и наместо да каже: дај ми Господи, еден осмак пари, тој рекол: „Дај ми Господи, еден осмак глаа“. И Господ му дал. Поради тоа отворање на небото се раскажува и следнава приказна: Еден чоек стан’л ношта на Преобр’жџ’јне да си го врзит телето, бидејќи му се разв’рз’ло. Тогај било отворено небоно и д’рвјата падн’ле да се поклонет на Господа. Чоекоф мислел, оту је коренот на д’рвото, го врз’л и си ошол да си спијат. На утрото, ко стан’л си го нашол телето обесено. Така се сторило з’шчо д’рвото било наведено и ког’ се затворило небото, се испр’јло и телето се обесило. На Преобр’жџ’јне си одет шчркојте и ластојците. К’де Студенчишча се берет со стотини околу еден црн шчрк, дури ќе поцрнит полето. Неколку дена викет, кревет ѓурултија, после ќе летнит црнијот шчрк и сите по него ќе летнет. Црнијот шчрк како цар да им је, како војвода.

Наводи

уреди
  1. Clowes, John, 1817, The Miracles of Jesus Christ published by J. Gleave, Manchester, UK page 167
  2. Henry Rutter, Evangelical harmony Keating and Brown, London 1803. page 450
  3. Lockyer, Herbert, 1988 All the Miracles of the Bible ISBN 0-310-28101-6 page 213